Драги Еписторија и Еписторие

Писмо од промоцијата на „Се гледаме наскоро. Е.“, 14.6.2017, „Ла кања“.
  • Писмо од промоцијата на „Се гледаме наскоро. Е.“, 14.6.2017, „Ла кања“.
  • Драги Еписторија и Еписторие,

    Вашите писма ги добив додека се мачев да заспијам, во тесната инка на ноќта. Се израдував. Ги отворив за да читам. Зборовите мрдаа, се преместуваа, се собираа во некакви мравји купчиња и набрзо почнаа да прват живеалишта, куќи, болници и улици. Иако куќите беа исто така подвижни и издолжени, многу од нив немаа покрив, па можев јасно да ги видам нивните жители кои се занимаваа претежно со три дејности: сонуваа, изведуваа циркуски точки или бараа нешто важно што не го гледаа, ама намирисуваа дека е тука.
    Писмата извршија влијание на земјината тежа. Таа почна да го попушта стисокот, да разлабавува. Збунети од новата ситуација, жителите го пречекоруваа прагот. Една вселена виде дека може да живее во човек. Сите работи ги испитуваа сопствените можности.
    И мене малку ми се заврти во главата, па излегов на балкон (на деветтиот кат) за да си го проверам местото. Пред мене се протегаше големото модровиолетово тело на градот. Во трепкањето на неговите светлини почнав бавно да ја распознавам мапата на зборовите од долгото писмо кое градот ми го пишуваше, а небото го бришеше.

    Срдечно, С. (уште не си го најдов името)

    Тагови од објавата
    0 replies on “Драги Еписторија и Еписторие”