Допирање

touching-and-imagining

Марлена Зингер – Marlena Zynger  (25. 12. 1972) – родена во градот Миланувек како Ева Бартковјак, по татко – Марчевска. Живее и работи во Варшава. Авторка е на неколку поетски книги: Секому е дозволено да зборува (2010), Време на женското пеење. Сцена прва (2010), Допирање (2013) итн. Преведувана и објавувана на повеќе европски јазици, во различни списанија и во посебни повеќејазични книжни изданија. Лауреатка е на тринаесеттиот фестивал „Светски денови на поезијата“ што се одржа под покровителство на УНЕСКО во Варшава во април 2013 година. На истиот фестивал ја освоила и наградата „Златно перо“. Активна учесничка на различни литературни и музички проекти низ Европа. Уредничка е на меѓународното книжевно списание „Лиридрам“ (www.lirydram.pl). Има и своја Интернет-страница: www.zynger.pl. Со оваа објава во „Репер“, таа за прв пат се претставува и пред македонската читателска публика.

 

ДОПИРАЊЕ

Часовникот чука тик-так,
ти ме допираш.

Времето се врти лесно, нежно
по сите агли на собата.
Се врти здивот – духот на телото –
во ритамот на гестовите, на зборовите, на часовникот

Се слуша сал трепетот на обајцата
гласот на срцата наши и допирањето.

Среде страсниот ритам на бакнежите
и времето ни се губи.
Мигот бргу ни се измолкнува –
го менува правецот
со светлината изгаснува,
исчезнува како водениот свод од сликата на Моне,
така вибрира и твоето допирање,
а и клепките во сонот се затвораат.

Удира пулсот подеднакво со времето,
бранот од гласови навлегува во крвта.
Исполнета од тебе – стојам затворена –
како фигурата што плаче од скиците на Мунк.

Часовникот чука тик-так
Срцето бие.

Неволно си ги плетам веригите.
Рацете мои, бедрата, стапалата
стануваат немоќни пред следбеникот на желбата
безимен и без лице останал –
ехо од времето, од мислите, од копнежите.

Градите предадени, послушни
од тебе допрени, помилувани нежно.
Тивко зборува часовникот на животот.

Срцето слуша
ти допираш

 

ДЕН ОД ЦИКЛУСОТ

Помина и овој ден од циклусот денови без тебе.
Ја играме сценава умешно, без големи грешки.
Само понекогаш некој од нас ќе пропелтечи
и во готовиот текст ќе се вметнат зборовите за тагата.

Јас почесто ја правам таквата збрка,
полесно се заборавам.
Тука би го замолила режисерот за разбирање –
улогата може да биде мошне тешка

Да, ветувам дека ќе повторувам често,
пред огледало ќе вежбам
ќе станам поубедлива и пред себеси,
за другите.
Само молам за трпение.

Не го исклучувам само примерот за мојот тежок карактер,
за покорноста воопшто кон прифатената конвенција,
за цврстото и возвишено сфаќање на дејствувањето.

Ве молам, режисере, да ги искористите овие нешта во пиесата.
Или да ме ослободите одеднаш, без забавување.
Ве молам да ги преиспитате и можностите за друг вид на израз,
како да речеме оној од редот на наметливоста и страста.
На местото на штурата слика – малку духовност.

Знам, режисере,
немам право да се мешам во вашата работа.

Јас сум актер, актерка ништожна, актерче,
пајче грозно.
Не испуштам јас глас на лебед,
туку само пајкини извици, квичење,
алтернативата на молчењето и на сонот.

Утре е нов ден,
истата сцена, а нови ролји.
Ќе се потрудам да одиграм безгрешно,
Морам да си го заработам лебот.

Така ќе мине мојот обичен ден.
Ден од циклусот.

 

КАДЕ СИ, НАЈСАКАН?

Каде си, најсакан?

Ноќта сега е многу тивка.
Заспаа птиците,
песот молчи
и маглата во бескрајот ми ги бакнува очите.

Околу мене – сиво намуртено небо,
на него како исечоци од цветна хартија –
црни контури на дрвјата, пополнети со графитна креда.

Ги одминувам
Спијам како војска –
дел од дрвјата прераснале, друг дел, пак, се згрбавиле
со тврди коси или тврди долги рамена,
со различен раст и различна форма.
Стојат, издигнувајќи ги гранките и крошните нагоре.
Ги вплетувам своите дланки во нив,
а мислите ги раздвижуваат усните,
треперат во безветрието,
го повторуваат, како при молитва,
прашањето мое до тебе, најсакан:

Каде си?

Ноќта сега е многу тивка.
Птиците заспаа.
ПИСМО ОД ЗЕМЈАТА НА СТРАВОТ

Сакан мој,
ти го пишувам ова писмо од земјата на стравот и ништожноста.
Ме прави гневна мрачниот и долг престој тука.
Би сакала веќе да се вратам на нашите места –
оставив таму неколку дребулии
и тагувам по нив

Копнеам да бидам сакана.
Ми недостига смелост,
на насмевките и не се сеќавам.
Се трудам да ја заборавам твојата нежност,
зашто инаку би полудела

Те молам, остани покрај мене!
Не дозволувај ми да се плашам и да плачам.

Благодарна сум што постоиш!
Благодарам за твојата насмевка,
за нежните зборови.

Сакан мој,
ти го пишувам ова писмо среде густа тишина.
Создавам пространство, мило на душата и на моето битие.
Ја омекнувам сопствената вообразеност.
Создавам сопствено его од нашите односи.

Ја облекувам маѓепсувачката фигура со зборови и сила,
и излегувам со ведар поглед, лесно сукњиче,
ја распуштам косата
и таа се разлетува низ ветрот во насоката на Висла,
по неа тргнуваат чувствата на другите.
Не твоите.

Копнеам.
Врати се бргу.
Два дена е предолго време.

 

Превод од полски јазик: Звонко Танески

Leave a Reply

Your email address will not be published.