Во манирот на најдобрите трилер романи

Кон „Пустинската змија од Гиза“ од Илија Магденоски

Intro:
Почитувани гости, еве нѐ вечерва на промоцијата на првенчето на Илија Магденоски, неговиот роман „Пустинската змија од Гиза“, еден многу интересен роман кој плени со секоја помината страница. Поради голем наплив од квази-трилери и квази-историски предлошки кои од вистински приказни прават шунд, целата светска, па така и нашата национална литература е преплавена со евтини трилери кои речиси и да не познаваат реална разврска односно расплет и не нѐ оставаат воопшто задоволни, помалку збунети, а уште помалку заинтригирани за следно парче возбуда. За среќа, овој роман не е од тие. Уште од самиот почеток приказната вози толку добро, што при првото читање човек ќе мине барем осумдесетина страници пред да крене глава од книгата и да рече: Еј, се зачитав, мајку му стара… За разлика од сите други трилери со кои ме опсипани, а кои носат критика небаре дадена од Њујорк тајмс, а имаат корица како извадена од детска сликовница „Маша и медвед“ или „Барби оди на шопинг“ графичка обработка и слика на авторот како да е излезен од евтина бонбониера од бивша СФРЈ, екипата на издавачката куќа „Антолог“ се погрижила за одлична фотографија од бедуински јавачи покрај пирамида во чиј поглед и „оутвер“ се согледуваат традицијата и модерниот жиг испреплетени во една носталгична симбиоза на Блискиот Исток во комбинација со Индијана Џонс и Џејсон Борн. Тоа што е во рамките на текстот зад кориците е исто така добро осмислен и квалитетно изграден политички-акционен трилер со многу „клифхенгери“. Морав вака вештачки да го македонизирам овој американски израз кој означува миг во приказната, серијата или филмот кога читателот или гледачот доаѓа до крај на една епизода од делото и таму е оставен со дилема и неизвеснот, дали ликот ќе прееживее, дали ќе се спаси, дали ќе успее во мисијата… Магденоски толку добро ја води приказната во неговиот роман „Пустинската змија од Гиза“ што дури и ретките неофицијални раздели во книгата нѐ тераат да „мавнеме“ уште десетина, дваесетина страници и по неколку вакви компромиси со гладниот читателски апетит, веќе целиот роман е совладан. Овој роман брзо се чита не затоа што е напишан лесно и преџвакано, туку затоа што е интересен и акционен во секој миг. Ова не е роман што би го препорачал за читање на плажа, бидејќи уште првото попладне по неговото читање и препрочитување, ќе барате уште акција и уште возбуда. Ова е воедно и прв јавен повик до авторот повторно да се зафати со пишување на ваков роман. Сега по воведот би сакал да одиме побавно и од почеток.

dsc_0069-500x500

Една теориска алатка

Во литературната наука, еден од најпознатите теоретичари Ролан Барт се повикува на двајца негови „литературни колеги“ Клод Бремон и Томашевски од аспект на најкарактеристичките единици во едно дело. Имено тој изделува две групи на единици, а тоа се: функции или кардинални функции или јадра и втората група индиции или известители. Имињата според него не се ни толку важни. Важна е нивната улога. Функциите или јадрата се сите активни делови во приказната. Моментот на експлозија, патување, убивање, самиот чин на притискање бомба, излегување од затвор, давење на човек и сл., а индициите се пак напротив момент на одмор како: небитен разговор со кафе, јадење локум што ни упатува на традиција, ориент, момент на пиење виски, како што има во романот, што означува и висок статус или најценето гостопримство, или опитен човек со висока репутација. Значи првите единици: кардиналните функции или јадрата се основата на приказната, од нив зависи целиот расплет и целиот крај на делото и тие одговараат на глаголи од граматичка гледна точка. Тие дејствуваат, тие се активни, тие ја развиваат приказната. А другите пак се индиции, тие се места за одморање, тие се место за да се наполнат ликовите, тие се придавки. Го доопишуваат ликот. Му придаваат карактеристики и придонесуваат за атмосфера. Кога се опишуваат кај Магденоски, тесните улички во Египет и Јордан со многу пазар и скриени соби, значи се спрема нешто тајно и интригантно. Ако се опишуваат ископани ровови, тајни песочни ходници и лица со покриено лице опремени со автомати и бомби, сигурно не сме во циркус или на роденденска забава, туку сме во терористичка ќелија или штаб. Мајсторството во овој роман на Магденоски доаѓа од тоа што кај него овие кардинални функции, значи активните дејствија се до толку потенцирани што романот оди многу динамично, непредвидливо, со многу акција и неизвесност, наспроти индициите кои се само на некои места присутни и затоа романот не е здодевен. Иако во литературата има и обратни примери. Малку акција, а многу описи, па романот бара бавно читање и еден попасивен однос кон светот и човековата природа. За среќа. Илија Магдеонски добро го прочитал современиот читател дека сака акција, сака веднаш, дека веднаш сака акција без непотребни застанувања и описи кои изгледаат како нагли кочења при возење на брз спортски автомобил.

dsc_0065-500x500

Тријада или за една духовна генеалогија

Романот на Магденоски е напишан во манирот на најдобрите крими и трилер романи и особено потсетува според некои моменти на литературната оставштина од Јан Флеминг, познат писател и пред сѐ соработник на англиските тајни служби и идејниот творец на ликот на Џејмс Бонд. Не верувам дека меѓу нас тука има барем еден кој не гледал некој филм за Џејмс Бонд, итриот, шармантниот, непобедливиот и фасцинантен таен агент 007 кој го спасува светот од странските милитантни групи, терористички мрежи и ексцентрични мегаломани со психички проблеми поврзани со наполеоновски синдром и желба за светска доминација. Малкумина знаат дека ликот на Џејмс Бонд, писателот Јан Флеминг го креира според палета ликови со кои соработувал како таен агент, а исто така и некои кои што ги следел. Еден од нив е и Србинот Душко Попов, роден во Белград од богати родители индустријалци, а подоцна живеел во Дубровник. Душко Попов станува двоен агент за време на Втората светска војна, давајќи им лажни информации на нацистите, а предупредувајќи ги англиските и американските тајни служби и војски за плановите на нацистичката тајна служба Абвер и Хитлер. Малкумина историчари го наведуваат фактот дека Душко Попов го предупредува тогашниот претседател на ФБИ Џеј Едгар Хувер за плановите на јапонската авијација да го нападен Перл Харбор, напад кој директно ќе ги инволвира Соединетите Американски Држави во Втората светска војна и ќе го смени текот на истата. Уште една точка на пресврт е и „Денот Д“ – нападот на Нормандија кога Хитлеровата војска дефинитивно го насетува поразот. Заслугата е повторно на Душко Попов кој им дава лажни информации на германските служби дека американските војски ќе се прикотват во градот Кале, а не во Нормандија. Од каде сега оваа навидум вештачка тријада? Токму поради фактот дека во романот на Магденоски има двојни агенти, постојат лица со таен идентитет што се повикани да работат на скриени задачи, иако официјално престојуваат во земјите на Блискиот исток како обични работници (или дипломати), ја гледам сличноста на ликовите на Магденоски во комбинација со еден Бонд и со еден Џејсон Борн. Токму и тоа е дел од мојот импресионистички книжевен пристап. Ги сакам и ги следам филмовите за Џејмс Бонд и Џејсон Борн и овој роман е едно одлично четиво за заљубениците во ваквиот тип романи. Плејада од терористи, агенти, дипломати, заинтересирани странки провејуваат низ романот и секој од нив има подеднакво шанси да успее или да биде поразен во својата мисија. Почнувајќи од Македонецот на тајна служба Ѓорѓија, па сѐ до Мустафа и Амин кои се борат за своите каузи. Не би сакал да издавам делови од романот, популарно речено „не сакам спојлери“, па затоа и вам нема да ви ги откријам главните нешта во романот туку само ќе упатам при читањето да внимавате на двете приказни кои се поврзуваат во неколку точки. Средбата на Истокот и Западот, Ориентот и Окцидентот во едно испреплетено нешто. Вечната борба на доброто и злото, преку различните ликови. Повторна ќе направам паралела на Душко Попов и Јан Флеминг и нивната борба против нацизмот и фашизмот со Магденоски кој преку своите ликови се бори со ектремниот фундаментализам и тероризам, притоа не заземајќи фанатично страна на „крстоносец“ и светски полицаец. Успева објективно и рационално да ги објасни и „оправда“ и двете страни. И страната на фундаменталистите и страната на борците против истата. Неговите ликови и покрај динамичноста на дејствието се полнокрвно дадени и објаснети, се разбира без здодевни описи што би ја забавиле акцијата. Од тие причини сметам дека Илија Магденоски мошне добро ги познава карактеристиките и состојките на модерниот трилер како во книжевна, така и во филмувана форма и умее брзо да ја префрла „топката“ при раскажувањето од еден фокус во друг.

dsc_0015-500x500

Outro и предлог

Најтопло го препорачувам овој роман кој ќе ве забавува, ќе ве држи напнати до самиот крај и роман кој дефинитивно заслужува да биде филмуван. Иако ова е негов прв роман, негов прв обид да се етаблира на книжевната сцена, Магденоски пишува користејќи „филмски кадри“ во текстот. За сето време на читање многу лесно можете да ја визуелизирате Македонија на почетокот на милениумов, но и Египет, тесните улички на Каиро и Истанбул, и останатите места кои тука не ги откривам за да имате максимално уживање. Нека оваа моја кратка рецензија биде трејлер за филмот кој допрва чека да биде снимен или пак нека ова биде ввториот јавен повик до Магденоски во најскоро време да ни понуди нов уште повозбудлив роман. Со нетрпение ќе го очекувам а овде и сега ви честитам за овој роман.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Душко Крстевски
За еден посебен тип на зборовно фрескосликање
кон збирката раскази „Фрески и гротески“ од Венко Андоновски
Повеќе
One reply on “Во манирот на најдобрите трилер романи”