Читај, бе братучед, читај! 2017

Кон 3’ Фестивал на европската литература „Букстар“

Од 25 октомври до 5 ноември, издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го организира третото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“. Идејата на фестивалот беше да ги собере најдобрите писатели од Европа и од Македонија, да ја промовира европската литература пред македонската публика и да ја доближи македонската литература до европската. Годинашното издание на фестивалот се одржа во „МКЦ Клуб ресторан“, „Кино Култура“, Книжевен центар „Антолог“ и Книжарница „Антолог“.

Фестивалот беше отворен на 25 октомври во „МКЦ Клуб ресторан“ со промоцијата на романот „La Superba“ од холандскиот писател Илја Леонард Фајфер, наречен стилски маестро. Романот е добитник на највисоката награда во Холандија, „Либрис“ за 2013 година, како и на многу други книжевни награди во Холандија. На македонски јазик романот го преведе Елизабета Божиноска. Книгата ја промовираше Румена Бужаровска, а разговорот го модерираше Марија Саревска-Тодоровска.
Илја Леонард Фајфер (1968) е холандски писател. Пишува поезија, драми, есеи, колумни, репортажи, раскази, политичка сатира и романи во стилот на Рабле. Половина од критичарите го сметаат за гениј, а другата половина за ретро стилист. Неговата последнообјавена поетска збирка е првата книга поезија што некогаш ги освоила трите најголеми поетски награди во Холандија. Од 2008 година живее во Џенова, Италија.

Следната промоција во рамките на фестивалот беше промоцијата на поетската книга „Треба да е лесно“ од Снежана Стојчевска. Оваа промоција се одржа на 26 октомври, исто така во „МКЦ Клуб ресторан“. Најновиот поетски ракопис на Снежана Стојчевска е силно сведоштво дека таа умее непосредно и неусилено да ги „(пре)сретне“ и да ги овековечи поетски вредните мигови. Промотори и интерпретатори на стихови беа: Ана Голејшка, Јосип Коцев, Славица П. Диневска
Снежана Стојчевска (1980) е македонска поетеса. Дипломира на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Веќе девет години работи во „Квазар филм“ како координатор на продукција. Авторка е на книгите „Шеќер по подот“ (2012), „Под нулата“ (2013), „Модри фантазии“ (2015) и на „Треба да е лесно“ (2017. Застапена е во повеќе антологии на младата македонска поезија. Настапувала на повеќе поетски фестивали во земјава и во странство.

Романот „Нема друга“ од словенечката писателка и новинарка Јела Кречич Жижек, беше промовиран на 28 октомври во „МКЦ клуб ресторанот“. Романот е книжевно деби на оваа писателка, а на македонски го преведе Драгана Евтимова. Промоцијата ја водеше Илина Јакомовска, а ја модерираше Марија Саревска-Тодоровска. На промоцијата беше присутен и сопругот на Јела, Славој Жижек, што предизвика вистинска еуфорија во МКЦ клуб ресторан.
Јела Кречич (1979) е словенечка писателка. Дипломирала на тема уметничките манифести во словенечката авангарда. Докторирала философија. Пишува за најголемиот весник во Словенија, „Дело“, каде што во 2013 година на словенечки и на англиски јазик објавува ексклузивно интервју со Џулијан Асанж, што ја прави меѓународно позната личност. Истата година стапува во брак со философот Славој Жижек.

На 30 октомври во Кино Култура во Скопје се одржа и дебата, на која присуствуваше шведскиот писател Хокан Несер, како и неколку македонски литературни критичари и книжевници – Елизабета Шелева, Влада Урошевиќ, Калина Малеска кои дискутираа за жанровите во литература. Модератор на настанот беше Владимир Јанковски.

Освен книжевните настани, во рамките на фестивалот „BookStar“се одржаа и други активности, меѓу кои и проекција на филмови на Милчо Манчевски. Во преполната киносала на Кино Култура беа прикажани два кусометражни и еден долгометражен филм од овој наш еминентен режисер, чија реплика „Пукај бе, братучед, пукај!“ беше инспирација на годинашниот фестивалски слоган – „Читај бе, братучед, читај!“

Следните автори што гостуваа на фестивалот беа Хокан Несер од Шведска и Јуси Адлер-Олсен од Данска.
Промоцијата на книгата од шведскиот писател Хокан Несер, „Во окото на свеста“, се одржа на 31 октомври. „Во окото на свеста“ е првиот од серијалот крими со ликот на Ван Ветерен, еден од најоригиналните ликови на детективи во скандинавската литература. Книгата на македонски ја преведе Сузана Стојановска, а промотор беше актуелниот добитник на наградата на „Утрински весник“, Давор Стојановски. Модератор на настанот беше Марија Саревска-Тодоровска.
За фановите на скандинавските крими романи Хокан Несер (1950) би требало да биде во првите пет од листата. Тој е еден од најценетите шведски автори и е првиот што трипати ја добил наградата за најдобар шведски крими, а исто така и единствениот што ја освоил данската награда „Розенкрац“ двапати по ред. Како автор се движи меѓу жанровите, но најпознат е по крими-серијалите за Ван Ветерен. Во август годинава на локации во Србија, Словенија, Хрватска и Белгија заврши снимањето на трилогијата филмови на англиски јазик со Бен Кингсли, Бено Фурман, Тува Новотни во главните улоги, снимени по негови книги што ќе бидат објавени следната година.

Следната промоција во рамките на фестивалот беше промоцијата на романот „Жената во кафезот“ од данскиот писател број 1 Јуси Адлер-Олсен, која исто така се одржа во „МКЦ Клуб ресторан“, на 2 ноември. Според книгата е снимен и филм. Книгата ја претставија Лабина Митевска и Марија Саревска-Тодоровска.
Јуси Адлер-Олсен (1950) е еден од најпопуларните и најчитани дански писатели. Во младоста свирел гитара во неколку поп-групи. Студирал медицина, социологија, филм. Бил издавач, уредник, композитор на филмска музика и продавач на книги. Добитник е на огромен број награди, а четири негови книги имаат и филмски адаптации. Неговите книги се препорака за сите љубители на скандинавски трилери. Серијалот крими-трилери за секторот Q го вбројува меѓу најпознатите и најнаградувани европски автори.

На 4 ноември беше промовиран и романот „Диссомнии“ од македонскиот писател Игор Станојоски. Сижејно комплексниот роман со исклучително непредвидлив тек на раскажаните настани, го промовираа Лидија Капушевска-Дракулевска и Душко Крстевски.
Игор Станојоски е македонски лингвист и романсиер. Роден е во Копенхаген (1979). Дипломирал во Скопје на Катедрата за македонски јазик со општа и компаративна книжевност. Работел на универзитетите во Лавов, Катовице и Брно. Докторирал во Полска во 2009 година. Од 2014 година е насловен доцент на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Автор е на романите „Гаргара“ (2014), „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“ (2016), „Диссомнии“ (2017).

Третото издание на фестивалот „BookStar“ беше заокружено со промоцијата на антологијата на европска бунтовна поезија, која се одржа на 5 ноември. Станува збор за промоција на антологиско издание на најубавите песни на автори од Европа, кое тимот од издавачката куќа „Антолог“ го приреди специјално за фестивалот, поканувајќи ги своите пријатели и соработници, пред сè поети, но и раскажувачи, есеисти, романсиери, преведувачи, јавни личности, да одберат и по можност да препеат по две свои омилени песни (во стих или во проза) од кои било поети или поетеси од Европа. Поканата ја прифатија најголем дел од авторите. Еден дел од нив учествуваа и на промоцијата со читање на избраните песни, меѓу кои и: Дарко Ангеловски, Долорес Атанасова Лори, Живко Грозданоски, Иван Џепароски, Искра Донева, Јосип Коцев, Јулијана Величковска, Лилјана Пецова-Илиеска, Марија Грубор, Стефан Марковски и Наташа Сарџовска.

Финалето на фестивалот беше заокружено со подарок-концерт до читателите со бендот ПМГ Колектив.
Гостите на фестивалот, освен што ги промовираа своите дела, ги посетија и Книжарницата „Антолог“ и Книжевниот центар „Антолог“, каде што имаа средби со читателите и потпишуваа книги. Надвор од официјалната програма, тие присуствуваа на различни културни настани што во тој период се одржаа во Македонија, посетија неколку значајни локации низ нашата земја и имаа можност да се запознаат со голем број македонски уметници и културни работници.

За време на фестивалот „BookStar“ се одржа и Саемот на европска книга, при што во книжарниците на „Антолог“ наградените автори со Наградата за литература на ЕУ и уште многу други европски книги читателите можеа да ги добијат на попуст.
Целта на Фестивалот на европската литература „BookStar“ е да прерасне во традиционална и препознатлива манифестација, со високопрофесионален и квалитетен програмски континуитет. Годинашното, трето издание имаше многу побогата и пошаренолика програма од претходните две. Она што го одликуваше беше тоа што авторите што гостуваа се навистина – кремот на европската литература! Годинава беше доделена првпат и статуетката „Букстар“ за најчитана книга, која технички ја изработи Љубиша Камењаров, а му беше доделена на Јуси Алдер-Олсен. Графички дизајнер на визуелниот идентитет на фестивалот беше Игор Делов.

Од тимот на „Антолог“ велат дека имаат намера во следните години да донесат уште поголем број етаблирани европски автори и со тоа самиот фестивал да вклучува многу повеќе настани и содржини!

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Нушиќ во ново руво
Најновата премиера на театарот од Куманово, „Нажалена фамилија“, која по подолг период...
Повеќе
0 replies on “Читај, бе братучед, читај! 2017”