Кога жртвата ја презема контролата

Кон „Таа“ (Elle), , Франција, Германија, Белгија, 2016

Холандскиот режисер Пол Верховен со своето последно остварување „Таа“ се враќа на голема врата во европската кинематографија, деценија по филмот „Црна книга“, го снима својот прв филм на француски јазик. Верховен е пред сè познат по холивудските научно-фантастичните остварувања „Вселенски војници“, „Тотален отповик“ и „Робокап“, но и еротските трилери од деведесеттите како „Основен инстинкт“ и Showgirls, кои ќе му послужат како почетна инспирација за „Таа“. Сценариото на филмот е адаптација на наградуваниот роман „Oх…“ на францускиот автор со ерменско потекло, Филипе Џјан, и е роман фокусиран на независните и комплексни жени кои ја презентираат својата моќ преку своите тела во светот на бескрупулозни мажи.
Мишел Лебланк (Изабел Ипер) е успешна жена која води компанија за производство на видео-игри. На самиот почеток на филмот таа е брутално силувана, а напаѓачот повторно ќе провали во нејзиниот дом. Тука почнува нејзината опсесија со напаѓачот и однос кој понува да излегува од контрола. Мишел реагира на неочекуван начин – се колеба околу откривањето на идентитетот на напаѓачот и одбива да пријави во полиција. Таа не сака да биде ниту жртва ниту класична одмазничка, туку почнува да ужива во сексуалната игра и манипулација и станува онаа која почнува да доминира.
Тука веднаш се повлекува паралела на ликот на Ерика Кохут кој Ипер го глумеше во „Пијанистка“ на Михаел Ханеке (2001). За разлика од таму, Мишел на Верховен не е патолошки случај ниту е некаква симболичка фигура. Главниот субјект кај Верховен е истражувањето на „културата на силувањето“ (rape culture) и траумата на жртвата, односно справувањето со тоа искуство, но и уживањето во забранетото и во насилството. Самата Ипер во едно интервју ја нарекува „пост-феминистички карактер“. Иако е жртва, контекстот во кој се случува тоа насилство и нејзината согласност да влезе во таа игра му ја одзема моќта и доминацијата на нејзиниот напаѓач. Спојот на апсурдни и хумористични ситуации, без некаков логичен след на приказната и заплети каде постојано во центарот е Мишел, го внесуваат и гледачот во таа игра, што на моменти е дезориентирачко, а нештата кои би требало да згрозат предизвикуваат смеа.

Не запаѓајќи во политичка коректност, Верховен до одреден степен го тривијализира чинот на силување, но го тривијализира и самиот сексуален чин, односот родител-дете и комплексноста на семејните односи, и анимозитетот меѓу половите. Преку таа тривијализација и поигрувањето со жанровите – психолошки трилер, црна комедија, фарса, Верховен артикулира јасна порака – силувањето е ужасен чин и фокусот треба да биде на жртвата и како таа се справува со тој ужас.
Филмот може да се чита и преку некаква критика на патријархатот – од една страна е Мишел и нејзината мајка, една гротескно прикажана појава која е во врска со двојно помлад партнер, а од друга страна се машките ликови – нејзиниот син Винсент кој е комплетно под контрола на својата девојка и ќе биде татко на дете кое очигледно не е негово и живее од дарежливоста на мајка си, нејзиниот бивш сопруг кој е слабак, нејзиниот љубовник Роберт, инаку сопруг на нејзината најдобра пријателка, нејзиниот татко кој е сериски убиец и е в затвор и на крајот, нејзиниот напаѓач. Преку сите овие односи, Верховен ги изнесува на површина прашањата за брачното неверство, малограѓанскиот менталитет и лицемерието. Но, како што и упатува насловот, филмот е приказна за жената.
Одличните критики по премиерата на Канскиот филмски фестивал минатата година и бројните награди се помалку изненадувачки за успехот на „Таа“ на американско тло, токму поради таа некоректност и бизарност која ја нагласува Верховен, што не било случај во минатото со филмови како „Пијанистка“ на Ханеке, „Интимност“ на Патрис Шеро, „Девет песни“ на Мајкл Винтерботом или, пак, „Нимфоманка“ на Ларс фон Трир, па така „Таа“ го доби Златниот глобус за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје и најдобра актерка, а Ипер беше номинирана и за главната женска улога на Оскарите.

Тагови од објавата
More from Елена Димитровска
Архитектура и филм
Филмската слика во Помрачување на Микеланџело Антониони
Повеќе
0 replies on “Кога жртвата ја презема контролата”