Што е тоа што продава? (2)

Дали Ван Гог не бил доволно добар сликар за своето време во кое ретко успевал да продаде?

art-that-sells

Едно од прашањата што го морат денешниот уметник е како да стигне до широката публика? Дали тоа е неопходно да биде преку музеите, медиумите или алтернативните простори (затворени или отворени) – кафетерија, парк, улица, зграда, плажа, шума.

Секоја од овие сцени, музејската, медиумската или алтернативно-просторната има свои позитивни и негативни аспекти. Во музејот, како простор во кој присуството се наплаќа, недостаток е затвореноста на истиот и не секој има време и желба да посети музеј за да види уметничко дело. Последица на овој недостаток е тоа што, уметниците како на двобој решиле да ја покажат својата сила надвор од белите ѕидови на елитните простори “Господа, let’s take it outside”. Ако уметноста е создадена за сечие око (а таа е), не смее да биде затворена во “белите сараи”. Истата приказна е и со медиумите. Не секој следи телевизиска, радио програма или чита весници. Затоа емисиите посветени на уметност и култура се помалубројни или воопшто ги нема и се во склоп на програмата која најмногу се бара. Интернетот ја менува приказната. Достапноста на информациите од која било сфера на живеењето, ја доближува уметноста до секој. На крајот на краиштата, уметноста не е неопходно да биде наменета за одредена публика. Тоа е клучниот момент која денешниот уметник го прави поблизок и подостапен од кога било претходно.

Од друга страна, дали достапноста, која ја пружа уличната уметност, графитите, музичките преформанси и кино проекции на отворено, како нов вид уметнички израз во урбаната средина, продава? Таа е најширокограда и најмногу допира. Тоа продава. Тоа е бесценетоста на уметноста. И нејзината безграничност.

Во златното доба на уметноста – ренесансата, уметниците како Ботичели, Брунелески, Микеланџело, Леонардо Да Винчи работеле најчесто во име на своите мецени, богатите газди. Друго прашање е дали за својата работа добивале доволно за удобен живот или само колку да преживеат. За тоа зборува и фактот што често морале да го менуваат местото на живеење и да наоѓаат “тезги”. Дали заработката била репер за тоа колку бил добар уметникот? Дали Микеланџело само од уметнички порив или од потреба работел на 80 годишна возраст? Дали Ван Гог не бил доволно добар сликар за своето време во кое ретко успевал да продаде?

Постојат необјасниви параметри во уметничкиот свет. Во време кога само бизнисот е зелен, постојано виси прашањето дали ќе продадам. А уште потешко од тоа е за колку да продадам.

Оваа појава на “изнајмување” на уметници е позната и во совремието под името “commissioning an artist”. Вообичаено изнајмени бидуваат уметниците кои успеале да се продадат. Во милионски суми. Енди Ворхол успеал да се продаде. Рој Лихтенштајн, Џеф Конс исто така.

Од уметник изнајмен наменски да ја разубави градината на одреден музеј во Париз или Копенхаген, до уметник кој креира костими за балетска претстава, уметник кој црта портрети на Монмартр, уметник кој дизајнира тапети или украсни хартии, до “уличниот” уметник, секој се прашува што е тоа што продава. Што треба да задржи, а што да отфрли (ако воопшто треба да отфрли или напушти дел) од својот уметнички израз. Што е оригиналното, неповторливото во неговото дело кое го прави единствен?

Сознанието на самиот уметник за својот квалитет и/или светот кој ќе го види тоа, ќе знае.

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Како правилно се пишуваат часовите во македонскиот јазик?
За почеток, важно е да се знае дека во македонскиот јазик е...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *