Под фуснота

Секогаш потреба и обврска за нужно упатување, за дорекување, за дооткривање. За упатување и за насочување кон употребата на одредена информација и сознание. Секогаш и потреба и обврска. Сега, пак, само чувство. Но, не, сè уште не чувство за да ви се доотворам, да ви се доразголам – духовно. Себеси, себеси сакам да си се дора­зоткривам сега. Како малку да имало вдлабочувања во сопственото битие во/низ некои искази што најчесто биле напабирчени од мноштво повеќе или помалку разбиени секвенции. – Затоа повеќе соновни и потсвесни отколку свесни. Резултат најмногу на гневно и на непоштедливо раскорнување на не лесно сознатливите пространства на внатрешниот свет. Затоа, себеси и ќе си противречам сега ако треба. Со себе дури и ќе спорам. Ќе спорам во име на онаа внатрешна, на онаа најдлабока, на онаа душевна раскорнатина.

Па, за што најпрво да прозборам? Што е тоа што прво ќе го ставам под фуснота? Ај нека бидат тоа соништата. Ако поради ништо друго, тогаш барем поради прво­от­ворањето и поради првооткривањето. Ама и поради сите оние нешта што сега не можам да ги доизречам. Оние нешта што никогаш не се доискажуваат со зборови. Пред кои зборот многу често останува и застанува немоќен. Дали ќе бидам барем малку јасен и барем малку насо­чу­вачки и себеоткривачки ќе функционирам ако под фусно­та (се) доречам дека тоа е вистинскиот свет (– сигурно не само мој и сигурно не само за себе). Па, уште и ако доре­чам дека токму соништата ме созда(ва)ле мене? И толку. Малку ли е? Многу ли е?

Едно друго такво отворање беше крикот, викот. – Можеби „светлиот тажен вик“? На таа позиција бев веќе и откриен, прочитан, да речам. Ама, токму и затоа – фусно­та! Но – што под фуснота? Крикот? Викот? Мојот ли вик? Светол ли, тажен ли? Малку било. И светол и тажен е малку. Малку за да го објасни. Ритмичката одгатка што следува (таму), веднаш по(д) тој наслов, веројатно требаше само да го дозагатне зборот. Ако не беше така – ќе ја нема­ше поезијата. Песната беше форма. Или формата беше песна? Со таа песна-форма-песна, тогаш само им фрлив в очи на некои современици, пардон – пријатели, дека не ми е толку тешко да правам форми – налик на оние традицио­налните, ама и иновантни, па дури и необични. Воопшто не ми е важно што не ја прокоментираа ни таа форма. Ама и не (ми) требаше. Не ми беше ни потребно. Нешто друго е тоа што ми е важно. Самиот вик, па и крикот ми се важни. А за него уште нешто – сега.

Поетот, имено, ако е поет, е понор, а не нешто видли­во, привлечно, маркантно; нешто како светилник, на пример, или нешто парадно; ако не и нешто присилно лудо. И песната е понор. Ако е песна. Понор, а не форма. Од понорот извира песната. Извира како нешто што може само да се насети. Ако може. Но и кој како може. Кој колку може. И пак – само ако може. Ама само да се насе­ти. Не и да се оформи. Не и да се изрази во нешто видливо. Ниту пак да се осознае целосно – до крај. Не пак да се објаснува, да се коментира, да се дефинира итн. Ако, пак, се успее во откривањето-дефинирањето-дешифрирањето-деконструирањето, е тогаш, тогаш ги нема веќе ни песната ни поезијата. Значи, ни содржина ни форма не е песната. Таа е нешто што не се дава да биде определено одредено. Таа е понор. А поетот? Па, и тој е токму тоа. Понор. Однос­но, во понорот е неговото вистинско битие – и опсто­­­ју­ва­ње и дејствување како поет. Но и викот е од такво потекло. Та оттука – песната е вик што клокоти во/од тој понор.

Зарем се дорековме за прашањето за крикот? Не. – Само се откривме. Се издадовме. Се предадовме. И тоа само заради некоја фуснота. Само поради тоа што под фуснота ставивме тоа што ниту треба ниту пак смее да се става. А што сега? Што понатаму? А нема ни крај. И, како ќе го има? Та се фаќаме само за некои – пак – маркантни, само за некои најпрепознатливи коти. Ако не централни, јадрени, ако не ни воведни во/кон неколкуте објави во последниве децении, тогаш барем почетни. За/во/кон некои од тие објави. Така и нè води претходната марги­налија, пардон, фуснота – кон крикнувачкиот молк. Од викот кон молкот или од молкот кон викот – крикнувачки. Ама немеам. Што може тука аналитичарот пред поетот? Со/по поетот? Ништо. Каква фуснота? Молк. Празнина. Крај во бескрај. Бескрај во крај. Крај и бескрај во едно. И молк. И немоќ. И толку. Дотука.

Па, сепак – и отпосле. Молк на густината. На пусти­на­та. Молк на тишината. Молк на/во молкот. Кондензација од времиња и од простори, од светлини и од мрачнини. Молк од треперења и од идеи-секавици. Молк од срасти и од минливости. Молк од радости и од гнаси. Од лудории и од страсти. Од премолчени, од заборавени, од недоречени или од неизлечени љубови. Од красти. И – дури – и молк од молк. Ама, пак, пак – и пак – молк молкнат што е. – И размолкнат, и домолкнат – до самокрикнување крик­нувачки молк. Оди и побарај го, сега – поетот?! Оди доречи го, одреди го, толкувај го, форматирај го. Фусно­тирај го. Оди најди го. Под која фуснота? А сега? Да ставам ли – под фуснота – уште и некои викови-крикови од за именување невозможните понори на молкот? Оттаму каде што молкот самиот себе се доведува до крик? А не да ги има. Се завртувам наваму-натаму. Па, сè од тие длабо­чини. Самиот поет. Без остаток. Вистинскиот. Целосно е едно постојано изненадувачко и необјасниво испливување од тие длабочини на молкот. Како крик. Како вик. Необ­јасниво што се откинал од молкот. И оди фати го. Оди објасни го. Оди под фуснота смести го.

 2006

Leave a Reply

Your email address will not be published.