ЗА БОЛЕСТА ДОЈЧИНОВА

КОН “ЛЕПА АНГЕЛИНА” НА БЛАГОЈА РИСТЕСКИ ПЛАТНАР ЛИКОТ НА БОЛЕН ДОЈЧИН КАКО ПОЕТСКА СУБЛИМАЦИЈА ЗА КЛИНИЧКАТА МАНИФЕСТАЦИЈА НА НАРЦИСТИЧНО РАСТРОЈСТВО НА ЛИЧНОСТА

„Ти болен си, Дојчине, болен…
Во твоите очи замрежени, ледни
Ко в саќе го гледам, во илјада лица
Караколот божи и црната птица
И јапанџак црн“
(Сталев, 1973)

ЗА ПРОБЛЕМОТ

Дилема нема: Дојчин е Болен толку колку што е Дојчин – Дојчин.
Таа придавка стои ко вечна додавка на името, како што името си стои едно до едно во вечна заедница со презимето. Оти Дојчин е болен од болест што не е телесна, ами духовна. Болест што е негова трајна опстојба, а не надворешен неканет гостин. Таа долго му се плеткала низ умот и му го мрсела разумот. На крај се отчитала во заплетот, и се отворила во драмата пред читателот, со прочитот. Само заради болеста со нејзиното неразумие и драмскиот крај изгледа промислен и чудно разумен. Само заради болеста има смисла и приказната. За Болен Дојчин и специфичната болест на личноста.

ЗА ПРОЈАВАТА (СПОРЕД ФРОЈД)

Графичкиот црно-бел приказ на Фројдовото учење за личноста е растегнат меѓу два спротивставени принципа: Ид како нагонски и емоционален и Супер-его како наменски, целисходен, рационален. Првиот е стихиен, вториот смислен. Едниот ко сам од себе да е даден за да биде човекова природа и слика, а другиот преподаден од родителите во човечката сушност да е пресликан. И меѓу двата тега да премери и извага, токму во средето, на тежиштето меѓу Идот и Супер-егото, превагнува Егото.
Господарот на волевото, Супер-егото, ги има под свое сите конкретни човекови планови и цели, како и апстрактни принципи и идеали. Во детството се превземаат од родителот, од неговите забрани и охрабрувања, од казни, пофалби и одобрувања. Прво на себе се навлекуваат простум ко некакво одличје, а потем во сушноста се вовлекуваат станувајќи свое вистинско наличје. Во детство се само присвоени, на зрелост се усвоени. Најпрво се само придодадени, потем вградени. Оти во детството не постои јасно подвојување со семоќната фигура на родителот, па детските амбиции и цели се всушност еден грандиозен изблик, а неговите принципи и идеали постојат во идеализиран надворешен облик. Такви архаични во детство се пројавуваат, а некогаш и на старост опстојуваат. Вистина, заради траума во односот со родителот човековите цели и идеали можат да останат сирови, недоделкани, вечно идеализирани, нереални, ем нереализирани.
Така недовршениот човек има недовршена слика за светот, слика без три димензии, без три оски. Постои само вертикалната и на неа подредените се поредени доле-удолу, а надредените горе-угоре. Во односот со првите се потсилува грандоманијата и неодложната потреба за восхит, во односот со вторите се потсилува идолатријата со култ кон личноста и неизоставна стравопочит. Таа пројава е наречена нарцистично растројство на личноста.

ЗА ПОЈАВНОСТА (СПОРЕД ПЛАТНАР)

Манифестацијата на нарцистичното растројство од личноста во медицински рамки [3] не отстапува од неговата појавност во Платнаровите поетски рамки. Во продолжение ќе бидат нанижани предоминантни клинички симптоми и ќе бидат прикажани низ поединечни драмски сцени.

Портрет за себе кој е преувеличен, грандиозен и доминантен.
Настап што е надмен, препотентен и арогантен.

Вистина, низ првите зборови од првата сцена, Дојчин влегува во светогледот на читателот како прав епски јунак, народен повелник и Перунов изасланик. Од другарите опишан како нивна „врла вера“ и „бојна ѕвезда недостижна“ (Митре Поморјанче), „крилат коњаник и богов избраник“ (Павле Плетикоса), „избраниот меѓу сите мажи“ (Жолта Евреина) е јунак пред кого „сите други ликови се подредени“ [4]. Неговиот настап уште во првата сцена e „импозантен, силовит и агресивен“ [4], а неговиот налет е неустрашив и нездржан во походот, по на Перуна жезолот. За одбрана на градот Солун пред заканувачката опасност од навестуваниот напад на Либијците.

Пристап до успех кој во мечтите е неограничен, со убавина нереална и љубов идеална оивичен.
Третман од светот во кој избраниот е секогаш повластен, дури и при посег по добра неовластен.

Во походот по громот на Громовникот, Дојчин станува рамен со вероломникот. Оти упаѓа во светилиштето на Света Недела, та место блесок од острило го препаѓа блескотно светлило. Света Недела, таа “жена или привид, сноп светлина, жолта магла ил долна лага” е најточна слика, најверен приказ на прилика од вечната мечта на личноста што пати од нарцисоидност. Не жена ами светица, со убост на блудница и чедност на девица, недостижна, недофатна и прелестна, “жена желена, жена недопрена, а љубена во мечтата на сите мажи” е отелотворена во ликот на Света Недела.
И следи опсесијата, потерата и прогонот, по божеството и сонот. И повторно, Дојчин во својот настап е „суетен, егоистичен и надмен, и дејствува исклучиво според желбите на Ид“ [5] нагонски, стихијно и страсно. Оти ликот на Дојчин е обдарен со мажевност и потентност, тие чести одлики на нарцисоидната личност, зашто физичката надмоќ е редовно израмнувана со телесна привлечност. Тој “маж пред кого жените се ронат, еднаш ја го видат са век ќе го сонат” и самиот станува “лак оптегнат” пред божествената женственост и ломност, кога е стрелнат од својата похотност.

Третман на другиот без милост, чувственост, емпатичност.

Скипената желба и карналната помама по Света Недела не е достатна за злодело. За обљубата е потребно чувство на недопирливост, пропратено со подбивност и дистанцираност од желбата на другиот. И вистина, кон ликот на Света Недела Дојчин не се однесува смерно ами неподобно. Па низ презир ѝ се обраќа не со Светице ами со „жено, со која спор беспредметен јас водам“ велејќи „ти која Света Недела себе се нарекуваш, може да е светост, како светлост од твојата убост несмерна и да ти стига, ама разум опсудбата точна што ја носи, не.“ Дојчин е „реален, суров и сиров истовремено“ [4] но тој во случајот е и груб и насилен, и сето тоа наедно, на куп збрано во едно. Станува омаловажувач и шегобиец во духот на прав женомразец. И така обезвластен зарад својата острастеност, збоднат од својата надменост, тој ја обљубува Света Недела.

ЗА ПРОКЛЕТИЕТО И ЛЕК(Н)УВАЊЕТО

Романтичните чувства на личноста со нарцистично растројство се движат од драматична идеализација (кога посакуваната личност е недостапна) до сурова објективизација (кога посакуваната личност е освоена) [6].
Недостапноста на посакуваната личност се врзува со идеализираната претстава за другиот, заради ахраичната форма на идеалот кој останал подвоен од идентитетот. Никогаш не преминал во личносен квалитет, останал да постои ко вреден, но далечен ентитет. Затоа посакуваната личност е надворешен извор на контрола и моќ, па личи на божество, а спојот со неа на ветување за блаженство. Затоа нарцистичната личност е во немилосрден поход за соединување со своето божество, како што Дојчин е немилосрден во својот поход за соединување со Света Недела.
Освојувањето на посакуваната личност се врзува со идеализираната претстава за себе, заради архаичнате планови и цели кои се мегаломански и грандомански. Затоа освојувањето се изедначува со соединување, а освоениот од субјект преминува во објект под комплетна контрола на волјата на нарцистичната личност. Станува лична своина, негов продолжеток, додаток и приврзок. Како Ангелина која вистина е нов семеен потомок и најмлад фамилијарен изданок, но во приказната за Дојчин е маргинална, просто како генетско надополнување и Дојчинов продолжеток.
Во митските приказни Нарцис страсно го љуби сопствениот далечен приказ и се губи во сопствениот одраз. Во медицинските прикази, нарцистичната личност страсно ја љуби личноста која се чини сопствен далечен приказ, а потоа ја опредметува и ја претвора во сопствена сенка и блед одраз. Кај Платнар приказната за Нарцисот е генијално решена преку приказната за инцестот.
Инцестот во случајов е воведен како мерка за избавување од проклеството што настапило со извршувањето на престапот и злосторството. И вистина, на некое симболично рамниште, инцестот е насилна „терапија“ со груба индукција на емпатија. Оти токму недостигот на сочувство е најголемиот проблем и за престапникот и за заедницата. Неосетливоста е штетна за нарцисоидната личност оти ја изопштува и изолира од другиот, но и за ближниот, заради траумите од немновнато искористување со злоупотреба на моќ. Неспособноста за соживување и лишеноста од сочувствување, претставуваат дополнително отежнување, зашто го одложуваат процесот на барање решение. Едноставно, ако проблемот е слепа точка во видното поле, тогаш не постои потреба да се бара некакво чаре. И тука влегува инцестот, како несомнено контроверзна, драконска мерка и сурова пресметка, но можеби единствена расположлива писателска постапка. Тој е симболичен приказ за реално можно соживување и доближување до болката на другиот. Кој ако не својот, од ближнаго најблизниот да здоболи кај што најмногу боли. Во совеста. Оти поентата на родоскрвната љубов кај Платнар „лежи во идејата дека проклетството е во нас самите, не во другите“ [7]. Затоа оваа забранета форма на љубов „не е ниту соблазна, ниту декадентна“ туку искупителна за „гревот сфатен како покајување“ [8].
Кај нарцистичното растројство на личноста, ближниот е присвоен за слепа служба на туѓата благосостојба. Во инцестуозното решение на Платнар, Ангелина исто така е жртва за туѓата благосостојба, за таа на заедницата, како вечно оштетени од болештината на поединецот. Болен Дојчин.

Забелешка: Прегледот е даден во стихувана форма заради директна инспирација од обработеното дело.

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА:
[1] Ристески-Платнар, Благоја. Лепа Ангелина. Скопје: Блесок. 2003 (Превземено од Блесок на 05.11.2017)
[2] Сталев, Георги. Болен Дојчин. Скопје: Мисла. 1973 (Превземено од Фондација Македоника на 05.11.2017)
[3] Ronningstam, Elsa. Narcissistic personality disorder in DSM-V—in support of retaining a significant diagnosis. Journal of Personality Disorders 25.2. 2011: 248-259.
[4] Стојаноска, Ана. Препрочитување на препрочитаното, или обид за ново читање на современата македонска драматика. Медиантроп 5. 2014 (Преземено од Медиантроп на 05.11.2017)
[5] Стојковска, Александра. (Еден) Фројдовски клуч. Репер 83. 2017 (Преземено од Репер на 05.11.2017)
[6] Kohut, Heinz. The analysis of the self: A systematic approach to the psychoanalytic treatment of narcissistic personality disorders. University of Chicago Press. 2013.
[7] Капушевска-Дракулевска, Лидија. Интеркултурни средби – аспектот на другоста во македонската драма. Институт за театрологија. 2005 (Превземено од Институт за театрологија на 05.11.2017)
[8] Бановиќ-Марковска, Ангелина. Инцестот – една од недосонуваните склоности на светот. Блесок. 09. 1999) (Превземено од Блесок на 05.11.2017)

Тагови од објавата
Напишано од
More from Билјана Ѓонеска
PORTRAIT OF A STRANGER
HE LIKES WOMEN LIKE HE LIKES...
Повеќе
0 replies on “ЗА БОЛЕСТА ДОЈЧИНОВА”