ЈАЗИКОТ КАКО КАТЕГОРИЈА НА ИДЕНТИТЕТОТ

Во поезијата на Саме Лимани Жарноски

„Јазикот е нашата татковина“ рекол еден голем поет, а таа мисла е сосема во духот на поетското творештво на Саме Лимани Жарноски. Јазикот во поезијата на Жарноски е специфичен, богат, продуховен, со боите, мирисите и атмосферата од Реканскиот крај, кој дише преку неговата поезија, а неговата поезија стана синоним за убавините и за судбината на Река. Јазикот е нашата татковина, бидејќи во него е скриено битието на народот, неговиот стремеж кон самопотврдување, кон сферите на духовното и уметноста кои се во корените на секоја национална култура.
Така, јазикот станува еден вид идентитетска категоризација, посебно пречистениот поетски јазик кој може до најситните детали да го долови индивидуалното и националното чувство, единечното и општото кои се тесно поврзани со суштината на човековата егзистенција. А токму таа егзистенција ја слика Саме Жарноски, егзистенцијата и опстојувањето на народот, сликајќи ги на тој начин сите патила и премрежја низ кои минувал народот, посебно од тој дел на нашата татковина. Затоа, денес е се уште валидна мислата искажана за него и за неговото творештво од еден негов толкувач, дека тој на најдобар можен начин го опишал македонскиот народ, посебно Македонците муслимани кои живеат во прекрасните рекански предели со рајска убавина, но и со многу историски и човечки трауми кои со векови биле присутни.
Саме Лимани Жарноски е роден 1935 година во село Жировница во Долна Река. Речиси сиот свој живот го поминал во родното место, каде што бил учител, пишувал поезија, а во родната Жировница и починал во 2007 година. Тој дебитирал во 1970 година со книгата поезија „Распукани бигори“. Потоа следуваат петнаесетина книги, меѓу кои ги изделувам и следните стихозбирки „Искри на изгасната пепел“ (1971), „Не грачи, тажна птицо“ (1973), „Цибрини и солзи“ (1976), „Долината на луњите и љубовта“ (1981), „Завеани врвици“ (1983), „Интимна исповед пред разурнатиот храм“ (2000), „Тишина, бол и крикови“ (2003), „Гавраните – немаат наситка“ (2007), и др. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија од 1971 година, а 2013 година при одржувањето на манифестцијата „Жировнички писок“ што го организира Сојузот на Македонците со исламска религија, поставена е спомен-плоча на неговата родна куќа во Жировница.
Поетскиот јазик на Саме Жарноски има богата симболичко-метафоричка структура која е поврзана со поднебјето, човековиот стремеж да се потврди себе си како хумано битие, но кое е неразделно од природата која е алфа и омега на сиот живот, посебно во Реканскиот крај. Таму убавините имаат една своја митолошка димензија, кои го следат човекот од неговото раѓање, па се до смртта. Тоа е крај во кој се испреплетени духовното и природното, стварното и имагинативното, сетилното и рационалното, како длабоко, филозофско-поетско промислување на животот. А животот на Македонецот, посебно од тој крај, во основата го има хероизмот на опстојувањето и издржливоста, но и трагиката на преселбите, напуштањето и вечниот копнеж по родниот дом и огништето. Маката и копнежот, но и Сизифовскиот напор да се излезе победник од патилата и трагиката на егзистенцијата, се основните мотивско-тематски нишки кои се откриваат во неговата поезија. Тоа е борбата на човекот храбро да се соочи со предизвиците, постојан обид нив да ги надмине, без оглед на бездните и заканите кои постојано го демнат.

imprint-868979_960_720

Дека јазикот е нашата татковина го потврдува и самиот поетски јазик на Жарноски, кој на моменти е исклучително певлив и мелодичен, во кој се препознава јазичко-поетскиот идиом на Ростуше или на Жировница, како и од другите места на Долна Река, како родно место на поетот. Таквата мелодиска структура на македонскиот јазик од тој крај, дава безброј можности за посебна поетска експресивност и специфична звучност која открива неслутени поетски длабочини и можности. Тој говор е уште поспецифичен бидејќи содржи поинаков пев од стандардниот македонски јазик, и со тоа отвора нови поетски предизвици, богати за поетско обликување.
Кај него има безброј примери за таквите скриени тајни на силата и моќноста на гласовите, кои во една нова, поетска функција доаѓаат до полн израз. Било поетот да го користи стандардниот јазик или стариот зачуван гласовен систем за кој зборуваме. Еве како таа специфична певливост е остварена во песната „Бесмртен јазик“:
„Дојдите на Ѓурѓовден денот цорвен ко се роѓат на исток
росата ко се цедет по лопуите меки
да и видете обичаите наши престари
што ја повивает пролетта во свилени пелени
и што ја доат вистината со топло козјо млеко.
Елате да ја чуете песната шо остана жива
цуцете шо ја пеет на нишалка…“
Симболичко-метафоричката структура во поезијата на овој автор е засилена со блескавите метафори и слики на Долината и на Река: „Сиот живот скитав по Долината, не оставив ни педа неврежана во моето паметење“, вели поетот. Или лирско-драматичното обраќање кон темјанушката, како кон култот на природата: „И најпосле, о убава темјанушко моја… Кажи, кажи како да те преболам уште жив“.
Читајќи го од денешен аспект, се покажува дека неговото творештво со своите симболички, јазичко-стилски и тематско-мотивски одлики завзема посебно место во современата македонска поезија. Тоа е изразито модерно по својата структура, иако повремено користи и некои традиционални форми, како на планот на изразот, така и на планот на обработените теми. Се покажува всушност дека потребни се нови читања за да се допре до уште подлабоките слоеви на неговиот поетски дискурс кои тој очигледно ги содржи во себе.

anonymous-438427_960_720

Уште во прва поетска книга „Распукани бигори“ од 1970 година, поставени се два основни аспекта кои тие понатаму се развиваат и се надополнуваат. Првиот аспект се премрежјата, недоразбирањата и негирањата на кои низ целата негова историја, но и низ современоста, наидува Македонецот муслиман, кој, како што тоа убаво го покажува примерот на Жарноски, не сака, и не се откажува од својата нација и корените. Длабоки и трагични се бројните настани од историјата кои тој ги доживува, тешкиот и непредвидлив пат кој мора да го изодува за да го сочува своето достоинство, своето право на идентитетот и културата. Вториот аспект е егзистенцијалната несигурност која често пати доведува до преселби и потрага по подобар живот. Но, постојат и многу други мотиви во поезијата на Жарноски, од љубовта, до потрагата на општочовечката смисла на човековото битисување во универзумот. Тука, во таа своја прва книга поетот ќе ги испее оние познати стихови кои се обвинување и осуда истовремено: „Не викајте ме торбеш, зашто ѕвездите ќе ми изгаснат во очиве, и ќе се исцедат како солзи на доенче“. Таа симболика на изгаснатите ѕвезди, очите и солзите на доенче, ја прави уште поекспресивна таа трагика на идентитетот која трае низ вековите.
Подоцна, тој родољубив, татковински поетски круг уште повеќе ќе се прошири. Во стиховите наречени „Сентиментални песни за децата од Долна Жупа – Дебарско“, од книгата „Тишина, бол и крикови“ (од 2003 г), поетот ќе ги испее и следните стихови:
„Уште во татковите жили
Шепотот им е на македонски
Кога излегуваат од мајчините утроби
Плачат на македонски“.
На Жарноски му се блиски одделните аспекти од поезијата на Анте Поповски, и тој дури ќе посвети една песна инспирирана од еден стих на Поповски кој гласи: „Коленичете само пред непокорот како пред судбина“. Ако непокорот е судбина, тогаш нему треба да му се оддаде почит „И треба да се коленичи пред непокорот… Без него сета крв ќе се засиреше во скришна осојница“ пее поетот Жарноски. Непокорот кај овој поет од Река е настојување да се излезе од таа скришна осојница и од патилата за да може да бликне животот во сета своја неповторлива убавина. Но, истовремено, правдината и моралот треба да бидат подеднакво важечки за сите.
И покрај премрежјата и трагиката на егзистенцијата, поезијата на Саме Жарноски, иако со една темна засенченост, е химна на природата, тоа е, би рекол, една гетеовско-класицистичка понесеност и опседнатост од природата која е есенцијата на се она што е чисто и возвишено во човекот. Понекогаш во тој пристап измешани се народните легенди, преданија или една чисто поетска имагинација која се базира врз волшепствата и чудата на природата. Во една од најубавите песни со тој мотив, под наслов „Изгрејсонце во Река“, Жарноски ќе ги испее и следните стихови:
„Целата карпа е волшебен змев
што издишува пламен и ја позлатува Река“
По 2000-та година, па се до својата смрт во 2007, Саме Жарноски ќе објави неколку стихозбирки кои ја потврдуваат сета негова зрелост и големото поетско искуство. Тоа се долги песни, главно поеми, во кои е сконцентрирана мудроста и мајсторството на авторот. Тој во нив ги задржува основните тематско-мотивски нишки од претходните книги, но покажува уште поголем стремеж кон универзалното, кон филозофско-егзистенцијалните теми, кон нивната општочовечка и космичка димензија. Во книгата „Тишина, бол и крикови“ (2003), алфа и омега на човековото постоење е тишината, тишината која е еден вид мир и равновесие, но која може и громогласно да зборува, „само треба да се научи говорот на Тишината, глув но силен како вулканска ерупција, само треба внимателно да се наслушне, да се отворат ширум портите на душата“, вели поетот, за да повторно и се врати на својата есенцијална тема за јазикот и за татковината, па вели:
„Гласот на тишината…
Што може и векови да преврти…
И на ѕвездите да им ги прераспредели седиштата
И светлината да ја пресели во присоите на Река, Жупа и Дримкол
И огнот да го запали во заспаните вирови на Радика
И чешмите да ги вразуми дека треба да пеат на мајчиниот јазик“.
(„Тишината на митинг“)

mask-1306181_960_720

Молкот не е повлекување, а тишината може да биде громогласна и уривачка.
Постои уште еден мотив во поезијата на Саме Жарноски кој досега не е многу анализиран. Тоа е мотивот на љубовта, односно односот кон љубената, но на еден специфичен начин. Во книгите „Распукани бигори“ (1970) и „Не грачи, тажна птицо“ (1973) некои од љубовните песни се поместени во циклус со исто име „Дамки“. Во светската поезија многу е чест мотивот на мртвата љубена на која и се обраќа поетот. Познат е, на пример, и мотивот на Евридика од античката митологија. Во тие песни се искажува љубовта, жал за саканата, и начинот како таа да се оживее преку митот, имагинацијата или поезијата, сеедно. Во тој мотив на починатата љубена, Жарноски додава уште една димензија, татковинската. Во тажаленката кон саканата се вметнува и татковинската тага која наткрилува се, и животот и смртта, и љубовта, и подбивот, горчливоста на подбивот кој е така чест мотив кај овој поет:
„Скриј се, скриј се љубов моја,
во гробот мислам помирна си
зашто мртвите не знаат за подбив
… и торбата гние и постепено умира“
(„Без наслов“)
Така, безмерноста на тагата за мртвата љубов, и гротескноста на подбивот, добиваат една универзална, трагична димензија.
Јазикот кој го користи, е најсилната идентитетска определба во творештвото на Саме Лимани Жарноски. Посебно што неговиот поетски јазик е преполн со соковите на префинетиот говор од Река, поетско-симболички трансформиран во еден маркантен и експресивен поетски дискурс, кој има свое посебно место во скалата на македонските поетски вредности. Писателот Славко Јаневски за ова творештво на едно место, имајќи ја предвид целокупната проблематика на јазикот и идентитетот присутни кај овој поет, на едно место ќе рече: „Но, тие, Македонците муслимани – самите се определиле за тоа име – го говорат оној мајчин јазик на кој пееле и пее Саме Жарноски од Жировница“.
На крајот, од богатиот опус на поетот од Река ќе изделам еден стих, една мисла која гласи:
„Само лисјата умираат наесен
Дрвјата живеат се додека е сочен коренот“

Сметам дека таа доволно зборува самата за себе, и дека не е потребен друг коментар.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Огнен Коцевски
ЧЕТИРИ  РЕКИ
Повод - 45 години од смртта на Јукио Мишима и 90 години...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *