Водиљ во мрак

„Мрачна комедија“ – автор: Питер Шефер; режија: Спасое Ж. Миловановиќ; кореограф: Пјер Рајковиќ; сценограф: Владо Ѓорески-Рафик; композитор: Божидар Симоновски; продукција: НУ ЦК „Ацо Шопов“ – Театар Штип

10176025_4064321343031_1677765862_n„Мрачна комедија“ – автор: Питер Шефер; режија: Спасое Ж. Миловановиќ;  кореограф: Пјер Рајковиќ; сценограф: Владо Ѓорески-Рафик; композитор: Божидар Симоновски; продукција: НУ ЦК „Ацо Шопов“ – Театар Штип 

Светот на 27 март, секаде низ театарските сцени, традиционално и вообичаено, веќе неколку дeцении го слави и го одбележува денот на театарот. Вообичаено, театарските куќи и во нашата земја, достојно и во склад со високоприфатената позиција на театарот во македонската културна традиција, го прават тоа секогаш на најдобриот начин, давајќи го „од себе најдоброто“ и најрепрезентативното од својата репертоарска продукција.

Така, НТШ годинава светскиот ден на театарот да го одбележа со премиерната изведба на Мрачна комедија од Питер Шефер – многупознатиот и прославен англиски драматург и филмски сценарист. Филмскиот пристап кон темите и филмичното размислување, неслучајно англискиот драматург Шефер, кој и не е многу продуктивен, ќе го направат славен автор на филмски сценарија изгтотвени токму од него самиот – според  неговите најприфатени и најуспешни драмски текстови (Вежби за пет прсти, Кралевски лов на сонцето, Еквус итн.), а секако неодминливо треба да се одбележи и најовенчаното негово дело Амадеус – филмот на Милош Форман, кој не само нему и на режисерот туку и на десетина негови коавтори им ја донесе престижната холивудска статуетка – Оскар.

Мрачна комедија е всушност модерна комедија на ситуации, изградена врз една тенка, претежно реторична матрица, која, како и секоја мелодрамска конструкција од бродвејски тип, носи со себе и можности, но и барања за силна, посветена и вдахновена актерска игра на колективниот актерски потенцијал. Режисерот-гостин од Белград, Спасое Ж. Миловановиќ (директор на култното српско глумиште СНП – Белград), како драматург по вокација (а и водечки театарски критичар), бил свесен дека драмската формула на Шефер дејството да се одвива во мрак (условно , нели?) не е доволна за размавнување на актерската игра, па затоа го проширува ефектот на музиката и со текстови што ги испишуваат актерите и другите вклучени во претставата (вклучително и самиот тој, режисерот) – кои композиторот заедно со изведувачите одлично ги става во функција на играта , во претставата со силна поддршка и на кореографијата на познатиот Пјер Рајковиќ (исто така гостин од Белград). Забележителен сегмнет/елемент во сценската игра и разиграност, на кои концептуално инсистира режисерот Миловановиќ, зафаќаат и елементите на секогаш сценографски инвентивното и визуелно прифатливото вкупно сценографско решение на В. Ѓорески, со неговото стилизирано и визуелно – ефектно компонирање и декомпонирање .

Демонстрирајќи уверлива актерска игра, младите талентирани актери на очигледно подмладениот штипски ансамбл изненадија со показот на одделните свои уметнички посебности и вредности, наспроти поинаквата состојба на други македонски сцени, каде  што години наназад има пројави на актерски персоналитети што не можат да нè убедат во својата академска образованост и овладееност со актерскиот занает. Па, така, во оваа недолга, актерски мошне мотивирана, динамична и духовита сценска игра со карактерни трансформации, својот талент уште еднаш го покажаа особено уверливите и допаливи ликови на полковникот Мелкиот – Миле Вратеовски и на Харолд  – Милорад Ангелов, од „постарите“ штипски актери; а младите актерки Анѓелка Нашкова (како Керол) и Марија Минчева (како Клеа), носејќи една од драмските  (и хуморни) линии на заплетот, донесоа на повидок  талент, уверливост и сценичност.

Иако за главните протагонисти, актерите, секогаш се чини дека во пишуваните театарски осврти нема/недостига поголем простор за вреднување и за одбележување на нивното вложување во секој одделен театарски чин, се чини дека  барем во мала мера ќе се оддолжиме ако кажеме дека во Мрачна комедија на Шефер/Миловановиќ актерите беа владетелите на уметничкиот простор и на седумдесетминутното сценски убаво исползувано време, чиј водител беше главниот лик Бринзли (Пеце Ристевски).

Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
Злоупотреба на сказната како дискурс на моќ на дневната сапунска опера
Дискурсот на моќта на сапунската опера претставува поигрување со колективното несвесно.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *