Месец на европско уживање

Фестивал

Месец на европско уживање

Елена Максимова

Се докажа дека идејата за овој фестивал е и повеќе од одлична и добредојдена.

Фестивал (2)

 

За љубителите на книгата месец октомври беше вистинско уживање. За прв пат во нашата земја имавме можност да бидеме присутни на фестивал на европската литература „Букстар“ во организација на Книжевниот центар „Антолог“ со поддршка на Културните приказни и на Европската унија. Логистичка поддршка даде МКЦ.

Во текот на месецот македонската читателска публика имаше можност да биде дел од неколку извонредни промоции на домашни и странски автори со што се докажа дека идејата за овој фестивал е и повеќе од одлична и добредојдена.

Освен прекрасните промоции „Антолог“ своите читатели ги израдува и со попустот на сите книги од европски автори преку што македонските читатели можеа да ги збогатат своите домашни библиотеки.

Фестивал (11)

Отворање

Фестивалот стартуваше на 10 октомври во фоајето на киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар со промоцијата на белгиската писателка Изабел Вери. чиј роман „Обескостена“ е добитник на Европската книжевна награда во 2013 година.

Промотор на настанот беше писателот Владимир Јанковски кој во текот на промоцијата одржа и разговор со самата авторка која не ги криеше импресиите од нашата земја.

-Беше прекрасно кога пристигнавме вчеравечер на аеродромот, убаво е да се запознае овој град, да се запознае тимот на „Антолог“. Имавме необичен ден во Скопје. Беше многу тешко да се заврши оваа книга, требаше многу време за да направам конец односно лента по која ќе се движам. Сакав моето жестоко пишување да го приспособам на читателите – кажа авторката во оваа пригода.

Фестивал (4)

Само два дена подоцна, на 12 октомври во просториите на Антолог авторката имаше неформално дружење со читателите на кое разговараа со неа а исто така можеа да добијат автограм и да и постават прашања во врска со книгата.

Македонска поддршка

Дебитантската книга со поезија на Биљана Стојановска со наслов „Зборовите немаат значење“ беше промовирана на 13 октомври. Овој настан привлече огромно внимание од аудиториумот, па на промоцијата, забележавме присуство на јавни личности од најразлични професии – писатели, уметници , преведувачи, новинари. Во таа пригода за „Репер“ авторката ги сподели со нас изворот од кој црпи инспирација, процесот на создавање на своето дело, но исто така и задоволството од успешноста на промоцијата.

-Инспирација ми е баналноста на секојдневието. Кога ќе пробаш да гледаш на работите како на комичен филм, резултатот е таков што ќе му се смееш на животот. А баналноста е прекрасна за создавање комичност и поезија. Во суштина се работи за канализирање на енергија. Кога мракот во себе го исфрлаш надвор, го ставаш на хартија, па црнилото се претвора само во зборови. Како на исповед, кога ти се олеснува. А процесот, колку денови – толку расположенија. Презадоволна сум. Во воздухот цело време струеше прекрасна енергија, на моменти смешна, на моменти меланхолична. А мене смешното и меланхоличното секогаш ми се добитна комбинација.

18% сиво

Фестивал (10)

Добитникот на наградата роман на годината за 2008, бугарскиот бестселер „18% сиво“ македонска промоција ја имаше на 22 октомври во галеријата на Младинскиот културен центар. Романот во Скопје го промовираа литературните критичарки и универзитетски професорки Ангелина Бановиќ-Марковска и Елизабета Шелева, како и новинарката Јасна Франговска. Делови од романот, паралелно од оригиналот и од македонското издание, читаа самиот автор и актерката Арна Шијак.

  • Промоцијата беше многу важна за мене , втор пат сум во Скопје и многу ми е мило што луѓето ги сакаат моите дела. Тоа што Жарко [Кујунџиски, сопственикот на „Антолог“, н.з.] го прави е навистина добро. Нашите две земји се слични и убаво се чувствувам кога сум тука. Се надевам дека ова е почеток на едно долго пријателство и дека и понатаму ќе продолжиме да соработуваме.

Фестивал (7)

Захари Карабашлиев на 24 октомври гостуваше во Книжевиот центар „Антолог“, каде само неколку денови претходно студенти од Катедрата за славистика можеа одблиску да се запознаат со преведувачкиот и издавачкиот процес.

Фестивал (6)

Дај две, љубовни!

Последниот „подарок“ од Антолог за читателите беше промоцијата на 27 октомври во клуб-ресторанот на Младинскиот културен центар. Во оваа пригода се промовираше антологијата „Дај две, љубовни!“ во кои беа застапени најубавите љубовни песни од цела Европа. Книгата ја претстави универзитетската професорка и книжевна теоретичарка Лидија Капушевска-Дракулевска, а модератор на целиот настан беше водителката Елена Стојановска. Со поетско читање настапија и петнаесетина македонски поети и преведувачи, кои читаа стихови од песните поместени во антологијата и од своето творештво, меѓу кои и: Велко Неделковски, Ленче Милошевска, Никола Маџиров, Сузана В. Спасовска, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Ацо Гогов, Сузи Тенева, Лидија Танушевска, Борис Митковски, Елена Пренџова, Биљана Стојановска, Елена Конеска, Исток Улчар, Зоран Радически.

Фестивал (3)

„Овој настан е многу убав, посетеноста ја покажува очигледна потреба за настани од ваков тип, најблагорадната тема љубовта вечерва нè обедини . Честитки за оргиналната идеја и посакувам ова да стане еден вид на традиција – изјави професорката Лидија Капушевска-Дракулевска.

Со целовечерент концертот на „Фолтин“, на чии ритми публиката играше до доцна во ноќта, се заокружи првото издание на овој фестивал, кој се роди сосем случајно и без голема помпа во нашиот главен град, но се надеваме дека ќе продолжи да расте, бидејќи веќе од стартот е на вистинскиот пат!

Фестивал (5)

 

Тагови од објавата
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *