Озгора азно, и оздола азно

Беседа изговорена на промоцијата на книгата „Внатрешни планини“ од Владимир Мартиновски

За „Внатрешни планини“ ќе почнам да зборувам однадвор, за тоа како изгледа книгата, затоа што вечерва не ја промовираме само поезијата на Влатко, туку ја промовираме книгата„Внатрешни планини“. А книгата сѐ уште подразбира хартија, подразбира допир, и подразбира мирис. Ни се паднало да живееме во доба на премин од хартија на екран, па на некои од нас сѐ уште ни значи какви се кориците и каква е хартијата на која е печатен текстот, како изгледаат буквите втиснати во хартијата, како мириса хартијата додека ги вртиме страниците. Не сум проверувал, ама верувам дека кога некогаш се преминувало од пергамент на хартија, пергаментчиите, носталгичарите на своето време, велеле: „Не, не, не е тоа-тоа, пергамент си е пергамент, подруг е филингот“. Книгите од хартија неминовно ќе исчезнат и ќе останат само како експонати по музеите, како што и денес има збирки со пергаменти по музеите и библиотеките, така што да им се радуваме на ваквите убави изданија, печатени на дебела рапава хартија. Сега дендрофилите сигурно негодуваат и викаат: а дрвјата, а дрвјата? Не знам, јас да сум дрво, би сакал во задгробниот живот да бидам хартија на која ќе има испечатено поезија.

Поезијата на Влатко е за мене прочистителна станица што калливата вода ја прави питка. Лечебна е, какви што ми се и разговорите со него, и воопшто бидувањето во негово присуство. Поезијата што ја пишува е таква каков што тој е или, барем, каков што јас го доживувам. Bonhomme. Човек кому му се радуваш што си го нашол на патот. Влатко со кавалите и со тамбурите, кој по непреспиена ноќ поезија,во која сме пееле и сме свиреле,се појавува насмеан во холот на хотел „Дрим“ и вели: „Ајде, дечки, кој е за на Јабланица?“

За мене е ова многу важно, иако порано на таа димензија на поезијата не ѝ обрнував внимание или, поточно, не бев за неа свесен. Ќе ја сменам фразата „озгора мазно, оздола азно“ во „озгора азно, оздола празно“ за да го кажам тоа што сакам да го кажам. Сфатив дека е многу важно дали тоа што се гледа упатува на нешто невидливо што навистина постои, дали емоцијата е стварна, дали болката е стварна, дали сликата е стварна, дали постои свет од каде што доаѓа таа поезија и дали упатува на свет, или е сѐ само обичен симулакрум, „озгора азно, оздола празно“. Кај Влатко е „озгора азно, и оздола азно“. Тоа што се гледа, тоа навистина и е.

unnamed-3-3

Има еден дар кај луѓето што создаваат уметност – каква и да е таа уметност, дури и да не се смета тоа за уметност, оти сѐ што е вдахнато е уметност – што го сметам за суштински: одвојувањето од себеси за да се види и да се доживее стварноста отстрана, како набљудувач. Тоа се постигнува на разни начини: со медитации, со свети билки, со шамански танци, а на некои луѓе им е дадено како дар со раѓањето, или како проклетство, не знам. Губењето себеси при создавањето, таа привидна смрт што ја нарекуваме симболична и што ја нарекуваме смрт за да ѝ дадеме мистичност во значењето и звучењето, а можеме да ја наречеме и заигрување, да ја наречеме детска игра, губење во песочното игралиште. Тоа е таа икаровска димензија на уметноста. Затоа Влатко толку лесно пишува, и затоа неговата поезија за мене е прочистувачка и лечебна.

И кога таа заиграност ќе се искомбинира со знаењето и ученоста што ја носи во себе, со вештината на пишувањето, со мајсторлакот, со дедалското во создавањето, со чувството за форма и питагорејската фасцинираност од броевите, и кога на тоа ќе се додаде неговиот незајадлив детски хумор и свесноста за општествениот ангажман и должноста кон заедничкото, оти во „Внатрешни планини“ го има и тоа, ќе се добие книгата што ја промовираме вечерва.

А јас сум благодарен и почестен што ми е дадено за неа да зборувам.

P.S. Во овој текст има измени во однос на изговорената беседа на промоцијата на „Внатрешни планини“, но суштината на двата текста е иста.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ѓоко Здравески
ФИЛИГРАНСКАТА МАЈСТОРИЈА НА РАСКАЖУВАЊЕТО
(За „Одбројување“ од Фросина Пармаковска)
Повеќе
0 replies on “Озгора азно, и оздола азно”