Кружна метаморфоза

Почнувам една песна / Незагадена од бес.

Другото

Од крв и месо ли
Од што ли од што
ЈАС – материјал каков е?
Неразделив атом?
Громогласно ечи
На секоја клетка
Со звук ХАХАХА
И штети.
Порите, мрсни и ситни
Непоштедени
Вриштат, не се затнуваат
Штетнику! ШТЕТНИКУ!
Јас, продира не застанува
Дрско! Дрско си зема слобода
Во ушите се вдомува
Бесно со гонг лумпува.
Незаситно е ЈАС
Лакомо тргна накај главата
Низ виугите
Јадици да закачува
И успеа…
Проклето да е, УСПЕА!!!
Ги оптегна на сите страни
Конфузија вгради.
Очите…
За чудо се здрави!
Секој ден, со нив
Во огледало се гледам
Зјапам јасно
ЈАС ЈАС аура е сега
И секојпат е околу мене
ЈАС ЈАС ЈАС
Безобразно, саркастично
Се смее!
Па тумор да беше
Лесно ќе се откачев.
Ама не, не си.
Со нож би те отсекла
Ќе се отидеш, да
Но и јас со тебе.

Егзорцизам!
За тебе змијо гнасна!
Од отров си цела,
Твојата обвивка ме гуши.
Како да те убијам
Кога не знам
Како се посеало
Твоето семе!

20 јануари 2010

Кружна метаморфоза

Ум – мирно езеро
Ти си рибар
Јадица што фрла
Ловиш мисли
Полна кофа.

Ум – немирно езеро
Ти си сонце
Зраци што пушта
Скали кон смирение
Небо со знаење.

Ум – пресушено езеро
Ти си дождот пролетен
Создаваш патеки калливи
Секој од нас по нив чекори
Тешки чизми и товари
До спокојните води
Оди, оди и оди.

04 фебруари 2012

Во идно време

Почнувам една песна
Незагадена од бес.
Сум при светлост
При спокојство и мир.

Почнувам една песна
Прочистена од гнев.
Сум го преродила
Суштинското во мене.

Почнувам една песна
Без присуство на презир.
Бог е во мене
Газиме на земјен пат.

Почнувам една песна
Спротивна на грев.

Знам дека ништо не знам.

07 фебруари 2013

Кога нема зрак

Се мразам себе си, голтам
Чаша полна презир.

Извадив дозвола, легална
Карта за бездната.

Ме прегази толпа, немам ништо
Освен модрици на тело.

Да речам лесна сум ко пердув,
Лажам. Земјата ме влече.

Да земам конец и игла. Да шијам,
Не знам. Раната е отворена.

Крстопат ова не е.
Воопшто и нема пат.

Пешачам боса, по трње и коприва.
Наскоро ќе имам бела коса.

Читателу, читателке.
Одговорноста е ноќна мора.

Нејаснотијата е денешната рамка.
Ајде, некако ќе се разбереме.

12 март 2013

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Кружна метаморфоза”