Затруднет амбис

Со перо ја прободив грутчестата лаковица

(ненасловена)

Од утробата на крикот се измолкнав,
тромаво ги одделував крвавите прсти
слушајќи изобличен тропот од ужасот на себството.
Очиве, проголтани од црни дупки
мрзливо ја дишеа влагата
осудувајќи се на портрет од смрдливи перуники и чекреци.
Со перо ја прободив грутчестата лаковица
од пукнатината оркестрираше извив на умртвена младост и сурова арома на непребол
ја засирував со памук, трупав над неа тревки
за од неа гној да протече,
за да ги отвори градите пред илузивната слабост,
да молкне пред рефлексијата на сопствениот извик,
да стане ништо освен храна за црви,
а над неа да вришти со очи в харакири загубени
парче камен со ничие име, овенат симбол за гротескна вечер
кој успива дете со лелејка и песна од мугри вивната
и со Орионовата небесна слика што вешто ја портретираше нејзината крута судбина
да биде ништо повеќе од обична жена.

Затруднет амбис

Чемерот ко татнеж лунѕа низ кожните пукнатини
танцувајќи го посмртниот марш на осакатеното цутје
ползи и замелушено ги собира плодовите на вселенскиот корпус,
ги остава да висат на коравите раце на рајските дрвја
одделувајќи ги пијаните ѕвезди од гнилежот на влакнестата месечина,
и дур со синтетички занес го калеми растопеното време
во атоналноста на рационалниот механизам го вдахнува Божјиот лаеж.

Растргнат е блескотот на проѕирниот вел со кој тишината ја покриваше грдоста своја,
од тмурното ѝ лице пламти краставиот плач низ животниот серум,
а в нејзиниот скут, сведнат амбисот го слуша рикањето на своето згужвано тело
и страден за слобода го корни од утробата фетусот
кој наглотен од земниот прав се замотува во Аполоновото клопче
и проникнува во адот каде бездната секогаш со ламтеж го глода својот пород
секој пат кога скелетот на часовникот ќе го секне зјапањето во атоми.

01001001

Сопствената корупка ја листам,
разјарено го оголувам нејзиното стврднато тело.
Прототипот палеж молснува негде внатре,
јалово одекнува неговиот питом грч,
се исправа и тутка меѓу гирланди од лишаи,
а краставите му крилца го навираат смогот во засипнатото време.
Се жерави куршумот во увилените бразди на раскашавениот мозок,
махинално ја оркестрира смртта на виолината,
од трепетните и крвави прсти ткае туморни симфонии по жици крути
вајајќи го со јад сметен дисонантниот звук.
А јас во својот мраморен виор го пливам калливиот раствор под распараното математичко небо,
ги парталам ѕидовите од гној,
со канџите го разбивам еластичниот челик,
за да ја откопам вечната Аркадија.
И најпосле – мојот скржав бес ги бакнува железните усни,
на врвот на неговиот јазик се вгнезди горчливиот вкус на ‘рѓа,
моето ratio го вперува досадниот поглед кон анаграм од бројки
што водеа љубов со запчаници и механичка калиграфија
и вклештено го зарива својот порив под холограм од сенки
парализирано повторувајќи го квантно изгравираниот модул:
Метастазата го вплети својот чин.

Тагови од објавата
0 replies on “Затруднет амбис”