Слово за Виктор Ерофеев

(Беседата беше одржана на 25.12.2013 година, на свеченоста во Македонскиот народен театар, кога на Ерофеев му беше врачена меѓународната книжевна награда „Табернакул“)

1.Општости

Голем писател не е само оној што пишува вредни дела, затоа што вредни дела можат да напишат и епигоните, кои работат во рамките на веќе воспоставена книжевна школа, туку пред сѐ оној што ќе го сврти текот на книжевната историја. Руските формалисти нѐ учеа дека формата умира во рацете на епигоните и дека понекогаш се случува со пародија и со иронизација на старите форми да се добијат сосема нова книжевна форма и неочекуван тек на националниот книжевен организам. Токму таква магистрална личност, таква магистрална појава, која го менува текот на современата руска книжевност, чествуваме вечерва: Виктор Ерофеев.

Виктор Ерофеев (1947) е име без кое не може да се замисли сегашниот миг на развој на руската, но и на светската литература. Како син на истакнат дипломат, детството го минува во Париз, што е и причина добар дел од неговото творештво подоцна да биде преведено на француски. Тоа е појава што во себе обединува чин на крајно дисидентство (исклучен е од Сојузот на руските писатели поради самиздат на литературно списание и е под цензура до 1988 година, до доаѓањето на Горбачов на власт) со чин на крајно традиционално сфаќање на литературното минато: опседнат од Достоевски, тој се обидува, во неколку наврати, во свои студии да го сврзе својот голем претходник со францускиот егзистенцијализам. Тоа е и негова академска теза, која подоцна се појавува во САД и постигнува значителен успех. Освен тоа, во неговите најважни прозни дела може да се препознае интертекстуалниот однос со Достоевски, во форма на бриколаж, на пастиш и на травестија.

viktor_erofeev (1)

Се смета за одличен познавач на Лев Шестов и на Маркиз де Сад, на кои им има посветено значајни студии. Не е мало и влијанието на Набоков врз неговиот стил. Поважни дела му се: „Живот со идиотот“ (раскази, 1988), „Руската убавица“ (роман-бестселер во Русија и во странство), „Страшниот суд“, „Петте реки на животот“, „Мажи“, „Енциклопедија на руската душа“, „Богот Х – раскази за љубовта“, „Добриот Сталин“ (2004, роман преведен на над 20 јазици) и најновиот роман, „Акимудија“.

Има своја емисија за културата на руската телевизија, познат е како медиумска личност и како врвен познавач на книжевноста, на политиката и на вкупниот семиотичко-медиумски и дискурзивен репертоар на денешна Русија.

Неговиот роман „Руската убавица“ (1990) обично се цитира како негово најпознато дело. Според романот е снимен и филм во италијанска копродукција. Романот е преведен на англиски и на француски јазик, со одличен прием кај критиката и кај читателите.

Ерофеев е исклучителен прозаист, но и есеист, книжевен критичар во неколку важни светски книжевни списанија, колумнист, водител на своја телевизиска емисија под наслов „Апокриф“, полемичар.

Неговиот книжевен стил се потпира на постмодерно колажирање, а неговиот свет на идеи е палета и жив разговор меѓу неколку филозофски струи: филозофијата на песимизмот на Лев Шестов, персонализмот на Берѓаев, егзистенцијализмот на Сартр и на Достоевски. Станува збор за автор од светски калибар, автор на „полифонични“ прозни дела во кои секоја линија „разговара“ и „полемизира“ со другите, на исклучително препознатлив ерофеевски начин. Во центарот, пак, на неговите тематски преокупации лежат две опсесивни теми: Еросот и тоталитарниот ментален склоп. Со првата тој навлегува во најинтимните човекови содржини на егзистенцијата, а со втората во колективната психологија на робувањето и на потчинувањето (со огромни влијанија на веќе споменатите филозофи-персоналисти Шестов и Берѓаев). Како и кај Шестов, и кај Ерофеев може да се почувствуваат речиси афористичниот пристап кон сериозните проблеми, парадоксот како главна фигура на мислата и чувството дека не може да се изгради систематска филозофија со која би се опфатиле светот и животот. Со сите тие погледи, Ерофеев се доближува, во извесна смисла и до фрагментарноста на Ниче (особено во својата книга „Енциклопедија на руската душа“), кој пак веќе од поодамна се смета за татко на денешните постмодернисти.

2. Реалистички постмодернист

Во едно свое интервју, на прашањето на новинарката дали е остар и горчлив во однос на реалноста, Ерофеев ќе одговори дека не е таков тој, туку дека е таква реалноста. И потем го дава примерот што останува во сеќавање: „кога“, вели, „мене мамурен ќе ме фотографира некој фотограф, тоа е мој мамурлак, а не негов“. Според тоа, неговото место на „скандалозен постмодернист“ во современата руска книжевност треба да се сфати не само како интертекстуално вкрстување со многу славни негови претходници туку и како еден вид реалистичка постмодерна. Веќе е јасно дека неговиот најпознат роман, „Руската убавица“, кој му донесе светска слава, е еден вид рециклажа на ликот на проститутката со руска душа на Достоевски од „Записи од подземјето“, но исто така треба да се земе предвид и силниот реалистички апетит на авторот кон актуелната стварност. Затоа, ми се чини дека она што е посебно специфично за Ерофеев не се интертекстуалните евокации (кои се навистина многу вешто скриени во неговите дела и затоа се тие дела исклучително вредни), туку еден вид циничен ироничен постмодерен неореализам, кој сака да ја покаже стварноста како место на апсурди што се производ на еден вид идиотизам во кој е навлезено човештвото денес. Идиот, како што е познато, етимолошки значи – човек што е свртен само кон себе: тоа е највисока форма на егоизам и на отуѓување. Ако е така, тогаш делата на Ерофеев, кои се борба против идиотизмот, односно против егозимот и против отуѓувањето, се вистинско враќање кон дијагностичката книжевност, кон реалноста наместо кон текстовите: за Ерофеев делата се прават и од други дела, но пред сѐ и над сѐ од реалноста.

Viktor Erofeev

Интересно е што таквиот постмодернизам на Ерофеев ја разбива широко распространетата заблуда дека постмодерната, како „хартиена книжевност“, никако не може да се спои со реалноста и со реализмот и дека, евентуално, постмодерната може да се спои само со модернизмот. Впрочем, не се потребни многу докази дека постмодерната не значи само и исклучиво свртување кон рециклажа и кон цитирани кодови или кон метафикциска книжевност – доволно е да се потсетиме на класичниот постмодерен роман „Кланица 5“ на Курт Вонегат. Тоа е циничен роман, кој говори за најсуровата реалност – војната. Дури и се поигрува со поимот на реалноста што се запишува, како на магнетофонска или на видеолента, како – историја. Станува збор за бомбардирањето на Берлин, при кое сојузниците решаваат да ги жртвуваат и своите војници заробени таму само за да му зададат смртен удар на непријателот. Неговиот јунак, Били Пилгрим, кој доживува да ги види телата на своите другари распарчени од бомбите на сопствената армија, замислува што би се случило кога филмот на историјата би се одвивал наназад, како на опцијата rewind (премотај) на видеоуредите: телата повторно би се составиле, бомбите би се кренале нагоре, би влетале во авионите, а бомбардерите би полетале назад кон пистите од кои тргнале, за конечно војниците да ги извадат смртоносните бомби и да ги складираат уредно во магацините.

Истото чувство дека е реалноста илузија, како и историјата, го имаме и кај Ерофеев. Во таа смисла, и Ерофеев, како и Вонегат, му е роднина на Ричард Рорти, кој ни покажа дека вистината во постмодерната доба не само што не се открива туку и се произведува. Во „Енциклопедија на руската душа“ тој пишува:

„Русија се претвора во фрагменти од географијата. Можеби, Русија веќе не постои? Како не постои? Еве ја картата. Ама ова е само карта. Можеби Русија е чиста измислица? Тоа дека ние живееме во илузорна држава, со илузорен врховен командант, илузорна влада, илузорен парламент, илузорна надворешна политика, илузорна економија и илузорна опозиција – тоа и онака е многу јасно. Ние веќе живееме во апсолутно лажна стварност. Ни велат, ако воопшто нешто ни велат, дека ние го завршуваме преминот од еден општествен систем во друг, и ние со тоа се занимаваме во текот на целите 90-ти години. Чиста глупост. Од кој систем излегуваме? Од социјализмот? Ние немавме социјализам – социјализам има во Шведска, а кај нас имаше државно самовластие. Каде преминуваме? Во капитализмот? Но, ние ги немаме дури ни зачетоците на инфраструктурата за пазарното општество… Ние веќе само ја сонуваме Русија“.

Ваков силен дијагностички пристап кон реалноста не оди рака под рака со традиционалната слика за постмодерниот цитирачки човек, заклучен во библиотеката со своите книги, од кои рециклира, како алхемичар, нов текст. Токму затоа за Ерофеев велат дека е „најскандалозниот руски постмодернист“. Тоа само значи – најреалистичниот и најангажираниот. Впрочем, да се потсетиме на тврдењето на Роман Јакобсон, кој во својот есеј „За реализмот во уметноста“, изнесе теза што Ерофеев очигледно ја потврдува: имено, класицистите, сентименталистите, романтичарите, „реалистите” од 19 век, декадентите, футуристите и ескпресионистите, речиси сите припадници на некоја стилска формација – тврдат дека нивните дела се максимално реалистични. Тоа е затоа што сите се натпреваруваат да докажат дека нивната гледна точка на реалноста е пореалистична од онаа на другите.

3. Имагологии

Сето дело на Ерофеев е исполнето со една бифокална имагологија. Него го интересира перцепцијата на Русија од страна на Другите, имено Западот, но и перцепцијата на Запад од страна на „Неговите“. Има тука многу жестоки зборови и на сметка на Европејците и на Американците, кои го претставуваат Западот, но има и остри зборови за Русите. Во „Енциклопедија на руската душа“ на едно место се вели:

„Го разочаравме Западот и самите себеси, излегувајќи ’поинакви‘, не онакви какви што Европејците би сакале да нѐ видат. И, иако дури и во најумерените американски филмови постои пропагандата за љубовта кон ’другиот‘ кој е поинаков од тебе, макар бил и вонземјанин или црнец, Русите не станаа сакани во својство на ’другиот‘. На крајот на краиштата, се покажа дека во евопскиот дом за нас не постои она аголче кое го оставија за Романците и за балтичките народи, а да не ги спомнуваме Полаците и Чесите. Западната естетска норма на живот стана диктатор, не само на стилот, туку и на политичките склоности. Русите не беа примени во НАТО токму поради естетичките сфаќања, како што во ноќен клуб не примаат некој кој е грд“.

Оваа културолошка анализа, жестока политичка имагологија, која на крајот поентира дека другиот дел од светот има естетички уплав од Русија, се разбира дека е провокативна, без влакна на јазикот, но најверојатно – точна. Ќе ми простите за една куса дигресија – сѐ што е напишано овде како да важи и за Македонија и за некогашните југословенски народи. Затоа е Ерофеев исклучително популарен на Балканот.

И понатаму: „Русите (за Западот – заб. моја) се срамотна нација. Список на стеротипи. Тие не умеат систематски да мислат. Тие повеќе се способни за спорадични, еднократни дејства“(32-33).

viktor_erofeev

Според тоа, Ерофеев е жесток критичар на стереотипите во културата. Интересно е тоа што тој знае да застане од двете страни на класичната глобална имагологија, која светот го дели на Запад и Исток. Ерофеев не е пристрасен кога ја прави анатомијата на руската душа. Со глас на Маркиз де Сад, знае да удри и по руската душа: „Русите треба да се тепаат. Особено момчињата и девојките. Пријатно е да се камшикуваат младите попови. Во Русија треба да се воведат јавни казнувања. Да се прикажуваат на телевизија. Русите сакаат повремено да гледаат обесени луѓе. Трупови. Русите немаат животни принципи. Тие не умеат да постојат за себе. Всушност, тие не умеат воопшто ништо. (…) Русинот (…) не ја познава својата среќа. Секоја победа тој ја претвора во пораз. Ја усерува победата. Не ја искористува“ (49). Тие негови автоимаголошки перцепции лавираат од краен анимозитет до крајно воодушевување, на пример: „Русите имаат фантазија. Рускиот свет се состои од зборови. Тој е зборовен. Ако ги одземеш зборовите – ништо нема да остане“ (53).

Тоа лавирање, тоа колебање, тој зазор – и љубов и одбивност истовремено – ги наоѓаме и во романите и во другите дела на Ерофеев. На пример, Ксјуша, една од протагонистките во „Руската убавица“, на едно место ѝ вели на Ира, руската убавица, генијот на љубовта, како што ја нарекува авторот: „Не можам во Русија. Не можам без Русија… Што да правам, сонценце?“ Истата Ксјуша, која е мажена за Французин и живее во Франција, ја покажува руската перцепција на француската култура: „Нежно мое сонценце, пишуваше мојот маж Рене, по поблиско набљудување, излезе потполн серко. По цел ден дупчи заби, го мери времето до секоја секунда, парите ги боде со топуска. Навечер со важен изглед го чита весникот Ле Монд и расправа во кревет за особениот пат на социјализмот со француско лице. Неговите допири и стерилните миризби потсетуваат исто на забарска ординација, иако патлакот не му личи на дупчалка ниту на нешто прифатливо воопшто“.

4. Проекција на идеолошкото врз еротското и врз гениталното. Бог и теодицејата.

Она што најмногу ги иритира конзервативните книжевни и културни кругови, кои во делото на Ерофеев гледаат некаква субверзивна активност, е секако неговиот директен вокабулар. Кај него, кога нешто не чини, се нарекува или идиотизам, или поблаго – глупост. Неретко, се врши проекција на идеолошкото врз гениталното и врз еротското, па идеолошкото се именува со вокабуларот на еротското и на порнографското. Во стереотипите на културата, тоа се две области за кои се смета дека се доволно различни да го разликуваат културниот од некултурниот човек. Тоа отстапување од културните клишеа и од стереотипите (кои служат да ја замаглат вистината во име на наводната култура и воспитаност) е она за што прво се фаќаат неговите критичари. Меѓутоа, тие се наоѓаат во истата онаа ситуација во која се наоѓаат и плиткоумните лекари, кога наместо да ги лекуваат причините, ги лекуваат последиците. Тие санкционираат еден навидум вулгарен вокабулар, наместо да се зафатат со лекување на вулгарната реалност.

Таа проекција на идеолошката врз еротско-гениталнатата семиотика редовно произведува ироински ефект во делата на Ерофеев. Таков е романот „Руската убавица“. Овој извонреден роман, полн горчлив хумор, ја покажува ужасната голгота низ која минува една руска убавица од провинцијата по своето доаѓање во Москва. Извршена е конверзија на еротското со идеолошкото, така што животот на руската убавица, кој е на граница на промискуитетноста, е само иневрзија на промискуитетноста на руското општество, претставено во гротескно-сатиричен стил преку неговите свештеници, лекари, угледни писатели… Тоа е една галерија на „морално чисти“ луѓе според надворешноста, додека однатре се сите гнили; наспроти тоа, руската убавица Ира е онаа што е осудена за неморал и за проституција. При средбата со човек што може да ѝ биде татко, а во кој се вљубува, откако тој ќе ја стави раката на нејзиното колено, верувајќи во приказните за неа дека е лесна девојка, таа ќе му рече: „Вие не ме разбирате. Јас сум така устроена. Јас можам само тогаш кога има љубов“.

Во таа смисла, овој лик може со право да се сврзе како постмодерен цитат на познатиот лик на Достоевски – морално чистата проститутка од „Записи од подземјето“, дури и како негова иронизација. Сепак, антологиски се оние страници каде што таа, во духот на сета книжевност на Достоевски, преокупирана со теодицејата и со прашањето за постоењето на Бога, решава да се крсти и ја изговара својата прочуена молитва, имплицитна богомилско-манихејска расправа за постоењето на Бога, изречена со свои зборови и од свое срце:

„Господи! Не умеам да Ти се молам, прости ми, не сум виновна, никој на тоа не ме научил, мојот живот течеше далеку од Тебе, на друга степа, но се случи несреќа, и сфатив дека, освен Тебе, немам кому да се обратам. Не знам дали Те има Те нема, поскоро Те има отколку дека Те нема, затоа што јас страшно би сакала задолжително да Те има. (…) Се разбира, Ти можеш да ми приговориш дека сум живееела далеку од Тебе, додека не ми дошло зорт, предавајќи им се на радостите, дека сум пеела и танцувала. Но, зар тоа е лошо? (…) Треба ли сега после смртта да одам во пеколот и вечно да се мачам? Ако е така, тогаш каква е таа суровост и неправичност! Ако има пекол, тогаш Тебе, значи, Те нема! Ти само нè плашиш со пеколот. Кажи дека погодив! Но, ако грешам, и тој сепак постои, Ти поништи го со божествена волја, и соопшти за тоа, и не се криј воопшто, зошто Ти се криеш толку векови, па заради тоа сите се сомневаат и се мразат едни други! Дај знак! Не сакаш? Мислиш дека сме недостојни? Но тогаш објасни, заради каква цел сме тука ние, зошто Ти си нè направил вакви никаквеци? Не, ако Ти си нè создал како вакви никаквеци, тогаш зошто, се наметнува прашањето, се лутиш на нас? Ние не сме виновни. Ние сакаме да живееме“.

Во една кратка молитва е направен еден цел сумариум на сите полемики околу проблемот на теодицејата поставен во делата на Достоевски. Тие интертекстови се расфрлани низ целото дело на Ерофеев, на еден дискретен и невидлив начин. Освен тоа, добиен е ексклузивен лик, лик со кој не може да не се идентификувате.

***

Проекцијата на еротското врз идеолошкото е извор на иронискиот ефект во делата на Ерофеев. Така е и во неговиот најнов роман, „Акимудија“, кој за првпат се појавува пред македонскиот читател, и тоа токму по повод меѓународната награда „Табернакул“. Романот е интересен затоа што започнува со политичка фантастика, што значи – фантастика што претендира кон реализам: Русија е во војна со измислениот народ Акумуди, но истовремено е нападната и од своите мртовци. Востанието на мртовците е гротескна парабола за мртва држава без иднина: мртовците ја запоседнуваат власта!

И во него се вкрстува гениталното со идеолошкото. Романот започнува со типичен пример за нивната контингентност: тие речиси се допираат:

erofeev

„Ете, по есенска Москва чекори девојка убавица со толку кусо здолниште што е подобро на ескалаторот во метрото во неа да не се гледа одоздола угоре; нејзиниот поглед се судира со погледот на еден брадосан свештеник. Тој дури не се осмелува да погледне во неа со осудување, туку гледа некако незаинтересирано, како да не е машко. И наеднаш во нејзината глава сѐ се испревртува, таа заборава на сѐ, трча кон блиската црква со куполи и се задржува внатре, покривајќи го миниздолништето со прашлива вреќа, стои два часа на служба и излегува со солзи на умиление. Или истата таа девојка со миниздолниште се искачува со ескалатор, а по неа оди планинец од Чеченија, гледа во неа, гледа тесна лента од црвени танга-гаќички и се оближува, и таа наеднаш им станува непријател на инородните, излегува од метрото, оди до плоштадот и вика заедно со другите: Москва на московјаните“.

Веднаш потоа, таа иста девојка оди во полиција. Просторот на интимното станува јавен, општествен простор: „дружејќи се интимно со полицајците, а и со лидерите на несистематската опозиција, таа наеднаш, незадоволна и од едните и од другите, се разочарува во мажите и почнува да живее полов живот со својата пријателка Тањка или со Љупка, или и со двете пријателки заедно. Легнуваат девојки и се ебат… Во кулминацијата на активните дејства, слични на скулптурата на Лаоконт, во станот нечујно влегува таткото на Тањка – мајор. Со торба со прехранбени производи. Офицерот се збунува“.

Тие брзи вкрстувања (code switchings) се основа на иронично-комичниот и „скандалозен“ стил на Ерофеев. Тие се тема за посебна студија, за цела серија проучувања.

Во оваа пригода, сакам само да истакнам дека се надевам дека со оваа награда рецепцијата на Ерофеев во Македонија ќе го достигне нивото што го заслужува овој автор. Не мислам само на читателската рецепција, туку и на критичката. Ова мое слово за Ерофеев, кое имаше пред сѐ свечен карактер, се обиде да скицира само неколку главни точки на неговата извонредно интересна поетика. Ќе бидам среќен доколку некого инспирирам на натамошно трагање по наративните лавиринти на овој брилијантен писател.

Благодарам за вниманието.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Црно-белото јагне и белиот црнец
Ретко е авторот чиј дебитантски роман шармира со новини и со искреност...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *