Јуре Каштелан и Славко Михалиќ „Во очите на Скопје“

Одамна иницираните и долготрајни културни и особено книжевни релации меѓу Македонците и Хрватите, во времето по Втората светска војна одново и одново доаѓаа до сè позабележлив израз, за уште одамна да влезат во фаза и на еден непрекинат континуитет.

kastalan-mihalic

Одамна иницираните и долготрајни културни и особено книжевни релации меѓу Македонците и Хрватите, во времето по Втората светска војна одново и одново доаѓаа до сè позабележлив израз, за уште одамна да влезат во фаза и на еден непрекинат континуитет. Воопшто не е неочекувано, затоа, што се изразија и по повод на големата природна катастрофа што ја погоди Македонија, скопскиот земјотрес од 26 јули 1963 година.[1] Покрај веќе на почетокот од август таа година предложениот проект на академскиот вајар Винко Матковиќ од Риека за грандиозниот, но не и реализиран споменик „Грчевити раце“,[2] покрај неколкуте ликовни изложби во Загреб[3] на крајот од истиот месец и уште ред други културни акции во врска со, односно во прилог на настраданиот град, посебно е забележливо што тоа се потврди и преку примерите на двајца во современиот хрватски книжевен контекст исклучително високо позиционирани поети – Јуре Каштелан (1919-1990) и Славко Михалиќ (1928-2007).

Воопшто не запоставувајќи ја нивната очекувана и позната меѓусебна споредливост и блискост, двајца врвни репрезенти на хрватскиот поетски збор во XX век, сега и овде аналитички ги преоткриваме или барем  ги дооткриваме најпрво и само симболично преку нивното на креативен начин изразено сочувство кон Македонија по повод скопскиот земјотрес. Настојувајќи преку нивните на скопската катастрофа посветени поетски творби да пронајдеме можност уште за едно аналитичко препрочитување на универзалните позиции на поетскиот говор и на едниот и на другиот поет, овој краток паралелен пристап, сепак, (не) би требало да се преоформи во некаква увертира кон некое или некакво пошироко претставување на двајцата поети. Во некаква пристојно-оптимална мера тоа е кај нас веќе направено.[4] Повеќекратно, секогаш во поинаков контекст, па и на поинаков начин. Оттука, ни до сега не беше сосема непознато дека своите поетски реагирања кон Македонија Каштелан и Михалиќ ги искажуваат преку две нивни за нас сега посебно интересни поетски творби. На самиот ден на случувањето на оваа катастрофа,  во  Нови  Винодолски,  Каштелан  ја  напиша  поемата „Skoplje u tvojim očima“. Немаме, пак, сознанија, колку подоцна, односно кога точно, од денот на земјотресот (26 јули), па можеби и до крајот на 1963-та година, се одгласи Михалиќ со неговите „Стихови за Скопје“. Како и првите три целини од поемата на Каштелан, иако можеби не за првпат, така и неговата песна, со сретнува во еден избор на литературни и други текстови посветени на Скопје[5] веќе на почетокот од 1964 година.

 *

Уште многу време претходно во хрватскиот поетски контекст извонредно високо позиционираниот Јуре Каштелан, и тоа не само поетот на неповторливите „Тифусари“, туку сигурно многу повеќе поетот на „Малку(те) камења и многуте сништа“, веројатно се најде брзоповикан, ако не дури и првоповикан поетски да се одгласи на/за големата катастрофа во Македонија што се случи на 26 јули 1963 година. Суптилните мерни инструменти на тој „ониричар на длабочината на просторот и на дамнината на времето“,[6]како што го нарекуваат, веројатно сигнализирале дека  поетот  во тој миг (можеби) се открил затечен, испреварен од за хуманистичкиот поттекст на филозофијата на неговиот поетски говор. Речено, пак, на друг јазик, се открил затечен од главните вредности и идеи на/за неговата имплицитна филозофија, а најмногу и пред сè, се открил испреварен од толку застрашувачкото око на апокалипсата. Веројатно брзо наоѓајќи можност да се соземе, да изнајде можности и сили за да проговори, за да се искаже, поетот кој деценија и половина пред тоа со успех препеваше од македонската народна поезија, сега ќе се активира кон остварување на еден мисловно извонредно продлабочен и во тие длабочини аналитички недочитлив дијалог со ранетиот град поемата „Skoplje u tvojim očima“.

Најпрво и пред сè што би забележал реципиентот на оваа поема на Ј. Каштелан и некогаш и денес, тоа е што преку суптилно објективираниот, но не до толку и персонализиран, колку дивинизиран град, како да е во прашање некое надземно рането битие, поетот може да кореспондира уште и со промислувачките и со креативните пресоздавачи што се опседнати со прашањата во врска со настанувањето и со опстојувањето на светот. Зад фонот на сето тоа, секако, би се детектирале уште и настраданите и ужалените во Македонија. Иако никаде и никако директно не се спомнуваат. Отпосле гледано, од поет со  таков творечки преттекст каков што веќе го имаше Каштелан, и можеше да се очекува, по неговото претходно неколкудецениско дозревање на/до митските изразни перформанси како на поетскиот збор, не малку и на ликовноизразните творечки можности (макар и само во форма на нивни реципиент и промислувач), особено по неговите довикувања или само наслушнувања на „тажаленката на каменот“ во „Малку(те) камења и многу(те) сништа“, да говори така згуснато и моќно, а во исто време и да ламентира врз една, гледано од позицијата на човековата кратковечност, така трогателна „игра“ на природата. Поет во кого се вкомпонирани демијуршки креативни принципи, поет кој е секогаш не само во креативен дијалог со, туку и повеќе од тоа, и секако, е очи в очи со самото настанување на светот, сега е очи в очи и со од човечки позиции видено, (само)разурнувачкиот принцип на природата, очи в очи со некаква замислена или стварна апокалипса. Без да ги заборава притоа и воопшто малите, човечки, можности: „Što mogu ovoj noči koja pada preko mrtvih i živih“,[7] како што ќе рече во/со првиот стих од петтата целина на поемата.

Згуснувајќи ги сите овие ламентации, евокации и претстави за/од катастрофата во еден не само поетски, туку не помалку и филозофски, гномски исказ, во десетте целини од само условно кратката поема „Skoplje u tvojim očima“, а низ безрезервно длабокото и сугестивно доживување и соживување со скопската трагедија, Каштелан вистински ќе поентира уште со/во втората целина. (Не случајно, во нејзината прва невозможно можна или можеби само скратена варијанта на македонски јазик,[8] по ова екскламативно извишување следи уште само многу пократката трета целина Ќе поентира преку себеидентификацијата со разурнатото Скопје:

 

Skoplje je porušen grad
Sunce je porušen grad  I
noč je porušen grad
Ja sam porušen grad
Ja sam Skoplje.[9]

 

Па сепак, вистинската и дефинитивна поента е резервирана за самиот крај, за десеттата целина, во која поетот ја најавува својата обновувачко-градителска визија, а низ неа вербата и надежта во натамошното опстојување на животот и на човекот. Да се опстојува, значи, како што опстојува „Кула(та) на љубовта“.[10] Во завршната целина од поемата, инаку, една максимално згусната визија за преживеано, оживеано и обновено Скопје, најпосле, се сретнуваме и со насловниот стих: „Skoplje u tvojim očima“,[11] на кој ќе му ги посветиме следните две целини од нашиов прилог.

Вистинскиот аналитички, да не речам длабочински пристап кон поемата на Ј. Каштелан „Skoplje u tvojim očima“, согласно со веќе во нашиов наслов поставените интенции, не може а да не признае дека, сосема очекувано и познато, се соочува со за овој поет карактеристичните загатки, пред кои аналитичкиот јазик најчесто останува немоќен. Па сепак, не сме ни без настојување да се даде барем еден можен, колку и да е субјективен, одговор на најневозможната поетска елипса во и онака извонредно афористичниот и елиптичен поетски говор од каков што е исткаена поемата „Skoplje u tvojim očima“. Според таквите свои специфичности, таа е и така ако не премногу сродна, тогаш и секако финално резултатна колку и некои од редот на Каштелановите најшироко и најнедвосмислено највисоко вреднувани поетски творби, како поемата „Tifusari“ или како кратката песна „Jezero na Zelengori“. Прашањето кое не можеме а да не (си) го поставиме, имено, сега е кои се, чии се очите во кои се открива, во кои се бара, а можеби и со кои нè гледа ранетиот или, во визијата на поетот можеби и оживеаниот град. Прашање ни помалку интересно, ни помалку возбудливо од прашањето за тоа кој прашува во извонредниот лирски медалјон и слика „Jezero na Zelengori“. Бидејќи, по името на градот, на почетокот од насловот, нема никаков интерпункциски знак, тоа можеби не ќе се очите на самото Скопје, што ако најмногу не би ни одговарало, тогаш барем најмногу би ни ја олеснувало не само аналитичката позиција, туку и ситуацијата во однос на нашите колку индивидуални, не помалку и колективни егзистенцијални позиции во светот воопшто. Оттука, понатаму: кому му се обраќа поетот, т.е. песната? Во чии очи ја бараат тие сликата на разрушеното или на во визијата обновеното Скопје? Ако тоа не се очите на самото Скопје, во што, сепак, никој не може да биде сосема сигурен, тогаш не се ли тоа очите на самиот поет? Но, не се ли тоа очите и на индивидуалниот или на замислениот читател? Не се ли тоа, што е и најверојатно можно, очите од флуидниот лик на онаа млада бајковидна жена од втората, инаку најдолга и повеќеделна целина од  поемата? Но, можеби поетот прашално и само изискувачки се свртува кон Господ? Или, најпосле, ако не е тоа уште и една поетско-демијуршка неодгатливост – посебно ако сакаме и, уште попосебно, ако можеме поемата „Skoplje u tvojim očima“ да ја читаме како едно грандиозно, демијуршко или митско, платно. Тогаш веројатно најдлабоко би можеле да ја прочитаме таквата поетско-демијуршка неодгатливост во која самата поема ги свртува своите очи, очите на создавањето и на човечката топлина, кои во нашата сегашна визија израснуваат наспроти страшното око на апокалипсата. По сето ова, пак, дефинитивно, поетот којшто, пеејќи ги неговите „Pusti prostori“ од книгата „Biti ili ne“ (1955), изјави:

 

Ne mogu ostaviti nesahranjena sebe
Ne mogu ostaviti
sebe zlim očima vremena i
zluradim prostorima bez
uspomena.[12]

 

сега застанува, значи, сепак, веројатно не толку пред очите на ранетиот град, колку што застанува ако не пред отворената челуст, тогаш и секако пред отворените очи на апокалипсата.

Ваквото застанување директно, очи в очи пред/со недофатливите сили на природата, како и застанувањето пред некое за логичното мислење најнедофатливо око, кај Каштелан е честа појава, слика, а уште повеќе чест испит на/за неговите сопствени предестинирачки, антиципативни и видовити поетски очи. Како во ред песни од неговите претходни книги („Jadikovka kamena“, „Nevidljivi cvijet“, итн.), така и во некои песни од неговото завршно „Divlje oko“. Се обидеме ли токму во тоа подоцнежно „диво око“ да го побараме одговорот и за очите на/за/во/со итн, но секако во некаква врска со катастрофично Скопје, не можеме а да не бидеме упатени на натамошни аналитички испитувања и медитации во врска со Каштелановата поезија и со нејзината посветеност на светлината, на светлината како суштина и како еманација на човекот и на животот воопшто. И на светот и на поредокот во/на светот. Очите, пак? Не или не барем само „дивото око“, туку поетското око, окото на видовитиот Каштелан е и објектив за (себе)откривање во светлината, но и еманација, еманација и на светлината и на светот воопшто. На светлината и на светот во нас, а со нас и во нив. Со поемата „Skoplje u tvojim očima“, имено, поезијата на Каштелан се дорекува (себеси) како поезија на визии, а самиот тој се дорекува како поет со митски и со демијуршки предестинации, т.е. се потврдува како видовит и суптилен антиципатор.

Поемата „Skoplje u tvojim očima“, односно поетските одгласи на Ј. Каштелан за разрушеното Скопје, навистина, не наидоа на некој посебен актуелитет од страна на неговите толкувачи. Иако, поаѓајќи од подруги аналитички и афирмациони позиции, уште при нејзиното неверојатно(?) прво објавување на јазикот на кој е наста-ната, во својот придружен текст Иво Франгеш во неа регистрира пред сè хуманистички, односно виталистички и егзистенцијалистички интонации. Во Каштелановата поема, сепак, тој не можеше а да не види, покрај сето тоа, „уште еден доказ дека и над урнатините поезијата  пее  и  го  најавува  возвишеното  човеково  пркосење  на смртта“.[13]  Коректно признание на инаку никако неспорните хуманистички  вредности  на  оваа  квалитативно  вонсериска  поетска објава. Читано, пак, од македонска позиција, за поемата на Каштелан не само што е одамна констатирано дека е „сугестивна и возбудлива“,[14] туку за неа сега веќе сосема слободно може да се рече дека е веројатно најсилната поетска творба што е создадена на мотив од скопскиот земјотрес. Посебно во редот на поетските пројави на оваа тема што настануваат надвор од Македонија, односно надвор од македонската литература. Позиционирајќи се, пак, во самиот поетски свет на Каштелан, позиционирајќи се дури и во хрватскиот национален  поетски  контекст  од/во  минатиот  век,  сосема  сме слободни да речеме дека таа со ништо не заостанува, барем за нас, и зад другите творби на Каштелановиот колку со човекољубие, не помалку и со фолклорни и митски претстави, но и со автентични филозофски идеи проникнат поетски опус. Наспроти тоа што, во тој опус е не само тешко, туку дури и невозможно да се издели нешто што помалку вреди, поемата „Skoplje u tvojim očima“, затоа, не би сме ја сместиле на невозможно можната вредносна скала на Каштелановиот поетски опус многу далеку од, туку ако не непосредно до, тогаш барем веднаш по неговите „Tifusari“ или „Jezero na Zelengori“. Поемата „Skoplje u tvojim očima“ може да се детектира како квалитативен  врв,  како  максимално  афористично  згуснување  и елиптично дорекување како на Каштелановата мотивска опседнатост со каменот, така и на во неговите песни толку често присутните и таинствени  очи.  Веројатно и затоа,  како извонредно  успешно потврдување на неговиот поетски говор како поезија на визии, оваа поема, најпосле, не само што никако не би сме ја допрочитале, туку никако вистински не ќе сме ја прочитале ако не би настојувале или ако не би можеле да ја прочитаме така како што се чита некое (сепак не и секое) сликарско платно. Значи, ако не би сме се свртиле паралелно кон можностите уште и на ликовните уметности. Независно од тоа што неговото митско платно е немерливо, недоопфатно – како во широчина, уште повеќе во длабочина. Воопшто не е случајно што и единственото посебно нејзино издание е поврзано со апокалипсите од платната на извонредниот Едо Муртиќ. До толку повеќе што, како негов – на Муртиќ – исто така извонреден читач, Каштелан се верификуваше уште од годините спроти Втората светска војна, а од 1953 година се јавува и со извонредно резултатни аналитички прилози за неговото сликарство.

Наспроти сето тоа, пак, но само како едно формално дорекување, би си дозволиле само да забележиме дека Каштелановата поема „Skoplje u tvojim očima“, покрај нејзината овде регистрирана целосна првообјава во двобројот на „Forum“ од почетокот на 1964 година и покрај нејзиното единствено посебно издание од истата година, реализирано во соиздание со графиките на Едо Муртиќ, понатаму не ја сретнуваме барем во нам достапните изданија на Каштелановата поезија на јазикот на нејзиното настанување. Наспроти тоа, забележливо е дека оваа негова поема е поприсутна во македонските и во српските изданија, т.е. избори на/од неговата поезија. Ризикувајќи да прозвучи ова можеби повеќе како израз на пречувствителност, но со не мала доза на сигурност, би можеле да констатираме уште и дека оваа за нас толку впечатлива поема не доживеала  задоволувачки  и  соодветен  аналитички  третман.  На „Skoplje u tvojim očima“, а со тоа и на самиот Каштелан, значи, сè уште им остануваат должни и книжевната критика и книжевната наука. И македонската, но и хрватската.

 *

Ни за „Стихови(те) за Скопје“ од Славко Михалиќ, кои сè уште ни се познати само преку нивната варијанта на македонски јазик,[15] не би требало, а денес, веројатно, не би ни можело да се зборува надвор од контекстот на доминантните опседнувања во неговата поезија пошироко. Независно од тоа што станува збор за еден вонреден, поинаков или подалечен инспиративен поттик. Независно и од тоа што, во рамките на неговото поетско писмо, не само што на тие „стихови“ не им е дадено некое позабележливо место, место во некоја од неговите поетски книги, туку што е скоро невозможно тие ни да се контекстуализираат не само во рамките на големиот, разгранет и многустрано разбрануван поетски опус на Михалиќ, туку ни само во еден негов дел или творечка и развојна фаза. Поставувајќи ги, пак, ако не на исто квалитативно, тогаш на исто аналитичко рамниште со поемата на Каштелан, сега не би можеле а да не речеме дека скопските „стихови“ на Михалиќ ги задржуваат колку истите одлики на споредливост, толку и истите различности што ги еманира неговата поезија en bloc во однос на поезијата на Каштелан, неговиот, бездруго, не малку значаен хрватски поетски претходник.

Михалиќевите „Стихови за Скопје“ би можеле да се „читаат“ во рамките на сè уште условно раното негово поетско творештво, на некоја недоволно прецизна, ако не и беспотребно прецизирана позиција меѓу книгите „Godišnja doba“ (1961), од една и „Ljubav za stvarnu zemlju“ (1964), од друга страна. Тоа значи дека, сепак, станува збор за некоја од оние песни кои поетот ги создава меѓу неговите книги, песни од редот на неговите „нешто понесовршени, свои игри, свои етиди, стихови со помала смисла и со повеќе попуштање…“, какви што, веќе по повод на „Љубовта за стварната земја“, ги потврди и Бруно Поповиќ“.[16] Според времето на нивното настанување, втората половина на 1963 година, тие би требало да се читаат меѓу, ако не и како додавка пред сè кон песните од книгата „Ljubav za stvarnu zemlju“.[17] Независно од сето тоа, со/во „скопските стихови“ на Михалиќ сега би можеле или дури и би морале да поведеме аналитички дијалог колку за конкретните и моментални, а во исто време и за пошироките и постојани егзистенцијални тревоги што го опседнуваат овој поет и на кои, соочен со модерните трауми на/во новото време, половина век протестира и повикува тој. Прво и најлесно што може да се детектира, и тоа уште во првите стихови, со, односно во двете двостишија од почетокот на песната, тоа е доминантноста на една искрена ламентација, изразот на една непотправена блискост и присност во односот кон разурнатиот град, што го изразуваат веќе првите два стиха од песната: „На која врата ќе зачукам / кога пак ќе стасам жеден за пријателство / кое име кој спомен…“.[18] Покрај за Михалиќ секогаш карактеристичната драматичност, во овие стихови е остварена и за неговата песна секогаш специфичната атмосфера. Исто така, како секогаш, така и сега тој се спушта, пардон, се извишува во длабочините, поточно во височините на имагинацијата и во за него специфичната креативно-истражувачка „пресметка“ со зборот, на што не потсетуваат натамошните стихови од оваа песна. Најверојатно немоќен, или не сакајќи да се впушта во едно подиректно мисловно и креативно опфаќање на така големата несреќа, на вистински мултиплицираната смрт, поетот прави една проширена рефлексивна опсервација. И тоа токму со прашалниот одговор: „Во муграта на смртта / зарем живите беа помалку мртви“.[19] Веројатно бегајќи од креативната непресметливост со смртта, тој ќе се концентрира врз невозможно можното сознание за нејзиното (на смртта) секогашно, а особено актуелно подеднакво жестоко, ако не и пожестоко пресметување со живите, со секогаш условно живите, нели.

Ако во погоре наведените стихови станува збор за една, свесно или несвесно, недоволно прикриена резигнација низ која поетот ја открива својата  безрезервна приврзаност кон настраданиот град, тогаш во понатамошниот тек на песната, како егзистенцијалист од, слободно би рекле, голем формат, со сите одлики на индивидуалноста, т.е. на посебноста што одат со таа вредносна одредница, Михалиќ веќе потрезвено, ако не дури и сосема лично, па веројатно токму затоа сега веќе сосема во духот на неговата дотогашна, а не помалку и во духот на неговата натамошна поезија, ќе се обиде дури и во трагедијата да ја побара идејата, односно пораката, а не помалку и желбата за продолжување на животот. Во наредните кратки лирски секвенци, а тоа се четирите преостанати секвенци од песната (едно четиристишие, едно двестишие и две тристишија), слободно би рекле дека, како и во многу претходни, така и во многу подоцнежни песни, големиот хрватски поет и сега застанува на позицијата на осамениот и онесреќен човек од денешниов свет. Тоа го откриваат веќе првите два стиха од четиристишието што следи по првите две и веќе цитирани двестишија. Сите тие лирски секвенци, во кои се опредметени и поетски слики, го потврдуваат аналитичкото сознание на Влатко Павлетиќ дека „во поезијата на Михалиќ […] сликите се конкретизација на идеите, а асоцијациите се главно строго логички и психолошки мотивирани“.[20]

Од тие, пак, погоре спомнати први два стиха силно избива едно од круцијалните прашања што си ги поставуваат сите егзистенцијалисти, без исклучок, независно дали на јазикот на поезијата, на јазикот на филозофијата или на сликарството. Не прв и не последен пат во неговиот и квантитативно и квалитативно грандиозен поетски опус, иако сега можеби нешто поразлично, С. Михалиќ тоа го изрекува низ лапидарниот многукажувачки и насочувачки исказ:

„Во муграта на смртта / зарем живите беа помалку мртви“.[21] Резултиран од сооченоста на поетот со масовната, со мултиплицираната смрт, овој исказ најдиректно и извонредно моќно кореспондира со во неговата поезија толку многу присутните наслутувања на смртта. Пред малку повторно цитираните два стиха, ако не како можен одговор и справување со бесмислата на трагедијата, тогаш барем како една со причина компромисна мисловна одгатка за неразрешливата енигма на односот меѓу животот и смртта, секако е извонредно кореспондентна дури и со некои глобални опсесивни димензии на/во неговата поезија. Новото и извонредно поетско искуство со смртта, го прави овој исказ, а со тоа и оваа песна продуктивно кореспондентни со огромни целини од Михалиќевиот поетски опус. Овие два стиха би можеле да се земат дури и како завршна и дефинитивна одредница во односот на поетот кон овие опсесии. Оттука и неправедното отсуство на песната од неговите посебни поетски книги и избори. Неправедно бидејќи станува збор за исказ кој е не само значенски компатибилен со доминантно опсесивните јадра во некои од неговите далеку попознати песни, туку е вистински компатибилен и со опсесиите кај други високо респектабилни поети. Тоа ќе се потврди, на пример, веќе со нивното поставување на исто аналитичко рамниште со првите стихови од песната „Susreti“ на Ј. Каштелан од неговата поетска книга „Pijetao na krovu“. И навистина длабокото поетско и филозофско сознание на Михалиќ од/во оваа песна е пошироко мерливо според длабочината и според силината како на мислата, така и на зборот во него. Оттука и ќе можеме, сега веќе и навистина полесно, да дојдеме до сознанието дека, наспроти невозможностите врз овие „стихови за Скопје“ да се извлекуваат аналитички и вредносни мерила и за поезијата на Михалиќ во целина, сепак, тие не малку нè водат кон, се чини, неизбежната завршна констатација дека станува збор за поезија што е сосема темелно посветена, ако не дури и заснована врз натсвесната опседнатост на модерниот човек со опстанокот. Врз таквата опседнатост, имено, доминантно и се остварува неговиот поетски говор.

slovenska-alka

Во завршниот исказ од оваа аналитичко-медитативна опсервација врз поезијата на С. Михалиќ со поаѓалиште од или со посебно внимание врз за него, со оглед на и квантитативно и квалитативно маркантната поетска прогресија, занемарливите, но за нас воопшто не неинтересни „Стихови за Скопје“, сепак, не можеме а да не речеме дека големиот поет на егзистенцијалната опседнатост ја пропушта можноста поетски, креативно да се дореализира во смисла на креативна пресметка со една во тој миг така голема пукнатина во вообичаениот егзистенцијален ôд на нашиов географски простор низ времето. Како еден од најрезултатните аналитичари на современата хрватска литература воопшто, Иво Франгеш, сигурно и овде би го свртел вниманието кон јунакот во/на оваа поезија, односно, како што пишува во неговата „Историја на хрватската литература“ (1987), би го видел „човек(от) осамен и загрозен, престрашен од предизвикот на животот“, а особено човекот што е „опкружен од опасноста, од мачнотијата, од стравот и, што е најлошо, од неизбежниот пораз“.[22] Свесно пропуштената можност, пак, на големиот поет за да оствари креативна пресметка, односно креативно, мисловно, зборовно дури, да ја надвиши така големата егзистенцијална катастрофа, се јавува веројатно само затоа што големиот поет својот огромен егзистенцијалистички поетски корпус го создава како мозаик што е составен од мали егзистенцијални секвенци. Михалиќ, во таа смисла, имено, никаде, а особено не во оваа песна, не манифестира можности како на митски раскрилениот Каштелан, ниту пак како поетите со можности за филозофска сеопфатност и продлабочувања и уште повеќе за рефлексивни генерализирања и воопштувања. До толку повеќе што е во прашање само една песна-секвенца, песна која, аналитички третирана од позицијата на нејзината мотивска основа, не само што е поразлична од оние во многу други негови песни, туку е уште и иницијално поврзана со нешто подалечен простор од неговиот национален, хрватски, егзистериум – наспроти тоа што се работи за поет на човекот, на животот и на светот воопшто, а не за во опседнатоста национално ограничен поет.

Поетската гносеологија на Михалиќ, најпосле, толку моќно креативно кореспондира токму со дехуманистичките репресии што ги создава модерната цивилизација, односно се остварува како најнемоќен, а во исто време и најсилен отпор против нив, – отпорот и моќта на поетскиот говор. Па сепак, свртеноста кон ќудта на природата, кон недофатливите тајни на универзумот, кон позициите, улогата и смислата на човештвото во него, наспроти некои атавистички навеви дури и во некои песни од книгата „Ljubav za stvarnu zemlju“, како „Mrtov premda“ или како „Ti češ biti kesten, a ja grab“, како да не се посебно забележливи во природата на егзистенцијалните опседнувања на Михалиќ. Тој е секогаш, барем примарно, па и доминантно, опседнат со човечката единка, со осамениот поединец пред сè. Покрај сето тоа, неговите „Стихови за Скопје“, веќе како насловна песна, споредени со огромно мноштво други негови песни, делуваат како нешто недовршено, како скица, како нешто поразлично од природата на неговите песни, видени како секвенци што го сочинуваат неговиот поетски говор. Наспроти евидентната поетска вештина, тие и делуваат, всушност, како нешто недовршено. Но, не само песната, туку недоречен останува и од вака гневната игра на природата и од масовноста на смртта изненадениот, односно за соодветната креативна реакција не само неподготвениот, туку и непрограмираниот поет. Иако сите тие нешта сигурно не се ни единствените, ни сите причини што „Стихови(те) за Скопје“ останаа надвор од неговите поетски книги, а за изборите и да не зборуваме.

 *

Застанувајќи на позицијата на едно, барем според сегашново искуство, и навистина можно заедничко, т.е. паралелно и споредбено читање на овде актуелизираните поетски творби, чиишто автори се двајца од редот на најнеспорните хрватски великани на поетскиот  збор  во  XX  век,  веднаш  ќе  мораме  да  го  оставиме настрана веројатно дури и условно заедничкиот сочувствен чин. Наспроти тоа што најмногу и токму врз таа основа примарно и се испеани творбите како на Јуре Каштелан, така и на Славко Михалиќ. Многу повеќе сега и на ова место (ни) стануваат интересни токму посебните, па сепак меѓусебно и натаму комплементарни творечки начела врз кои создаваат двајцата поети. Сето тоа во надеж, се разбира, дека односниве поетски творби на Каштелан и на Михалиќ може да бидат, навистина, не откривани, и можеби не толку ни аналитички преоткривани, колку што и уште подобро, може да бидат рецепциски актуелизирани и досоздавани, односно пресоздавани уште од една позиција на аналитичка рецепција или уште на едно креативно рамниште воопшто.

Поемата на Јуре Каштелан „Skoplje u tvojim očima“ и песната на Славко Михалиќ „Стихови за Скопје“, во овој прилог, навистина, се прочитани првично од македонска позиција. Дистанцираната набљудувачко-аналитичка позиција, затоа, веќе не може а посебно да не ја истакне најпрво интонацијата на еден вид оддолжување за искажаното сочувство. Понатаму, пак, во само нешто повеќе остварениот аналитички и повеќе последователен, а не паралелен пристап кон двајцата поети, што подразбира и нужно излегување од прилично ограничениот контекст на двете поетски творби, па аналитичкото проникнување на двата поетски текста позабележливо кореспондира со пошироките и доминантни опсесии и идеи кај двајцата поети. Па така, ни овој, се надеваме, барем иницијално задлабочен прочит, како еден можно соодветен, но и оптимално прилагоден пристап, не можеше а како своја појдовница да ги нема како фонот на модерната и надреалистички интонирана неомитологија на Каштелан, така и контекстот на постојаната егзистенцијалистичка опседнатост на Михалиќ со секојдневните трауми што ги преживува човекот од негово време. Така е бидејќи врз неговото дотогашно и општо поетско искуство, Каштелан, кој „секогаш знаеше да се одреди и етички и естетски“,[23] и можеше да го издигне разрушеното Скопје на позицијата на една македонска „Герника“, односно да го позиционира како еден нов и посебен топос во неговиот сега веќе само во квантитативна смисла камерен поетски говор. Во рамките, пак, на поетската креативна пресметка на Михалиќ со жестоките противречности во современиот свет, ако не и со светот воопшто, неговите „Стихови за Скопје“ сега се откриваат и се опредметуваат како уште еден, навистина, скоро незабележлив, немушт, но извонредно гласен и моќен, колку поетски, не помалку и филозофски интониран дијалог со секојдневните модерни страшилишта на/за одот на малиот човек, на поединецот во и за него и за нас актуелното време.

 

ЛИТЕРАТУРА:

Андоновски, Венко: „Поет на отпорот на репресијата“. Во: Славко Михалиќ, „Градина на црните јаболка“, избор и поговор Венко Андоновски, Струшки вечери на поезијата, Струга, 1999, 175-195.

Вангелов, Атанас: „Големото единство“. Во: Јуре Каштелан, „Лице во пепелта“, избор и предговор Атанас Вангелов, Наша книга, Скопје, 1989, 5-17.

Друговац, Миодраг: „Една своевидна проекција на светот“. Во: Миодраг Друговац, „Biographia litteraria“, Мисла, Скопје, 1968, 226-230.

Kapidzič-Osmanagič, Hanifa: „Još me gleda divlje oko svjetlosti“. Во: Hanifa Kapidzič-Osmanagič, „Suočenja II. Portreti i prigode“, Svjet- lost, Sarajevo, 1981, 261-270.

Miličevič, Nikola: „Riječ u nevremenu“, Zagreb, 1981.

Miličevič, Nikola: „Otišao je Jure Kaštelan. Во: „Jure Kaštelan 1919- 1990“, HAZU, Zagreb, „Spomenica preminulim akademicima“ – svezak 85, Zagreb, 1998, 13-18.

Mihalič, Slavko: „Sabrane pjesme“, Naprijed, Zagreb, 1998.

Pavletič, Vlatko: „Slavko Mihalič“. Во: Slavko Mihalič, „Izabrane pjesme“, edicija „Pet stolječa hrvatske književnosti“, Nakladni zavod Matice hrvatske, Zagreb, 1980, 7-33.

Popovič, Bruno: „Pjesme Slavka Mihaliča“, „Forum“, god. III, knj. VI, br. 7-8, Zagreb, juli-avgust 1964, 121-128.

Радически, Науме: „Каштелановиот поетски бол – не смрт!“, „Студентски збор“, год. XXVI, бр. 39, Скопје, 10 декември 1974, стр. 19.

Smoljan, Ivo: „Pjesnik i pjesma“, Zora, Zagreb, 1965 (str. 7-64).

Stamač, Ante: „Jure Kaštelan“. Во: Jure Kaštelan, „Izabrana djela“, edicija „Pet stolječa hrvatske književnosti“, Nakladni zavod Matice hrvatske, Zagreb, 1983, 7-22.

Stamač, Ante: „Tema Mihalič“, Riječ, Vinkovci, 1996.

Тодоровски, Гане: „Раскрилениот пејач или: Јуре Каштелан како инспиративна именка на современата југословенска лирика“. Во: Јуре Каштелан: „Раскрилениот пејач“, избор, препев, и поговор Гане Тодоровски, Мисла, Струга, 1982, 75-96.

Тодоровски, Гане: „Поетот чудотворец (кон поезијата и поетиката на Славко Михалиќ)“. Во: Славко Михалиќ, „Одбрани песни“, избор авторот, препев и поговор Гане Тодоровски, Струшки вечери на поези- јата, Струга, 2002, 157-169.

Frangeš, Ivo: „Uz Kaštelanove stihove Skoplju“, „Forum“, god. III, knj. V, br. 1-2, Zagreb, januar-februar 1964, 158-159.

Frangeš, Ivo: „Povijest hrvatske književnosti“, Nakladni zavod Matice hrvatske – Cankarjeva založba, Zagreb – Ljubljana, 1987.

Чолак, Тоде: „Јуре Каштелан“. Во: Тоде Чолак, „Портрети од поновата хрватска литература“, Наша книга, Скопје, 1972, 277-305.

 

(2010-2011)



[1] Меѓу големиот број загинати во земјотресот беше и младата поетеса Даница Ручигај. Нејзиното презиме упатува на хрватско потекло. Според: „Leksik  prezimena  Socijalisticke  Republike  Hrvatske“,  Zagreb,  1978,  569, регистрирано е во местото Горни Рајчиќ, во околината на Новска.
[2] Види „Нова Македонија“, XX, 6045, Скопје, 15 август 1963, 2.
[3] Елена Цветкова, „Изложба во прилог на пострадано Скопје“, „Нова Македонија“, XX, 6069, Скопје, 8 септември 1963, 6; Види уште и: К(сенија) Гавриш, „Загрепски среќавања. Отворени срца“, „Нова Македонија“, XX, 6080, 19 септември 1963, 5; К(сенија) Г(авриш), „Галерија на модерната уметност во Скопје“, „Нова Македонија“, XX, 6112, 19 октомври 1963, 4.
[4] На македонски јазик на двапати се објавени избори од поезијата на Јуре Каштелан: „Раскрилениот пејач“ (1982) и „Лице во пепелта“ (1989), а во три наврати се објавени избори од поезијата на Славко Михалиќ: „Прозо- рец на лудилото“ (1983), „Градина на црните јаболка“ (1999) и „Одбрани песни“ (2002). Изданијата се дополнети и опремени со сериозни аналитички прилози од Гане Тодоровски, Стефан Таневски, Атанас Вангелов и Венко Андоновски.
[5] „Разгледи“, година VI, серија трета, бр. 5-6, Скопје, јануари-февруари 1964. Двобројот го уредиле Александар Спасов и Влада Урошевиќ.
[6] Ante Stamač, „Jure Kaštelan“. Во: Jure Kaštelan, „Izabrana djela“, edicija „Pet stolječa hrvatske književnosti“, Nakladni zavod Matice hrvatske, Zagreb, 1983, 8.
[7] Jure Kaštelan, „Skoplje u tvojim očima“, „Forum“, III, knj. 1-2, Zagreb, januar-februar 1964, 161.
[8] Јуре Каштелан, „Скопје во твоите очи“, „Разгледи“, год. VI, серија трета, бр. 5-6, Скопје, јануари-февруари 1964, 602.
[9] Jure Kaštelan, „Skoplje u tvojim očima“, „Forum“, III, knj. V, 1-2, Zagreb, januar-februar 1964, 161.
[10] На истото место, 163.
[11] На истото место.
[12] Jure Kaštelan „Izabrana djela“, ed. „Pet stolječa hrvatske književnosti“, Nakladni zavod Matice hrvatske, Zagreb, 1983, 122.
[13] Ivo Frangeš, „Uz Kaštelanove stihove Skoplju“, „Forum“, III, knj. V, 1-2, Zagreb, januar-februar 1964, 159.
[14] Гане  Тодоровски,  „Раскрилениот  пејач  или:  Јуре  Каштелан  како инспиративна  именка  на  современата  југословенска  лирика“.  Во:  Гане Тодоровски, „Неодложни љубопитства“, Мисла, Скопје, 1987, 260.
[15] Славко Михалиќ, „Стихови за Скопје“, „Разгледи“, VI, серија трета, 5- 6, Скопје, јануари-февруари 1964, 603. Составувачите на овој избор (Алек- сандар Спасов и Влада Урошевиќ) не приведуваат податоци за изворот од кој веројатно ја преобјавуваат песната, ниту за името на оној што ја препеал на македонски јазик.
[16] Bruno Popovič, „Pjesme Slavka Mihaliča“, Forum, god. III, knj. VI, br. 7-8, Zagreb, juli-avgust, 1964, 123.
[17] Како и ред други песни на овој поет, меѓутоа, тие не добиле место ниту во оваа, ниту во некоја од следните негови книги. „Стихови(те) за Скопје“ ги нема ниту во „Избраните песни“ (1966, 1980, 2002), па дури ниту во „Собраните песни“ (1998) на Михалиќ. Тоа значи дека се останати надвор од примарниот процес на аналитичка рецепција, но и на рецепцијата воопшто. Не можевме да не констатираме дека капиталното издание на неговата поезија – „Sabrane pjesme“ (Naprijed, Zagreb, 1998) – ги донесува само песните што се објавени во 20-те дотогашни поетски книги на Миха- лиќ. Друга работа е што, за да го оправда овој наслов, во него требало да се вклучат и во поетските книги незастапените негови песни. „Стихови(те) за Скопје“ не ги сретнуваме ниту меѓу без малку десетината песни што ги објавува Михалиќ при крајот на 1963 година, во ноемврискиот број на списанието „Republika“ („Republika“, XIX, Zagreb, studeni 1963, 11, 482-483.
[18] Славко Михалиќ, „Стихови за Скопје“, „Разгледи“, VI, серија трета, 5- 6, Скопје, јануари-февруари 1964, 603.
[19] На истото место.
[20] Vlatko Pavletič, „Slavko Mihalič“. Во: Slavko Mihalič, „Izabrane pjes- me“, „Pet stolječa hrvatske književnosti“, Nakladni zavod Matice hrvatske, Zagreb, 1980, 28.
[21] Исто како и под фуснота 19.
[22] Ivo Frangeš, „Povijest hrvatske književnosti“, Nakladni zavod Matice hrvatske – Cankarjeva založba, Zagreb – Ljubljana, 1987, 393.
[23] Nikola Miličevič, „Otišao je Jure Kaštelan“. Во: „Jure Kaštelan 1919-1990“, HAZU, Zagreb, „Spomenica preminulim akademicima“ – svezak 85, Zagreb, 1998, 16.

Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
Како Кинеската стана Кинезинка?
Ако одиме според горенаведената шема, тогаш за Кина најсоодветна би била првата...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *