За „Пазарот Барселó“ – прво дело на Алмудена Грандес преведено на македонски јазик

almudena-grandesКнигата Пазарот Барселó, како што се наведува во самиот предговор, претставува прозна збирка од шеесет и шест написи што во текот на три години биле објавувани во неделниот додаток на дневниот весник Ел Паис. Тие претставуваат уникатна духовна збирка од шпанската метропола насликана со прецизните движења на перото на исклучителната Алмудена Грандес. Авторката Грандес, впрочем, го избира пазарот Барсело како топос, како синоним за тематски простор и за книжевна тематика, односно топика. Знаејќи дека токму пазарот Барсело претставува несомнен дел од колективната меморија на граѓаните на Мадрид, а со тоа и на целиот шпански народ, нараторката виртуозно успева да го олицетвори него пред читателите со помош на различни дискурзивни практики. Со тоа, се разбира, таа ни го предава и багажот на колективниот менталитет, како и алузивната и дејствена моќ на стереотипите врежани во загадочните слики, кои, пак, се меморирани во колективното несвесно. Авторката Алмудена Грандес многу добро знае дека книжевноста, особено во своите фикционални облици, треба да ги актуализира оние топоси што се суштествени за една култура, кои може да бидат поставени во сенка, заборавени и игнорирани во одредени општествени и поетички констелации. Еден таков топос е, секако, и пазарот Барсело (за кој го пишува во лирски манир, меѓу другото, и тоа дека „се растегнува полека како цртаната планина од една детска приказна која голта камења“ – стр. 113) и сите обични луѓе од мадридското секојдневие, кои овде, со право, стануваат достојни и за книжевно валоризирање. Тоа е нужно за А. Грандес бидејќи за неа „реалноста нуди малку такви трогателни детали како шминката на рибарката, накитот на месарката, престилката на касапката, различни верзии на истиот дух, дела на истата жестока посветеност да се одржи заштитено личното достоинство во која било цена. Не знам дали другите муштерии го делат нивниот труд, но мене ми се допаѓа да ги гледам на улица во неделите наутро и да се трудам да ги препознаам“ (стр. 24).

Композицијата на ова дело е сфатена и симболично како затворен циклус од годишните времиња (пролет – лето – есен – зима), но на текстуален план, делото претставува и своевиден мозаик од различни описи на случувањата, на настаните и на временските „(не)прилики“ на пазарот Барсело, кои авторката му ги предава на читателот во вид на 66 синџир-приказни, а со тоа и имплицитно му помага нему да си ги соедини нив во главата и да ги посматра од својата точка на гледање. Нараторскиот исказ во расказите е сфатен како елемент на микроцелините во текстот, кои секогаш се изведени низ некаква, т.е. нечија призма, па затоа и нараторката лапидарно ни признава дека „да пишуваш значи, пред сè, да го гледаш светот, но резултатот не зависи само од сцената, тука исто така се смета и погледот кон нештата“ (стр. 53). Јазикот на овие целини, пак, е сфатен како систем од единици што во себе ги антиципираат фразеолошките, идеолошките, моралните, естетичките, психолошките и просторно-временските карактеристики значајни при изведбата на значењето и комуникацијата со нив. Во тој домен се посебно луцидни иако ретките, но мошне проникливи сентенции, на пример дека „во меѓувреме, шпанската демократија престана да биде млада без да стане вистинска демократија зашто обичните Шпанчиња се како кучињата на Павлов, оние кои почнуваа да лачат плунка кога ќе го слушнеа ѕвончето што нивниот чувар го огласуваше секогаш пред да им даде храна“ (стр. 57). Како и да е, раскажувачот, односно субјектот што е носител на гласот преку кој авторката ги раскажува приказните за пазарот Барсело, однапред си ја определува својата улога на снимател, т.е. на стилски рафиниран фокализатор, кој ја создава само неодоливата атмосфера во текстот, додека клучот за неговото читање или растајнување му го остава на неговото височество – читателот, во духот на познатите критички теории reader response, според кои (парафразирајќи го притоа Умберто Еко) – „текстот е рецепт, а читателот е готвач“. Ваквата споредба не ја наведувам случајно, затоа што и самата нараторка кон крајот на својата книга подвлекува дека „ќе поминат многу години пред гастрономијата да стане модерна и медитеранскиот режим на исхрана да биде во центарот на вниманието. Телевизиските приемници ќе се преполнат со постмодерни готвачи способни енергично да го водат враќањето кон традиционалните пазари“ (стр. 199). Тоа е, најпосле, и една од причините за тоа зошто раскажувачот доброволно се повлекува во заднината и зошто во неколку наврати подвлекува: „За момент паднав во искушение да кажам на глас, но кога дојде мојот ред, купив месо и си заминав. На крајот на краиштата, јас сум само една писателка“ (стр. 33) или уште поконцизно: „Му благодарам на неговиот пиетет да ме поштеди од расправа, иако вистина е дека нема да трае долго моето објаснување бидејќи работата е тоа што сум само една шпанска писателка и умирам од срам“ (стр. 38).

pazarot-brazelo

Сепак, она што е можеби и позначајно за академските проследувачи на ова дело во македонскиот книжевен и културен контекст е фактот што преведувачката екипа во состав Атина Кичева, Драгана Бислимовска, Симона Соколовска, Оливера Никодиновска, Елена Андонова, Наталија Веселинова и Душица Атанасовска на мошне уверлив и вешт начин ни го потврдува овде ставот етаблиран во современите теории на преведувањето, сосема оправдано, дека не се преведува само текстот, туку и културата од која тој текст потекнува. Јас би додал дека се „преведува“ и хронотопот, односно времето и местото и начинот на кој тие се претставени во книжевното дело. Како и текстот, бездруго, и соодветната култура треба да се трансферира / пренесе во културолошкиот код на јазикот-цел, во случајов на македонскиот јазик. Во моментите на преведувањето, преведувачките можеле само да претпоставуваат на каков начин подоцна читателите ќе го воспримат нивниот превод и како ќе го вреднуваат. Јасно е дека преведувачкиот процес не завршува со тоа што преведувачите го создале текстот на преводот. Текстот на преводот не е и не може да биде последната цел на преведувачката работа. Преводот, слично како и оригиналното дело, почнува да живее во конкретната културна средина дури тогаш кога ќе дојде во допир со читателите, кога културниот организам на средината ќе почне да го реципира таквото дело што се родило под релативно поинакви услови. А баш тоа веќе и се случува со делото Пазарот Барселó во Македонија. Дотолку повеќе, треба да се поздрави и фактот дека младите преведувачки, преведувајќи ја Алмудена Грандес, работеле под будното редакторско око на менторката Јасмина Никуљски. Всушност, и овој издавачки проект, но и општо – модерната издавачка практика при објавувањето на преводите, недвосмилено ни покажува дека редакторот (во случајов искусната професорка и преведувачка од шпански јазик – Ј. Никуљска) не може и не треба да се испушта од игра. Редакторката Никуљска е, значи, посредувачкиот фактор меѓу владејачките јазични норми и текстот на преводот и ги извршува директивите што се изложени на влијанието на читателските навики, кои ги освоила воедно и издавачката институција. Речиси сум сигурен дека функцијата на редакторката Никуљска не се исцрпува само со јазичните коректури, туку нејзините интервенции се стремеле кон дефинитивност поради тоа што редакторот претставува, како што знаеме, и институционализиран партнер на преведувачот, па затоа и не треба да ги следи само јазичните операции на преведувачот или, пак, книжевните норми, туку треба нужно да се вклучи и во реализацијата на значенската и на стилистичката структура на оригиналот во преводот. Овој превод навистина потврдува дека и таквата хармонија е достижна и применлива во практиката.

На крајот, ми останува само да заклучам: убеден сум дека книгата Пазарот Барселó од Алмудена Грандес во превод на македонски јазик на споменатата екипа под менторство на Јасмина Никуљска ќе претставува вистинска наслада дури и за многу пребирливите македонски книжевни гурмани. Предвидувајќи ја спокојно долгата животност на книгата кај нас, ве препуштам на насладата и на уживањето!

Leave a Reply

Your email address will not be published.