Духовитост наспрема хумор

Кога се зборува за еволуцијата на поимот „духовитост“, како и за неговата поврзаност со поимот „хумор“, предвид всушност се зема англофонската традиција. Оттаму преводот на зборот “wit” на македонски овде е само условно земен како „духовитост“ – збор кој во македонскиот јазик ги нема истите нијанси на значење кои ги има и имал во англискиот.

za-smesnoto(извадок од студијата „За смешното: теориите на хуморот низ призмата на расказот“, Блесок, 2012)

Кога се зборува за еволуцијата на поимот „духовитост“, како и за неговата поврзаност со поимот „хумор“, предвид всушност се зема англофонската традиција. Оттаму преводот на зборот “wit” на македонски овде е само условно земен како „духовитост“ – збор кој во македонскиот јазик ги нема истите нијанси на значење кои ги има и имал во англискиот.

Зошто се јавува потреба од диференцијација на овие два поима? Веќе увидовме дека општото значење на хуморот како позитивен или во најмала рака неутрален феномен е во тесна врска со развојот на поимот духовитост. Во еден момент во нивниот напореден развој, хуморот се издвојува од духовитоста и кон себе ги припојува сите позитивни карактеристики на комичното. Всушност, овие два термини биле толку блиски, што и во денешно време во речниците на книжевни термини се среќава зборот „духовитост“ а не „хумор“ (Oxford English Dictionary, Routledge). Ваквиот факт не треба да изненадува, и тоа токму поради присуството на духовитоста во општествениот живот во Англија, посебно во XVII и XVIII век. Со зародиш во Ренесансата, па сè до XIX век духовитоста на некој начин го обележува духот на времето во Англија.

Така, на пример, во Ренесансата на духовитоста се гледало како на интелектуална и креативна способност што ја користеле книжевните автори во обидот да создадат таканаречени кончета или стилски фигури кои вршат споредби меѓу две нешта на необичен, ингениозен и парадоксален начин. Оксфордскиот речник на книжевни термини (Baldick, 1990: 277-8) истакнува дека на почетокот терминот означувал „имагинативен капацитет“ во позитивна смисла на зборот, но во современоста ова значење изгубило од својот интензитет. Понатаму, употребата на овој термин најмногу зајакнува во XVII век, за време на англиската Реставрација, станувајќи своевидно обележје на овој период, во кој посебно популарни станале јавните меѓусебни „препукувања“ на политичари, писатели и видни интелектуалци. Истовремено, комедијата во Реставрацијата ги поттикнала и дебатите за разликите помеѓу концептите на хуморот и духовитоста (Wickberg, 1998), посебно меѓу авторите Драјден и Шадвел, меѓу кои постоел голем анимозитет. Имено, Драјден сметал дека комедијата треба да се основа врз идеите на тој начин, врз духовитоста. На ова се спротивставувала школата која верувала дека комедијата треба да се основа врз ликовите – по теоријата на Бен Џонсон. На таков начин, духовитоста почнала да се поистоветува со интелектуалното, а хуморот со карактерот на човекот, при што се створила спротивставеноста ум–тело.

За разликите помеѓу хуморот и духовитоста во XVII век зборува и еминентниот англиски филозоф од тоа време, Џон Лок. Поради неговото огромно влијание врз другите писатели и филозофи од периодот, тој извршил големо воздејство врз начинот на кој се дефинирала духовитоста. Тој, имено, не ја споредува со хуморот, како другите пред и по него, туку со рационалното судење. Споредувајќи ги овие два поими, Лок потенцира дека оние кои ја поседуваат дарбата на духовитоста не ја поседуваат дарбата на рационалното расудување, бидејќи духовитоста главно лежи во збирот на идеите, со што овие идеи се поврзуваат на брз и разновиден начин, при што во нив може да се најде сличност и соодветност и со тоа да се повикаат пријатни слики во фантазијата; на сосема спротивна страна се наоѓа расудувањето, каде што на внимателен начин се делат идеите во кои нема никаква поврзаност, за тие да не се помешаат во својата сличност и да не се заменат една со друга поради својата сродност. (Locke, 1690: 190-1)

Во исто време уште еден еминентен англиски писател и критичар, Џозеф Едисон, основоположник на списанието Спектатор, во своите критики кон писателите врши дистинкција помеѓу два типа на духовитост: т.н. вистинска и лажна духовитост. Во категоријата „мешана“ духовитост тој ги спомнува авторите за кои имал некаква почит и не сакал целосно да ги критикува. Според Едисон, „лажната“ духовитост е забавна, но неуредна и неконзистентна, за разлика од „вистинската“ духовитост, која е грандиозна и природна (Childs and Fowler, 2006).

На духовитоста како симбол на времето се осврнува и големиот поет и критичар Александар Поуп, кој во својата поема Есеј за критиката (1711) за „вистинската духовитост“ вели дека е „она што често се помислува, но ретко убаво се искажува“ (Pope, 1711: 2515)

Теоретичарот Викберг тврди дека ваквата дистинкција помеѓу хуморот и духовитоста опстојувала во XVII век, но понатаму почнала полека да се губи, така што во XVIII и XIX век не постоела јасна разлика во употребата на овие два термина (Wickberg, 1998).

Проблематиката на духовитоста во XVIII век ја начнал и шкотскиот писател Џејмс Бејти, од аспект на тоа дали таа навистина предизвикува смеа. Имено, потцртувајќи ја интелектуалната страна на духовитоста, Бејти тврди дека таа претставува „неочекувана сличност меѓу идеи што се навидум различни“ и дека често таа „предизвикува восхит, а не смеа“ (Beattie, 1776: 344), додека авторката Ермида (Ermida, 2008: 8) додава дека на истиот став стои и авторот Григ во почетокот на XX век, како и Кикерон во античките времиња, кој смета дека игрите со зборови се израз на човековата интелигенција, при што тие не предизвикуваат смеа. Од друга страна, англискиот критичар Вилијам Хазлит хуморот го дефинира како нешто што произлегува од природата и е поврзано со апсурдностите во незгодите, ситуациите и карактерите на луѓето, додека духовитоста ја дефинира како она за што го сметаме хуморот денес – „илустрирање и интензивирање на оваа апсурдност преку ненадејна и неочекувана сличност или разлика меѓу две нешта“ (Hazlitt, 1987: 74).

Раѓањето и подемот на Романтизмот во Англија во XIX век исто така придонеле кон занемарувањето на високата позиција на духовитоста во општеството. Со отфрлањето на рационализмот и интелектуалното, а со возвишувањето на емоционалното, креативното и имагинативното, духовитоста го губи своето еминентно општествено и културно значење. Но тоа не значи дека сосема се отфрлаат дискусиите на оваа тема. Напротив, големиот романтичарски поет Семјуел Тејлор Колриџ во своите постхумно објавени есеи за книжевноста (1836) се обидува да направи дистинкции помеѓу четири поими поврзани со комичното, и тоа: духовитото (witty), смешно (droll), гротескно (odd/grotesque) и хумористично (humorous). Како и неговите претходници, Колриџ ја врзува духовитоста со умственото, нарекувајќи ја „интелектуален процес“ каде што се воочуваат разликите во сличните нешта, а сличностите во различните. Овој процес се состои од „претставувањето на необични врски помеѓу мисли или слики со цел да се предизвика задоволство преку изненадување“ (Coleridge, 1836: 131). Тука Колриџ ги начнува и основните карактеристики на хумористичното според кои и духовитоста се подредува во општиот домен на хуморот: задоволството и изненадувањето, врска која претходно ја воспоставува и Едисон (види во Fleet, 1884: 4). Вториот термин, drollery, кој на македонски несоодветно би се превел со општите термини смешно или комично, според Колриџ означува тип на хумор чија единствена цел е да предизвика смеа, а не да пренесе некаква морална порака. Колриџ го става и гротескното во фамилијата на комичното, сметајќи дека гротескното функционира на сличен начин како духовитото, со тоа што наместо зборовите и сликите да се во некаква необична врска како во духовитото, тука тие се поставени едни до други на необичен начин. Сепак, се чини дека на Колриџ му е најтешко да го дефинира хумористичното, па го прави тоа во однос на духовитото: „Хуморот, за разлика од различните форми на духовитоста, кои се нелични, не се состои целосно во перцепцијата и сетилата“ (Coleridge, 1836: 134) Начинот на кој тој гледа врз хуморот е поврзано со универзалното, со тоа што смета дека хуморот се појавува секојпат кога „на нешто конечно се гледа како на нешто бесконечно, дали свесно или несвесно“ (Coleridge, 1836: 136). По ова е јасно дека и кај Колриџ разликата меѓу хуморот и духовитоста лежи во опозицијата интелект/емоции, специфично/универзално.

Релевантни се и ставовите на авторот Ф.Р. Флит, кој кон крајот на XIX век објавува дело со наслов Анализа на хуморот и духовитоста. Наведувајќи ги дефинициите на духовитоста од XVII век за кои веќе стана збор – на Лок и Едисон – тој, меѓу другото, ја дава и својата дефиниција за овие два термина. Така духовитоста претставува вкрстување на идеи кои воопшто не соодветствуваат, нарекувајќи ја тип „бесмисленост“ и нерационалност (Fleet, 1884: 8) – за разлика од хуморот, кој го смета за рационален, со што несоодветството се случува не во самите идеи, туку во „стандардот на коректното однесување“ (Fleet, 1884: 9-10).

И Фројд во своето дело Шегите и нивната врска со несвесното (Freud, 1905) при својата поделба на трите манифестации на смеата прави разлика помеѓу духовитост, комичност и хумор. Духовитоста овде се гледа во контекст на човековото инхибирање и се поврзува со шегите и досетките. Во таа смисла „тенденциозните шеги“ или пак „тенденциозната духовитост“ (постојат полемики околу преводот на оригиналните поими на германски кај Фројд) искажуваат агресија и доза малициозност, во духот на традиционалното гледање на духовитоста. Од друга страна, хуморот е дефиниран како човековата способност со насмевка и оптимизам да се справи со тешките чувства кои ги преживува во своето секојдневие. Оваа дефиниција на хуморот не е прифатена во понатамошните истражувања поврзани со овој феномен. Сепак, на едно базично ниво Фројд ја запазил дихотомијата интелект/карактер во односот духовитост/хумор.

za-smesnoto-2Авторите кои во денешно време се занимаваат со анализа на хуморот се согласуваат со фактот дека и двата поима спаѓаат во доменот на комичното, но функционираат на различен начин во однос на предизвикувањето смеа и чувство на задоволство. Авторката Ермида (Ermida, 2008) издвојува две нивоа на кои тие се разликуваат: вербалниот карактер на духовитоста, како и различната етичка димензија на двата поима. Од една страна, духовитоста е агресивна, малициозна, остра (оттаму и терминот остроумност во македонскиот јазик), додека хуморот е бениген, сочувствителен и добронамерен. Оттаму и духовитоста во Оксфордскиот речник на книжевни термини (Baldick, 2001) означува брз, вербален, интелигентен одговор или дофрлување кое содржи хумористични елементи.

Иако хуморот е општ термин кој ги опфаќа сите манифестации на комичното, вклучувајќи ја и духовитоста, поимот wit (т.е. духовитост) историски, а неретко и во денешно време, го означува доменот на интелектуалното и агресивното, додека во негова спротивставеност поимот хумор го означува доменот на емоционалното, сочувствителното и бенигното. Со други зборови, духовитоста доаѓа од умот, а хуморот – од душата.

 

Користена литература:

Baldick, Chris. (2001). The Concise Oxford Dictionary of Literary Terms. Oxford: Oxford University Press.
Beattie, James. (1776). Essays, Vol. II. Edinburgh: William Creech, and London: E&C Dilly.
Childs, Peter and Fowler, Roger. (2006). The Routledge Dictionary of Literary Terms. London and New York: Routledge.
Coleridge, Henry Nelson. (1836). The Literary Remains of Samuel Taylor Coleridge. William Pickering, London.
Ermida, Isabel. (2008). The Language of Comic Narratives: Humor Construction in Short Stories. Berlin, New York: Mouton de Gruyter.
Fleet, F.R. (1884). An Analysis of Wit and Humour. London: David Bogue, 27 King William Street Strand.
Freud, Sigmund. (1905/2001). Jokes and their Relation to the Unconscious. London: Vintage.
Hazlitt, William. (1987). In John Morreall (Ed.) The Philosophy of Laughter and Humor. Albany: State University of New York Press.
Locke, J. (1689/1998). An Essay Concerning Human Understanding. London: Penguin.
Pope, Alexander. (1711/2000) An Essay on Criticism. In L. Lipking, M.H.Abrams, S. Greenblatt (Eds.) The Norton Anthology of English Literature. New York and London: W.W. Norton and Company.
Wickberg, D. (1998). The senses of humor: Self and laughter in modern America. Ithaca, NY: Cornell University Press.

Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
Италијанска современа поезија (4)
Ако не треба да се вратам, знајте дека никогаш не сум заминал.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *