Роман изрезбан во длабока резба

За „Ненасловена месечева соната“ од Давор Стојановски

nenaslovena_meseceva_sonata-311x480„Ненасловена месечева соната“ за мене е македонското книжевно откритие за 2013 година. Да, баш вака, in medias res, ќе го почнам овој краток приказ на дебитантскиот роман на Давор Стојановски.

Сѐ уште, и по неколку месеци од првото читање, сум под импресии од романот, па тешко дека ќе успеам да ги скротам впечатоците и да бидам умерен во пофалбите. Ако претерам, тоа нека биде моето оправдување, затоа што, дури и да има некои слаби точки во книгата, јас при првите две читања не успеав да ги забележам.

Пред сѐ, Давор Стојановски е самосвесен автор. Тој многу добро знае што напишал и тоа е многу важно. Важно е писателот да биде свесен за она што го создал. Да дише заедно со своето дело, да му ги знае сите силни страни и сите негови мани. Важно е тој да заспива со него и со него да се буди. А Давор тоа го правел десетина години. Десетина години пишувал и бришел, правел и преправал, додавал и одземал. Со својот роман растел. И на крајот му вдахнал живот на светот што го создал. Токму затоа неговите ликови се живи. Затоа што со многу внимание и грижа се создавани. Затоа што им е посветен простор во светот во кој живеат. Затоа што приказната подзастанува за нив, бидејќи тие ја прават приказната.

„Ненасловена месечева соната“ е роман што им се обраќа и на двата вида читатели: и на оние што се задоволуваат од привлечноста на приказната, бидејќи приказната е маестрално раскажана, но и на оние другите, со „искусно непце“, кои повеќе ги интересира дискурсот и, би рекол, особено ним им се обраќа, затоа што на ниво на дискурсот во оваа книга има едночудо чуда. Ако сте читател-херменевтичар, Давор ви оставил еден куп работа.

Романот е составен од две „Сонувања“ – едното на почетокот, другото на крајот – кои претставуваат рамка во која се сместени: романот-пролог од ликот-автор Давор Стојановски, романот „Ненасловена месечева соната“, чиј автор е Лазар Дарко, кој, пак, е лик од следниот роман, „Месечева соната“, напишан од непознат автор. Последната целина внатре во оваа рамка е „Белешката од приредувачот“. Сето ова, секако, е потпишано од Давор Стојановски, автор од крв и од месо, човек од стварноста во која живееме. Некои од вас веќе погодуваат дека Давор си игра со теоријата за смртта на авторот. Кој е тој што пишува? Кој е тој што се потпишува? Тоа е основното прашање што се поставува во метатекстуалните делови од романот, а такви се: романот-пролог од Давор Стојановски, Епилогот од романот „Месечева соната“ и „Белешката од приредувачот“. На тој начин метатекстот е гетоизиран и воопшто не ѝ пречи на приказната, т.е. не им пречи на оние читатели што не сакаат да се оптоваруваат со него.

Многу слично, иако од поинаква природа, е прашањето за идентитетот, кое се отвора преку Јон, носечкиот лик во книгата, кој во првите неколку години од својот живот е безимен. Тоа е она прашање што уште Платон го отвора во својот „Кратил“, прашањето за именувањето на нештата, за поврзаноста меѓу суштината и формата. Дали името е полнозначно или е арбитрарно? Дали содржината произлегува од формата? Овде се чепка во магијата на зборот, но може да се оди и подалеку, па од телото и од душата на зборовите да се премине на човековото тело и на човековата душа. Дали сме ние своето тело или сме она што во тоа тело живее? Или, во тесна врска со ова, прашањата што Јон си ги поставува: кој сум и каде сум и зошто јас сум јас, а не некој друг?

davor

Приказната, пак, е сместена во хронотоп без маркери што ќе го наведат читателот на некое конкретно место или на некој конкретен период од вонфикциската стварност. Настаните наликуваат на оние од нашата современост, но токму со избегнувањето на маркерите се избегнува локалниот призвук и на тој начин приказната станува универзална. Во неа мајсторски се испреплетени неколку сижејни линии, секоја водена од гласот на омнисцентниот раскажувач низ призмата на еден од ликовите. За романот „Очи со боја на чевли“ од Петар Андоновски реков дека е совршен за по него да се сними филм, истото чувство го имав читајќи го и овој роман. Се надевам дека овој текст (не есејов, туку романот) ќе падне во рацете на некој талентиран филмаџија.

За „Ненасловена месечева соната“ има уште многу што да се каже, се отвораат во романот многу важни филозофски прашања (прашањето за сексуалноста и за телесноста, за абјектот, за бесмртноста и за стравот од смртта итн.), оние читатели што подвлекуваат и што на маргините си прават муабет со текстот ќе си ги отапат своите моливчиња, но ова што досега беше кажано нека биде доста, зашто ниту формата на овие текстови ми дозволува да анализирам понатаму, ниту, пак, сум доволно подготвен да се фатам за гуша со неговата величина.

Предвидувам дека „Ненасловена месечева соната“ ќе стане дијахрониски бестселер. Дека со децении ќе се продава малку по малку, како едно вистинско уметничко ремек-дело. Дека полека ќе си ги наоѓа своите читатели и надвор од Македонија, затоа што, како што реков, неговата приказна е универзална. Затоа што ова е роман-поезија напишан од раскажувач-поет. Ова е роман изрезбан во длабока резба и токму затоа тој ја надминува баналноста на секојдневјето.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Македонската староградска песна во елитно масовен контекст
Една позната мисла, распространета ширум светот вели: „Онаму каде што престанува говорот,...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *