Афоризми и рими

„Напишани пред 24 години, овие афоризми и хумористични стихови неверојатно зрачат свежина во постојните политичко-економски односи во земјава, но и во соседството. Тоа е само уште една потврда за нивниот квалитет и нивната безвременост.“

Какво време дојде – ќе почнеме да се делиме и по крвни групи.

Партиите го поделија народот – остана уште народното богатство.

Како да го прочитаме кога е – неписмен.

Знам дека има дупки во законот, но не знам дали има според мојата големина.

Партија

Најубава е онаа партија
чии заклучоци служат
како тоалет хартија

Ако се учевме на грешките досега требаше да бидеме доктори на наука.

За државен грб најмногу би одговарал грбот на народот.

Иако немаме кралски палати и дворови, сепак изобилуваме со дворски будали.

Живееме од денес до утре мислејќи на вчера.

Мистерија

Во ова време
на национална хистерија
само голиот опстанок
е чиста мистерија

Опивањето од власта е најтешка форма на алкохолизам.

Ред е да ги кренеме чашите – да се види дека имаме барем вода за пиење.

Некои модерни херои повеќе креваат врева отколку револуции.

Ако ни го бришете минатото – барем напишете ни ја иднината.

Знаме

Едни те сакаат
со сонце,
други со лавче
а зошто да не си
со тавче-гравче.

Нечии биографии навистина се интересни – личат на басни.

Секогаш имаме онолку колку што не сакаме да имаме.

Во овие мрачни времиња најтешко е да бидеш – светол пример.

Некои и кога се удираат во градите звучат – тапо.

Соседи

Соседи кутри и мили
од каде толку сили?
Постојано да кукате
и по нас да плукате?
Не сакате да признаете
дека одамна нè знаете.

Тагови од објавата
0 replies on “Афоризми и рими”