КАДЕ ЗАВРШУВА ДЕТСТВОТО, А КАДЕ ЗАПОЧНУВА ЗРЕЛОСТА?

Или за розево-синиот свет на кифличката Мирна и нејзиниот брат од тринаесеттиот кат.
  • Или за розево-синиот свет на кифличката Мирна
    и нејзиниот брат од тринаесеттиот кат.
  • На кифличките Илина и Дарија од мојата кифличка Сара
  • Иако почетоците на самата литература за деца како засебен литературен жанр се поврзани, пред сè, со нејзината едукативна функција, а не со самиот чин на забава и задоволство, тоа повеќе не е така. Оваа литература не само што им помага на децата да развијат одредени јазични вештини и писменост, туку таа им ја подотвора вратата со која тие можат да усвојат соодветни културни вредности и модели на живеење и поведение.
    Детето е еден од најкомплексните и доволно противречни општествени симболи. Тоа го носи потенцијалот на човековата иднина, онаа иднина која ја посакуваме, на која се надеваме, но која исто така не можеме докрај да ја предвидиме или насочиме, а уште помалку и да ја контролираме. Детето е потсетник и слика на нашето минато, носталгична проекција на годините што сме ги оставиле зад себе, кои може биле убави, но може биле и болни и трауматични.
    Од една страна, детето е најмаргинализираниот, па донекаде и потценет, општествен субјект кога се во прашање општествената моќ, правата и слободата на избор, а од друга страна, тоа е највреднуваниот субјект во однос на очекувањата и потенцијалите. Доживувајќи го детето како „Другиот“, вели Питер Хант, ние погрешно се претставуваме и себедоживуваме, се омаловажуваме и всушност се лишуваме од вистинското разбирање на „реалните“ деца. Хант заклучува: „Доколку децата се поразлични од возрасните, тоа не е затоа што тие се помудри, туку затоа што се понеискусни. Нашата должност не е да ги лишиме од нашите сознанија во надеж дека нивното незнаење ја претставува чудесната другост, онаа априори блискост до вистината и природата, дури и до бога, туку да сознаат што е можно повеќе за единствената реалност што е важна, а тоа е светот што тие го делат со нас.“ (Hunt, 1992: 14, цитирано според Ивановска, 2017: 57)
    Светот со кифличката Мирна и со нејзиниот брат Војдан почнав да го делам таму некаде во деведесеттите години на минатиот век, а посериозно се сретнав и пресретнав со нив во збирката раскази „Две перници“ и тоа преку до/пре/одживеани приказни/слики/емоции развиени во одделни дваесет раскази кои се слеваа во вистинската или една и единствената приказна, онаа во испишаните синтагми во курзив од посветата На Мирна и Војдан до потписот … за две читања. Двете перници и како простор и како време беа поставени на 73 степени. Но двете перници беа истовремено и главниот лик кои ги поврза и сите останати, и оние кои имаа свои лични имиња, како Мирна, Војдан, Зоре, Јадранка, Алојзиус … и оние кои беа означени како мајка ми, татко ми, брат ми, тетка ми, сосетката, пријателката, келнерот… и сите оние кои беа скриени и зад трите точки… длабоко во сеќавањето. И она на што се сетив додека го пишував текстов кој првично беше наменет за промоцијата на реизданијата на „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ беше следново.
    На прашањето на „Окно“: „Сакате ли прашалници?“, Ќорвезироска лаконски одговари: „Повеќе сакам точки.“, а на прашањето која е, таа спокојно поентира: „Мајка на Мирна и Војдан.“
    Е токму таа мајка на Мирна и Војдан им го позајми своето перо на своите деца, поточно ù го даде својот глас на неродената, а и на штотуку родената кифличка Мирна. Па така таа, детето на Марија Младенова и Бојан Младенов, како во оној познат филм „Види кој зборува (“Look Who’s Talking, 1989) со Џон Траволта во главната улога на татко, ја започнува својата приказна отворајќи ни го срцето:
    „Многу мечтаевме. Таа за мене, јас – за неа.
    Додека Тато спиеше, ние мечтаевме. Таа за мене, јас – за неа.
    „Како ли изгледа моето Детенце?“
    „Каква ли ќе биде мојата Мамичка со мене?““
    Дали оваа кифличка е само кифличка или таа е и нешто повеќе? Впрочем, многу одамна, пред нешто помалку од два века, Ханс Кристијан Андерсен во своите приказни оживеа многу предмети, како играчки, разни фигури, стари куќи, потоа портрети, статуи, ормари, огледала, садови како во „Бестрашниот оловен војник“, „Црвените чевличиња“ или во „Старата куќа“, ама кифлички, па и ѓевречиња на кифличките, НЕ!. Така што приказна во која една кифличка е главна е многу, многу ново и помалку откачено! А згора на сè таа има и лично име и размислува/мудрува и зборува како навиена.

    А дали оваа кифличка се разликува од некои други или од останатите кифлички? Мислам дека не! И таа како и останатите првиот што го здогледува кога доаѓа на овој убав свет е докторот, и таа ги има своите баба и дедо како вистински пријатели, иако за воља на вистината го има дедо за малку поголем вистински пријател од баба, и таа ги има свои кифлички-братучетки, и таа како и останатите по само еден месец влегува во периодот од животот што се нарекува детство, и таа ги има своите моменти кога првапат се насмевнува, кога првпат патува дури во друг град, кај другите баба и дедо, кога првпат кити елка, и кога за првпат силно посакува да си се врати во својот дом, да си се врати дома! И така ден по ден, месец по месец, кифличката Мирна почнува да расте и да добива најразлични имиња и подимиња:
    „Времето поминуваше“, ни раскажува Мирна, „а јас полека станував, за Maмa – Цуцка Цуцулка, за Тато – Принцеза, Чавче-Шеталче за Баба и Живче, Живулче, Рулче за мојот најдобар пријател, за Дедо. Станав и Аждер за пари, Принцезата Серка, Мирка-Немирка, Госпоѓицата, Лигушка, Гурелка, a понекогаш, по грешка, и Михаела.“
    Сепак од сите овие нејзини имиња, најсилно ѐ се приврзува за срцето Арна, името кое како второ јас си го носи со себе и длабоко во себе, па вели:
    „…сфатив дека Арна живее во сите огледала. Дека Арна сум јас. Дека Арна е моето второ име. Мирна – каде што нема огледала, Арна – каде што ги има. „Иако најчесто сум немирна и неарна, јас сум сепак и Мирна и Арна“, си објаснив себеси…“
    Според Жаклин Роуз „детето“ не е согледлива или објективна категорија, туку конструкт што ги одразува потребите на возрасните. Зарем кифличката Мирна не е еден таков конструкт на потребите на авторката Оливера Ќорвезироска, но и на мајката Марија Младенова!? Ниту самите деца, а ниту литературата наменета за децата, се стабилни, очигледни и јасни категории. Памела Траверс, авторката на „Мери Попинс“ има изјавено дека: „не се лишуваш од дел од својата имагинативност и создаваш дело исклучиво наменето за деца затоа што, ако сме искрени, всушност и не знаеш каде завршува детството и каде почнува зрелоста. Тоа е сè една бескрајна низа и едно цело.“ (цитирано според Ивановска, 2017: 68). Морис Сендек пак вели дека тој едноставно пишува, а некој друг кажува дека тоа е книга за деца. Имам впечаток дека токму така прави и Оливера Ќорвезироска. Таа пишува, а некои други кажуваат дека „Кифличката Мирна“, како и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ се книги за деца. И секако најубаво признание е кога токму тоа ќе го кажат самите деца.
    Нил Гејман вака ја објаснува врската меѓу детето и возрасниот: „Децата се прилично немоќно малцинство, па, како и сите потчинети луѓе, тие знаат многу повеќе за нивните потчинители, отколку што овие знаат за нив. Информацијата значи моќ, а онаа што ќе ти помогне да го декодираш јазикот, мотивите и однесувањето на окупаторот, од кој си, меѓу другото, и зависен за храна, топлина, среќа, е најважната информација. Децата се исклучително љубопитни за однесувањето на возрасните. Тие сакаат да знаат за нас, но нивниот интерес во прецизната механика на конкретните однесувања на возрасните е ограничен. Често, тоа им се чини или одбивно, или досадно.“ (Gaiman, 2016: 210-211, цитирано според Ивановска, 2017: 69). Затоа тој верува дека не треба да се ограничува детското љубопитство, како и дека децата имаат прилично добро развиено чувство за автоцензура, па така, слободно може да се каже дека тие ги читаат само оние работи што ги разбираат и што им се интересни. Затоа она што е за нас возрасните интересно, не значи дека е интересно и за децата. Нема книги за деца или за возрасни. Има само книги за кои сме подготвени или не. Токму такви се книгите „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ од Оливера Ќорвезироска. Тоа се книги за кои сме подготвени да ги читаме, и читајќи да им се радуваме, и радувајќи им се да растеме, и ние – возрасните, и тие/вие – децата. Зашто:
    „Човек треба да е многу внимателен кога измислува сказни. Децата ги знаат сите. А би сакале да слушнат уште. Други. Нови. Но, тие мора да бидат како старите, познатите. И не смеат да бидат исти. Умеат да кажат: „Ја знам таа!“ кога ќе препознаат дека се повторувате. Има презир во нивните очи.
    А многу е тешко да се измислат нови сказни. Блажени се оние времиња, си помислувате, кога децата не знаеле ниту една, па од практичност, сте можеле по десетина пати да им ги прераскажувате веќе измислените сказни. Да им ги читате – со мали интервенции, старите сказни од книгите.“, ќе напише Јадранка Владова во својот расказ „Измислување сказни“, поместен во книга за возрасни „Воден знак“ (1990). Така што, само Оливера Ќорвезироска знае колку е тешко поточно дали е лесно да се напишат нови приказни. Или можеби е полесно кога ќе им дозволиш на самите деца тие да ги напишат новите приказни, а ти само да ги запишеш и малку од малку подуредиш / поддотераш. Како што едноставно тоа го прави и Ќорвезироска. Зашто, како што вели онаа тетка Оливера, сосетката на Мирна, обраќајќи ѐ се токму на Мирна: „Измислиците немаат ништо против стварноста, госпоѓице!“
    И додека во „Кифличката Мирна“ деспотски владее еден единствен глас, оној на Мирна, во романот „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ се умножуваат гласовите, па така покрај оној за нас веќе познат, на некогашната кифличка Мирна, која во оваа приказна своите партии ги насловува со ЈАС, тука се и гласовите на оној која за Мирна е БРАТ МИ, ѓевречето, како и на оние што се, како за Мирна, така и за секое дете, едноставно само МАМА и ТАТО! И додека Мирна почнува пополека да влегува во светот на поголемите, партиите на Војдан се полни со играрии и ѓаволштини, како кога ја запоседнува бањата, неговиот волшебен простор, кој потоа ќе биде заменет со кујната и фиоките во кујната. Се умножуваат и писмата. Па така тука ги имаме и најубавите допишувања што мама ѐ ги испраќа на својата другарка од детството која сега живее далеку, надвор од Македонија, дури во Словенија, а со која во детството ги делела истите простори и големите и мали тајни. Ги имаме и домашните работи на Мирна, особено онаа „Зошто жирафите имаат долги вратови?“ што ѐ задава голема главоболка, како и книгата на сосетката, на тетка Оливера Ќорвезироска која живее со својот сопруг, чичко Здравко, популарен/познат како Федер Фризура.

    И како што се намножуваат гласовите и писмата, така се намножуваат и згодите и незгодите. А сите тие дишат во ритамот на едно минато, на едно време од детството, од младештвото на самата авторка, но и на мајката на кифличката Мирна, на Марија Младенова, кои се препознаваат преку оние прекрасни сандали со ремчиња купени кај „Краљ“ во Белград, или преку муабетењето за Џони Штулиќ како за некој другар, за некој познат од другиот клас, или преку сликата за „Путник“ (кој веќе не постои на раскрсницата меѓу „Маршал Тито“ и „Вељко Влаховиќ“, кои исто така не постојат под тие имиња) каде повеќе го нема ни автоматот за брзи фотографии, или, пак, преку сеќавањата за списанието за деца „Развигор“. Но згодите и незгодите дишат и во ритамот на детството на нејзините деца, Мирна и Војдан, децата на Оливера Ќорвезироска, но и во ритамот на децата на Марија Младенова, на кифличката Мирна и на нејзиниот брат од тринаесеттиот кат, и тоа преку џемот од јагоди, маргаринот „бордс-еве“ ама со ознаката Ц, еуро-кремот, млекото со „несквик“,„хепи милот“ од „Мекдоналдс…
    Кимберли Рејнолдс во својата книга „Радикална литература за деца“ истакнува дека литературата за деца и млади е една од најиновативните. И тоа така зашто таа најбрзо ги следи, но и ги одразува културните промени. „Пишувањето за деца“, нагласува Рејнолдс, „има визионерска ориентација. Токму затоа нарацијата во литературата за деца треба да има свежина која ќе соодветствува со фактот дека нејзините читатели за првпат се соочуваат се некои идеи и искуства. Многу книги за деца нудат една субверзивна, критичка или алтернативна визија за светот со цел да ги предизвикаат одговорите на прашањата: „Зошто?“, „Зошто нештата се такви какви што се?“, „Зошто не може да бидат поинакви?““ (Reynolds, 2007: 3, цитирано според Ивановска, 2017: 78).
    Македонските книги за деца најчесто имаат традиционален приод и визија за светот. Тие се повеќе свртени кон минатото отколку кон иднината и небаре имаат функција да конзервираат и да заштитат некои општествени состојби и појави, а не да ги предизвикуваат. Романите за деца на Оливера Ќорвезироска напротив се свертени токму кон иднината. Тие во вистинска смисла на зборот ги влкучуваат децата во литературната заедница, а преку неа и во културата. Зашто токму книгата наменета за децата, и посредно и непосредно, треба да нуди објаснување за општествената инклузија и за тоа како таа може да се постигне, нешто сшто се чита во приказните на/за кифличката Мирна, како и во во приказните за оној брат од тринаесеттиот кат.
    Има книги, кои за успешно пренесување на текстуалната порака сериозно се потпираат на илустрациите, а кај нив приказната паралелно се развива, и на текстуално, и на визуелно ниво. Најновите лица на „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ од Оливера Ќорвезироска многу суптилно покажуваат како текстуалната порака се прегрнува со илустрацијата, преку онаа на Александра Филипоска која „Кифличката Мирна“ ја обојува во розева, а „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ во сина боја. На тој начин се подига и уметничка форма на самите книги при што текстот и сликата придонесуваат за уште поцелосно значење, преку ритамот, движењата, тензијата, изгледот на страната и целокупниот дизајн.“ (Тодорова, 2012: 49)
    Но, колку што овие две книги се еден возбудлив розево-син свет на кифличката Мирна и на нејзниот брат од тринаесеттиот кат, толку се и вистинска можност за сите мајки читајќи ги овие згоди и незгоди да го пронајдат, како што пишува Ќорвезироска, и она свое „ново глаголско време, не минато, сегашно и идно, ами сосем ново, да го наречеме, на пример – резервно време.“
    Затоа останува само да им посакам(е) добро читање!!! И на децата и на возрасните! И на кифличките, па и на ѓевречињата, а и на мајките.

    Литература:
    Gaiman, Neil.The View from the Cheap Seats-Selected Nonfiction. London: Harper Collins Publishers, 2016.
    Ивановска, Габриела. Не-нормирани идентитети: културните модели и влијанието на книжевноста (докторска дисертација). Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески“, 2017.
    Reynolds, Kimberly. Radical Children’ s Literature – Future Visions and Aesthetic Transformation in Juvenile Fiction. New York: Palgrave Macmillan, 2007.
    Rose, Jacqueline. The Case of Peter Pan, or the Impossibility of Children’s Fiction. London: Macmillan, 1984.
    Тодорова, Марија. Преведувањето за деца како меѓукултурна комуникација. Скопје: Вермилион, 2012.
    Hunt, Peter. Literature for Children – Contemporary Criticism. London, New York: Routledge, 1992.
    Ќорвезироска, Оливера. Кифличката Мирна. Скопје: Арс ламина – публикации, 2017.
    Ќорвезироска, Оливера. Мојот брат од тринаесеттиот кат. Скопје: Арс ламина – публикации, 2017.
    http://daily.mk/Okno/prashalnik_za_olivera_kjorveziroska/553845 (преземено на 19. 12. 2017)

    Тагови од објавата
    More from Весна Мојсова - Чепишевска
    10 ГОДИНИ ПО „ВЕТЕРОТ НОСИ УБАВО ВРЕМЕ“
    Ова писание е за триесет и петтемина одбрани млади автори и за...
    Повеќе
    0 replies on “КАДЕ ЗАВРШУВА ДЕТСТВОТО, А КАДЕ ЗАПОЧНУВА ЗРЕЛОСТА?”