Дланка полна бои

ДА! ДА! ДА! Врескаше Сувен од дното на душата.

Сувен жестоко мешаше во садовите, ги мешаше боите и чувствата, лута што мајка ѝ бара толку многу од неа и бесна што нема храброст да ѝ рече: „Остави ме намира! Мојот живот си е моја работа. Ти си имаш твој, а јас си имам свој! Зошто децата треба да бидат вечни заробеници на збрката што ја направиле родителите? Само така ли ќе бидат потомци?“
Но не се обиде да одговори на своите прашања и, наместо тоа, се сосредоточи на долгиот жолт црв што излегуваше додека ја притискаше тубата со боја и внимателно го мешаше со сината додека не доби темнозелена. Помислата на уште една караница со мајка ѝ ја исполни со презир. Целиот свој живот сакаше да избега од канџите на матката. Да ѝ ја врати на мајка си целата благодарност што ја сакаше и да нема веќе никаква работа со неа.
„Значи, ти мислиш дека само ти си таа што страда? Само ти на светов имаш проблеми?“, настојуваше мајка ѝ со својот самоправеднички кантонски глас. „Што не сум направила за тебе како мајка? Да не немаше доволно за облекување? Или за јадење? Или добро образование? И сега сакаш да побегнеш? По сите овие години! Сега се жалиш. Сега кога пансионот пропаѓа! Удираш по коњот кога е мртов! Но ти кажувам! Беше пијан. Не знаеше што прави! Не сакам да го оправдам. Ама размисли малку. Само тогаш беше, нели е така? А потоа, ништо! И ти замина, а тој плати за твоето образование во Англија. Што сакаш повеќе? Да не не те третираше како ќерка? Ах, колку брзо забораваш! Пред да се случи тоа, да не не те носеше на кино? Или на пливање? А јас бев таа што го натера. Кога се омажив за него, му кажав за ќерка ми. И му реков, мора да ја третираш како своја ќерка. Јас, мајка ти, мислев на тебе! А дали ти некогаш си помислила на мене? Оди си! Остави ме ако мораш! Со две раце и со две нозе, да не мислиш дека сум беспомошна? Во кантонската опера секогаш велевме, кога ќе му умре коњот на човекот, тој ќе научи да оди! Може да си одиш. Нема да те обвинам! Ама не обвинувај ме ни ти мене! Кој те тераше да ја оставиш вратата од спалната отворена? Не можеш мене да ме обвиниш за тоа! Ти реков, не еднаш, илјадапати ти реков. Уште кога дојде да живееш овде. Ова е голем пансион, реков. Заклучувај ја вратата од спалната навечер, ти реков. Никогаш не знаеш што може да се случи. А не беше поради тоа што не си негова крв и месо. Дури и во весниците има статии за луѓе, како оној таксистот! А двете девојчиња му биле ќерки! Некои мажи се како животни. Секогаш бараат една работа! И само една! Срцето на мажот е остро како игла во океанот – ќе те боцне кога најмалку очекуваш. Веќе беше голема. Мора да се штитиш. Мајка ти не може да биде со тебе цело време. Да ме слушаше, ништо такво немаше да се случи. Имам право или немам?“

painting-911804_1280

ДА! ДА! ДА! Врескаше Сувен од дното на душата. „Да не мислиш дека јас сакав тоа да се случи? Дека јас му ја оставив вратата отворена? Намерно? Ги кажуваш овие работи само затоа што си одам!“
„Знам дека си одиш. Сега кога имаш крилја и пердуви, подготвена си да одлеташ. Ама јас имам и друга ќерка! Им благодарам на боговите за тоа! Сулин ќе остане со мене. Не сум беспомошна како што мислиш! Но запомни! Јас не те напуштив кога беше млада и беспомошна! Се вратив на фармата за да те земам. Лесно можев да те оставам таму да пораснеш како свињарка! Многу мајки ги оставаат девојчињата што не ги сакаат! Ах! Денеска научив горчлива лекција. Никогаш, ама никогаш не треба да бидеш толку одговорна. Твојата крв и месо нема да те ценат. Робував сите овие години. И, за што? Кажи ми! Само за себе? Живеев сама и работев сама. Татко ти ме остави! Потоа, дојде тој и сакаше да ме земе за жена. Дури се согласи да те земе и тебе. Што повеќе можев да барам? Барем еднаш помисли на мене! На мајка ти, оперската актерка што старее. Кој сака да се ожени со стара оперска актерка? Мислиш дека ми беше лесно да најдам маж што ќе ми даде дом? Жена со ќерка од друг маж? Кој ја знае мојата болка? Младите знаат само да се жалат и да негодуваат. Ги разбираат ли старите? Ни ти не си многу млада! Ама тоа си е твој проблем. Водата тече надолу, никогаш нагоре. Благодарност! Ха! Не надевај се многу!“
Зборовите на мајка ѝ течеа со таков реторички замав и жестина што немаше одбрана против буицата. Поговорка по поговорка, фраза по фраза од класичната кинеска книжевност и опери ја удираа како касетни бомби и ја испуштаа својата леплива пајажина од вина веднаш штом ќе го допреа нејзиното тело. Како да ги отфрли мајчините обвинувања и да ѝ ги објасни работите на кантонски? Дури и на англиски на Сувен ѝ беше тешко да ги искаже чувствата со зборови.
Многу почесто сликаше. Сликаше како што чувствуваше и чувствуваше како што сликаше, ги пополнуваше големите апстрактни простори со бои. Водена од трескавичен немир, подигната од внатрешна музика, раката сликаше светло и сенка, линии и форми, бои и текстури, со нееднакви и непланирани потези, вознемирениот дух копнееше по леснотијата на лишувањето, бездомништвото и самотијата. Да биде слободна да ја бара чистата форма. Слободна да слика на платното што го дефинираше и да страда од самотијата што ја избираше.
За другите беше уметница со голем потенцијал, но за себе беше само голема празнина. Аморфно битие на закржлавени сништа и копнежи. Но, во некои ретки моменти на интензивно, луцидно создание, кога сликаше сама, безбројните сништа и копнежи се сплотуваа како бои што се засенуваа, се мешаа и спојуваа, така што за момент една целосна, едноставна и единствена личност, уметницата, сликаше со целосна контрола, со целосна внесеност и целосност на своите уметнички моќи. Ја движеше четката како да ѝ беше продолжение на раката; рацете како продолжение на волјата; волјата, израз на нејзиното битие – Сувен. Стоеше пред своето платно, возвишена и осамена.
Тогаш се сети на отворањето на предната врата со тивок клик тој судбоносен ден. Пред години. А таа го крена погледот од сликата. Најверојатно е слугинката, си помисли, сите други отидоа во храмот.

happy-painting-1737730_1280

„Си Чеј!“
Се скамени од звукот на неговиот глас. Тој се вратил. Но ниедна од слугинките не беше дома. Таа требаше да го служи. Не, не, не, се потсети на паниката што ја обзеде. Ќе ја заклучи вратата од спалната.
„Вен, донеси ми нешто за пиење“.
Тој веќе стоеше на прагот од нејзината соба. Влезе во собата, блед и исцрпен. Одмавна со раката додека ја раскопчуваше кошулата. „Оди долу и донеси ми нешто за пиење“.
Се врати со чаша ладна вода и го најде испружен на нејзиниот кревет, со затворени очи. „Кхм, пијалакот“, се накашла, невешто држејќи ја чашата. Кога се исправи, забележа дека патентот му е откопчан. Го сврте погледот кога тој ја зеде чашата, ја зграби за раката и ја повлече кон себе. Таа преташе и удираше. Чашата се распарчи на безброј парчиња. Ја зграби за градите и ѝ ги стискаше додека се обидуваше да ги стави грешните усни на нејзините. Таа му го гребеше лицето како дива мачка и го турна на креветот. Потоа, истрча во бањата и ја заклучи вратата, додека срцето болно ѝ биеше. Се обиде да вреска, но гласот не ѝ излегуваше од грлото. Стравот ја давеше. Тој беше животно. Ѕвер! Воздухот тежеше од неговите срамни гровтања и фучења. Таа ја напика стиснатата тупаница во устата и загриза силно. Не сакаше да плаче. Одбиваше да плаче. Чекаше зад заклучената врата. Кога слушна дека неговиот автомобил си отиде, излезе од бањата, седна зашеметена пред платното и како месечар се врати на тоа што го работеше. Седеше така додека минутите минуваа, со очи како две темни езера со немерлива длабочина, со безличност, без мисли и без чувства, замандалена од волјата што одбиваше да плаче. Без да гледа, ги земаше тубите со бои и ги размачкуваше по платното, една линија со црвена боја, темноцрвена. Па една линија сина. Светлосина, небесна. Ги расфрла четките како затвореникот своите окови и почна да ја размачкува бојата бесно со рацете. Го размачкуваше платното за да ги покрие темните, мрачни простори во својот ум, постојано уништувајќи ја омразената сцена пред себе со бесна, грозничава итност. Ги затнуваше зинатите рани. Го покриваше гнојот. Размачкуваше, па разнесуваше, па мазнеше. Очите не гледаа ништо. Мозокот не мислеше ништо.

Ништо. Ништо. Ништо.
Тоа е патот на мирот.
Мир. Мир. Мир.
Ништо. Ништо. Ништо.

Тагови од објавата
One reply on “Дланка полна бои”