МОЌНИОТ КРАЈ СЕ КРАСИ САМИОТ СЕБЕ

Кон филмот „Сојузници“ ("Allied") од 2016 год. на режисерот Роберт Земекис (Robert Zemeckis), Синеплекс, Скопје

Холивудскиот хит „Сојузници“ (Allied) на режисерот Роберт Земекис (Robert Zemeckis) просто агресивно се најавуваше и рекламираше кај нас во Македонија. Долго се одржа на репертоарот на најголемото комерцијално кино во Скопје, Синеплекс, а и често имаше проекции. Претпоставувам дека најголемата причина за тоа беше фактот што познатиот и посакуван Бред Пит (Brad Pitt) ја игра главната улога, поголема и од фактот што филмот е ново остварување на режисерот/сценаристот/продуцентот на трите дела на „Враќање во иднината“ (Back to the Future, Back to the Future Part II, Back to the Future Part III), но и на многу други култни филмови, како на пример: црната комедија „Смртта ѝ прилега“ (Death Becomes Her) од 1992 година, драмата „Форест Гамп“ (Forrest Gump) од 1994 година, хоророт „Куќа на проколнатиот рид“ (House on Haunted Hill) од 1999 година, „Бродолом на животот“ (Cast Away) од 2000 година, во кој Земекис повторно соработува со Том Хенкс (Tom Hanks), психолошкиот хорор-трилер „Готика“ (Gothika) од 2003 година, екранизацијата на англо-саксонскиот еп „Беовулф“ (Beowulf) од 2007 година… Очигледно е дека станува збор за автор долго време присутен на филмската сцена кој работи разновидни жанрови.

Меѓутоа, се покажа дека неговиот најнов хит, воено-романтичниот трилер „Сојузници“, не котира така високо (барем не кај критичарите/ките). И покрај големата заработка на боксофисот, филмот доби мешани критики, вклучително и незадоволителни. Дека овој филмски хит и не е така хит, делумно и срамежливо се насетува и по номинациите за награди. Имено, за филмските награди „Избор на критиката“ (“Critics’ Choice Movie Awards”), „Кругот на жените филмски критичарки“ (“Women Film Critics Circle”) и неколку глобални други, филмот е номиниран во категориите за најдобра костимографија, најдобар дизајн на продукција, најдобри споредни и придружни визуелни ефекти, најдобар звук и во категоријата за најдобар филмски пар и за најдобра еднаквост на половите. Очигледно е дека недостасуваат номинациите за најдобо режисерско остварување и за најдобра машка/женска главна улога. Всушност, номинациите за наградите кои ги добива овој филм се однесуваат на професионалното око на филмските работници/чки, но не и на мрзливото око на публиката жедна за забава и катарза. Не сум убедена дека холивудската продукција и публиката навлечена на неа е подготвена и желна за нешто поинакво, најмалку за нешто посуштинско и подлабоко. Но Земекис, како што утврдивме, не е новајлија на филмската сцена и добро знае што е она што ја привлекува масовната публика – славни актери и актерки и нападни и раскошни визуелни ефекти.

ALIADOS-poster

И токму тие се темелите на „Сојузници“: славната актерска екипа – Бред Пит и Марион Котилард (Marion Cotillard) – и визуелните ефекти, плус – мелодраматичната трагика, која без исклучок „пали“ кај публиката. Тоа го истакнува и Стив Дејвис (Steve Davis) од „Остриан Кроникл“ (“Austin Chronicle”) кога вели дека „Сојузници“ е „голем филм: големи актери/ки, големи емоции, големи потфати, големи експлозии и голема збрка“. Од друга страна, Питер Треверс (Peter Travers) од „Ролинг стоун“ (“Rolling Stone”) пишува дека актерската двојка не успеала да запали ни мала искра од своите актерски способности. Се поставува прашањето: зарем навистина е филмот толку лош, што не може ни актерите/ките да го покажат својот потенцијал во него? Овде доаѓаме до проблемот на сценариото. Сценариото е она што е столбот на филмот, неговата појдовна и завшна точка. Добро сценарио генерира добар филм, лошо сценарио генерира лош, евентуално, со исклучително добра режија, просечен филм. Ричард Броди (Richard Brody) од „Њујоркер“ (“New Yorker”) отворено му забележува на сценаристот Стивен Најт (Steven Knight) – најдобро познат по сценариото на гангстерскиот филм „Источни ветувања“ (“Eastern Promises”) – за сценариото. Како и Броди, така и Стефани Закерек (Stephanie Zacharek) од „Тајм“ (“Time”) упатува на некреативноста на исклишираното и интертекстуално цитатното сценарио. Според неа, алузијата со филмската класика „Казабланка“ (Casablanca) е очигледна. Таа вели дека оваа воена романса му послужила на Најт како „јасен модел и муза“. Понатаму, забележува и дека филмските дијалози се „едноставни и нединамични“, а згора на тоа и предвидливи. Меѓутоа, според неа, и покрај тоа, финалниот ефект е сепак катарзично изненадувачки. И Маргот Харисон (Margot Harrison) од „Вермонтс индипендент воис“ (“Vermont’s Independent Voice”) забележува со папочната поврзаност со овој претходник, но и со уште еден друг претходник од истиот жанр – „Англискиот пациент“ (The English Patient). Негативностите на оваа нездрава интертекстуална врска што Харисон ги забележува се предупредувањето на „препродавањето на клишеата“ (“trafficking in clichés”). Таа дури обвинува и дека акцентот е ставен на надмудрувањата помеѓу машката и женската главна улога наместо на романтиката што се случува меѓу нив (сепак станува збор за романтична мелодрама). Харисон е без влакна на јазикот и го нарекува филмот сапуница!

Она што мене лично највеќе ме загрижува кај холивудската продукција е недоволното внимание посветено на ликовите, како и нивното стереотипно родово обележување. Конкретно во „Сојузници“ ликовите се навистина бледи. Публиката не може воопшто да допре, ниту да насети, ништо од нивната енергија, мисли, чувства, карактер… Главните ликови се така добро „исполирани“ од „недостатоците“, та недостасува нивната реална несовршеност. Нивната нечовечка совршеност им наметнува и на актерот и актерката некакваси вештачка и тапа глума лишена од секакви емоционални вокални, вербални и телесни изливи. Многу досадно за гледање! Дури и наративот на филмот е таков. Публиката е принудена да потроши 40 минути зјапање во екранот за конечно да почне филмот! Долг филм – нешто повеќе од 2 часа, но сосема непотребно. Заплет недоволно обработен и содржина која лесно може да се компресира во многу ефектен краток филм – директно во целта, без повторувања и навраќања кон истото.

Единствената светла точка од филмот ми беше крајот. Трагичен и катарзичен по природа, со голем набој на патетика, барем укажува на безрезервната и безусловната љубов на мајката. Еден од ретките стеротипи на денешен Холивуд – радикалната пожртвуваност на мајката – филмот само едно скалило отскокнува од деградирачката слика што Холивуд ја создава за современата жена и жените низ историјата. Иако филмот има рамноправен и избалансиран поглед кон главната машка и женска улога не само како актерска улога туку и како машка и женска општествена и родова улога, сепак крајот сугерира поинаку – дека колку и да станува збор за родова рамносправност во различни контексти едниот пол претежнува повеќе; во конкретниов случај полот претежна на страната на мајчинството наспроти силната љубов кон партнерот/ката.

И покрај сите недостатоци, токму заради крајот вреди да се изгледа филмот, иако, морам да признаам, дека филмот не ја потрдува изреката дека „крајот го краси делото“; во овој случај, моќниот крај си се краси самиот себе и никако не може да го „извади“ целото дело со сите негови недостатоци. Свесна сум дека и покрај сите зборови на критиката, овој филм, како и секој претходен и иден филм со главна улога на Бред Пит, уште долго ќе ги полни кино-салите. Публиката ќе ужива во ефектите, во јасната (но сиромашна) фотографија, во илузијата за силна и искрена љубов што, за жал, на многу врски и бракови им фали денес. И сите ќе бидеме принудени да уживаме во новата технологија на филмот што украсува ветви содржини, и сите во очекување на некоја нова свежина…

movie-918655_1280

Консултирани електронски единици

Brody, Richard. In “Allied,” Empty Nostalgia for American Heroes. http://www.newyorker.com/culture/richard-brody/in-allied-empty-nostalgia-for-american-heroes. (пристапно на 2. февруари 2017)

Davis, Steve. Allied. http://www.austinchronicle.com/calendar/film/2016-11-23/allied/. (пристапно на 2. февруари 2017)

Harrison, Margot. Allied. http://www.sevendaysvt.com/vermont/allied/Content?oid=3855111. (пристапно на 2. февруари 2017)

Travers, Peter. ‘Allied’ Review: Brad Pitt’s WWII Romance-Thriller Is Dapper, D.O.A. http://www.rollingstone.com/movies/reviews/peter-travers-allied-movie-review-w451688. (пристапно на 2. февруари 2017)

Zacharek, Stephanie. Review: With Allied, the Old-School Wartime Melodrama Enters the Modern Age. http://time.com/4577019/allied-movie-review/. (пристапно на 2. февруари 2017)

Тагови од објавата
Напишано од
More from Елена Пренџова
ТАЈНАТА НА УБАВИНАТА НА АНИМАЦИЈАТА
Кон филмот Тајната на Келската книга (The Secret of Kells), 2009 година.
Повеќе
0 replies on “МОЌНИОТ КРАЈ СЕ КРАСИ САМИОТ СЕБЕ”