Џепџија

Железничката станица беше изградена во 1888 година. Лукас застана среде перонот број 12 и се загледа горе кон таванот, изграден од цврст свод, што зборуваше за некое друго време. Ако човек сака простор, каде што може да се сокрие, оваа станица беше дефинитивно вистинското место за тоа. Лукас се изгуби во толпата луѓе, кои брзаа секој во своја насока и со своите куфери на тркалца зад себе оставаа невидливи траги, а меѓу безбројните мириси, ги следеше и мирисот на кафе. Седна на столот во еден локал, од каде што му се чинеше дека ќе има добар поглед кон станицата и луѓето и нарача кафе. Потоа на масата го остави паричникот, мобилниот, бележникот каде што ги запишуваше мислите и разните информации и футролата за очила. На Лукас му се допаѓаше тоа што работите се случуваа со определен редослед, тој беше исклучително прецизен, а покрај тоа не ги поднесуваше зборовите како што се можеби, веројатно итн.

Од футролата ги извади очилата со сива рамка и без диоптер. Внимателно ги избриша со крпчето, кое потоа повторно го здипли и го врати назад. Потоа го отвори бележникот и погледна во точките, кои беа запишани една под друга.

1. Нормална работа од 9:00 8:30 до 15:00 и од 18:00 до 23:00.

2. Неговата најомилена техника е т.н. вкрстена техника, а вешт е и во кражба на торби и ранци.

3. Ќе го препознаеш по црвената марама околу раката.

Лукас беше свесен дека бојата на марамата ја одредува работната сфера. Железничката станица можеше да се види дека е како некаков центар на светот, каде што во неописливата толпа можеше да се види мешавина од различни раси и општествени слоеви, а џебџиите на практичен начин си ја делеа, како да е нацртан круг од некоја игра на светот.

Бележникот го врати назад на масата и во раката го зема мобилниот и ја притисна иконата за смс. Ја отвори последната порака од жена си: Лукас, не заборавај: и да не го најдеш, имаш направено СÈ што требаше да направиш. Непријатноста од прочитаната смс порака во него предизвика отпор, како да му се врати голтката варено кафе, послужено во огромната шолја. Имено, тој знаеше дека никогаш нема да замине од оваа станица, ако не го најде Гал. Колку труд и време вложи во своето барање, но тоа воопшто не е важно. Се броеше единствено тоа, дека речиси е на целта и дека сега ќе му успее. Најпрво го изненади начинот на живот што Гал го имаше избрано, а по суштинско размислување одлучи дека тоа ќе го искористи.

Од предниот џеб на својата торба го извлече малиот рачен часовник со пластичен ремен и стрелки што светат во темница. Го погледна и се обидуваше повторно да го разбуди чувството, кое го обзеде кога првпат го држеше во раката. Но, чувството дека држи некакво богатство, остана некаде во далечното минато. Тогаш покрај неговата маса помина помлад човек и исчезна меѓу толпата од јапонски туристи. Вниманието на Лукас го привлече марамата во темносина боја, која ја носеше непознатиот, заврзана околу раката. Го потргна кафето понастрана од себе и ги стави сите предмети во куферот. На масата остана само паричникот. Го отвори и во него го сокри рачниот часовник, а потоа го стави во внатрешниот џеб од палтото. На масата остави неколку ситни парички и тргна кон тоалетот на другиот крај од станицата. На патот кон машкиот тоалет во тесниот ходник речиси се удри во еден постар човек, кој во раката држеше некаков држач, на кој висеа многу предмети, од синџирчиња и шалови до машки шешири. Чудниот продавач прилично му се приближи и почна да дрдори зборови на странски јазик, кои Лукас не ги разбираше. Сакаше веќе да се тргне на страна, кога човекот со својата близина го обли со неспокој, па погледот му застана меѓу еден од шеширите. Ги побара ситните пари, му ги понуди на човекот и покажа кон шеширот. Продавачот набрзина ги грабна парите и речиси му го фрли сивиот шешир во рацете, вадејќи го од тешкиот држач.

Во тоалетот застана пред огледалото и ја погледна својата нова појава. Можеби очилата и шеширот не му беа потребни, на крајот на краиштата поминаа повеќе од дваесет години, но сакаше да го испланира секој момент, дури и да има најмала можност ако нешто тргне наопаку. Повторно си ја стави патната торба на рамото и уште еднаш го провери својот џеб. Паричникот беше на своето место – тој беше подготвен. Ја избра точката меѓу 22-от перон и излезот на северната страна и со натприродна стрпливост го започна своето чекање. По неколку часа почна да забележува некакви траги, кои на станицата се повторуваа во рамномерни временски интервали. Малото возило со кое се грижеа за чистотата на станицата секогаш работеше во ист круг, така што во својот цик-цак пат почнуваше од влезот на јужната страна и завршуваше на 22-от перон. И на секој час гулабите од таванот во јата слетуваа на земјата, кон ѓубрето, каде што возилото што чистеше ги игнорираше.

Беше малку пред полноќ, кога Лукас меѓу толпата луѓе пред книжарницата здогледа блескав црвен отсјај. Меѓу вревата се обиде да го следи човекот со црвена марама околу раката и да го види неговото лице. Човекот очигледно беше на работа, па поради тоа честопати одблиску им се доближуваше на луѓето, а тие како воопшто да не го забележуваа. Неговите движења беа толку брзи, што можеше да се забележи само ако знаеш што гледаш. Лукас со десната рака го држеше стутканиот паричник и со брзи чекори се измеша меѓу луѓето. Имаше само една можност човекот да го забележи, затоа внимаваше да чекори со брзо темпо и на лицето да го задржи изразот на некој кој му се брза на работа. Веќе го помина 15-от перон и мислеше дека ја пропушти својата шанса, кога почувствува дека некој го следи. Тогаш работите се случуваа многу побрзо, како што очекуваше. Човекот го допре со суптилен стисок за лактот и го застана, па му зборуваше нешто на странски јазик, додека со десната рака му мавташе пред лицето, како нешто да го молеше. Лукас не го погледна понудениот предмет, очите му беа вперени само во лицето на младиот човек. Уште пред да може да се исплаши, дека човекот ќе го препознае, тој веќе исчезна. Лукас направи неколку чекори напред и со раката пребара во џебот, иако во суштина тоа не беше потребно – тежината на паричникот исчезна, и тоа беше Гал. Имаше помажествен лик отколку што го паметеше, но тоа беше тој. Над левата веѓа имаше бледа лузна, последица од велосипедска несреќа, а неговото лево уво беше свиткано на врвот, спомен од тепачка во училиште. Лукас одеднаш со олабавено тело седна на празната клупа. Од покривот кон земјата слетаа десетина гулаби и Лукас замижа, стрпливо чекајќи. Слухот му се изостри и мешавината од гласови околу него стануваше разновидна. Успеа да ги двои различните јазици, музиката во блискиот локал, звукот на велосипедите што се лизгаа по земјата, и потоа чекорите, кои запреа непосредно пред него. Клупата лабаво се заниша под тежината на уште едно тело. Кога повторно ги отвори очите пред себе го здогледа лицето на Гал. На него, како од филмско платно, се движеа стотина слики и додека речиси зјапаше во него, Гал со своите очи го анализираше неговото лице. Лукас со прстите помина преку испотеното лице и Гал на тоа движење се помести, како да сакаше сам да се увери каква е лузната при допир.

„Боли?“, беше првиот изговорен збор и Лукас наместо одговор кимна со главата. Гал го погледна паричникот во своите раце, го отвори и од него го извади часовникот. „Има уште работи“. „Такви часовници не прават повеќе“, како одговор рече Лукас и гласот малку му затрепери. „И мама секогаш зборуваше дека супстанците во прашоците за перење не се ништо повредни“, Гал се насмевна.

Лукас не очекуваше толку зборови одеднаш од Гал. Зборовите беа како музика, сакаше да ги впие во себе и да го земе нивниот ѕвекот со себе.

„Може ли да го чувам?“, го праша Гал, но Лукас не одговори. Сакаше брзо да ги собере зборовите што ги имаше испланирано, зашто чувствуваше дека Гал повторно заминува. Со дланката го зграби за раката и ја погледна црвената марама.

„Брз си“, му рече и Гал на тоа се намурти, така како што тоа го правеше во детството, кога не сакаше да покаже дека комплиментите го развеселиле. Скромноста беше една од доблестите на Гал, а другата беше пожртвуваноста, како што многупати го бранеше Лукас, иако беше помлад од него.

„Дојдов нешто да ти кажам“, рече Лукас и се обиде со кратко кашлање да ја отстрани кнедлата во своето грло. Се загледа во очите на својот брат и во нив ја виде младоста. „Тато умре“. Гал се сврте на страна и Лукас мораше да се навали кон него, за да ги слушне неговите зборови. „Ти го направи тоа?“

Во мислите на Лукас се појави споменот на разговорот од одамна поминатата младост, кога убиството се чинеше како единствено можно решение за нивните животи.

„Рак“, конечно рече Лукас и додаде: „Плачев на неговиот погреб“. Гал се заврте кон него со гнасење во очите. „Слабак си. Секогаш си бил таков“, рече Лукас. „Но, беше само дете“, едноставно рече Гал и гнасењето исчезна, како да го имаше избришано со крпа. „Бев постар“, налутено рече Лукас, „би морал…“

Што би требало да направам? Би требало ли да го убијам? Како ли само убива шеснаесетгодишник еден возрасен човек, кој има толкава моќ над него? Лукас понекогаш сè уште ја чувствуваше таа моќ. Во таквите моменти стануваше прилично мал, безначаен. Во еден од тие моменти се најде во средината на огнот, во која топлината потсетува на мраз-ладна вода и беше толку ослободувачка, така што се препушти под нејзиното влијание. Се разбуди во болница со изгорено лице, граден кош и лева рака. Како дете плачеше во болничката соба и ги прашуваше луѓето околу себе зошто не го пуштиле таму.

„Знае мама?“, сега го праша Гал. Лукас одмавна со главата. „Ништо не ми веруваше. Дури и кога ѝ реков дека ти си замина поради тоа што ни го направи нас, не ми веруваше. Потоа не сакаше повеќе да зборува со мене“.
Лукас се сети на својата младост, помината помеѓу постојаната борба да се биде нормален, да се биде како сите останати, додека посакуваше само едно нешто, да може да зборува со својот помлад брат, така како што тоа го правеа во детството, пред да исчезнат од своите детски соби, сѐ уште невини и наивни.

„Не можам да поверувам дека си тука“, сега рече Гал и на Лукас му се чинеше дека тоа беа неговите први вистински и искрени зборови. Тие му го отворија патот на кој толку многу се надеваше. „Јас никогаш не престанав да верувам“, рече. „Во што?“ Лукас почувствува дека тесниот премин повторно се затвора. „Во тебе, во тебе, во нас“, му одговори и додаде: „Во доброто“. Можеби звучеше патетично, но навистина веруваше. Гал го тргна погледот од него кон часовникот со пластичен ремен и кон фосфорните стрелки кои сè уште работеа, и си го врати назад во горниот џеб. Луѓето сè уште продолжуваа да брзаат по своите обврски, малото возило за чистење повторно го започна својот круг по станицата и на перон број 12 пристигна уште еден воз, полн со патници. Кога часовникот на станицата отчука еден попладне, на клупата остана само уште црвената марама.

Превод од словенечки: Драгана Евтимова

Leave a Reply

Your email address will not be published.