Кој е крив: авторот или преведувачот?

Белешки кон македонското издание на монографијата „Верни до смрт“ од Кит Браун.

Да се пишува и да се објави монографија за одреден историски настан и личност, само по себе е предизвик за секој македонски историограф, културолог, книжевник итн. Притоа, знаеме дека преведувачот мора да внимава на точното пренесување на датумите, на имињата на личностите, на транскрибирањето и преведувањето на изворните текстови, да ги следи причинско-последичните врски и цела низа на ситници кои историското дело го прават големо.
Уште поголем е подвигот, кога автор на трудот кој расветлува непознати страници од македонската историја или пак ги презентира од сосема подруг агол, е – странец. Во овој случај, книгата што ми побуди интерес е насловена: „Верни до смрт: Довербата и теророт во револуционерна Македонија“ од авторот Кит Браун од САД, во издание на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Според неговата биографија, објавена на задната корица на книгата која што е наш интерес читаме дека тој е професор (истражувач) на Вотсоновиот институт на Универзитетот Браун (не е наведено каде се наоѓа Универзитетот).

painting-of-writer

Во книгата, Кит Браун ги разработува, односно ги анализра активностите на обичното членство на Македонската револуционерна организација, формирана во Солун, 1893 година. Тој е заинтересиран за довербата, солидарноста и лојалноста кон Организацијата, начинот на нејзиното функционирање со заклетвата, со создавањето архива, со четите и оружјето. Во основа, школски пример за македонските историографи кои треба да го напуштат досегашниот „класичен“ систем на разбирање на историјата: „многу крв, многу мртви, многу жртви“. Користејќи се со компаративна методологија, интердисциплинарно, Браун успеал да ги пренесе искуствата на голем број македонски ветерани, илинденци, раскажани по Втората светска војна. Бидејќи темата е мошне опширна, ќе се задоволиме да го потенцираме фактот дека станува збор за стручно изработена монографија.
Сепак, како што напоменав на почетокот на овој мој скромен осврт, за да се објави квалитетна историска монографија мора да внимава на елементарните податоци: на датумите, на имињата, на транскрибирањето и на преведувањето, но не само на изворните текстови, туку и на самата монографија. Преводот од англиски јазик на Гордана Стошиќ е солиден, исто како и стручната и јазичната редакција на Анета Маркоска-Чубриновска. Во секој случај, книгата изгледа добро и се чита лесно. Бидејќи е пишувана од странец, преведувачот, а особено издавачот би требало да консултираат стручно лице кое ја познава проблематиката. Во овој случај, тоа не е направено и… е погрешено.
На пример, ако замижеме преку именувањето на познатиот мариовски војвода Толе Паша како Толе Пашев, тогаш не можеме да прогледаме низ прсти кога станува збор за именувањето на селото Светомирци во Прилепската околија. Доколку изгуглате и не го најдете селото, не треба да се секирате, бидејќи такво село – не постои! Ако авторот или преведувачот укажат дека така било запишано во оригиналот, тоа не значи дека не требало да се даде објаснување дека станува збор за селото – Свето Митрани (или како што локалните жители го нарекуваат: Светомитрани).
Сепак, се чини дека најголемата дезинформација ја наоѓаме во фуснотата број 3, од поглавјето „Архивата и тефтерот“. Информацијата се однесува на последната битка на војводата Методи Патчев, во април 1902 година, во битката која се одвивала на местото, цитираме: „Судирот во Кадино, десет километри источно од Скопје“. Најпрво, да разјасниме за топонимијата. Има село што се вика Кадино, има село што се вика Кадино Село. Можеби звучат слично, но тоа се топоними на две многу различни места. Исто така, Патчев не загинал десетина километри источно од Скопје, во селото Кадино, туку десетина километри јужно од Прилеп во селото Кадино Село. А нели, има разлика од скопското Кадино, до прилепското Кадино Село.

ос

Уште поинтересно е што сите претходно наведени неточности се наоѓаат на иста страна (355), во растојание од 17 реда.
Погрешното информирање, односно погрешните податоци во едно историско дело се грев. Особено во денешни услови, кога постои достапност до скоро сите извори. Бидејќи обичниот читател не може да знае што е точно, а што не. Тој едноставно го прифаќа напишаното… погрешно напишаното. Бидејќи кај мене го немам оригиналот, прашањето е: дали грешката е на авторот (поради недоволно познавање на македонската топонимија и лексика) или на преведувачот (која требало да консултира историска литература на темата на која работи), или пак, на издавачот (кој не ангажирал редактор за да го прегледа, корегира и одобри делото за печат)?

Тагови од објавата
More from Славчо Ковилоски
СИТУАЦИИТЕ НА ПРОКОПИЕВ
Кон збирката раскази „Синот-риба (ситуации)“ од Александар Прокопиев, Авант прес, Скопје, 2017
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *