Без наслов

Најкуси или куси куси раскази.

*

Како преку ноќ да ја сменивме температурата на собата. Не знам дали ти или јас заборавивме на дрвата. Не е важно. Ладно е. Ниту ти, ниту пак јас не сакам да го заложам огнот. Лежиме во постела, ти на едната, јас на другата страна. Ладно е. Но, ниту ти, ниту пак јас не се доближува до другиот да се стопли, ниту пак префрла зедничко ќебе. Лежиме така, ти на едната, јас на другата страна. Од радиото доаѓа I Just Want to Make Love to You, на Paul Rodger. Се слуша и некој коментар на водителот, па почнува некоја друга песна. Продолжуваме да лежиме. Ти стануваш прв. Викенд е и треба да одиш кај твоите. Слушам како заклучуваш. Станувам се подготвувам, отклучувам и заклучувам пак. Собата останува ладна. Во каминот останало да тлее само едно мало скоро невидливо жарче.

Кафе и Бог

Нејзе ја сакаш како што го сакаш Бог. Мене како своето омилено кафе.
Тоа би требало да биде завршена приказна составена од две реченици. Но приказната не сака да заврши сега. Не се откажува од своето минато, а љубопитна е за својата иднина. А нема ни минато, а уште помалку иднина. Постои во тоа сега во кое почнува и завршува, тоа е нејзиното минато и иднина. Ниту ја интересира кафето, а камоли Бог. Не ги разбира. Кафето и е премногу конкретно, Бог премногу апстрактен.
Стои приказната на страниците од весникот, со по некој читател кој ја заборава веднаш по првата нотификација на телефон. После некое време нема ни читатели.
Весникот завршува на улица. Само ветерот уште ја разлистува приказната, но на еден негов посилен налет се кинат страниците на кои постоеше. Таа се губи.
Одеднаш кафето станува апстрактно, а Бог конкретен.

coffee-968849_1280

Нашата приказнa

Посакувам нашата приказна веќе да е напишана. Да можам да ја читам, како што ги читам и другите приказни. Да ги прочитам сите наши зборови и молкот помеѓу нив. Да читам за нашата прва средба, за брчките на твојот лик и како тие ќе се менуваат во тек на раскажувањето. Посебно интересни ќе ми бидат заплетот и расплетот. Секако ќе ги има повеќе. Љубопитна сум и за имињата со кои ќе ме нарекуваш, особено кога ќе ме соблекуваш. Тоа ќе бидат имињата на твоите жени од минатото, сегашноста и иднината. Знам единствено дека на крајот на нашата приказна ќе те замолам да го заборавиш моето име. ‘Те молам заборави го моето име’ – ти велам, ‘само така ќе сум слободна’.

Тагови од објавата
More from Мерсиха Исмајлоска
Кадер Абдолах, персискиот ткајач на книжевни килими
Тој ткаач на персиски книжевни килими, вткајува и универзум, суптилно градејќи го...
Повеќе
0 replies on “Без наслов”