Најголемите европски автори доаѓаат во Скопје!

Од 25 октомври до 5 ноември под мотото „ЧИТАЈ БЕ, БРАТУЧЕД, ЧИТАЈ!“ ќе се одржи третиот фестивал на книжевни ѕвезди „Букстар“ 2017

Со огромно задоволство и нетрпение го очекуваме третото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“, кој ќе се одржи од 25 октомври до 5 ноември 2017 година. Под слоганот „Читај бе, братучед, читај!“, Фестивалот оваа година има цел да ги промовира читањето и неговите придобивки, да ги доближи странските и домашните писателски ѕвезди до читателската публика, како и да ја поврзе книжевноста со другите уметности. Пред домашната публика ќе бидат претставени четворица писатели од самиот книжевен врв на Европа, двајца докажани македонски писатели од помладата генерација, антологија на бунтовната поезија од европски автори, книжевна трибина и филмски проекции. И оваа година организаторите на фестивалот ќе се обидат да ги продлабочат соработката и двонасочната културна размена меѓу Македонија и Европа на најубавиот начин – преку литературата и уметноста.

На фестивалот „Букстар“ ќе бидат претставени специјално за македонските читатели: стилистот гениј Илја Леонард Фајфер, духовитата писателка Јела Кречич Жижек, двајцата скандинавски мајстори на трилерот Хокан Несер и Јуси Адлер-Олсен, како и Македонците Снежана Стојчевска и Игор Станојоски.

Фестивалскиот слоган е инспириран од култниот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски, чии филмови ќе бидат проектирани како дел од програмата на фестивалот.

„Адаптацијата на легендарната филмска реплика, всушност, е избрана како еден креативен начин да се промовира читањето, во поширок контекст, во различни пригоди и ситуации, идеја што ја започнавме уште со минатогодишното издание, кога преку различни герила-акции поттикнувавме читање во градските автобуси и на други јавни места. Оваа филмска реплика, секако, е една од најпознатите и најчесто спомнувани меѓу луѓето, па мислевме дека одлично ќе се вклопи во целиот интермедијален концепт на Фестивалот“ – велат организаторите.

Книжевни промоции

Како и секоја година така и оваа, десетдневната фестивалска програма е симбиоза на книжевни настани за сечиј вкус. Секако, повторно во фокусот се гостувањата на авторите и промоциите на нивните дела, кои ќе се одржат во Клуб ресторанот МКЦ со почеток во 20 часот.

„BookStar 2017“ ќе биде отворен на 25 октомври со промоцијата на романот „La Superba“, ремек-делото на еден од најважните современи европски писатели, Холанѓанецот Илја Леонард Фајфер, наречен „стилски гениј“. Овој наградуван роман на Фајфер бил громогласно фален уште со самото објавување во 2013 година, кога ги добил наградите „Либрис“, најпрестижната литературна награда во Холандија, и „Цум“, наградата „за најубава реченица напишана на холандски јазик“. Промотор на книгата ќе биде Румена Бужаровска.

Следниот фестивалски ден е посветен на македонската поезија. На 26 октомври ќе биде промовиран најновиот поетски ракопис на македонската поетеса Снежана Стојчевска – „Треба да е лесно“. Промоторка на збирката ќе биде Николина Андова Шопова, а со поетско читање ќе настапат Ана Голејшка, Јосип Коцев и Славица П. Диневска.

Една од омилените книги на нашите читатели, романтичната комедија „Нема друга“ од сопругата на највлијателниот словенечкиот философ Славој Жижек, Јела Кречич, ќе биде промовирана на 28 октомври. Со оваа книга Кречич создала метафора на љубовта во денешното општество, но и урнек на прикриен женомразец типичен за новиот милениум, кој ни го ставила на тацна. Промоторка на книгата ќе биде Илина Јакимовска.

На 31 октомври ќе биде промовиран интернационалниот бестселер „Во окото на свеста“ од шведскиот писател Хокан Несер, чии книги се преведени на повеќе од 30 јазици и се продадени во над 20 милиони примероци. Овој роман е првиот од серијалот крими-трилери со ликот на Ван Ветерен, еден од најоригиналните ликови во скандинавската литература. Промоторка на книгата ќе биде Фросина Пармакоска.

Романот „Жената во кафезот“ од Јуси Адлер-Олсен, дански автор број 1, чии книги се преведени на 40 јазици и котираат на најголемите бестселер-листи во светот, меѓу кои и на „Њујорк тајмс“, ќе биде промовиран на 2 ноември. Веднаш по објавувањето, ова дело се искачило на првото место на топ-листите и се задржало на врвот на бестселери цела година, а наскоро „доживеало“ и филмска адаптација. Промоторка на делото ќе биде Лабина Митевска.

Следниот фестивалски настан повторно е посветен на македонската литература, овој пат со промоцијата на романот „Диссомнии“ од Игор Станојоски, која ќе се одржи на 4 ноември. Романот ќе го промовираат Лидија Капушевска-Дракулевска и Душко Крстевски.

Финалето на фестивалот, традиционално, е промоција на антологија на европската литература, приредена од соработниците и пријателите на „Антолог“. Оваа година станува збор за антологијата на бунтовна поезија од омилените европски автори, во која 30-ина македонски и странски писатели и јавни личности ги одбраа своите омилени песни на автори од Европа на теми како: бунт, револуција, револт, отпор. Промоцијата, која претставува и завршен настан на фестивалот, ќе се одржи на 5 ноември, а промоторка на збирката ќе биде Весна Мојсова-Чепишевска.

Трибина

На 30 октомври во 20 часот во Кино Култура ќе се одржи трибината „Hold Me, Thrill Me, Kiss Me, Kill Me“ на тема „ограничувањата и предностите на жанровската литература“, на која ќе учествуваат Хокан Несер од Шведска, Влада Урошевиќ, Калина Малеска, Елизабета Шелева од Македонија. Модератор на трибината ќе биде Владимир Јанковски.

Филмска програма

Во рамките на филмската програма, ќе биде прикажан избор од опусот на Милчо Манчевски, како и едно изненадување. Овој настан исто така ќе се одржи во Киното Култура на 30 октомври, со почеток во 21 часот.

Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен, а вратите се отворени за сите искрени вљубеници во уметноста на пишаниот збор.

Можностите за интервјуа со странските гости ќе бидат ограничени на две и тоа по принципот: прв најавен прв услужен.

За време на „BookStar“, сите наслови од авторите учесници на Фестивалот во книжарниците на „Антолог“ ќе се продаваат по саемски цени.

Време е да се подготвите за вистинско уметничко доживување, да се препуштите на сетилата и да дозволите да ве понесе атмосферата на фикционалните светови исполнети со аудио-визуелни сензации на духот и на умот.

Ве покануваме и Вас во светот на уметноста од 25 октомври до 5 ноември.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Македонскиот опиум помеѓу двете светски војни
Дури и надалеку познатиот тиквешки афион е обезвреднуван, па наводно имал сè...
Повеќе
0 replies on “Најголемите европски автори доаѓаат во Скопје!”