Низ темјанот, еден лилјан

Песни од стихозбирката „Низ темјанот, еден лилјан“, од Сузана В. Спасовска, издание „Антолог“ – Скопје, 2014 г.

suzana

Сузана В. Спасовска е родена во јуни, 1972 година во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Досега објавила три стихозбирки – И љубов и заговор (1996, Македонска книга), Смртно писмо (2004, Блесок) и Божествена жена (2006, Темплум), а Смртно писмо е објавена и како е-книга. Нејзини песни се застапувани во некои од антологиските избори на современата македонска поезија. Во 2006 година ја приредила и антологијата на поновата македонска поезија Пурпурни извори, во издание на Струшките вечери на поезијата. Од 2004 година е член на новата редакција на книжевното списание Разгледи. Пишувала и објавувала книжевнотеориски текстови во периодиката. Работи како професионален лектор.

БОЖЕСТВЕНОСТ

Ти подарувам дел од материјата, дете мое
онаа што и мене ми ја подарила мојата мајка
а која нејзе ѝ ја подарила нејзината мајка
и така сѐ по ред
до почетокот на светот
кога богот-татко доволно се згуснал во една точка
за да се роди семето на животот
а божицата дала дел од своето тело
се поделила и се размножила
и така сега
саде божества има околу нас

само кој може тоа да го види

ВОСПИТАНИЕ

Нѐ учат од мали
како да го скротиме огнот
од очите што ни излегува
како да научиме да јаваме на еднорог
како да се држиме за гривата
а да не му фали ниедно влакно…

Нѐ учат од мали
како да го надминеме стравот од огнот
од ноздрите што ни фучи
како да се држиме за роговите на бикот
а да не бидеме префрлени преку нив…

Нѐ учат од мали
како да го припитомиме рикот на лавот
во грлото што ни спие
како да се разбудиме
без да се уплашиме
дека сме станале лавови…

ВОЗНЕСЕНИЕ

Кога ли ќе успееме сосе тело да си заминеме
и можно ли е
слој по слој да се раствориме
до самиот Божји дух
за по ништо да не жалиме
за по ништо да не жалат
оние што живи остануваат
по нашата смрт

ЖЕНСКО ПРАВО

Какво право е тоа
жената да не смее во небо да гледа
по ѕвезди да копнее
бидејќи децата ќе ѝ останеле гладни…
…да, гладни по Бога…

НОВОЕОНСКИ ЖЕНИ

Колку што повеќе гледаме накај ѕвездите
толку подлабоко гледаме навнатре

сѐ додека не ги поврземе ѕвездените точки
и не го видиме ликот
на ѕвезденото дете
што треба да го родиме
оти нашите деца од горе се повикуваат
за нив првин небото го прашуваме
а потем тие
доближувајќи ни се
кога нашиот сакан ни се доближува
за да нѐ овоплоти со љубов
однатре со нас разговараат
колку сме подготвени
да ги родиме…

БОГ Е ЉУБОВ

Тебе сѐ што е живо те издишува
Тебе сѐ што е живо те вдишува
од Тебе живее
за Тебе живее
Ти во живот го одржуваш
сѐ што е живо
тој жив здив си Ти
тие розови облачиња
што излегуваат од нашите здивови
на кои почивка си прават
нашите ангели-чувари

ПУСТИНОЖИТЕЛКА

Те барав Тебе
кон непознати земји бев тргната
да Те најдам

земји во кои ниту пристан имав
ниту граници им знаев
само во мислата за Тебе се одморав

ниту храна ми требаше
ниту вода низ тие пустини
мислата за Тебе оаза ми беше

во неа сакав ликот Твој да го сретнам
а таму освен својот измачен лик
ништо друго не гледав

освен ликот на некоја маченичка
пустиножителка како се пресликал

некогаш и по некоја светица
ме посетуваше во сонот
котите на потрагата да ми ги каже

за сомнежот да не ме покоси
до крајот да одам
тебе да Те најдам

духот Твој да го сетам
а потем назад кога ќе се вратам
во тело на учител да Те сретнам

УЧЕЊЕТО ЗА ТЕЛОТО

Телото е мост преку вечната река
или попрво корито
низ кое таа река тече
оти со нашето тело
се поврзуваме со нашите предци
со таа црвена река
со тоа црвено море
а нашите деца со нас
пак преку тело се поврзуваат
тие души што дошле
од љубов да живеат
љубовта да ја доживеат
преку тело неа да ја сетат
и како светилници да светат

ТЕЛО-ДОМ

Со еони ли сум се срамела дека сум имала тело
дека сум станала телесна
она што ти го нарекуваш кал
нешто невредно за постоење
нешто во кое е понизно да престојуваш
ама што да правиш
Божја волја било тоа
да имам тело
да имам дом
во кој самиот Господ престојува

ЕВИНИ ИСПОВЕДИ

Ги разбудив сите жени во себе
сите родилки и неродилки
сите блудници и сите девици
сите што се жртвувале себеси
сите што ги жртвувале своите најмили
за да ми простат
за она јаболко
за оној вишок знаење
за она вишо знаење
мислејќи дека така ќе стигнеме до Бога
нека ми простат
нека си простат
за сè што направиле
за сè што не направиле
за себе и за своите деца
родени и неродени
да си простат
оти не виделе
ко и јас што не видов
дека јаболкото било црвјосано…

ГОСПОДОВАТА ЗЕМЈА

Ги преминав сите граници што ми ги постави
За да стигнам до Tебе

Крвавев дури се пикав под бодликавите жици
Дури бегав од кучињата, волците
Сите што стојат на границата чувари за да бидат

Еве ме сега пред Tебе
Разбушавена, раскрвавена, опустошена

Моето тело крвави
Моето срце крвави

Ама ако
Тоа е моето црвено море
преку кое во Tвојата нова земја стигнувам

ПОЈАВА НА БОЖЕСТВЕНОСТА

Што сè таа треба да отфрли
за да излезе пред него
со сета своја женственост
во сета божественост

Да се ослободи од сите окови
од сите предрасуди
да ги симне сите превези
сите облеки
сите срамови

И да се облече во својата единствена облека
– љубовта

ЖЕНАТА ШТО СТИГНАЛА НА КРАЈОТ НА ПАТОТ

Жената што стигнала на крајот на патот
сфатила дека на крајот нема никој
никој неа не ја чекал
а таа ниту паметела
дека со некого
била договорена да се сретне

Таа само сакала да дојде до крајот на патот

Жената што стигнала на крајот на патот
сфатила дека од толкаво брзање
за да го види крајот на патот
останала сама
без никој покрај себе

Од многу брзање сите зад себе ги оставила

Жената што стигнала на крајот на патот
сфатила дека таа и не се сеќава на патот
ништо не останало запаметено во нејзиното сеќавање
оти таа само на крајот на патот мислела

Почетокот на нејзиниот пат бил мислата за неговиот крај

Жената што стигнала на крајот на патот
сфатила дека треба да ги собуе обувките
ако нешто и останало од нив по толкавото брзање
и со исто толкава смиреност
колку што било и нејзиното итање
да се врати назад кај оние што ги оставила
и кои ја чекаат да се врати
по истиот тој пат

143.Niz temjanot, eden liljan

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Штипски театарски времиња (9 слики)
Мигновна или не, и сегашноста е сурово минлива, но минатото е стравотно...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *