Сакана како чоколадо, оригинална како поезија

Добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност Актерката Жулиет Бинош

juliette_binoche_wallpaper_4-normal

Пред неколку месеци се селев, па расчистував со минатото спакувано во кутии во подрумот и скриено на темето од библиотеката. Во рацете ми се најде алманах, кој во наше време – кога немаше мобилни и Фејсбук – беше задолжително помагало на тинејџерите штом почнуваа да созреваат и да бараат начини да се претстават на околината. Вртејќи ги страниците, во графата предодредена за омилена актерка сум испишал со лош ракопис едно прекрасно име – Жулиет Бинош.

После омилената глумица доаѓаа страниците за Омилено јадење и Што читаш. А моите одговорите се: чоколадо и поезија, соодветно. Флешбекот тука се прекинува и во сегашноста ги спојувам одговорите во една реченица: Жулиет Бинош, сакана како чоколадо, оригинална како поезија!

Точно, денес сите ја знаат како актерката од филмот Чоколадо, како заштитно лице на рекламата за парфемот Поем (т.е. Поезија) на Ланком, но што може да му значи на едно момче од 14-15 години, актерка која веќе е ѕвезда во својата држава, но допрва ѝ следи интернационалната препознатливост.

Сè почна од еден филм во моето лабиношување (според нејзинот прекар Ла Бинош). Три бои Сино (1993). (Во тетратката пишува уште нешто важно: Омилена боја? Сина.) Го гледав филмот додека недоволно ги разбирав сите реплики на возрасните, но лесно ги восприемав сликите. И што се случи? Кшиштоф Кишловски стана мојот омилен автор, Жулиет Бинош – омилената актерка. Неминовно следеше период во кој ги барав филмовите на двајцата по сите маалски видеотеки. Полскиот режисер го изгледав целосно, разбирливо, но актерката беше нешто поголем предизвик. Од филм во филм, сфаќав колку сум бил во право кога сум ја испишал Французинката наспроти многуте Американки, што останатите мои врсници обично ги одбираа.

Гледајќи го Сино бев впиен од аудио-визуелната моќност, од фантомски привлечниот, но студен оклоп на ролјата што натуралистички и лесно ја пренесуваше. Бинош во филмовите еманира онирична енергија, катализирајќи желба кај гледачот да се продре зад сувишното, отаде материјалното. Тоа е фаталната привлечност на жената кога тагува. Насмеани сите тие се убави. Но ако се вљубите додека околу себе го имаат штитот на синост, на меланхолија (Англичаните ги споиле дури и во еден збор, blue), тогаш тоа е идеален склоп. Така и јас се затрескав. А не бев режисер кој бара совршена актерка. Тоа веројатно бил Кишловски, кој одбрал три дами за својата француска трилогија, сметајќи дека еден ден ќе бидат иднината на светското кино. И додека со Ирен Жакоб и со Жули Делпи бил само делумно визионер, Бинош е сината илузија која во следните децении ќе стана една од најголемите актерки на своето доба.

Немав желба да го распакувам омиленото чоколадо набрзина. Едноставно, погледот кој содржи цел Млечен Пат, актерската способност да го отелотворува и персонифицира новото, е повод да ја запознавате одмерено. Да ги следите нејзините чекори во манир на искусен енолог, кому му е дадено на вкус најсофистицирано вино чие буке е таинстевно, недофатно. Треба да се ужива во нејзините ролји, хедонистички и аристократски, француски. И ги откривав старите, ама ги следев и новите филмови, со ист видлив ќеиф.

Ако имам друг фаворит како Сино од таа рана фаза, тогаш сигурно е Штета (1992) на Луј Мал. И покрај фактот што во периодот кога се појави филмот, Џереми Ајронс беше поголема ѕверка, со Оскар во биографијата, во моето сеќавање испливуваат на површина единствено сцените во кои се појавува Бинош. Никогаш не сум ја дефинирал женственоста преку убавината на силиконските Памели. Дали е во тежок капут и со машка фризура, дали е легната на подот со малку облека на себе, Бинош во Штета претставува амалгам на сексапилноста. Но, не е тоа само прашање на физички изглед, туку несопирливост во актерската супериорност, предодреденост да се носи во себе и естетичноста и еротичноста истовремено.

Во однос на приватноста, татко ѝ, Жан-Мари Бинош, е режисер, актер, скулптор, а мајка ѝ Моник Ивет Стален, наставник, режисер, актерка. Покрај француски, во семејниот корен имаат полски, валонски, португалско-бразилски жилички. Поради разводот на родителите, рано оди во интернат со сестрата Марион, што ќе остави длабоки траги врз неа. Артистичкиот темперамент на Бинош, наскоро ја воведува во уметничките дамари на Париз, посетувајќи стотици театри, музеи, кино-сали. Се запишува на факултетот за драмска уметност, почнувајќи аматерски да се занимава со глума, понекогаш и со псевдонимот Жулиет Адриен. Но, она што е ружа, со друго име пак ќе мириса со иста сладост.

Иако во филмовите автентично покажува дека актерот не треба само да се преобразува, туку да биде ликот, навраќајќи се кон почетоците, сфаќате дека има таа, нормално, и споредни и мали појавувања во својата 31-годишна кариера, но како да ги одбележува речиси сите наслови со своите појавувања. Нејзината прва улога во игран филм, просечниот Liberty Belle oд 1983 година на Паскал Кане, станува антологиски токму поради фактот дека е „првиот филм на Бинош“. Љубовниците на мостот (1991) пак, критичарите го сметаат за најдобриот на Леос Каракс а, секако, Бинош, игра во него. Освен што со премиерата завршува и петгодишната врска со режисерот, романтичниот филм се покажува исцрпувачки, бидејќи продукцијата трае повеќе од две години, период во кој не снима ништо друго. Сепак улогата на беневолентната уметницата Мишел Стален (ликот го носи моминското презиме на мајка ѝ), која се вљубува во млад отпадник, ѝ ја донесува првата Европската филмска награда за актерка и третата номинација на Цезар-наградите. Претходните две се за Рандеву (1983) на Андре Ташине, во кој влетува како замена на Сандрин Бонер, а потоа станува сензација на Канскиот фестивал, и за првиот филм кој го снима со Каракс, Лоша крв (1986).

И покрај честите епизодни улоги во почетната, пред сè француска фаза, Бинош се појавува во проекти на еминентни домашни режисери како Жан-Лук Годар (Аве Марија), Жан-Пол Рапно, Аник Лано, Жак Руфио, играјќи со најголемите актерски имиња, Мари-Франс Пишие, Маша Мерил, Филип Леотар, Мишел Серо, Ани Жирардо, Мишел Пиколи, Франсоа Клузо. Сепак, наскоро ќе се покаже дека татковината може да биде претесна за талентот на Бинош.

Во таа смисла важно место има веројатно најпрочуениот филм на американскиот режисер Филип Кауфман. Своевремено се угледувавме на Томас од Неподносливата леснотија на постоењето (1988), впечатлива фигура на интелектуалец-фраер,  размислувачки шармер. Сепак, имаше поголема причина зошто го обожававме филмот. Ла Бинош. А тoа е првиот филм во кој говори англиски, со несигурност на почетник, но со неподнослив шарм.

Англискиот ѝ ги дава крилјата што ги заслужува. Најпрво стигна до Орканските височини на Емили Бронте, земајќи им го Ралф Фајнс на Хелена Бонам Картер и на Кејт Бекинсејл, и до неколку други филмски врвови, но слета на вистинскиот со Англискиот пациент од 1996, романот на Мајкл Ондатжи екранизиран од ценетиот Британец Ентони Мингела. Со овој проект, Бинош стана дотогаш само втората француска актерка после Симон Сињоре во 1960 година, која добила Оскар. Понесувајќи ја потврдата за најдобра споредна улога, на сцената во Лос Анџелес, дополнително ги освои симпатиите со репликата дека наградата требало да ја добие Лорен Бекол. Таквата харизма, да не се поседуваат предметите како фактички облик, прават проектите и наградите да не ја одбегнуваат во ниту еден момент од кариерата.

Оттогаш, таа ѝ се распостила буквално насекаде на Земјината топка, и веќе многу малку има простор приказната меѓу Бинош и мојата наклонетост да биде строго лична. Но, и покрај сè, чоколадото продолжуваше и продолжува да (ме) освојува, како кога самоуверено приготвуваше чоколадо во истоимениот светски мега-хит на Ласе Халстром од 2000 година, бакнувајќи се со Џони Деп на екранот, пред воздишките на љубоморните жени. Публиката, без оглед на припадоста, веќе беше целосно маѓепсана, така што стана и прв двоен носител на Европската филмска награда за најдобра актерка.

Многу режисери го користеа стегнатиот и скаменет лик на Бинош (Камил Клодел 1915, Насилно влегување), речиси до истрошување, како своевиден Бермудски Триаголник во кој просто чекате да бидете проголтани. Но ми се допаѓаше и кога ги правеше испадите во необични, дури и комични ролји, како Џет лег (2002) со Жан Рено, Дизни-продукцијата Ден во вистинскиот живот (2007), романтичната комедија Зборови и слики (2014) покрај Клајв Овен.

Бинош пленува и со намерата да снима со креативци од што е можно повеќе националности, од кои се одвојува Иранецот Абос Кјаростами и Заврена копија од 2009, за кој ја освојува наградата за најдобра женска улога на Канскиот фестивал и станува првата актерка во светот која ја понесува „тројната европска круна“. Претходно Венеција ја „доби“ со Три бои сино, а Берлин со Англискиот пациент. Светот дефинитивно е под нејзините колена.

Clouds-of-Sils-Maria-01

И кусата коса, и раскошната фризура, и трагичниот карактер, и заразната смеа, и патериците, и тишината, и haute couture на Армани, и машката вратоврска, ја прават Бинош прекрасна. Дури и космонаутски скафандер да стави на себе, избликот на креативност е толку голем, што одново ќе биде вкусна како поезија, омилена како чоколадо.

Кога ќе помислите, готово, толку, покажа сè што умее, ете, одново се трансформира, па од актерка станува танчарка, гази самоуверено на театарската бина, снима реклами, предводи хуманитарни мисии, слика и прави постери за филмови, потпишува свои книги, и конечно, како ретко кој друг, има храброст на 43 години (родена е на 4 март 1964) да се појави за првпат во Плејбој. Голотијата и таму не е само површина. Фотошоп не е искористен да ја разубави (нема како и зошто), туку да ги замагли сликите, да им го додаде артизмот кон која таа веќе толку долго патува и го практикува. Не е случајно ниту тоа што кампањата за парфемот Поем оди под слоганот „некогаш зборовите не се доволни“.

Во недостиг на зборови, би можел како и Џереми Ајронс во Штета да останам вечно загледан во нејзината фотографија. Сепак, има една интересна тривија со Франсоа Митеран кој во 1993 година јавно ја поканил на вечера во претседателската палата: „Една вечер сонував како ја бакнувам, па се надевам дека сега ќе ми стане љубовница“. Иако Бинош го одбива, наскоро се среќаваат сосема случајно во маркет и почнуваат разговор за уметноста, љубовта, книгите и за поезијата.

Јас не можам да ја сретнам во Париз едноставно, бидејќи живеам во Македонија. Но можам во Битола. Точно, и уште не знам дали ќе имам прилика да разговарам со една од најголемите актерки на денешницата, но знам дека на „Браќа Манаки“ покрај себе ќе имаме чоколадо и поезија.

 

Жарко Кујунџиски

Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
Скопјe има уште една преубава книжарница!
Новиот продажно-изложбен салон на „Антолог“ почна со работа на 1 септември на...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *