Мирослав Крлежа пред мапата на македонскиот национален ентитет

krleza-1

Неподелени се мислењата дека Мирослав Крлежа (1893-1981) е еден од досега најрезултатните интелектуални и креативни промислувачи и аналитичари на балканскиот простор во целина, односно на балканските земји како плацдарм на/за илјадагодишните пресметки меѓу Цариград и Рим[1]. Меѓутоа, помалку е познато, иако воопшто не е незабележливо, дека во тој контекст тој е особено интересен токму како промислувач на Македонија, на Македонија како централен дел на Балканот и на Македонија како простор на најтрагичните балкански братоубиства и делби. На Крлежа тоа му го овозможуваат не само неговата енциклопедиска информираност туку најпрво и пред сè неговото лично животно искуство. Неговото вистинско македонско крштавање се случува во времето на Балканските војни. Вниманието на младиот хрватски, пардон – австроунгарски, кадет кон Македонија, значи, ќе го свртат воено-политичките настани од 1912 и од 1913 година. Уште пред започнувањето на Првата балканска војна, во мај 1912 година, тој се префрлува од Унгарија во Белград со намера да се вклучи во подготовките за сè уште незапочнатата, но веќе насетувана војна. Меѓутоа, bez identiteta, bez punoletstva i bez tisuću raznih birokratskih formalnosti nije se dalo ućiniti savršeno ništa[2], па по неколкудневната белградска авантура и неприфаќање од Белград, се враќа безуспешно во Будимпешта[3]. Нешто подоцнежното откривање на неговата белградска турнеја ќе му донесе соодветна воена казна, излегување пред воен суд[4], секако третман на воен бегалец, извесно време во затвор, како и лишување од офицерскиот чин.

Следната година, кон крајот на Првата балканска војна, некаде кон април, а поверојатно во мај (а тоа, како што посведочи самиот во разговорот со делегацијата на Струшките вечери на поезијата на 19 септември 1979 година, со фалсификувани документи), младиот Крлежа повторно излегува од Австро-Унгарија. Од Загреб заминува најпрво во Париз, кој го напушта по неколкудневен престој, па веќе во јуни, имено уште пред започнувањето на Втората балканска војна, како доброволец, со група истомисленици, соидејници и истосудбинци, дваесетгодишниот Крлежа, по морски пат, стигнува во Солун, сè уште во состојба на опијанетост од идеите за обединување на јужнословенските народи. Иако беше нашироко претставувана како ослободувачка и обединувачка, младиот, но извонредно аналитичен Крлежа, брзо ја прочита експанзионистичката и поробувачка суштина како на сè уште недовршената Прва така и на Втората балканска војна, која го чекаше само потпалувањето на фитилот. Крлежа тогаш се стави во позиција на активен разобличувач на карактерот на Балканските војни. Неговата не толку видовита колку сериозно аналитичка позиција не беше уште ни потврдена со скорешното и со уште покрвавото прогресирање на вториот балкански конфликт во летото 1913 година, а гласното и протестно откривање дека балканските соседи не ги ослободуваат, туку ги черечат со векови поробената Македонија и македонскиот народ, односно неговата улога на антиафирматор и на демистификатор на оваа војна, уште во текот на јуни 1913 година го направи сомнително опасен за српските воени власти и му донесе обвинение дека е дезертер и австроунгарски шпион. Како место на неговото судење и на неговата голгота судбината му го имаше одредeно Скопје. Архивските документи за неговото судење се пропаднати или се сè уште недостапни, што е услов за постоењето на многу нејаснотии во врска со неговото доаѓање во Македонија, со обвинението, со судењето, како и со без малку фантастичниот хепиенд[5]. Во отсуство или во недостиг на архивски документи, неговите скопски денови, т.е. деновите на судењето и на ненадејното спасување, сите проучувачи ги реконструираат главно според пишувањата, а понешто и според усните искажувања на самиот Крлежа[6]. Тој, пак, не само што не открива доволно туку би рекле и дека во врска со ова е дури и премногу скржав. Зачудува, имено, што не го открива ниту името на својот спасител.

 *

*                           *

За време на својот пристојно долг живот, Мирослав Крлежа не престојуваше многу често во Македонија. По своето македонско крштавање во 1913 година, во Македонија доаѓа дури во јануари 1937 година. Престојува неколку денови, и тоа само во Скопје. Повод е поставувањето на неговата драма U logoru на сцената на Скопскиот театар. За нашиов пристап не се толку интересни неговите впечатоци од претставата, кои ги изнесува во двете скопски писма (од 18 и од 20 јануари), испратени до сопругата Бела, колку исказот на Крлежа за неговото тогашно доживување на Македонија пошироко, кој го изнесува исто така во писмо до Бела, но пишувано веднаш по неговото враќање во Белград (22 јануари 1937 година): Sve što sam vidio i doživio u Skoplju je bilo vrijedno da se vidi i doživi, toliko je ogromno po svom paćenju, da sam apsolutno odlučio sprovesti jedno dulje vrijeme tamo na jugu, gdje je sve toliko dinamično te izgleda upravo nevjerojatno[7], пишува тој.

Следниот, и тоа само индиректен, но не малку значаен, контакт на Крлежа со Македонија е неколку години по Втората светска војна, односно во 1949/1950 година, кога тој ја организира Изложбата на средновековната уметност на народите на Југославија, која траеше од 9 март до 22 мај 1950 година во Париз. Средновековната македонска уметност, а особено македонската фреска, како една посебна целина во рамките на изложбата, беше за првпат на највисоко ниво и афирмативно претставена пред масовниот реципиент во светот, а Крлежа тоа можеше да го направи дури и без да престојува во Македонија во врска со изборот на експонатите.

По париската изложба, во еден би рекле дополнителен, но повеќегодишен и константен проблемски дослух со Македонија, Крлежа ќе биде како директор на Југословенскиот лексикографски завод, а посебно како главен уредник на Енциклопедија(та) на Југославија. Како главен уредник на Енциклопедија(та), а во тоа време уште и како претседател на Сојузот на писателите на Југославија, еднонеделен престој во Македонија ќе реализира дури во 1960 година. За овој еднонеделен престој на Крлежа во Македонија интересни соопштенија наоѓаме како во еден негов текст така и во искажувањата на македонските автори што имаат контакти со него. На тој план, имено, односно меѓу поновите текстови и искажувања на Крлежа за Македонија, особено внимание привлекува неговата патописна импресија Viaggio in Pelagonia, необјавена за време на неговиот живот.

Видена според нејзината нецелосна варијанта, објавена во книгата Krleža post mortem на Енес Ченгиќ, таа се открива како еден финално недоречен текст на авторот. Стилски кореспондентен колку со неговите рани експресионистички текстови толку и со неговата публицистика и есеистика, составена повеќе од дигресии и од реминисценции, оваа патописна импресија изгледа како една натуралистичка разгледница на Македонија од 1960 година[8]. Пред, а особено по еднонеделниот престој во Македонија во 1960 година, Мирослав Крлежа имаше доста писмени и други контакти со повеќе личности од Македонија. Многу од нив се откриваат веќе од книгите на Енес Ченгиќ (S Krležom iz dana u dan I-IV) и на Огнен Бојаџиски (Крлежа и Македонија). Во рамките на нашиов сегашен пристап кон Крлежа, пак, интерес привлекува само неговото искажување во разговорот со делегацијата на Струшките вечери на поезијата на  19  септември 1979 година во неговиот дом во Загреб. Во оној дел од разговорот што е во врска со односот на бугарските писатели кон струшкиот поетски фестивал, Крлежа, меѓу другото, вели: Zašto Makedonci ne bi ostali subjekt? Neka postoje kao subjekt tako dugo dok postoji definicija makedonske subjektivne svijesti[9]. Изречен кон крајот на животната и на творечката кариера, овој исказ би можело да се земе како филозофска, како теориска надградба над дотогашните сознанија и креативни изобразби на/за македонскиот национален ентитет во делото на Крлежа. Дури и наспроти тоа што нашиов пристап се засновува главно врз неговиот белетристички опус. Покрај таквите писмени контакти со некои Македонци, пак, во текот на двете последни децении од животот, Крлежа имаше барем уште неколку и навистина сериозни поводи за доаѓања во Македонија. Такви поводи се одбележувањето на 1050-годишнината од смртта на св. Климент Охридски (во 1966 год.), формирањето на Македонската академија на науките и уметностите (во 1967 год.), како и добивањето на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 1979 година. И покрај активната вклученост во овие случувања, поради што и беше можно и нужно неговото доаѓање во Македонија, тој не реализира ниту една од овие можности за нови посети.

Наспроти не толку честото физичко присуство, од неговото македонско крштавање во 1913 година, па до крајот на животот, во својот незаборав и во својата креативна актива, во резултатите од својот огромен интелектуален багаж воопшто, постојано, континуирано, Мирослав Крлежа мисловно ќе ги носи и креативно ќе ги варира не само извонредно тешкиот, но среќно завршен миг од/во неговиот живот, туку и, пред сè, историско-политичките случувања од тоа време. Ќе ја носи трагичната историска судбина на Македонија и на Македонците, кои интелектуално ќе ги промислува и ќе ги открива, односно креативно ќе ги пресоздава во многу дела и во рамките на речиси сите жанрови во кои се остварува. Како во неговите мемоарско-публицистички и есеистички остварувања  настанувани во различни периоди (како во Davni dani, Detinjstvo i drugi zapisi, Deset krvavih godina и други) така и во некои од неговите белетристички, поконкретно раскажувачки и романескни остварувања, од кои во овој контекст се особено интересни новелата In ectremis (1923) и неговиот панорамен и хроничарско-политички роман Zastave (1967). Веројатно не е многу нужно овде ниту да се спомнуваат неговите постојани и живи пошироки интересирања за Македонија, особено за нејзиниот напредок по Втората светска војна, поточно по неговиот престој од 1960 година. Многу можеби недоречени и недорекливи прашања и моменти од тие релации во неговото дело веројатно содржат како неговата огромна оставина така и богатите архивски фондови.

*

*                           *

Грабежите и дележите, како и другите балкански несреќи, се дури и една од главните опсесии на Мирослав Крлежа во неговиот квантитативно неспоредлив мемоарско-публицистички и есеистички квантум. Овие прози се бележени најчесто како со знакот на балканските братоубиствени војни така и со опседнувачките искуства, кои во Davni dani се дури и искуства во настанување, во тек со Првата светска војна. Иако Балканските војни Крлежа ги промислува главно на еден крупен геополитички план, никогаш тоа не го прави без да го заборави и сопственото животно искуство, сопствената судбина. Веќе во своите Davni dani, во таа недотеклива дневничка интелектуалистичка прозна материја, редовно се потсетува и интелектуално медитира во врска со својот судбински незаборав. Така, нецели три години по самото искуство, веќе во белешките од февруари 1916 година, во неговото спуштање по серпентините на свеста, сè пониско и пониско од ден во ден[10], неговите сеќавања се спуштаат и ги опфаќаат местата и сеќавањата сè до и за Велес, Скопје, Брегалница…[11], односно на релациите меѓу Куманово, Скопје, Битола[12]. Таквата опседнатост е уште повеќе забележлива веќе во белешките од мај 1916 година, кога Крлежа е повторно на фронт, т.е. сега веќе и самиот во униформа. Во неговите промислувања на светот, во неговиот интелектуален сеопфат, често и за многу нешта, Македонија, брегалничкото братоубиствено крштавање, како и лично доживеаните судбински нешта, му се појдовен и граничен репер. Скопското искуство на Крлежа од јуни 1913 година и непосредно потоа окрвавената Брегалница го отвораат и го насочуваат неговото аналитичко интелектуалистичко око, но го активираат и неговиот хуманистички нерв. Неговото толкување на светот, особено на актуелно (во 1916 година) и поделената и раскрвавена Европа, неговото читање на глобалните случувања во годините на Првата светска војна, не би биле такви какви што се без неговото лично искуство од јуни 1913 година и без многустраното, колку геополитичко толку и егзистенцијалистичко, т.е. филозофско, но пред сè и над сè длабочинско толкување на Брегалничката битка. Сега тоа го може бидејќи:

U Skoplju godine 1913 juna mjeseca, o svemu tome imao sam neobično jasne slike, uvjeren da se sve to može izraziti stihovima dva i po metra dugim. U onome trenutku sloma svih ovozemaljskih vrijednosti, dječačkih dragih iluzija, samoobmana i megalomanije, meni se objasnilo da jedina prava i tog poziva dostojna misija umjetnika (u takvome kaosu u kakvome mi živimo) ne može da bude drugo nego da propovijeda ljubav prema čovjeku kao takvom, bez obzira na meridijane, paralele, boju masti, države, nacije ili kontinente[13].

Како во Davni dani така и во своето Detinjstvo I drugi zapisi, а не помалку уште и во мноштво свои есеистички остварувања (Deset krvavih godina, Moj obračun s njima и други), Мирослав Крлежа е пред сè интелектуалистички промислувач, но и аналитички толкувач на една (и просторно и временски) неповторлива геополитичка драматичност каква што е драматичноста, какви што се судбината на стравот и егзистенцијалната неизвесност на балканските народи во времето на Балканските и на Првата светска војна. Во сето тоа, една од главните координати на неговото интелектуално-филозофско промислување на Балканот, па дури и на поширокиот регион, редовно тргнува од Македонија и од страшните случувања во неа, а тоа поаѓалиште најчесто е токму Брегалничката битка. Бидејќи овој и ваков интелектуалистички пристап на Крлежа не е ни без неговото лично искуство, сосема логично, меѓу многуте коти во/на ваквата негова панорама најчесто се сретнува Скопје, но се разбира покрај Солун, Куманово, Велес, а особено Брегалница. Брегалница, значи, и пак и секогаш Брегалница. Во интелектуалистичко-филозофската и геополитичка теорија на Крлежа за Балканот, со името на Брегалница се означува трагедијата, се означува судбината на балканските народи. Брегалница ги симболизира колку нивниот самоуништувачки синдром толку и жестоката крвава лекција за нивниот и посебен и заеднички опстој, не само на овој простор туку и под ѕвездите воопшто. Неслучајно, веќе во Давни дани Крлежа забележа дека од ропството не може да (се излезе) преку Брегалница[14].

Во својата белетристичка проза, пак, во која квантитативно не е толку често исправен на својата македонска координата, Крлежа тоа го прави преку животните искуства и преку идејните погледи на протагонистите во неа. А меѓу протагонистите во неговите дела што ќе ја доживуваат или што ќе ја промислуваат Македонија не ќе се толку често некои Македонци, колку претставници на другите народи од балканските простори, што значи дека тие (односно самиот автор преку нив), однадвор, односно отстрана ја читаат мапата на македонскиот опстој. Колку е подобро или полошо тоа за вистинскиот, за задлабочениот аналитички пристап?

*

*                           *

Ако во раната белетристика на Мирослав Крлежа примерот со експресионистичката драма Kraljevo, во која (на) сцената е еден панаѓур на кој, меѓу многуте професии, раси и народности, ги сретнуваме и Македонците, е не само осамен, фрагментарен, а можеби најмногу случаен или, уште подобро, не многу значаен, тогаш вистинско внимание привлекува неговиот Македонец од новелата In extremis[15].

Но сега и овде не се занимаваме толку со нејзините извонредно интересни наративни и стилски специфичности, како ни со прашањето на/за просторот во неа, аспекти од кои студиозно ја разгледува Александар Флакер[16]. Спротивно на таквите аналитички аспекти, новелата сега е за нас интересна со ликот на Македонецот, војник во армијата на Кралството СХС, набрзо по Првата светска војна[17]. Ликот на војникот Македонец не се наоѓа во основниот простор и време во/на кои се одвива главното дејство, туку се открива преку реминисценциите и монолозите на Виктор Кунеј, главен протагонист и наратор во новелата. Епизодата со Македонецот, практично, е текст во текст, односно посебен текст во поширокиот контекст на новелата. Како припадник на прогресивното движење и како револуционер што се вратил од СССР, тој е гонет, па сака да се префрли преку државната граница. Додека бега и се крие во некоја маслинова шумичка на јадранското крајбрежје, тој налетува на или на него ќе наиде војникот Македонец. Во дијалогот што ќе го поведат, Македонецот наивно, искрено, простодушно, ќе му ја подотвори душата, ќе проговори за својата состојба, за страдањата, за загубите и за пропаста на своето семејство и на својот народ. Дијалогот со Македонецот, секако, не само што ќе остави траги врз Кунеј туку и значително ќе го промени. Ќе влијае особено врз натамошното себечувствување и однесување на револуционерот. Со својата страдалничка неспоредливост, со својата исусовска неспротивставливост, со својата духовна силина, зборовите на Македонецот ќе го преобразат Кунеј, ќе ја скршат неговата желба за отпор и ќе го одвратат од намерата да бега преку граница, така што тој доброволно ќе се предаде и ќе се изложи на измачувањата што ќе следуваат. Но ќе знае зошто. Уште подобро и најдобро, секако, тоа го знаеше и самиот Крлежа. Во прашање ќе е, веројатно, неговата свесност за преголемите страдања на Македонците во годините на неколкуте штотуку поминати војни, за нивната историска голгота. Што би барал Кунеј во споредба со таквите безмерни страдања? Всушност, најдобро тоа го илустрира само еден дел од крајот на новелата, сретнувањето и првиот дел од разговорот меѓу Кунеј и Македонецот:

Prva mi je misao bila da su došli po mene! Još se i danas stidim te misli! Bila je obalna straža. Vojnik. Pozdravio sam ga, a on mi je odzdravio bugaraškim naglaskom[18], tiho, u nekom nadnaravnom molu. I sada mi još zvoni o n a j n j e g o v m o l u uhu. Ja ga i danas još osećam nadnaravnim. Pitao sam ga, kako je pao ovamo, a on mi je odgovorio da ne zna. Iz Makedonije je i tu već stoji dva meseca. Zapitao sam ga, čuvši da je iz Makedonije, je li Srbin ili Bugarin i najposle nije ni potrebno da naglasim, da uopšte nisam mogao imati nikakve namere s tim pitanjem. Dogodilo se to sasvim nehotice, asocijativno, u vezi s Makedonijom, a on mi nije odgovorio ni jedne jedine reči, nego samo duboko uzdahnuo.
– No,
dragi! Što je? Što šutiš? Ne ću ja tebi ništa, ako si Bugarin! Meni je to potpuno svejedno.
– I meni gospodine! I meni! Ja bi hteo samo da se vratim! Eto! Već sedam godina kako služim. I svi mi služimo. Kud koji, kamo koji, amajopet samo služim.
– A ko ti je ostao na domu?
[19]

Во натамошниот разговор меѓу Кунеј и војникот од Македонија ги следиме кусите информации на војникот за неговите страдања и за страдањата на неговото семејство во минатите војни. Раскажувањето (или реминисцентниот монолог) на Кунеј за војникот Македонец, односно она што го зборува овој страдалник, е крајно лапидарно, но затоа многу богато како со своите информации така и со духовната силина. На тие две страници дијалог меѓу Кунеј и Македонецот, всушност, сликовито е претставена судбината на македонскиот човек, на македонскиот народ во времето од Првата балканска војна до годините по Првата светска војна, па и потоа. Се смета дека во своите уметнички опсервации на балканскиот простор во ова време, овој лик Крлежа го зема како претставник на страдалничките народни маси на Балканот. Разгледувајќи ја оваа новела од аспект на постапките со кои е оформен просторот во неа, А. Флакер, кого го интересира пред сè Балканот како простор во оваа новела, со право забележува дека во дијалогот со Македонецот се конкретизира балканскиот простор како простор на национална и социјална обесправеност, простор на постојани војни во кои селанецот што е лишен од земјата е само објект, исто така на балканските знамиња“ и „кралеви“[20].

Анализирајќи ја, пак, оваа новела од јазичен аспект, во вториот дел од својата студија  Krležin Makedonac[21], Флакер, кој се служи со едно поново издание на новелата (од Novele, 1955), истакнува дека непознатиот војник Кунеј го идентификува најпрво јазично („on mi je odzdravio s makedonskim naglaskom“)[22]. Тоа зборува дека Флакер или безрезервно ги прифаќа подоцна извршените редакции, односно интервенции на/во новелата или, пак, дека ги превидува како такви. Но се чини само дел од нив, бидејќи на едно место тој не може да не забележи дека една реченица во првото издание на новелата е дури и графички истакната[23]. Истакнувајќи ја смелоста на Крлежа да проговори во тоа време (1923 година) за теророт што се вршеше врз обесправениот македонски народ[24], а што е во духот на постарата хрватска литература, тој, имено, не забележува дека во првообјавената варијанта, овие неколку подоцна избришани или преиначени зборови фрлаат малку поинаква светлина врз творечкиот став на Крлежа заова прашање во времето на настанувањето на новелата.

Војникот Македонец во дијалогот со Кунеј, навистина, повеќе зборува во минато време, соопштувајќи ги страдањата и загубите во претходните воени години, но тоа е само увертира во недореченото, во премолченото, во авторовото настојување да ја претстави балканската состојба. Преку ликот на Македонецот во оваа новела и, посебно, преку неговиот дијалог со Кунеј, е даден не само опис на повеќето војски и власти што за кусо време се изменија во Македонија, безмилосно ограбувајќи и уништувајќи го македонскиот народ, преку кој ги расчистуваа своите сметки и интереси и малите балкански и големите европски сили, туку и душевен портрет на македонскиот човек, слика на социјалната состојба на Македонците непосредно по Првата светска војна. Во исто време, тоа е и една ретко густа и сугестивна студија за балканските состојби, со кои Крлежа и во годините до настанувањето на оваа новела и подоцна, како што видовме, беше преокупиран уште и во многу есеистички и мемоарско-публицистички остварувања, како во Balkanske impresije (1924) така и во Deset krvavih godina (1937) итн. Се разбира, преку овој извонредно интересен лик од новелистиката на Крлежа, не може да не се констатираат уште некои компоненти што го дооткриваат ставот на Крлежа за народносно-националниот ентитет на Македонецот. Над сето тоа, пак, забележливо е што неименуваниот Македонец толку силно морално ќе повлијае врз Кунеј што овој ќе се откаже од бегството, чувствувајќи се како виновник за и како предавник на страдањата на овој човек или на човекот општо. Не е случајно, нели, тоа што Крлежа го претставува Македонецот, барем според неговиот глас со натприродни особини, како што се појавува и како што е гледан од страна на Кунеј.

*

*                           *

Знамиња(та) на Мирослав Крлежа се големото дело на неговото богато животно искуство и на неговата творечка синтеза. Оттука и македонските теми во нив претставуваат не само квалитативно продолжување и надградување врз опсесиите со Македонија во некои од неговите претходни дела туку и една нивна синтетизирана креативна преобразба. Кога станува збор за овој роман, всушност, станува збор за една богата и во сè исклучителна, на белетристички јазик транспонирана политиколошка и геостратешка студија, која се однесува на еден пресвртен историски период не само за авторовата Хрватска и не само за Балканот и за подунавските земји туку и за Европа општо. Како аналитичар со извонреден слух, колку за процесите што се развиваат во границите на австроунгарската империја, која е веќе во своето предвечерје, не помалку и за превирањата во хрватското општество, интересирањата на Крлежа се и многу пошироки. Овде тие го опфаќаат Балканот како една геостратешка, како една егзистенцијална и културна целина, но не се ни без соодветен однос и кон уште поширокиот простор на јужна Европа. На еден веројатно само условно примарен план, тој, секако, и ќе се концентрира врз меѓунационалните политички и други односи и интереси меѓу Хрватите и Унгарците во рамките на австриската империја. Всушност, како и во својата мемоарска и публицистичка проза. Па, сепак, не само што овде тој длабоко ќе проникнува во интересите и во состојбите и на другите јужнословенски и балкански народи, туку сите тие зафати ќе ги оживува, ќе ги анимира, т.е. ќе ги досоздава и пресоздава на едно повисоко, на едно и навистина високо ниво на уметничко создавање, кое според својата никогаш докрај објаснива природа и најмногу се приближува кон необјаснивоста на животот. Во контекстот на сето тоа, низ тие зафати во романот Zastave, секако не најмногу, но на еден посебно исполет и забележлив начин се зафатени и состојбите кај тогаш веќе распарчениот македонски народ од самиот центар на Балканот. Zastave е роман со исклучително успешно проникнати и меѓусебно хармонизирани публицистички, драмски, автобиoграфски и други пасажи. Белетристичките, т.е. романескните протагонисти во овој роман-мозаик и во овој најопсежен книжевен проект на Крлежа ги промислуваат и ги одразуваат и историските појави и индивидуалните судбини. Преку нив се опредметуваат и се промислуваат и сосема крупни нешта, како што се општествените и националните интереси и процеси.

Романот започнува со слика на предвечерјето на Првата светска војна, поточно речено со одгласите за нејзината увертира, Втората балканска војна. Како една исклучително трауматична историска окосница, Брегалничката битка како сенка се надвиснува над иднината на народите од Балканот, за што посведочуваат голем број страници од оваа огромна и жанровски поливалентна прозна романескна материја. Преку годините на Првата светска војна, сижејната линија на романот нè води до неколкуте години по неа. Монументалната романескна структура, меѓутоа, постојано е проникнувана со умешно реализирани реминисценции, како кон периодот спроти Првата светска војна така и низ годините на нејзиното траење.

Македонските теми во Zastave се откриваат со започнувањето на Втората балканска војна, односно со интересирањата во Австро-Унгарија за исходот од таа војна[25]. Во очекуваната, посакувана и најавувана победа на бугарската војска, а со тоа и во пропаѓањето на Србија, Австро-Унгарија ја гледа иднината на своите интереси на Балканот. Историските вистини за народите од југот на Европа, за нивните меѓусебни колежи, врз кои само тие, посилните, ставаат нови придобивки на своето политичко и економско конто, Крлежа ги синхронизира не само со погледите и со акциите туку и со животните искуства на прогресивните херои од својот роман. Особено преку Камило Емерички (помладиот) и преку неговиот другар и истомисленик Јоја (Јоаким) Дијак. Камило постојано е преокупиран, мисловно опседнат, со битката на Брегалница, сè до некое неописливо длабоко соживување со сето она што значеше и што навестуваше овој настан на планот на опстојот и на иднината на сите народи од балканската кошница. Може ли барем фрагментарно да се откриваат, да се презентираат, во обид можеби барем површно и да се толкуваат и да се промислуваат неговите монолози на овие теми? Во таквите настојувања, од ретроспекциите на неговите мисловни преокупации и опсесии и ги извлекуваме барем или само следниве неколку многукажувачки редови. Фрагмент од размислувањата на Камило дури и на денот на погребот на мајка му:

I sada još, povrh svega, ova prokleta Bregalnica, ova strašna, krvava, antipatična, slaboumna Bregalnica! Da se uopće odlučio da otputuje s Anom na Balaton, bio je to zapravo bijeg pred opasnošću kriminalne oluje što se nadvila iz Makedonije nad čitavu fatamorganu njegovih političkih iluzija. S…K Odronila se ogromna, opasna, ukleta hridina, zinula je bezdana provalija pod svima nama, pedeset hiljada krvavih leševa pojavilo se na ovoj političkoj pozornici, otputovao je ne oprostivši se s Anom, a ovi ovdje pjevaju circumdederunt i dime se voštanice, a luda buktinja od sunca svijetli iznad pedeset hiljada mrtvaca, pedeset hiljada leševa trune u blatnim jarugama na Vardaru, polijevaju ih krečom i petrolejem, dime se gusti crni oblaci od lomača, nadlijeću ih čavke i gavranovi…[26]

Се разбира, во контекстот на нашите обиди за разоткривање барем на македонските опсесии на главниот јунак од Zastave, навистина посебно внимание и не би можело да не привлекува одењето на Камило во мај 1913 година во Македонија. (Воопшто не е тешко да се констатира одењето на самиот Крлежа во тоа време во Македонија, односно дека Камило Емерички јуниорот, всушност, е изразител на неговите животни и интелектуални искуства и на неговите идеи во романот.) Посетувајќи ги местата на боиштата од претходната војна, тој, меѓу другото, вистински воодушевено ќе изјави дека сака да остане на фронтот. Оваа монолошка опсервација, всушност, е само продолжение, односно читателот може да  ја проследи во рамките на погоре фрагментарно претставените реминисценции при погребот на мајката на Камило или непосредно потоа[27]. Од својот придружувач и белградски пријател Тунгуз тој притоа ќе биде информиран за воените операции на српската војска при протерувањето на Турците. Но од реминисценциите на Камило за оваа негова посета на Македонија (Куманово, Катланово, Скопје, Велес, Криволак и Прилеп), покрај описите на некои места и на последните настани што се случувале тука, најинтересен е дијалогот токму со неговиот придружувач Тунгуз. Веројатно не е сосема случајно што овој дијалог се води под Маркови кули кај Прилеп. За илустрација, во продолжение, еве ја, би рекле, дури и неодминливата втора половина од овој дијалог:

Ne razumem, i te vaše reči samo su reči, prosto ne mogu da vas sledim, brate, ne znam što hoćeš da kažeš, čoveče, kakve formule, i koje nove, savremene formule, i zašto?
– Ne
znam, ali osjećam da je ovo sve zajedno jedna velika ciganska mahala sa svojim hanovima i hamamima, sa svojim bezistanima i džamijama i turskim tamnicama, da je ovo sve kako jeste zapravo bijedna panorama sa kulisama od nečega što se preživjelo, što treba da se zaboravi, sve samo jedna prividnost, mislim ono što Francuzi zovu trompe-l’oeil, ovaj trompe-l’oeil treba da se izrazi nekim novim, suvremenim formulama evropskim, svakako ne deseteračkim, arhajskim, patrijarhalnim. Na tako romantičarski način mislili su naši stari da bi trebalo „probuditi viteški duh” naivnim parolama: „Pesma nas je održala, njojzi hvala”, a meni danas takvi loši stihovi ne govore više ama baš ništa.
– Znači,
sve ovo što vidimo, sve ovo pod Markovom kulom tebi ne govori ništa, prijatelju, dobro, u redu, a zatim ako je tako, što da se po tebi radi?
– Ne
znam, trebalo bi vladati materijom, trebalo bi biti u sedlu, trebalo bi detaljno poznavati prilike ove nesretne zemlje, à propos, jeste li imali u ruci Misirkòva?
– Vrlo
važno, bugarski agent, i onaj Horn, ono je austriski agent, i stari vaš Jagić, taj govori za račun austriske vlade, nemate vi pojma, gospodo, o čemu se radi. „Tako drži Makedoniju, drži Balkan”, to je aksiom, a ostalo sve šućmućpaprolij, bato moj! Za ove tvoje teorije švapske, da li je sve ovo ovde u Makedoniji trompe-l’oeil ili ne, nemamo mi sada vremena, sad se ne radi o filozofskim rasprama, nego ko će koga, razumeš li,  mi Bugare ili Bugari nas, a što o tome misle gospoda Giljferding ili Miljukov, baš nam puca prsluk…[28]

Овој дијалог е, веројатно, најилустративен кога станува збор за сфаќањата и за познавањата на Камило за вистината и за судбината на македонскиот народ во времето на неговото доаѓање во Македонија во пролетта 1913 година. Сфаќањата на Камило за она што се случуваше во Македонија, за карактерот на Балканските војни и за нивното значење се, во извесна смисла, и променливи. Таквата промена ќе ја услови сознанието за завојувачките стремежи на Србија кон Македонија. Воодушевен од ослободувачките извикувања, од идеите за обединување на јужнословенските народи, од пиемонтската улога на Србија, Камило, во чиј лик, искуство и идеи Крлежа ќe вткае многу и од сопственото искуство во тоа време, како и од сопствените и тогашни и подоцнежни сфаќања, вистинската опачина на овие балкански крвавења ќе ја проникне веќе со започнувањето на Втората балканска војна. Само малку време по завршувањето на Брегалничката битка, во еден разговор со Амадео Трупац (во романот реализиран како една вистинска камелеонска фигура во хрватското општество пред и по Првата светска војна), меѓу другото, Камило вели: …u redu, ako ono dolje nisu Srbi, molim, priznajem, nisu, ali nisu boga mi, ni Bugari[29].

krleza2

Меѓу најинтересните страници од Zastave што се однесуваат на Македонија бездруго се и оние што им се „отстапени“ на двете скопски писма на Јоаким Дијак до Еугенија Томазео, кои повеќе години подоцна ќе се најдат во рацете на Камило. Додека во првото писмо, пишувано на почетокот на пролетта 1913 година, медитациите на Јоја за судбината на овие географски простори од најстари до најнови времиња се проткаени или дури се и надградени врз вистинските натуралистички описи на состојбата во Македонија, во Скопје, помеѓу двете балкански војни, во второто скопско писмо без датум тој се приближува до Скопје и до Македонија, до страдањата на македонскиот народ, и се воодушевува од неговиот револуционерен Илинден. Сепак, најмногу е преокупиран со описот на манастирот Свети Андреја крај Треска, со неговата околина, со неговиот живопис и со средновековната македонска уметност пошироко. (Во прашање се, нели, некои од подоцнежните искуства на самиот Крлежа, бездруго виденото во Македонија за време на посетата од 1960 година.) На Еугенија Томазео, меѓу другото, Јоја овде ѝ пишува:

I kao što ne znaš, jadna moja, što je značilo biti i glavu izgubiti kao Ilindenac, tako pojma nemaš ni o tome šta su makedonske freske, a to nisam znao ni ja, draga moja gospođice, dok mi se nisu prikazale u punom svom dostojanstvu, a sada, dopustite mi, da vam poklonim samo jedan neznatan, bijednim svojim riječima izmucani dio ove svoje doista sugestivne pustolovine, koja me je obuzela, moram priznati, čudnom čarolijom. S…K Znači, prije sedam stotina godina, ovom istom kozjom stazom, nad ovom opasnom dramatskom vodurinom što huči duboko dolje na dnu klanca, popela se družba nekakvih slikara, možda jedan jedini, osamljeni majstor, možda dvojica, majstor i kalfa, i tu, uz ovu pjesmu vjetra i urlik vuka, oni su se popeli na skele i slikali u ovom mraku, u ovoj osami, usred jezivog makedonskog nokturna! Bili su slikari! Bili su umjetnici, bili su intelektualci! Bili su možda samo kopisti, možda uopće nisu ni bili majstori, a možda je sve to, što su nam oni namrli, diletantska rabota, možda sve to ne vrijedi ni groša, možda je sve to što se danas o ovome slikarstvu priča fikcija, ako se usporedi s onim ukusom i s onim stilom koji su tada vladali u Solunu ili u Carigradu, ali jedno je izvan sumnje, da ti slikari tu nisu bili i da tu nisu slikali i da ovdje nisu naslikali ovo što su naslikali, to se ne bi moglo reći danas, poslije sedam stotina godina, kad su im grobovi već davno preorani, baš kao i njihovim knezovima samozvancima, konjokradicama i hajducima[30].

Како панорама не само на лични судбини, доживувања и погледи во истакнатиот историски период, Знамиња(та) на Мирслав Крлежа можеби најмногу се панорама на политичките струења на јужнословенско-балканско-подунавскиот простор во периодот на Балканските војни и на Првата светска војна. Военополитичките настани што се случуваа во Македонија не само што се рефлектираат во сфаќањата и во личните судбини на Камило, на Јоаким и на уште некои протагонисти, туку се и во самата основа на историско-политичките текови на целиот простор на јужна Европа во тоа време. Спорот околу Македонија се реперкуира не само врз натамошниот развој на земјите непосредно заинтересирани за неа (Грција, Србија и Бугарија) туку преку нив и на големите европски сили. Крлежа постојано ја предочува драматиката, која во сите пори на животот на овие простори влезе со кумановско-брегалничките воени настани и со она што го предвестуваа тие. Она што се случуваше тие две години на боиштата во Македонија, како црн облак, како сениште му се заканува на целиот простор сè до средна Европа. Се заканува таа сулуда Брегалница, се закануваат тие pedeset hiljada leševa na Vardaru[31], toa perverzno i glupo bregalničko umorstvo[32].

Но во политичките кругови, барем во оние надвор од Србија, не е сосема заборавено, ни премолчено, ниту она што може да се прими како фактичка стварност за Македонија, за она што стануваше во Македонија. Не еднаш на страниците од Zastave се сретнуваат констатациите од видот на онаа дека македонското ослободување е компромитирано[33], дека ono dolje u Makedoniji, ono nije nikakva bečka secesionistička moda ni Meštrovićeva skulptura, nego surovo osvajanje tuđih zemalja i naroda[34] итн., итн.

Во Zastave креативно се опредметува, се анимира ненадминливото познавање од страна на Крлежа на балканските состојби од првите децении на XX век. Ако во неговите есеи и во неговите дневници, па дури и во некои дела што припаѓаат на другите родови и жанрови, тоа беше подвиг на еден голем зналец и ерудит, интелектуално надзнавање, а понекогаш дури и публицистичко надзборување, во Zastave тоа е демијуршко опредметување и оживување на историјата. Во рамките на нашево сегашно интересирање, затоа сега и можеме да констатираме дека романескните протагонисти на Крлежа и на македонски терен, односно и во врска со македонските теми, во Заставе се пластично изразени и рационални промислувачи на стварноста и на историјата. Па, сепак, израснати на друга национално-културна почва, тие се без онаа полнокрвност и егзистенцијална елементарност и непотправеност со кои зрачи анонимниот Македонец од новелата In extremis.

*

*                           *

 Кога односот на Мирослав Крлежа кон македонскиот национален ентитет и идентитет се проследува надвор од неговиот белетристички опус, се доаѓа, навистина, не до уште понејасни, туку само до потешко разјасниви сознанија. Движејќи се по некои помалку или повеќе необјасниви или неодгатливи места од неговите релации со Македонија, започнувајќи уште од оние нејаснотии во врска со неговото судење во Скопје и со неговиот непознат спасител, не заборавајќи го ниту двојниот, поточно променет, коригиран став за јазикот и за националната припадност на Македонецот во новелата In extremis, како и премолчувањето од страна на Крлежа на некои аксиоматични појави и состојби, како што е македонскиот јазик во песните на Венко Марковски[35], воленс-ноленс, доаѓаме и до неговата поврзаност со Македонија како главен уредник на Енциклопедија(та) на Југославија. Ова прашање не е само предмет за една посебна тема, туку веројатно најнезгодниот камен на сопнување на релациите на Крлежа кон/со Македонија. Тоа веројатно му беа и најнепријатните моменти од неговата аналитичка исправеност пред мапата на македонскиот национален ентитет. Наспроти енциклопедиската широчина и интелектуална мудрост, за тешкотиите што ги имаше на овој план е илустративен односот на главната редакција, како и на самиот Крлежа кон македонското револуционерно движење. Токму и затоа, наспроти тоа што во Скопје 1913 година, во месец јуни, за сето тоа имаше необично јасна слик,[36], се чини дека ни во своите долги енциклопедиски години Крлежа како да не ја дочита длабочински и онака недочитливата карта на македонскиот национален ентитет. Затоа, пак, таквата невозможност ја надополнува низ своите Знамиња, настанувани во тој ист енциклопедиски период. Најмногу и поради тоа, индивидуалната македонска слика на Крлежа, т.е. неговото читање на мапата на македонскиот национален ентитет, во нашиов прилог ја темелиме најмалку двојно. Колку врз основа на неговото животно искуство и на неговата есеистичка и интелектуална широчина, во што штедро партиципираат некои сегменти од неговата мемоарско-публицистичка, како и од неговата есеистичка проза, толку и преку вистински креативното транспонирање на ова прашање во неговите раскажувачки и романескни остварувања разгледани овде.

Завршниот дел од ова искажување, сепак, не може да не ги валоризира, односно не може квалитативно да не ги верификува сознанијата дека Мирослав Крлежа, уште со самото стапнување на македонска почва во 1913 година, започнува не само многустрано да ги опфаќа туку и вистински да ги сфаќа како националната посебност така и многустраната македонска различност. Но како и својата индивидуална судбина во тој миг, трагиката на македонскиот народ Крлежа тогаш ја сфаќа пред сè во рамките на целокупните балкански делби и државни преструктурирања за време на и по Балканските војни и Првата светска војна. На овој план, сепак, тој беше пред сè аналитичар и мислител. Како извонредно суптилен читач на/во длабоките слоеви на пространата јужнословенска и балканска етногенетска мапа, тој длабочински ја чита и посебната мапа на македонскиот национален ентитет. Но ја чита главно во контекстот на својот Sacrum iliricum. Кај Крлежа не постои, не се оформи посебен македонски контекст, некој sacrum macedonicum. (Колку тоа воопшто и може да се очекува од личност што не е ниту родена ниту одрасната на македонскиот национално-културен простор?) Низ многу од неговите дела, неговите широки познавања, навистина, му овозможуваат да се потврдува како суптилен аналитичар колку на минатото на македонскиот народ уште повеќе на македонските состојби актуелни тогаш. Па, сепак, како аналитичар, тој примарно набљудува, и тоа набљудува од пристојна дистанција, а не од позициите на самата Македонија. Таквите можности, со оглед на само неколкуте негови краткотрајни престојувања во Македонија, тој и ги немаше. Како и самиот тој така и неговите протагонисти од Заставе, најпосле, и главно, се ликови на интелектуалци. Не  само што меѓу  нив  нема ниеден Македонец, туку, како повремено присутни набљудувачи, иако некои од нив и навистина знаат да бидат и трезвени и правдољубиви, тие се без онаа полнокрвна автентичност на неименуваниот Македонец од In extremis. Тие мислат и зборуваат, а тој веќе со самата своја појава, со малкуте зборови и гестови, кажува и открива многу повеќе. Неименуван по индивидуална, тој е дури и надименуван по национална и по судбинска линија. Тој е, имено, еманација на целокупниот македонски народ. На колективната македонска судбина, но и на колективната македонска психологија. Писателот Крлежа преку него не се остварува веќе како исклучително ангажиран интелект туку како автор на кого сама му се отворила страницата, ако не и тајната на вистинскиот живот. Макар била таа страница и од самата историја.

Од сето тоа, не може да не се изведе заклучок дека Крлежа на широк план се претставува како извонреден аналитички читач и толкувач на македонскиот национален ентитет. Тоа, пак, сосема добро кореспондира веќе со фактот дека ео тој набљудувач отстрана, од друга позиција. Затоа и би рекле, на крајот, токму во негов стил, дека, стоејќи, со децении на мртва стража на умот човечки, Мирослав Крлежа е, ако не вистински бдеач,  тогаш, секако, извонреден промислувач на македонскиот национален ентитет. А со тоа тој не може да не биде и негов афирматор и негов апологет истовремено.

 (2007)



[1] Уште во пролетта 1916 година, сигурно некаде по рововите на источниот фронт, младиот Крлежа размислува и забележува: Trebalo bi napisati ciklus drama na temu Bizantije i Rima. Raskol, to je duboka tektonska pukotina, to su kanjoni preko našeg terena sve do danas. Tko bi imao dara za takav pothvat velikog stila? (Miroslav Krleža, Dnevnik 1914-17. Davni dani I. NIŠP Oslobođenje, Sarajevo, 1977, 180).
[2] Miroslav Krleža, Iz knjige Izlet u Madžarsku 1947, Republika, god. IDZ, knj. II, br. 12, Zagreb, prosinac 1953, str. 995.
[3] Miroslav Krleža, Iz knjige Izlet u Madžarsku 1947; Ognen Bojadžiski, Krleža i Makedonija, Prometej, Zagreb, 2005, 18.
[4] Miroslav Krleža, Iz knjige Izlet u Madžarsku 1947, …, 1000-1003.
[5] Огнен Бојаџиски, Крлежа и Македонија …, 21-25.
[6] Коле Чашуле, Крлежа и Македонија. Во: Мирослав Крлежа, Поезија, Златен венец, Струга, 1979, 392-395; Гане Тодоровски, Крлежа и Македонија. Во: Гане Тодоровски, Неодложни љубопитства,  Мисла, Скопје, 1987, 232-243; Огнен Бојаџиски, цит. труд. 21-22. Во полемичката книга Moj obračun s njima самиот Крлежа пишува: Tu sam se našao pred sumnjičavim nepovjerenjem, uhapšen kao nepoznati bjegunac, bez dokumenata, pod sumnjom špijunaže, u dizenteriji, pred opasnošću da budem bačen u kolerični odio kužne bolnice. Žandari, hapsane, zatvori, hotelska internacija, zapisnička ispitivanja, bjegunac pod sumnjom špijunaže na ratnom području, u djelokrugu Glavne komande, bez dokumenata, koje su navodno izgubili, bez identiteta, potpuno u tmini, ja sam tada prilično duboko pogledao smrti u oči. (Miroslav Krleža, Moj obračun s njima, NIŠRO, Oslobođenje, Sarajevo, 1983, 223)
[7] Цитирано според: Огнен Бојаџиски, Крлежа и Македонија, …, 186.
[8] Делови од овој текст се вкомпонирани во  романот Zastave.
[9] Цитирано според: Огнен Бојаџиски, Крлежа и Македонија, …, 139.
[10] Miroslav Krleža, Dnevnik 1914-17. Davni dani I, NIŠP Oslobođenje, Sarajevo, 1977, 83.
[11] На истото место, 80.
[12] На истото место, 159.
[13] На истото место, 152.
[14] На истото место, 159.
[15] Новелата беше објавена најпрво во првиот број на списанието Književna republika, кој е датиран со октомври 1923 година, а потоа е преобјавувана скоро во сите избори од новелистичкиот опус на Крлежа.
[16] Aleksandar Flaker, In edztremis. Krleža u svjetlu književnih poređenja. Во: Aleksandar Flaker, Književne poredbe, Zagreb, 1968, 485-508; Istiot, Krležin Makedonac. Vo: Aleksandar Flaker, Poetika osporavanja, Zagreb, 1982, 142-154; Istiot, Krležin Makedonac. Prostor u Krležinoj noveli. Во: Зборник во чест на Блаже Конески, Филолошки факултет Скопје,Скопје, 1984, 473-480.
[17] Иако новелата за првпат е објавена во 1923 година, поедини моти-ви од неа, како мотивот на прогонството на Кунеј, маслиновата шумичика, средбата со војникот Македонец, не му се непознати и пред тоа. За ова да се види: Miroslav Krleža, Davni dani, DZI-DZII, 545; Aleksandar Flaker, In edztremis. Krleža u svjetlu književnih poređenja. Vo: Kniževne poredbe, 503.
[18] Во натамосните изданија на новелата, заедно со испустанјето на несоодветното национално име Бугарин (види во  цитатот  подолу), како и со некои правописни корекции, ова е изменето во, односно заменето со: makedonskim naglaskom. Спореди: Miroslav Krleža, Hiljadu i jedna smrt, Minerva, Zagreb, 1933, 311-312; Miroslav Krleža, Novele, Nakladni zavod Hrvatske, Zagreb, 1948, 340-341; Miroslav Krleza, Novele, Srpsko kulturno-prosvjetno drustvo Prosvjeta, Zagreb, 1952, 159160; Miroslav Krleža, Novele, Zora, Zagreb, 1955, 331-332; Miroslav Krleža, Novele, Zora, Zagreb, 1963, 331-333 itn.
[19] Miroslav Krleža, In edztremis (novela), Književna repubilka, god. I (1923), br. 1, str. 19.
[20] Aleksandar Flaker, Krležin Makedonac. Prostor u Krležinoj noveli, Зборник во чест на Блаже Конески, 478.
[21] Aleksandar Flaker, Poetika osporavanja, Zagreb, 1982, 151-154.
[22] Na istoto mesto.
[23] Aleksandar Flaker, In edztremis. Krleža u svjetlu književnih poređenja. Vo: Aleksandar Flaker, Knjjiževne poredbe, 499 (fusnota 8), 152.
[24] Aleksandar Flaker, Poetika osporavanja, 152.
[25] Miroslav Krleža, Zastave, knjiga prva, NIŠRO Oslobođenje, Sarajevo, 1982, 51-54; 84-88.
[26] На истото место, 211-212.
[27] На истото место, 213-216; 249-254.
[28] На истото место, 253-254.
[29] Miroslav Krleža, Zastave, knjiga druga, NIŠRO Oslobođenje, Sarajevo, 1982, 28.
[30] Miroslav Krleža, Zastave, knjiga peta, NIŠRO Oslobođenje, Sarajevo, 1982, 314-315.
[31] Miroslav Krleža, Zastave, knjiga druga, NIŠRO Oslobođenje, Sarajevo, 1982, 103.
[32] На истото место, 136.
[33] На истото место, 147.
[34] На истото место, 150.
[35] Според Огнен Бојаџиски (цит. труд, стр. 45), Мирослав Крлежа и Венко Марковски се сретнуваат првпат при престојот на Крлежа во Скопје во 1937 година, а потоа имаат и други средби во текот на следните десет години.
[36] Miroslav Krleža, Dnevnik 1914-17. Davni dani I, NIŠP Oslobođenje, Sarajevo, 1977, 152.

Leave a Reply

Your email address will not be published.