ПОЛНОЛЕТСТВО СО МНОГУ НОВОСТИ И РАДОСТИ

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со големо задоволство објавува дека годинава обележува 18 години од основањето, со над 100 нови наслови, нов визуелен идентитет, оригинална серија аксесоари и со најголеми попусти во досегашното постоење. Под слоганот „Испишуваме радости“, „Антолог“ предвидува целогодишна прослава на квалитетната литература.

„Полнолетството е радост! Тоа е момент кога сме на почеток од возбудливи животни поглавја и кога вртиме нова страница. Во очите на другите стануваме зрели, свои луѓе. Пред нас се отвораат нови светови и предизвици. Полнолетството е време на промени и на важни одлуки, време кога сегашноста добива вредност на иднина. Па, и малите чекори стануваат големи. Како чекорите на Малиот Принц или на Алиса од земјата на чудата“, велат од „Антолог“, и додаваат: „Така патуваше и ’Антолог‘ во изминатите 18 години, со чекори во кои е задржана детската ведрина и со дела што се репер за квалитет. Со текот на времето потврдивме дека сме омилената дестинација на сите што се ’зависни од книги‘ и посегаат кон сонцето и ѕвездите. Така и нашиот идентитет доживеа природна зрелост за следни височини и радости“.

solja

Богатата продукција од 100 нови наслови, ќе ги донесе на македонски делата од најважните светски и домашни автори од различни жанри, меѓу кои ќе се најдат и книги од: Светлана Алексиевич, Џејмс Дашнер, Рамиро Пиниља, Дејв Егерс, Алесандро Барико, Драгана Евтимова и Владимир Лукаш, Пер Улов Енквист, Александар Кујунџиски, Јуси Адлер-Олсен, Јусуф Сулејман, Магдалена Парис, Велко Неделковски, Карин Фосум, Луиз Пени, Хакан Несер, Станислав Лем, Џејн Хокинг, Игор Станојоски, Ленче Милошевска, Ѓоко Здравески, Ставре Џиков и многу други.

Дизајн решението на новото лого на издавачката куќа „Антолог“ е на Ирма Велковска. Логото ги спојува моливот и почетната буква на македонската азбука. Секој човек во своите почетни години влегува во светот на јазикот, како најважна алатка за комуникација. Од некој станува врвен писател, математичар, илустратор, наставник, а некој ја користи писменоста само на основно ниво. Сепак, во овој модерен свет без јазик и писменост нема живот. Токму затоа, моливот и почетната буква се обединети како симболична претстава на тоа дека „Сè почнува од Зборот“, од првата испишана линија, од првиот потег со моливот, од првонапишаната буква, од првиот збор.

notes_1

Со таа цел секој купувач во Книжевниот центар „Антолог“ ќе добие моливче на подарок, за да испише нови животни и книжевни страници со него.

Под новото лого ќе биде претставена и цела серија производи за уживање во читањето и во миговите поминати со книга: обични и магнетни разделници, нотеси, шолји, торбички, подлошки за чаши, беџови.

Линијата аксесоари се реализирани во соработка со креативното студио „Тиноски“, препознатливо по уникатните рачноцртани шолји за кафе и други креативни персонализирани подароци. За време на досегашната работа, „Тиноски“ стои и зад брендираните материјали на повеќе докажани компании, а соработката со „Антолог“ е нова дестинација на тој пат.

torba

Во чест на полнолетството и на ребрендирањето, „Антолог“ оваа година на Саемот за книга на читателите ќе им понуди книги по најдостапни цени досега. Најубавите книги за деца, тинејџери, возрасни и за сите други генерации читатели „зависни од книги“ ќе бидат со вистински попусти до 70%.

– Ве чекаме на саем – додаваат од „Антолог“.

Katalog