Инспиратор на хиперреализам

Точко го привлекува вниманието и ја копка љубопитноста

fcaf253b-8dc1-44ff-96a2-b78a1b7a73ae-ivantocko

Минатата година во охридската катедрала Света Софија осетив морници како ми лазат по телото, кога од високите кубиња се разнесоа звуци на религиозна музика. Чудесно топла, свечена атмосфера ја исполни црквата. Музиката ми делуваше како молитва што подига и разнежува. Од неа како да се раздвижија и самите светци по ѕидовите и како да наздравуваа со златните пехари, удираа во тапаните, мафтаа со мечовите и ги прибираа пурпурните со злато извезени тоги.

 Иако е човечкото срце затворено со густ, непроѕирлив превез, – ништо во него не останува вечно. Ветерот на случајот може секој миг да дувне таму, да му ги угаси и да му ги одвее старите страсти, и за миг да запали нови.

Ако треба да бараме писател на фикција, кај нас, кај кого на перфидно луциден, суптилен и блажено ироничен начин се мешаат реалноста/реалитетот и фантазијата/фикцијата, резултирајќи во еден посебен свет на нешто што стилски може да се опише и дефинира како хиперреализам (свесно да се направи разлика меѓу реалноста и симулацијата на реалноста, односно, состојба во која тоа што е вистинито и фикцијата се споени меѓусебно, така што нема јасна граница каде едното завршува, а започнува другото), тогаш (секој со својата посебност) тоа се дефинитивно расказите од двете збирки Прстен и Премиера на Иван Точко.

Понекогаш ни доаѓа да се запрашаме: зошто (сакаме да) пишуваме?! Или зошто читаме?!? Можеби бидејќи, понекогаш (или секогаш?!?), ни се допаѓа убавиот начин на изразување (од каков било вид, па и вербално)… Но, на кого тоа (во нас) му се допаѓа убавото усмено изразување?!? На жената и на женственото во нас, можеби, ако се осврнеме на базичниот факт за кој зборуваат родовите студии, дека во секој од нас, без разлика на родовата/полова припадност и без разлика на тоа дали станува збор за маж или за жена, има по нешто и од двата рода/полови (тоест, во секого има по нешто и од другиот пол). Жените се вообичаено посентиментални, под услов да се нормално или, еве, да речеме, типично за нив развиени (бидејќи сосема друго прашање е анализата за тоа колку луѓе има што се, на некој начин, згрешени на gender основа – ни доволно мажествени, ни доволно женствени, ни трансџендер; мажи што патат по внимание или жени што се премногу груби или нешто слично). Едноставно – секој сака да чуе убав збор!

Иван Точко го нуди тој убав збор и израз, на пример, измешан со вистинита историска подлога/настан и зачинет минималистички со филозофија (зарем не е филозофска, па и вистинита, реченицата: “Миговите често, повеќе од годините, раскриваат тајни за човечкото срце!”), во Приказна за очите, расказот во кој сликарот ја бара и пронаоѓа својата инспирација: во девојката што оди на изворот по вода, во потресната и тажна историја за ослепената Самуилова војска, конечно, во боите на Охридското езеро (зарем е можно да се пренесат на платно, боите од очите на цел еден народ?!?)…

На крајот, на платното на сликарот се наоѓаат, насликани, очите на девојката, со која тој со денови (цело лето?) се среќава, додека стои пред празното, бело платно, очекувајќи ја инспирацијата, а девојката секое утро оди до изворот по вода, поминува покрај него и како на стар познаник му посакува доброутро… Очите на ослепената Самуилова војска се испреплетуваат со боите и прелевањето на водата во Охридското езеро, што пак е сето тоа содржано во очите на една девојка (или на еден цел народ?) што случајно поминува покрај сликарот и го поздравува… За чии очи станува збор во насловот на расказот? Секако, на крај дознаваме, тоа се на сликарското платно две насликани очи (кои како да го упиле во себеси сето обајание и синило на овој крај), инспирирани од девојката со која сликарот, со денови, во текот на целото тоа лето, се разминувал, но насликани очи инспирирани и од историјата, од боите што се прелеваат пред Канео, од сета инспиративност што ја овозможуваат деновите поминати во тој крај, што пак може да не донесе до повеќе други прашања, од типот, дали Охрид, во реалноста, е навистина така убав како што е претставен во расказот на Точко, дали фикцијата/фантазиите што ги создаваме се поубави од самата реалност, каде е, всушност, границата помеѓу реалноста и замисленото, помеѓу вистината и лагата…

Цица и Дивна се пријателки кои сакаат да разговараат за Ремарк (Кој е Ремарк? Сега навистина немам желба да ја отворам Википедија…).

Дивна со мажот се во кафеана во скопскиот парк, додека Цица со мажот се излезени со луѓе од некаков клуб, во кој скоро сите меѓусебно се познаваат… Ах, Дивна, таа толку често излегува со мажот, одат на танц, на кино, на излети со разни друштва… И сега танцуваат, во кафеаната во паркот, додека Цица со мажот полека си одат од клубската вечер, се враќаат дома, нема ништо поарно од дома… Цица сака да разгледа некои излози, но мажот оди по најкусиот пат: утре, сама шетај, гледај колку ти срце сака… А Дивна – браво: сега фино си танцува во паркот. Блазе си и на Цица: ретко излегува, ама отмено. Нејзиниот маж е многу пофин, никогаш не би го направил тоа, сам да отиде до скарата и да ја земе храната, да донесе нешто за вечера, бидејќи келнерот очигледно ги заборавил…

И повторно, се среќаваме со минимализирана и прилагодена/трансформирана доза на филозофија, следниот ден, додека Дивна и мажот се на кратко на гости кај Цица (и нејзиниот сопруг кој спие), кога мажот на Дивна си оди за да го гледа фудбалскиот натпревар, се среќаваме со следните размислувања на Цица (додека го испраќа до вратата), кои не знам како вие би се обиделе да ги протолкувате: “Здраво, Цица не ја затвора веднаш вратата, стои, во очите блага тага, некакво далечно копнеење, негде на периферијата од нејзините мисли и чувства: доловено, осознаено, а сепак свесно потиснато, отфрлено. Раздвиженост, едноставност која се сака, а не може да се усклади со напластеното од еден подруг живот, со подруги разбирања и навики. Полека се враќа во собата.”

Точко не е секогаш и (премногу) често пати до толку и на таков начин апстрактен и филозофски наклонет, напротив, најчесто прилично конкретно и непосредно ја раскажува приказната. Но, во текот на таа конкретност, во описот на (нај)обичните, секојдневни нешта, наидуваме на благи и навидум мали поместувања и отстапки од конкретниот тек на приказната/расказот и описот на настаните или моментите/дејството… Моментите кога Точко вешто не вовлекува во паралелниот свет на фикцијата/фиктивноста и фантазијата, за што може да се каже дека резултира со креирање на своевиден, многу успешно и вешто изграден, внимателно сосредоточен и фокусиран хиперреализам. Да успеам да се извлечам од мрзеливоста што моментално ме опфатила во врска со тоа да откријам по нешто (на Википедија) за Ремарк, можеби и крајниот заклучок за расказот Пријателки би бил поинаков…

Дури и Жан Бодријар (кој не ми е воопшто омилен како мислител) во некои делови од Симулакруми и симулација, каде што не навлегува доволно длабоко во нештата или, поинаку кажано, не загребува доволно длабоко под површината, теоретизирајќи ја реалноста/стварноста, допира некои точки и моменти што може да се аплицираат и да важат и за “реалноста” во расказите на Точко, од двете споменати збирки. На пример, Бодријар вели: “Кога стварното не е веќе она што било, носталгијата се здобива со сета своја смисла.” Ова, извадено од контекст (бидејќи, се чини дека кај Бодријар често контекстот нема некаква битна улога), чисто како реченица/изјава со извесна вистинитост, може, на пример, многу лесно да се поврзе и да одговара со расположението на главниот карактер од расказот Чај, кој не можејќи да ја прежали емотивната загуба од разделбата со својата девојка, носталгично и болно се навраќа на моментите кога тие двајцата заедно правеле и пиеле чај. “Само мирисот на чајот остана да го пече посилно од болката во грлото. А дождот врне надвор, не запира…”, завршува расказот.

Бодријар вели дека картата (мапата) е таа што и претходи на територијата – прецесија на симулакрумите, таа е онаа која ја зачнува територијата, што може да има и има значење, во еден поширок контекст на некакво лажно или лажливо човеково однесување и преправање (преправање пред кого, пред другите или пред себеси?!?), тема и мотив што може да се поврзе со повеќе моменти што ги имаат различни карактери во расказите на Точко (во форма на едно самоиспитување, себеиспитување и испитување на сопствената реалност, во форма на некаков reality check). Можеби има поента кога Бодријар ќе рече: “Така, живееме во свет кој е чудно сличен на оригиналот – нештата во него се заменети според сопственото сценарио.” И понатаму, во врска со хиперреалното: “Но сите институти за сексуална, психичка, соматска рециклажа од кои врие во Калифорнија ја имаат истата природа. Луѓето не се гледаат веќе, но за тоа постојат институтите. Тие не се допираат веќе, но постои контактотерапијата. Тие не чекорат веќе, но затоа “џогираат”, итн. Насекаде се рециклираат загубените способности, или загубеното тело, или загубената социјалност, или загубениот вкус за храната.”

Можеби апстракцијата доаѓа најмногу до израз во последниот расказ, Тајна, од Премиера. Откако научи за неверството на оваа жена, постојано комбинира како, на кој начин да му соопшти за тоа на пријателот. Вања е на гости кај сопругата на својот пријател, знаејќи дека таа го изневерува својот маж, но не знаејќи како и дали воопшто треба за тоа да и каже на жената (и на својот пријател). Мажот и жената делуваат среќни. Од нив зречеше вистинско задоволство – среќа. И тоа како да му говореше: Оди си, оди си, нам не ни е нужна твојата тајна. Ако не сакаш да ја заборавиш, задржи си ја за себеси. Нас остави не на мир. Добро ни е, гледаш. Оди си, оди си…

Повторно се среќаваме со нужната филозофска минијатура: “Да, луѓето со задоволство слушаат за незгодите на другите! Но, вистинскиот пријател…” Вања не им соопштува ни на двајцата, ниту на жената, ниту на нејзиниот маж, својот пријател, за тоа што го знае. Си заминува од кај нив со својата тајна. Излезе во ноќта скршен, навреден. И никој не можеше да му каже, да го посоветува што беше подобро: молчењето или откривањето на вистина што разорува, убива… Звучи прилично филозофски, зарем не, ова последно размислување лоцирано на самиот крај на расказот. Отвора прашања… Дали, понекогаш, во одредена ситуација, подобро е нешто да се премолчи, отколку, на пример, да се каже некаква глупост?!? Дали да се открие вистината, во секоја ситуација, апсолутно секогаш, беспоштедно?!?! Која е таа вистина што разорува, што убива?!? Расказите на Точко никогаш не се обременети со премногу филозофија, нешто што во неговата фикција особено многу ми се допаѓа. Но, филозофскиот дискурс/начин на изразување е тука, присутен, во расказите, во прозата, во фиктивниот израз на Иван Точко, но присутен е исклучително суптилно, како филозофија вметната и кажана меѓу редови, крајно неексплицитно, како некоја форма на поетична филозофија или филозофичност… Конечно, каде се границите помеѓу тоа што е реалност, фикција, филозофија, магија, поетичност… Сето тоа, можеби, најдобро е, сега за сега, да остане една недоречена, не до крај истражена и неискажана тајна…

Последниот расказ Јон, од Прстен, зборува за Јон, кој бил најден како оставено дете на влажниот песок, на брегот на Охридското Езеро. Прстен е постара збирка со раскази на Иван Точко, од Премиера. Прстен потекнува од 1959 година, во Премиера е од 1970 година, што може да ни укаже на тоа дека, во времето на пишувањето на расказите од Прстен, Точко се уште ја нема постигнато таа рафинираност на изразот што е карактеристична за расказите од Премиера (иако на текстуално ниво и во двете збирки е присутен еден посебен, забележителен шарм). Расказот Јон е некако покрут. Јазикот е поштур, иако, тоа можеби е поврзано и со темата што расказот ја претставува.

Јон е без родители, исмејуван и од помладите и од повозрасните, можеби и по малку див… Но, што останува во сеќавањето од овој расказ?!? Охрид е под германско-бугарска окупација, Јон е затворен во затвор со уште неколкумина други кајчари (сепак, расказот потекнува од 1959 година) и е испратен на мисија да ги спаси тројцата другари, раководители на движењето, што од окупаторот (кој ги бара) се кријат во куќата на едно рибарче и кои во градот слегле од планината Караорман… Секако не најуспешниот и најдобар расказ на Точко, го претставува Јон како борец за вистината. Тој успева да ги спаси тројцата другари. На Јон срцето ќе му искокнеше од радост! Знаеше дека другарите се спасени. Никој не можеше веќе во оваа темнина да ги види… Тихо и радосно, од длабочината на душата, му се откина едно ууу и Јон ја заграби со страшната сила водата…

Расказот завршува тажно и трагично. Трупот на Јон е пронајден меѓу жртвите на фашизмот, фрлени во една дупка крај градот, целиот изрешетан од фашистички куршуми. Кога сакаа да го кренат, забележија некаква хартија во неговата рака! Ја отворија и сите се зачудија: пошта?! Мртвиот Јон целиот беше наежен, како да сакаше да каже: – Пазете ја, од нашите е… Од партизаните. Имено, грозомората знае да обземе кога ќе дојде крајот на некој расказ на Точко, а зачудувачки е како и во една груба и непрефинета човекова природа, може да се наиде на извесни знаци на суптилност и среќа… И повторно, како што е случај со расказите на Иван Точко, се отвораат повеќе дилеми и прашања (отколку што се дадени одговорите и токму затоа овие раскази особено ми се допаѓаат): што е тоа човекова природа, до каде можеме да одиме во одредување на границите на човековото достоинство, до кога може да се издржи едно префинето однесување, наспроти сето зло и насилност што кај човекот кон кого се насочени предизвикуваат само немир и страв…

Се обидов да дадам реално објаснување и толкување на дел од фикцијата на македонскиот писател/раскажувач Иван Точко, фокусирајќи се претежно на првиот и на последниот расказ од збирките Прстен и Премиера. Верувајте, помеѓу тие четири раскази, се наоѓаат уште многу други, во кои како вивисекција се постулирани различни аспекти на човековата душа и психа… Иван Точко има и други збирки со раскази, како и новелети, лирски минијатури и драми: Бојана (раскази, 1953), Акорди (раскази, 1956), Раскази (1962), Вино за душите (новелети, 1968), Грев (лирски минијатури, 1971), Плуто (драма, 1972) и Охридска трилогија (три драмски текстови – Под Акропол, Робинка и Плуто, 1974). Раководејќи се според содржините претставени во Прстен и во Премиера, може да се каже дека Точко го привлекува вниманието и ја копка љубопитноста, за тоа што се случува и во другите негови дела, а, од до сега претставеното и од тоа што расказите на Иван Точко го поттикнуваат и предизвикуваат кај читателот, може слободно да се каже дека тој е и еден од најврвните македонски писатели/автори на фикција/раскажувачи и еден од оние кои на највнимателен начин го употребуваат македонскиот јазик.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Деноноќија
Кон изложбата на Адријана Ананиева
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *