Декоративни дупки во асфалтот

Ова е еден малку постар проект на Јулија Сантакруз Херера (Juliana Santacruz Herrera), кој потекнува од периодот на 2011 година, но со оглед на тоа дека нема премногу интернет-места на кои се промовираат поразлични уметнички концепти, овој проект задолжително треба да биде дел од серијата на концептуална уметност што се презентира на Репер.

Сте помислиле ли дека има премногу дупки во асфалтот? Дека тие се груби и делуваат несимпатично за око? Освен тоа што прават постојани проблеми на оние што возат автомобили, постојат дупки и по патеките за велосипеди, како и по оние најобичните, за пешаци.

Таквите дупки биле предизвик за создавање креативна идеја што ќе го разубави просторот, ќе внесе колорит во него и ќе го направи во крајна линија посимпатичен и поубав. Уличната уметност има огромен и значителен пораст на популарноста во последните неколку години, иако се чита и препознава повеќе како вандализам или графити уметност, што овде мора да забележиме дека добива нова форма, нов начин на дејствување и акција. Уметничките (улични) дела на Херера се несомнено убави. Таа ја користи бледосивата боја на асфалтираните улици како текстура, како нејзино платно, додава светли и привлечни бои, на и онака лошата улична палета.

Со помош на овој проект знаеме дека не се само улиците во Њујорк под постојана реконструкција и поправка, па благодарение на уметничките дела на Јулијана Сантакруз Херера, сега знаеме дека и луѓето во Париз се чувствуваат исто. Незадоволните од овие дупки и непоправени пукнатини на улиците на Париз, со помош на специјално плетените форми на Херера добиваат нова димензија и секако на посебен и специфичен начин ја разубавуваат својата околина. Станува збор за ткаенини што се направени со волница и обични долги игли, кои служат за плетење, секако со претходна анализа на дупките и пукнатините. Таа одлучила да го земе ткивото на улиците како нејзино јадро што ќе го исполни со својот креативен жар.

1

Олек од Њујорк е само уште еден од уметниците што со помош на слично предено и техниката на „герила плетење“ ги „нападна“ напуштените велосипеди и столбови низ градот. Вакво герила плетење може да се најде и врз веќе постоечки парчиња на јавната (улична) уметност. Сепак, работата на Херера е еден чекор подалеку, во однос на интеракцијата со градскиот пејзаж и насочувањето на вниманието кон општинските запоставувања.

Користејќи светло обоени материјали и ткаенини таа плете и ткае предена што ги вградува во специфични парчиња, а тоа изгледа како инјектирање на весело виножито од бои во различни форми и големини. Резултатите се микс од уметноста, модата и природата – и сите тие можат да изнудат насмевка на ладните образи во сивата зима како и топлина во овие пролетни месеци.

Ова претставува вистинска оптимистична и активистичка уметност, бидејќи освен пораката што ја носи од деловите на асфалтот што се во распаѓање и се целосно занемарени, таа поттикнува на размислување и создава незаменлива уметност. Tres bien, нели?!

Leave a Reply

Your email address will not be published.