РЕВОЛУЦИЈАТА НЕМА ДА БИДЕ НА ТЕЛЕВИЗИЈА

(Нема стих, нема мир!: антологија на нашите омилени песни: бунт, приредувач и јазична редакција Кристина Велевска, Скопје: Антолог, 2017)
  • (Нема стих, нема мир!: антологија на нашите омилени песни: бунт, приредувач и јазична редакција Кристина Велевска, Скопје: Антолог, 2017)
  • НЕМА СТИХ, НЕМА МИР!!! Ако нема поезија, нема да има мир!!! Ако не пееме, нема да има мир! A песната не значи, ниту означува, туку таа „е“: таа постои, таа се поистоветува со својот предмет на пеење. Во манифестот на Радован Павловски и Богомил Ѓузел „Епското на гласање“ (Нови Сад: 1960) се посочува: „Не да се создава песна, туку да се пее т.е. песната да се пушти сама да излегува од нашите грла, оти само пеењето е песна. (…) Надвор е песната, внатре е самото пеење без почеток и крај… Надвор се бара, внатре се пронаоѓа. Ние нема зошто да ја бараме поезијата надвор од себе, ние едноставно ја пронаоѓаме во себеси.“
    Затоа гласно извикуваме: НЕМА СТИХ, НЕМА МИР!!! А антологијата „Нема стих, нема мир!“ ни ја нуди тријадата: поезија, бунт, револуција!!! Дали е ова случајно! Воопшто НЕ!!! Зашто оваа 2017 година сме исправени пред два големи јубилеја од две големи раздвижувања, од две големи револуции кои се изнедрија од човечкиот бунт – 100 години од Октомвриската и 50 години од студентските протести кои ја поттикнаа прашката пролет наредната година. Октомвриската револуција може да се смета како еден од најважните настани во историјата на човештвото. Секако, тоа е така, доколку човештвото има верба во рамноправноста и слободата. Според стариот календар на 25 октомври, а според новиот на 7 ноември (а тоа, драги мои, е денот кога големиот часовник ќе ги одброи 100-те години од тој настан), работничката класа и сиромашните селани ја преземаат политичката власт во свои раце во рамките на таа револуција во Русија. Но, секако, таа не започнува од овој посебно значаен ден, туку таа се реализира низ еден подолг процес. Исто така, таа е дел од низата обиди за отпор против капитализмот како што е и револуцијата во 1848, па и Париската комуна од 1871 година, коишто ја дефинираа борбата за еднаквост, слобода и работнички права во 20-от век. Од друга страна по само 50 година од оваа голема револуција започна т. н. Прашката пролет којашто почна всушност во зима. Имено, на 5 јануари 1968 година Александер Дубчек дојде на чело на Комунистичката партија на Чехословачка, откако неговиот претходник Антон Новотни, не можеше повеќе да воспостави контрола, бидејќи студентите и интелектуалците летото 1967 година почнаа да протеситраат против неговата политика. Токму оваа година изминуваат точно 50 години од тие студентски протести.

    Се разбира, светот по 1967-та, но и по 1968-та (како и по 1917-та), не се смени онака радикално и драматично. Светот само заклучи дека последниот утопистички модел на живеење и на творење или поточно големата епоха или мегакултурата на модернизмот дефинитивно станува поарчена, изабена, излитена, неефикасна, нефункционална… Дојдено е време тој модел да биде заменет со некој поинаков. Замената всушност е вовед на една нова конфликтна состојба што во недостиг на подобрата нејзина артикулација ја нарекуваме епоха или мегакултура на постмодернизмот. Имено во таа година во европската култура умираат две големи утопистички идеи: идејата за најдобриот од сите светови – комунистичкиот и идејата за перманентната револуција – неомарксизмот (Дубравка Ораиќ-Толиќ. Теорија цитатности. Загреб: ГЗХ, 1990). Токму смртта на овие две „големи идеи“ (згазени и буквално, а не само фигуративно, од руските тенкови на улиците на Прага и изгорени со напалм во виетнамските џунгли) незапирливо ја менуваат колективната структура на чувствителноста на тогашните средни и млади генерации. Ваквата изменета структура на чувствителност е подготвена да усвои еден нов и поинаков модел на живеење и на творење, но модел што бездруго морал да биде, ако не е дијаметрално спротивен и спротивставен на тукушто истрошениот, тогаш барем критичен, циничен, недоверлив, скептичен кон него. И без друго, многу, многу лут.
    И што сега по 50 години од таа прашка пролет?
    Во дослух со познатата парола НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР која ечеше на улиците на македонските градови и во 2015 и во 2016, се изроди оваа уметничката, поетската НЕМА СТИХ, НЕМА МИР! Таа обедини 29 автори – поети, раскажувачи, критичари, антологичари, преведувачи од Македонија кои во ова ретко издание запеаја (како Рацин):
    „Та не сме саде ние
    та не сме саде тука –
    ние сме по цел свет
    безбројни
    милиони
    на трудот
    црн –
    народ!“
    Сите ние ги избравме своите два поетски гласа кои се бунтуваат и пеат: „Нeма стих, нема мир!“. А тоа значи дека покрај нас како автори се јавуваат и уште два пати по 29 или нешто помалку поети како на едно мета-ниво, а на некое трето ниво, како автори се јавуваат и препејувачите на песните (кога се работи за песните на други јазици). Кога на сето ова ќе се додаде и приредувачот на оваа оригинална идеја, за една ваква антологија добиваме групен портрет, еден комплексен, хибриден и многулик Автор. Затоа, и оваа антологија е една мошне необична антологија, исто толка необична како што беа и оние две пред неа:
    Дај две, љубовни: антологија на нашите омилени песни од автори од Европа: љубов; концепт Жарко Кујунџиски, реализација Кристина Велевска, Скопје, Антолог, 2015 и
    Што си ти?: антологија на нашите омилени песни од европски поетеси, приредувач и јазична редакција Кристина Велевска, Скопје: Антолог, 2016.
    И овој пат, ние авторите избравме свои омилени песни од други автори (двајца европски или еден европски и еден македонски) и на тој начин, ги промовираме вредностите на Другите, домашни и туѓи, а со тоа и оваа антологија добива едновремено и национален, и интернационален, универзален белег.

    Некои од нас се јавуваат истовремено и како автори кои ги прават изборите на двете песни и потоа тие песни самите ги преведуваат. Како што Бистрица Миркуловска ги избра и самата ги препеа Алеш Штегер и Симон Грегорчич од словенечки на македонски, како што истото го направи и Калина Малеска па стиховите на Ана Летиција Барбо и на Вифред Овен ги избра а потоа и ги преведе од англиски на македонски. Истото го направи и Драгана Евтимова преку своите преводи на две песни од словенечкиот поет Иван Добник, па и Живко Грозданоски преку своите преводи од италијански на поетите Пјер Паоло Пазолини и Алдо Палацески, но и Јулијана Величковска преку своите преводи на песни од Марам Ал-Масри и Вилијам Вол. За разлика од нив Бојана Дојчиновска го прегрна бунтот на Артур Рембо, во препев на Влада Урошевиќ, а и оној на нашиот Кочо Рацин. Вера Калин го понуди англискиот софистичиран бунт на ирецот Вилијам Батлер Јејтс и на велшанецот Дилан Томас, едниот во препев на Елена Стојановска, а другиот на Љупчо Бочваров. Весна Мојсова-Чепишевска им даде простор на Велимир Хлебников, кој македонски го означи и озвучи Ефтим Клетников и на Рацин, во препев на Гане Тодоровски, а Дарко Ангеловски на Вилијам Блејк и тоа во дупла доза и целата таа доза во превод на Зорица Петкоска. Но во оваа антологија се бунтуваат и го подигаат својот глас и Долорес Атанасова-Лори која на израелскиот поет Јехуда Амихај (во препев на Ѓургица Илиева) му го спротивставува македонскиот Рацин и тоа со неговата „До еден работник“, како и Зорица Петкоска со својот превод од англиски на песна од шкотската поетеса Керол Ен Дафи, на кој ù пркоси песната на англиската поетеса Силвија Плат во превод на Кристина Зимбакова. Силвија Плат е избор и на Искра Донева која ја одбира песната „Тато“ во превод на Љупчо Петрески, а друштво ù прави Франческо Петрарка во препев на Георги Стралев. Неколку од авторите многу смело внесуваат и свежи, нови имиња, како што тоа го прави Исток Улчар кој бунтот од стиховите од песната „Од многу нешта те поштедија, студенооко девојче“ на Јосип Ости во превод на Игор Исаковски, му го сопоставува на оној на Рина Јанкуловска од песната „за време на“ или како што Марија Грубор ги сплотува бунтовните стихови на Марко Томаш со оние на Магда Шарац.
    Иван Џепаровски го сместува во оваа антологија германскиот поетски бунт низ стиховите на Бертолд Брехт и на Ханс Магнус Енценсбергер, во превод на Душан Томовски. Илина Јакимовска прави еден суптилен баланс меѓу грчкиот поет Манолис Анагностакис (во превод на Паскал Гилевски) и македонскиот Петар Т. Бошковски, а Јелена Лужина на големиот Мирослав Крлежа му го сопоставува големиот Коле Чашуле или поточно бунтот на Крлежината „Велипеток година илјада деветстотини и деветнаесетта“ во препев на Гане Тодоровски се прелева во бунтот на култната Чашулева „А бре, Македонче“. Лидија Димковска во диптих ги става Марина Цветаева и Стефан Иванов, Никола Маџиров се бунтува заедно со Адам Загајевски и Тадеуш Ружевич, а Милчо Манчевски со Жак Превер и Ален Гинзберг. Сашо Коцев се сплотува со стиховите бунтовни на полскиот поет Збигњев Херберт во препев на Милица Миркуловска и на израелскиот поет Јехуда Амихај во препев на Зоран Анчевски. Свои избори на стиховен бунт даваат и Лилјана Пецова-Илиоска, Магдалена Делкова, Марија Саревска-Тодоровска, Мирјана Јанческа, Милчо Мисоски, Николина Андова-Шопова, Иван Шопов, Снежана Стојчевска, Стефан Марковски. А поети кои се бунтуваат се Хенрик Ибсен во препев на Зорица Петкоска, Данило Киш во препев на Никола Маџиров, Артур Рембо во препев на Влада Урошевиќ, Томас Транстромер во препев на Миодраг Станковски, Франсис Комб во препев на Јордан Плевнеш, Хуан Хелман во превод на Марија Петровска, Адам Загајевски во превод на Иван Шопов, Вилијам Ернест Хенли во превод на Јасмина Кантарџиева, Јанис Рицос во превод на Стефан Марковски, Томаж Шаламун и Бране Мозетич во препев на Лидија Димковска, но и самата Лидија Димковска како поетеса, па и Ацо Караманов, Александар Русјаков, Митко Апостолов.

    И за крај. Навистина ако НЕМА СТИХ, НЕМА да има ниту МИР!!!
    Затоа нека се бунтуваат авторите! Нека се бунтуваат стиховите! Зашто како што пее Гил Скот-Херон (1949), инаку еден од зачетниците на рап музиката во САД кој во раните седумдесетти години на минатиот век почнува да ја рецитира својата поезија со едноставна придружба на конги и ударни инструменти „Револуцијата нема да биде на телевизија“ (The Revolution Will Not Be Televised):

    РЕВОЛУЦИЈАТА НЕМА ДА БИДЕ НА ТЕЛЕВИЗИЈА

    Нема да можеш да останеш дома, брате.
    Нема да можеш да вклучиш,
    да пуштиш и да се повлечеш.
    Нема да можеш да се изгубиш во хероинот и да скокнеш,
    да скокнеш по пиво дури одат рекламите.
    Бидејќи револуцијата нема да биде на телевизија…

    Затоа повелете на сцена и со нашите/вашите избрани стихови оваа вечер да направиме еден свој бунт, една своја поетска револуција… зашто револуцијата нема да биде на телевизија, таа ќе биде сега и овде…

    П. С. А поетскиот бунт знае да биде многу силен, пресилен дури и кога излегува од една мала балада за црвената птица како што е онаа на нашиот Ацо Караманов:

    БАЛАДА ЗА ЦРВЕНАТА ПТИЦА

    Јас, малиот четиринаесетгодишен
    Со набабрени гради –
    Бујни реки –
    Ти пеам псалми со висок глас.
    …………………………………………………………………………………………………….
    …………………………………………………………………………………………………….
    Отворете ги мускулестите кафези на своите гради,
    расклопете ги коскените решетки на своите ребра,
    раздробете ги црните лушпи на својата тага
    и пуштете ја
    малата црвена птица
    со сончеви крила
    да пламне, да полета
    кон големата пламена река на својот брат – Сонце.
    Нека полета со крилата исткаени од огнот на бурните барања
    и радосно нека запее
    заедно со големите, бујни реки
    и татнежот на чекорите на пламената синоока Иднина…

    препев Радивое Пешиќ

    Тагови од објавата
    More from Весна Мојсова - Чепишевска
    КАЛВИНОВАТА КРЕАТИВНА „ИЗНЕВЕРА“ НА НАРОДНОТО КАЖУВАЊЕ
    За книгата „Италијански приказни“ од Итало Калвино (превод Радица Никодиновска, Скопје: ТРИ,...
    Повеќе
    0 replies on “РЕВОЛУЦИЈАТА НЕМА ДА БИДЕ НА ТЕЛЕВИЗИЈА”