Од „Антиепитаф“

Гаврило Миловановиќ е мултимедијален артист од Скопје. Неодамна го издаде албумот „Aфектот на Пеперутката“ за неговиот музички проект „Гордиев Јазол“. Исто така работи на уште неколку проекти како Quiet Hiroshima, Igloo Pyramid, Pragma, Alien God, Foto Robot и други. Како поет застапен е во повеќе антологии и има членувано во неколку поетски здруженија. Познат е по неговите перформанси низ државата поврзани со музика и актерство.

Гаврило Миловановиќ е мултимедијален артист од Скопје. Роден е 1981 година. Има завршено новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Работи како аудио и видео продуцент и композитор. Неодамна го издаде албумот „Aфектот на Пеперутката“ за неговиот музички проект „Гордиев Јазол“. Исто така работи на уште неколку проекти како Quiet Hiroshima, Igloo Pyramid, Pragma, Alien God, Foto Robot и други, како и музика за театар. Во поново време се занимава со фотографија, пишување сценарија и филмска режија. Во неговите филмови најчесто се занимава со зачувување и одржување на македонското културно наследство земајќи ги како тема византиското и фолклорното, како и со овековечување на нашите доајени од областа на уметноста.

Како поет застапен е во повеќе антологии и има членувано во неколку поетски здруженија.

Познат е по неговите перформанси низ државата поврзани со музика и актерство.

Во 2003 година ја издаде неговата прва поетска збирка „Трансцендентална заспивалка“.

 

Еон

И кога космосот маж ја бакна ѕвездената прашина жена
се родија децата тетан.
А во почетокот душите поларитет немаа.
Грешниците потоа им го дадоа.
Хермафродитот бог се престори во просторот време,
а времето,
времето не постои
или само умира со текот………………..

Добро утро сега и засекогаш.
Еве како чекорам по видиковата линија на животот,
како на тенка жица во циркус.
Си ги кршам прстите од хоризонтот како Труман.
Ми протонуваат во маријанскиот канал,
најдлабоко.
Копајте! Копајте прсти!
Стигнете до епицентарот,
поминете низ деветте кругови за да ги погалите несвесните.
Оние чии рожби ве згаснаа,
оние чии раце ве одгалија,
оние чии мозоци дозволивте да станат умови.

Ете, ти дозволив да ми ги исечеш рацете.
Сега сум јас на потег.
Со ноктите од нозете си ја сечам косата и правам венец од трња за Исус од неа.
А секогаш се молев на бога наопаку,
секогаш бев јагнето,
секогаш бев изеден на крајот.
Дете: Бог не се раѓа ниту пак умира помеѓу моиве прсти,
само прашината од нашите души се задржува
………………………………..на линијата на животот.
Само да ја дувнеш,
толку лесна да се вивне
а толку тешка за да го исцрни снегот и претвори дождот во кал.

Се стемнувам.
Не можам да се огледам во ниту еден отсјај.
Месечината како да не ме препознава.
Си замислила сопствена видикова линија,
сопствен живот во кој се претвoра во сонце кога не сака да биде видена,
во кој се претвара во………………
мене.

Ќе ви ги испечам очите
за да не ме гледате додека умирам.
Ќе ви ги изџвакам капаците
за да не ме мижите додека ве раѓам.
Колку проклето Еони ви беа потребни
за да ја уништите секундата?
Колку проклето сонца да се родат
за да ја закопате земјата
и од неа родите солза?

Времето НОЕ ме наслика на лицата на боговите.
Времето НОЕ ме живее мртов,
ме робуваат,
ги исцелувам крилјата на бездомниците
за да можат да летаат
кога веќе не можат да сонуваат.

 

Икона

Ако една слика вреди 1000 зборови,
тогаш ќе те насликам
и ќе те подарам на глувонемите.

Ако еден допир вреди 1000 воздишки,
тогаш ќе го сопрам воздухот
и ќе те подарам на болните.

Ако една солза вреди колку 1000 капки вода,
тогаш јас сум создавателот на океаните.

Ако еден миг трае 1000 светлосни години,
тогаш мојот животен век е пократок од твојот ден.

Ако 1000 мои слики вредат само еден збор
дозволи ми да ти го изговорам името.

Ако еден бакнеж вреди 1000 сни,
тогаш не би сакал да се разбудам никогаш,
ни на јаве.

Ако мојот живот вреди колку 1000 твои
би сакал да ти го подарам тебе,
за да имаш 1001.

Ќе го испишам твоето име
на сите гробови од моите предци,
на сите гробови од моите потомци,
ќе ги соберам очите од сите слепи луѓе на планетава
и ќе ги закопам за да не те гледаат,
а да те помнат.

Ако една слика вреди 1000 зборови
а јас сум осуден да бидам глув,
тогаш ќе се насликам себе си во твоето уво
за да ти дошепнам дека те сакам.

Ако една слика вреди 1000 зборови
а јас сум осуден да бидам слеп,
ќе се насликам на твоето лице
за да прогледам.

Ако една слика вреди 1000 зборови
а јас сум осуден да бидам нем,
дозволи ми да се насликам на твоите усни
за да ме имаш вечно
……………а да не проговориш.

 

АНТИЕПИТАФ

Маските на црвената смрт се сокрија во своето лице,
А јас со очи широко затворени
ја пишувам Одисејата по 2001 пат.
Затворен во овој пеколен портокал,
со рамот
си ја плетам кожата
…за да не заборавам да се сеќавам на допирот,
на Казанова, на Фрида, на Јохан Себастијан Бах.
Иако слеп , прекрасно нем во Бетовеновите воздишки.
Зошто се правите дека не се познавате?
Што ако сте од различни векови.
Колку ли пати треба да умрете
за да престанете да бидете славни?
Колку ли пати треба да се родите
за да ви здодее да бидете генијални…….
Колку пати сте биле живи до сега?

Си ја одлепив кожата за да ве сакам со голо срце
кога не можев себе си.
Врз црниот штафелај од меридијани и атомски бомби
ја растегнав како пергамент
и со Николовата тесла во неа пополека ја длабам
сликата на Доријан Греј.
Безгенитален, таков
…..во вагините на свеста,
во коитусот на катодата и анодата….
Се пронајдов стар.

Стар со избелена коса и очи од киселина
го цицам првото млеко од пупките на Фројд.
Си ја секвенцирам главата на клетки.
Совршено
….како Фибоначи.
0, 1, 1, 2, 3, 5, 8, 13………………………………….
И милионитиот дел од златниот пресек
се претвори во сперма……

Се родив.
Се родив за да не заборавам да се сеќавам на вкусот,
на лосос и кавијар и Ленин,
на мојата мајка, сестра и баба……….
На мојот татко и дедо и браќата Грим.
Ханс Кристијан Андерсен
тукушто замрзнат во телото на Дизни
и вкусот на устата на Монализа
поубав од сите Лаури и очи на Пикасо
………………………..на дното од океанот.

Јас ја измислив струјата но не ја пронајдов.
Јас го здогледав Бога, но никогаш не го почувствував.
Јас ја свирам оваа хармонија
но немам прсти ниту уста ах, да би можел да ви измолчам,
колку е тешко да се биде Јас.

Маските на црвената смрт се сокрија во моето лице,
а јас со очи широко затворени ја пишувам Одисејата по 2002 пат.
Затворен во пеколниот портокал
се родив……………………
Се родив…………….
…………………………..за да не заборавам да умрам.

 

Мртви Срни

Нејасна светлина од тумор.
Солзи од прагма
закопани во очите на Гоби.
Новороденче ми ги гушка градите,
ја плаче секундата
не знаејќи дека подоцна ќе ја измисли,
не знаејќи дека подоцна ќе ја сфати.

Сите спомени се зачувани во мајките,
божји
а и птиците се мајки
исколвани мртви срни,
а кој да ги сака?

Те гледав како растеш
те гледав како чекориш
по солзите на Бамби,
по очите на Гоби
со неколку виножита во џебот……………….
Илјада посмртни марша во иста секунда искрвари боже.
Беше подочниците на бога,
беше ларва што се испилува од Кантлапласовата хипотеза
за да експлодираш во пеперутка.
Зарем?

Не сакам да знам колку е часот
сакам да знам колку не е…

Би ја убил геоцентричноста на Аристотел
само за да ја создадам петтата димензија во тебе
и да чекорам тивко по твоите срни
додека се движиш со брзина на вулканска магма,
со брзина на мајчински вресок.
Ти ли ја уби?

Те мразам.
Те обожувам.
Те мразам.
Те обожувам.
Те мразаааааааааам!

Подари ми мртва срна.
Подари ми тумор………

Слетај на месечината и набери ми вештачко цвеќе.

20.08.2010. Најсовршениот вид во универзумот
положи свежо цвеќе во светскиот Бутел.
20.08.2010. Најсовршениот вид во универзумот
ја имаше својата шанса
………………………………………да биде човек.

 

Ænima

И сега конечно можам да умрам.
Во окото со 2 зеници,
во математиката на Fibonacci,
во златниот пресек на цикличната мембрана на матката
си ги распоредив моштите во 5-те цркви на плачот,
каде што и да умира дете славно е,
а и машки
затоа што се случува……………

И сега конечно можам да умрам
додека првиот човек на планетата
ја измислува хармонијата
и игра stop motion  со нашите тела,
овој пат на само 5 метра од него долг конец од ласер,
а од спротива
отмена пуританска егоцентричност
и кадифен креп сатен неодоливо флуоросцентен
ја обликува масата како што ќе посака,
како што само господ му дарил,
а не знаел зошто.
Малку сме……………
Ама Не ИМА……………..

Ја пренесовме свеста над 30.000 години
на овие пирамидни плеќи
за да го внесеме предметот во човекот.
И сега конечно можам да умрам
додека 10.000 дена умирав
……..низ животот,
трпејќи ја болката на ова тело кое ме поседува
без да праша,
без да се заблагодари,
без да проговори….

Се сеќавам од каде дојдов
и сега станав човек,
но повеќе ништо не е исто
….бидејќи сум мртов.
Јас не сум бескрајност,
јас сум вечност.
Сета оваа болка е само илузија.
100 години самотија……
……………….на бебе.

И кога небото ќе се спои со земјата
и животните ќе проговорат на човечки јазик,
јас ќе еволуирам во ова што сум денес,
а што никогаш нема да можам да бидам.
……………………………………..БОГ.

 

….И како да им се пријде на овие искрени, или подобро речено колку искрени, толку халуцинантни….колку акрибични, толку навидум наивни… и колку привидно танатофилични, а всушност очајно вивистични….па дури и деликатно еротични записи…се разбира на истиот тој начин!!!

….Смртта..Опсесивен симбол..вечна тема…во принцип не баш “омилена”, застрашувачка, неминовност, неизбежна сооченост со дисолутивноста…на физиолошко но и на дискурзивно рамниште..
“Данс Макбр” со “авто-генерираните” фантазмагории, опасен предуслов да се стане банален, или иманентен предизвик да се надраснеш во пренаталниот уплав…вешто артикулирајќи ја сликовноста во вербоцентричниот “матрикс” на епохата за која важи парадигматичната парола- “Сé проаѓа”…така е “енитинг гоуз”…

Зафаќањето со такви тематски јадра како што се…смртта, раѓањето, животот, човекот, љубовта….е тешка, крајно здодевна работа!- и многу често знае разобличувајќи се да се “изобличи” во патетичен гоблен “виден на трип”…каде калабалакот од емоции и информации ејакулира во когнитивен огномет…од нигде никаде над некој некогаш…

…И кога ќе се погоди моментот на “церебралниот флеш- бек” нештата добиваат сосем друга перцептибилна потенција…а во конкретниов “регресум ад утерум”…протагонистот на “враќањето” ја има таа плацентална, или омнипотентна перцепција и меморија која кореспондира со најхтонските нивоа на “ритуалната интелегенција” на планетата Земја…но сé тоа би било безвредна псеудо- академистичка флоскула ако соочувањето со себе одсуствува како кога ќе ја замолиш мајка ти да те опрацда пред наставничката и да лаже дека имаш висока температура и бесмислено да го правда твоето отсуство…

Сашо Гигов Гиш

Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
Разговор меѓу Хулио Кортасар и Евелин Пикон Гарфилд
Пренесуваме делови од разговорот кој критичарката Евелин Пикон Гарфилд своевремено го водеше...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *