ТЕКСТУАЛНИОТ УНИВЕРЗУМ НА „АЛАМУТ“

(Владимир Бартол. Аламут (превод од словенечки јазик Соња Должан). Скопје: Матица македонска, 2014)

Во октомври 2006 на македонската културна сцена ѐ се случи првата средба со Бартоловиот „Аламут“ преку гостувањето на Словенско народно гледалишче (СНГ) во Скопје. И од таа 2006 почнува да тлее страста кај Соња Должан на македонската читателска публика да ѐ го даде во вистински формат Бартоловиот „Аламут“, оној од 1938 година. Затоа, благодарение на нејзината заложба и посветеност на преведувањето на и од двата јазика и двете култури, македонската и словенечката, се случи културниот настан Бартоловиот „Аламут“на македонски.
Но, од каде заинтересираноста за овој роман и од каде таа негова голема популарност на почетокот на овој 21 век? Можеби, зашто Истокот и тврдината Аламут се само хоризонт, огледало во кое западната цивилизација посакува да го огледа своето лице, од една страна. Од друга, читајќи го, читателот се запрепастува од една неверојатна коинциденција меѓу книжевниот и имагаинарен XI и тековниот и реален XXI век, која само го засилува чувството за апсолутна актуелност и современост на ова дело.
Но, зошто „Аламут“ има и свои вистински читатели и на Балканот, а сега и во Македонија, покрај големиот интерес ширум светот,?
Постои раширено мислење, нагласува Марија Тодорова во својата книга „Замислувајќи го Балканот“, дека „Балканот почнал да го губи својот идентитет во моментот кога започнал да се европеизира. Очигледно е дека овој израз ја имплицира неговата различност во однос на Европа“ (2001: 17). Балканот претставува сè што Европа сака да го потисне, а кон кое сепак нешто неизбежно ја привлекува. Но, тука е и сликата на Ориентот како место за бегство од цивилизацијата, но и како метафора за забранетото. Западот и Ориентот поставени еден спроти друг се неусогласени, но комплетирани ентитета. Влијанието на Ориентот се остваруваше низ книги и ракописи, така што и неговото проучување беше еден вид текстуелен универзум. Наспроти прозаичниот и профан западен свет, стои егзотичниот исток на легендите, сказните и чудата. Дали и овој Ориент што го промовира „Аламут“ не е еден таков текстуален универзум? Разграничувањата меѓу Ориентот и Западот се нагласени уште во „Илијадата“, потоа во Есхиловото дело „Персијци“, како и во Еврипидовата трагедија „Бакхи“. Во „Бакхи“, која, според Едвард Саид во неговата книга „Ориентализам“, е можеби најазиската од сите антички драми, Дионис е експлицитно поврзан со своето азиско потекло и со чудното заканувачко ширење на ориенталните мистерии. Со сето ова јасно се укажува на фактот дека многу одамна е повлечена линијата меѓу двата континента. Притоа Европа е моќна и јасно артикулирана, а Азија е поразена и далечна. И од оваа дихотомија се потенцира и мотивот за Ориентот како прикриена опасност, а Балканот стои тука како мост или како еден своевиден Ал Араф. Впрочем, и романот „Аламут“ завршува со едно застрашувачко сознание, или поточно со една опасна најава за новото зло.
„Дојде времето кога владетелите и моќниците мора да сфатат дека нивните животи се во наши раце.“
„Ќе дојде време кога и кнезот, кој живее на другата страна на светот, ќе трепери пред на¬шата моќ. Тогаш ќе земаме арач и од сите цареви, кралеви и моќници од другата страна на морињата.“, пишува Бартол.
Но, што е всушност „Аламут“ и кој е Владимир Бартол?
„Аламут“ е убаво раскажана приказна лоцирана во егзотично време и место, а сепак населена со универзални ликови со препознатливи амбиции, соништа и несовршености. „Аламут“ е заснован на една стара легенда за Старецот од планината, односно за водачот на сектата Исмаилити. „Аламут“ е без никакво претерување мало ремек-дело кое ја доловува сета комплексност и повеќезначност на животот. Низ него се откриваат длабоките, универзални вистини за човештвото, за тоа како размислуваме за себе и за светот, и како нашите убедувања го обликуват светот околу нас.
Есенцијално, „Аламут“ ни овозможува, пред сè, да се запознаеме себе си.
Неговата приказната е (и)сторија за Аламут и биографија за неговиот господар Хасан ибн Саба, шиитскиот лидер кој развива невообичаен метод на борба против своите сунитски господари, Турците Селџуци. Таа е фокусирана во далечниот XI век или поточно во 1092 година во еден колку реален толку и иреален машко-женски свет. Така пред нашата читателска страст се отвора приказната која е распослана во утврдениот замок наречен Аламут, што значи Орелско гнездо, најсилното кале од педесетте во рутбарскиот округ, кое го соѕидале деилемските кралеви и за кое се говори дека е неосвоиво. Оваа приказна се накалемува на приказната сместена во градините населени со девојки и жени, сместени на остров, од едната страна ограничен со поројница, а од сите други страни со вештачки канали, градини создадени од страна на Сеидуна, или Хасан ибн Саба, по примерот на вистинскиот џенет (РАЈ).
Еве како звучи на македонски тој Хасанов џенет преку перото на Соња Должан:
„Ја одведоа (Халима) по патчето што беше покриено со тркалезни бели камчиња. Лево и десно имаше правилно распоредени леи на кои цветаа лалиња и зумбули во најразлични големини и бои. Некои лалиња беа огнено жолти, други жар црвени или виолетови, трети, пак, беа живописни и шарени. Зумбулите беа бели и бледорозови, светло и темносини, виолетови и светложолти.
Некои од нив беа нежни и прозрачни како да се од стакло. По рабовите растеа темјанушки и јаглики. На други места, пак, пупеа перуники и нарциси. Тек-тук ги отвораше цветовите раскошниот бел лилјан. Опојна миризба го полнеше воздухот.“
Инаку, Хасан ибн Саба е човекот кој вели дека ги има клучевите од рајот и кој е првиот по Алах.
„… по шестемина големи пророци: Адам, Ное, Ибрахим, Мојсеј, Христос и Мухамед, ќе дојде и седмиот, најголемиот Ал Махди. А тој ќе произлезе од родот на Исмаил. Него го очекуваме сега и за него и се бориме. Вистина ви велам: големи тајни се кријат во замокот Аламут!“ – велат федаините.
Својот виртуелен рај на земјата тој го создава во својата велелепна тврдина Аламут, која географски е лоцирана некаде во денешен северен Иран, недалеку од Каспиското Езеро. Овој свој тешко освоив свет тој го населува со убави жени донесени од пазарите на робови во Басра и Багдад, кои потоа стануваат хурии, меѓу кои се издвојуваат Миријам, Сара, Сулејка и секако, најмладата и најискрената Халима која во името на љубовта дури и си го одзема животот кога дознава дека никогаш повеќе нема да го виде својот љубен Сулејман. Овој свој свет Сеидуна, што значи Нашиот Господар, го исполнува со градини во кои се одгледува и тајната супстанца (денес позната како хашиш) користена како средство со помош на кое се стигнува во рајот. Рајскиот амбиент му помага на самопрогласениот пророк Хасан Ибн Саба, да ги претвори младите момчиња, кои го исполнуваат машкиот простор на приказната, во немилосрдни убијци.
И еве како Хасан ја објаснува својата тактика:
„Мажот е како чувствителна харфа на која жената мора да умее да свири стотици различни мелодии! Ако е невешта и глупава – леле, колку ништожни гласови ќе прозвучат од неа! А ако е надарена и ако научи нешто, тогаш со вештите раце од инструментот ќе измами досега нечуени хармонии.“
„Поради тоа си одбрав момци што сè уште не ја вку¬силе љубовта со жена. Никој не е полесноверен од такво момче. Бидејќи само жената од човек може да направи вистински маж. Таа му го пренесува сознанието, со неа ста-нува зрел. Со невиноста на телото, ја губи и невиноста на душата. Затоа сè го тера момчето кон тој судбински настан. Заслепен од непознатата страст, подготвен е да поверува во сè, само да ја достигне својата цел.“ – мудрува Сеидуна.
Освојувајќи ја нивната фанатична лојалност, тој потоа може да ги испрати во било кој дел од светот на самоубиствени мисии, и на тој начин овие момчиња стануват вистински проследувачи и проширувачи на неговата моќ и влијание. Неговата фанатична елитна војска од федаини, во секое време е подготвена да изврши секакво дело особено атентат на некој од водачите на противниците на Хасан, како што се арапскиот калиф во Багдад и турскиот султан во Истанбул. Хасан или новиот пророк, или Сеидуна, ги уверува дека тие нема да умрат, туку ќе одат во рајот, каде ќе се оженат со седумдесетина девици. И така Старецот од планината ги претвора своите следбеници во „живи ножеви“.
Но, Владимир Бартол во и преку својот „Аламут“ пред сè го осудува тоталитаризмот и фанатизмот, кој било тоталитаризам и фанатизам, вклучително и оној тоталитаризам кој непосредно по објавувањето на книгата ја фрли цела Европа во најстрашната војна во историјата на човештвото. А, денес во тој роман, многумина гледаат еден вид пророштво.
Аналитичарите во многу разузнавачки служби денеска ја проучуваат книгата, бидејќи се надеваат дека ќе им помогне подобро да ги разберат денешните бомбаши-самоубици, денешните фанатици и нивниот водач кој својот / сегашниот Аламут го сокрил некаде во планините на Авганистан.
Но, да му се вратиме на Бартоловиот „Аламут“!
Оваа неверојатна приказна содржана во романот од 1938 година е пишувана подолго време или поточно цели десет години. Сепак, таа во себе го носи илузорното чувство дека е напишана токму сега, во овој период особено по страотните нападите од 11 септември 2001.
Во времето на неговото излегување, значи пред околу 80 години, се доживува како чиста фантастика, како една приказна која изнурнува од длабочините на писателовата фантазија. Критиката го оценува како премногу егзотичен и крајно авантуристички, а самите читатели не покажуваат вистински интерес за настани ситуирани во XI век во планините на Персија. Од друга страна, во времето кога книгата е објавена прв пат, романот е сфатен само како едно предупредување од опасноста од нацизмот што почнува тогаш да се шири по Европа.
Но од тоа свое првообјавување па сè до денес „Аламут“ доживува 33 изданија на дваесеттина јазици. Првиот превод е на чешки и тој се случува во далечната 1946 година, само по осум години од неговата првообјава на словенечки. Првиот превод во некогашна Југославија се случува во 1955 година, а 1990 повторно го преведува на српски (екавска верзија) Јосип Ости (Сараево: Свјетлост). Вистинските врати во европската литература и култура, а со тоа и на европските читатели, му ги отвора францускиот превод кој се случува во осумдесеттите години на минатиот век.
Инаку самиот роман може се чита и како добра основа за филм или стрип. Но досега само СНГ од Љубљана успева да го драматизира. Премиерата на оваа претстава или поточно на драмската и тетарската верзија на романескниот „Аламут“ се случува на 8 октомври 2005 година, во рамките на меѓународниот театарски фестивал во Салцбург, во Австрија, на кој режисерот Себастојан Хорват ја доби наградата за најдобра режија.
Словенечкиот драмски писател и есеист, Владимир Бартол многумина го сметаа за еден од водечките интелектуалци на XX-от век на просторите на бивша Југославија. Роден е на прагот на XX-от век поточнo во 1903 година, така што во 2013 беше 110 години од неговото раѓање. Најголем дел од животот го поминува во Трст. Студира во Љубљана и Париз, а неговите преводи на Јунг и Ниче се сметаат за врвни дела. Првите негови објави се кратки раскази во книжевни списанија и тоа 1927 и 1928 година кои потоа излегуваат во збирката „Ал Араф“ во 1935. Некои од нив се читаат и како подготовка за неговото дело „Аламут“. Впрочем Ал Араф е ѕидот/ѕидината која ги дели утврденото кале т.е. Хасановиот Аламут и земните рајски градини т.е. Хасановиот харем. Неговата проза има психолошки и филозофски предлошки и токму затоа Бартол се смета за предвесник на егзистенцијализмот во книжевноста, а неговиот „Аламут“ е своевиден феномен во словенечката литература. За свои вистински и книжевни и филозофски татковци ги смета Платон, Е. А. По, Достоевски, Ниче и Фројд.
Исто така има напишано преку 280 критики од областа на книжевноста, но и од театарската и ликовната уметност. Од големо значење се неговите есеи од триесеттите години на минатиот век во кои за прв пат и во Словенија, но и во тогашното Кралство Југославија, ги претставува / промовира принципите на Зигмунд Фројд и Карл Густав Јунг. Својот живот го завршува во 1967 година во Љубљана, каде по Втората светска војна е скоро непознат за пошироката јавност.
Но, неговото дело преживеа и денес повторно предизвикува интересирање. Во 2005 година, во Сиетл, САД, за прв пат „Аламут“ е објавен и во превод на англиски јазик. А еве во 2014 година на „Аламут“ му се случи и македонската верзија и тоа благодарение на страстната преведувачка работа на словенечката македонистка Соња Должан. При работата на својот превод таа се соочуваше и со леснотијата и заводливоста на јазичниот израз на Владимир Бартол, но и со тешкотијата да ги пренесе најавтентично времето и атмосферата од далечниот и просторно и временски XI век. Бартол пишува со јасни, кратки и концизни реченици, барем така го читаме во македонската верзија. Но, од друга страна, тие приказни дишат автентично поради употребата на големиот број архаизми и турцизми кои така добро се имаат одомаќинето во македонскиот јазик и кои така убаво Должан успеала да ги вткае во Бартоловиот израз со стручната помош на Сена Ариф. Ни останува, нам, на читателите преку овој превод да го доживееме на свој начин овој Бартолов „Аламут“.

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
И ВИСТИНСКИ ПРИКАЗНИ И ВОЛШЕБНИ ПРЕГРАТКИ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ
За книгите за деца „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и „Волшебните...
Повеќе
0 replies on “ТЕКСТУАЛНИОТ УНИВЕРЗУМ НА „АЛАМУТ“”