За работникот низ историјата и генезата на „Капиталот“

Кон Младиот Карл Маркс Режија: Raoul Peck Сценарио: Raoul Peck, Pascal Bonitzer, Pierre Hodgson

Кон Младиот Карл Маркс
Режија: Raoul Peck
Сценарио: Raoul Peck, Pascal Bonitzer, Pierre Hodgson

Во целата банална филмска хиперподуктивна какофонија, во последно време ретко што ќе ме испровоцира да погледнам, а не па нешто и да напишам, а тоа да не биде повторување на истите флоскули и шематизиран приказ на уште еден филм кој наликува на многу други или само просто се обидува да ја шокира публиката, со тоа, психолошки збунувајќи ја дека се работи за добар филм. Содржината е едно, формата, нешто на што продукцијата се фокусира денес, сосема друго.

Денес е први мај. Совршена прилика да се напише текст за овој филм, еден од повозбудливите на рудиментираната програма на Скопскиот филмски фестивал, кој без воопшто промоција, хајп и непотребни програмски додатоци, се уште некако се обидува да опстои за вистинските филмски сладокусци. Приказна која го избра вистинскиот историски момент за да биде реализирана во вид на филм. Зошто?

Овде имаме работа со еден сосема обичен филм. Биографски. Но, она кое ја изместува сликата, и од обична биографска приказна прави добар филм се: содржината и актуелноста. Филмот е баланс помеѓу биографијата и филозофијата, на што реферира и самото име на филмот. Поточно биографскиот пресек на настанувањето на филозофијата на младите Маркс и Енгелс преку директен контакт со нивната инспирација – класната неправда и бруталната експлоатација на работничката класа. Фокусот е можеби ставен токму на спојот Маркс/Енгелс, приватно, како другари, подоцна соработници, кој взаемно го почитуваат своето дело, но и на тоа какви личности биле, кој се нивните семејни односи и низ какви премрежја поминувале во тоа мрачно време, кога капитализмот ги покажал своите први протовречности.

И покрај својот класичен тек, кој за некого, кој не ја познава нивната филозофија, би бил безмалку досаден, за оние кој пак се согласуваат со нивните далекусежни антиципации на реалноста на капиталистичката стварност, мигот на настанувањето на нивната теорија е вистинско просветлување. Биографскиот аспект е исечок од нивниот живот во нивната најкреативна фаза, приказ на младиот Маркс (и Енгелс) од 24 години, до зрелиот, и веќе уморен Маркс во своите триесетти, настанувањето на своите први дела, преку состанувањето на „Комунистичкиот манифест” и најавувањето на потербата од генезата на „Капиталот”, кога Маркс е веќе уморен од пишување говори и памфлети, а има потерба од создавање на едно опстојно дело. Нема многу детали околу содржината на нивните дела, но тој аспект се претчуствува преку социјалниот контекст на нивното настанување или евентуално филмот се обраќа на оние кои веќе имаат некакво предзнаење за проблематиката, а оние пак кој го немаат, испровоцирани, останува да се запознаат. И покрај тоа што од така богат живот, во овие два часа се нафрлани многу аспекти, тоа не изгледа натрупано, конфузно или нејасно, туку има тек, кој преку случувањата и историските контексти ќе кулминира со настанувањето на Марксовото клучно дело.

The Young Karl Marx
The Young Karl Marx

Ова поднебје пред само неколку декади доста ја слушаше синтагмата “Макрс и Енгелс”, притоа немајќи реална претстава за што тоа навистина се работи, туку беспоговорно прифаќајќи култ кон одредена/и личност/и, воопшто не познавајќи ги нивните теориски перспективи, ниту пак позадината, уште помалку она за што тоа “Маркс и Енгелс” се залагале. Од друга страна, кога нашето општество го напушташе она што се нарекуваше самоуправен социјализам (како транзиција кон комунизмот – бескласното општество), системот кој следуваше, се потруди што побрзо тие имиња да се заборават или да се искомпромитираат со поврзување со одредени (претежно негативни) аспекти на системите во источните земји, кој реално и немаа многу врска со нивното изворно учење или целосно го искривуваа, па транзициските генерации веќе овие имиња ги знаеја само како завршена историја. Целата таа искривена перцепција може да се поправи со овој филм, прецизно лоцирајќи ги моментите кој во оваа слика ни недостасувале: нивниот живот, изворот на неправдата, нивните теории и моментот колку тие биле блиску до реализирање на тоа бескласно општество на кое го посветиле својот живот.

Тука доаѓаме и до клучниот аспект, актуелноста или историскиот миг, во кој нивното учење (и историско залагање) не само што е повторно актуелно, туку е и нужно потребно, за да го посочи мигот кога капитализмот, судејќи по социјалните трансформации, (евентуално) ги доживува можеби свои последни часови, прикажувајќи ја својата бруталност кон работникот на најсуров начин. Проблемот е што од тоа време, до денес (значи 165 години), работите не само што не се променети (кон подобро), туку се и влошени, до степен на неподносливост, земајќи ги предвид напредокот на технологијата, заштитата на работниците или нивните права. Само навидум некои аспекти се ублажени, замачкувајќи ги последиците, но експлоатацијата, причината, изворот на проблемот, се уште постојат, модифицирајќи го своето постоење, со тоа станувајќи незабележливи за работникот, кој привидно и навидум ужива одредени слободи, а се уште со својот труд го созадва вишокот на вредност САМО за капиталистот, сопственикот на капиталот, додека работникот се задоволува со трошките кој капиталистот ќе му ги фрли и секако со консумација на производите кој самиот ги произвел, но не ги поседува (!), со тоа учествувајќи во бесконечниот круг на пазарот и неговата инхерентна карактеристика – потребата за неограничена потрпошувачка и создавање на нови пазари.

Тоа што експлоатираните не се наоѓаат на развиениот запад, туку се затскриени во слободните економски зони на неразвиените источни земји (па на еден перфиден начин и југоисточна европа, читај Македонија), далеку од очите на просечниот консумент, не значи дека не постојат. Нашето потиснување на реалитетот на превртената парадигма на робовладетелството манифестирана во капитализмот, е поттикнато од лажната претстава за слободата на пазарот, laissez-faire, засилено со поривот за жестока консумација на новото, поттикната од манипулацијата на маркетингот кој создава лажни потреби. Комфорот и бесконечното трошење ресурси, како да ги има бесконечно, како модус на живеење.

Сите овие параметри не се прикажани експлицитно во филмот, но потребата од нивно посочување очигледно е нужна за да ја заокружиме сликата. Токму затоа (и бидејќи филмот е биографски, во спротивно би бил уште еден документарен филм, а тие аспекти и филозофијата би можеле да ги прочитате и во книга) кулминира на самиот крај, дури и по самиот крај, во одјавата, со документарна монтажа од одредени значајни случувања во ХХ век (Че, Берлинскиот ѕид, Нелсон Мандела, движењето Occupy, итн.), кои можеби не се директно инспирирани, но кореспондираат со учењето на Маркс, поточно со нашата стварност целосно обликувана од капитализмот, се уште, по толку време, обидувајќи се да ја променат експлоатираната положба на работникот или создавајќи еден целосно нов, похуман систем.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Тони Димитров
Музиката прикажана низ филм
Кон Skopje Cinema City – Фестивал на музички документарни филмови, 15-19 јуни,...
Повеќе
0 replies on “За работникот низ историјата и генезата на „Капиталот“”