Мечти

Секогаш кога влажната трева / ми шепоти приказни разни, / легнувам и мечтаам, / се обидувам да замислам поинаков свет.

demo

 

Сивиот град

Чекорам низ осамените улици
на мојот град.
Живеам како привремен жител
во обоената планета.

Се сомневам во сите вистини заокружени,
ги премолчувам повредите на мојата сива душа.
Се раѓам молкум,
со секоја изговорена молитва во сонот.

Се пронаоѓам.
Во влажниот здив на свежото утро,
во звуците на тажната ода,
која ја оплакува,
смртта на денот.

Повторно чекорам низ сивилото
што овој град го нуди.
Знам само дека дождот ме следи,
ме бодри да продолжам да чекорам.
Да го барам сонцето!

 

Мечтаам

Секогаш кога влажната трева
ми шепоти приказни разни,
легнувам и мечтаам,
се обидувам да замислам поинаков свет.
Свет,
каде стрелките на часовникот
Не го прекршуваат времето на вљубените.
Свет,
каде просторот не е само сива улица,
туку е и слобода на постоењето.

Секогаш кога месечината танцува
над прозорот во мојата соба,
се сеќавам на зборот спокој,
запишан во стариот споменар  од детството.

Секогаш кога чекорам низ ходниците на времето,
мечтаам…
За искршените, на парчиња спомени,
за воздухот негибнат од облаците…
мечтаам,
да го продолжам животот на пеперутките,
да ја спакувам правта од чевлите на дедо ми.
Мечтаам,
да ја насмеам месечината.

 

Апатијата во мојот град

Сивило,
раскопани улици,
небото ги прекорува
жителите на сивиот град.
Во темните сокаци,
животот е волјата божја.
Воздишките ги носиме
подалеку од толпата,
подалеку од здодевните лица
на случајните минувачи.
Се радуваме на нечија љубезност,
и ги прекинуваме долгите разговори,
зашто краток е животот.
А откровението…
Тоа секогаш доаѓа неочекувано.

 

 

 

Кратка биографија:

Ана Пановска, родена на 30.06.1986 г. Средното образование го завршив во ДСУ: „Кочо Рацин“ – Скопје. Дипломирав 2010 година на Филозофскиот факултет во Скопје отсек философија. Моментално сум на постдипломските студии по философија на Филозофскиот факултет во Скопје.
Овие песни што ви ги приложив се дел од моето творештво. Во слободно време се занимавам со музика. Моја главна инспирација се француските поети Артур Рембо и Шарл Бодлер и од македонските поети: Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Радован Павловски.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Злоупотреба на сказната како дискурс на моќ на дневната сапунска опера
Дискурсот на моќта на сапунската опера претставува поигрување со колективното несвесно.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *