Маркетинг кампањата што го окупира интернет просторот

istock_000032828098_1000px

Со сè почестото преземање туѓи зборови во нашиот јазик, природно се наметнува потребата од создавање нови синтагми што се однесуваат на поимите и на појавите карактеристични за новото време. Некои од нив, како наведените во насловот, во голема мера следат туѓа синтакса и не се во духот на нашиот јазик. Затоа, потребно е да се пронајдат начини како тие да се „помакедончат“, односно да се приспособат на нашиот јазичен систем. Во продолжение, ќе се обидеме да дадеме некои свои предлози во врска со ова.

1. Образување сложени именки поврзани со цртичка.

Во македонскиот јазик постојат целини од две именки, сврзани со цртичка, во чии рамки втората именка се јавува како центар, а првата како определба: спомен-плоча, предлог-резолуција, нацрт-закон и сл. Оттаму, и горенаведените примери сосема нормално може да функционираат во нашиот јазик доколку се поврзат на овој начин: бизнис-центар, маркетинг-кампања, интернет-страница и сл. Ова, секако, е еден од „најбезболните“ начини затоа што не менува ништо во говорената форма на јазикот, а во пишуваната одговара на правилата на македонската синтакса и правопис.

2. Образување придавки од именките што претставуваат определба.

Ваквите примери често наидуваат на отпор кај зборувачите затоа што додавањето македонски придавски суфикси на овие именки од туѓо потекло не им се чини многу природно, но е сосема коректно од аспект на македонскиот јазичен стандард. Примерите како маркетиншка агенција и интернетски портал секако дека звучат чудно, но сметаме дека треба да им се даде поголем простор во македонската јазична практика.

3. Аналитички начин.

Со оглед на тоа дека е македонскиот аналитички јазик, нормално дека аналитичкиот начин е сосема природен за него, иако можеби не во сите случаи. Некому сигурно ќе му биде премногу да каже или да напише страница на интернет или фактори на ризик (затоа за ваквите примери ги препорачуваме првите два начина: интернет-страница и ризични фактори), но секако дека наместо менаџмент практики и аеробик часови, подобро е да се каже/напише: практики на менаџментот, часови по аеробик и сл.

Овде, секако, вреди да се споменат и примерите како Лореал пудрата, Армани парфемот, Тојота џипот, Веро маркетите, Мекдоналдс рестораните и сл. Во врска со нив, сакаме да укажеме на неколку работи:

  1. Во однос на збороредот, од аспект на македонскиот стандарден јазик, поприродно и поправилно е: пудрата „лореал“, парфемот „армани“, џипот „тојота“, маркетите „Веро“, рестораните „Мекдоналдс“ итн.
  2. Во однос на големата буква, како што сме споменале и претходно, треба да се внимава на тоа дека имињата на компаниите/фирмите се пишуваат со голема почетна буква, а имињата на производите со мала. Оттаму: пудрата „лореал“, но: маркетите „Веро“.
  3. Како што може да се забележи и погоре, имињата секогаш се пишуваат во наводници, без оглед на тоа дали станува збор за некоја фирма или за некој нејзин производ.
  4. И кај ваквите примери може да се пристапи кон аналитичкиот начин: пудрата на „Лореал“, парфемот на „Армани“, рестораните на „Мекдоналдс“ итн.

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.