Предизвиците на мојот превод

Кога Филип Димевски од „Бегемот“ ми предложи да го преведувам романот „Рута Таненбаум“ од Миљенко Јерговиќ, веднаш со радост прифатив, иако не знаев ништо за книгата, а и од насловот не можев да одгатнам за што би можело се работи. Имав доверба во изборот на Филип, а чувството на радост беше помешано и со чувството на почестеност, но и со чувството на одговорност да се преведува Јерговиќ. Откако ја добив книгата, си ја потиснав љубопитноста и ја оставив за подоцна, оти си имав ветено дека тие денови посветено ќе работам на она што веќе го работев, магистерската теза „Феноменот логор во книжевноста, југословенско искуство“. Кога по неколку месеци, конечно, ја отворив „Рута Таненбаум“, се наежив од совпаѓањето на приказните, иако си помислив дека, можеби, и на Филип сум му досаѓал со моите логори, па токму затоа и ме одбрал за преведувач на оваа приказна.
Приказната за Рута Таненбаум се случува во триесеттите и во четириесеттите години во Загреб, во тогашното Кралство Југославија. Ликот на Рута Таненбаум во стварноста реферира на Леа Дојч, загрепска глумица со еврејско потекло, дете гениј, најмладиот член на Хрватскиот народен театар, која на сцената дебитира на петгодишна возраст. Леа Дојч умира на патот за Аушвиц на шеснаесет години. Јерговиќ во Appendix-от на крајот од романот објаснува дека приказната што ја раскажува е фиктивна и дека многу работи сменил во однос на историографската предлошка, ама, сепак, приказната за чудото од дете останува стожерна.
Но, не го пишувам овој предговор за предвреме да ви ја раскажам приказната, Миљенко Јерговиќ го има тоа маестрално направено, туку го пишувам за да објаснам некои свои преведувачки решенија. При преводот имав два големи предизвици.

ruta

Романот, во најголема мера, е пишуван на штокавски хрватски, но на многу места ликовите зборуваат кајкавски хрватски, а некаде тоа го прави и нараторот на Јерговиќ, кој често ја менува својата фокализација, односно призмата низ која ја раскажува приказната. За тие ситуации беше нужно да се најде отстапка од стандардниот македонски јазик, која барем приближно би одговарала на односот помеѓу штокавскиот и кајкавскиот хрватски. Проблемот е што во македонскиот јазик не постои толку голема разлика во наречјата како што е тоа во хрватскиот јазик, кој познава три дијалекти: штокавски, кајкавски и чакавски. Со оглед на тоа дека се работи за градски говор, се одлучив спроти македонскиот стандард да го поставам скопскиот говор што се зборувал во триесеттите и во четириесеттите години од минатиот век. Тука се соочив со уште еден проблем, кој е социолингвистички. Во оригиналот со кајкавскиот – пред сѐ, иако не исклучиво – се служат повисоките/ покултурните слоеви на општеството, а, со оглед на јазичната ксенофобија што постои во македонската средина, имав чувство дека употребата на србизми и морфонолошки форми карактеристични за српскиот јазик го снижува јазичниот стил и не се постигнува ефектот на повисок, салонски стил како во оригиналот. Како и да е, останав на таа одлука, па во говорот на ликовите, таму каде што во оригиналот се зборува кајкавски, во македонскиот превод ќе сретнете глаголи на -уе (купуе, се радуе и сл.), глаголи на -ва (одева, бева, сакава и сл.), потоа некаде, иако не докрај доследно, ќе ја сретнете штрбава заменката „што“ и заменките изведени од неа (ш’о, ниш’о, заш’о), наместо стандардното рака, маж или сабота, ќе сретнете рука, муж и субота, у наместо во, ќе сретнете србизми во лексиката (корак, прслук) итн. Некаде ова ќе звучи неприродно и неприспособено, но, напоменувам, суштината на ова решение, кое не е совршено, е да се означи сопоставеноста на двата јазични системи што постојат кај Јерговиќ.
Главна инспирација при користењето на скопскиот говор ми беа дедо Трајко и баба Роска, мајстор Андреа, дедо Петре, чика Поп, чика Перо Глумац и другите стари скопјани од серијалот „Досие Скопје“, но и старите скопјани што лично ги познавам. Забележав дека нивниот говор е шаренолик и дека секој си има свој личен идиолект, па тоа ми даде слобода да си играм малку и со говорот на ликовите.
Вториот голем предизвик е типичен за преводите од јазиците што не ги познаваат категориите определеност и прекажаност кај минатите времиња, а хрватскиот е еден од нив, па при преводот на неколку места требаше да одлучам дали ќе останам при определените минати времиња (аорист и имперфект) или ќе преминам на неопределеното минато време (перфект), кое кај нас има специфична употреба, а не воопштена како во хрватскиот, српскиот, рускиот, полскиот итн. Категоријата определеност, најпросто кажано, означува дали сакаме да определиме кога во минатото се случило дејството (Лани бев во Загреб), или просто само сакаме да кажеме дека дејството се случило, но не е важно кога (Сум бил во Загреб). Категоријата прекажаност, пак, ни кажува дали тој што раскажува ни раскажува од прва рака (Бев таму и видов), или ни прекажува (Ми јавија дека си бил во Загреб). Но, има и уште една многу важна карактеристика на ова неопределено минато време, а тоа е временската дистанција што се постигнува со раскажувањето. Ако нешто се случило некогаш или се случило многу одамна, тогаш најверојатно ќе оди во перфект (Си живеел некогаш еден цар…). А такви сопоставувања на настаните во овој роман и вметнати приказни во главната приказна има неколку, па затоа беше потребно да се биде буден при читањето и при преведувањето за да се пронајдат тие игри со глаголските времиња што во хрватскиот се речиси невидливи.
Толку имав да кажам како некакво себепојаснување или себеоправдување пред читателот што на македонски ќе ја чита оваа трогателна и прекрасно раскажана приказна. За Миљенко Јерговиќ само едно скидам капу, ш’о би рекле мие скопјани.