Да се патува – значи да се живее

Возовите се, барем за мене, легенда, мит.

Отсекогаш живеевме негде крај станица, горе-долу, ахасверски, секогаш крај шини, секогаш близу до возовите. Можеби тоа е причината што возовите, барем за мене, денес значат нешто повеќе од превозно средство, зашто, најпосле, тука се и поудобните и побрзите начини: авионите, автомобилите. Но сето тоа за мене ја нема магијата на нашата добра стара железница, од која некој модерен поет (Верхарен, ако не се лажам) се згрозувал и гледал на неа како Индијанец: како на „огнен коњ“ што му носи пропаст на светот.

Така еден ден, моткајќи се по перонот, сфатив дека возовите за мене веќе и не значат превозно средство, туку тие се како некоја монструозна, џиновска Прустова „мадлена“, која го влече со себе, го тегли целиот товар на минатото; тоа е бескрајна композиција на сите денови и ноќи, на сите возови што минале покрај нашите станови во разни места, тоа се сите возови со кои сум се возел од првите денови кога на тоа се сеќавам, тоа се, дотолку повеќе, сите возови чиј татнеж од тркалата го слушав во сон или во полусон некогаш, негде, крај некоја станица.

voz

И кога и да седнам во воз, каде и да патувам, ноќе или дење, без оглед на правецот, на брзината, на декорот, на пејзажот, без оглед на просторот и на времето, јас секогаш патувам – парадоксално – во двата правца: напред и назад, во минатото и во иднината. Кога човек така ќе се разбуди во возот, во мракот, немоќен да побара компас од замрачениот пејзаж врамен со прозорецот (или покриен со завеса), чувствува како да е потполно неизвесен што се однесува на правецот на движењето: час му се чини дека возот јури напред, час дека јури назад, т.е. обратно од правецот за кој мислиме дека е „напред“. Тоа всушност, барем во мојот случај, не е само измама на сетилата, дезориентација, туку и психолошки факт, психички дуализам: тој ист воз во кој седам јури, глеј, напред кон станицата Таа-и-Таа, и во исто време јури наназад кон сите минати станици низ кои некогаш во животот сум минувал со воз. И можеби поради сето ова бреме на минатото, патувањето за мене претставува секогаш некоја сентиментална катарза што трае сѐ дотогаш и само додека не го напуштам своето место во купето. И можеби поради тоа возовите во мојот сон и во мојата свест имаат секогаш бела боја, како некоја птица.

Но тоа не е сѐ: човек треба да знае да патува или подобро речено: треба да знае да има талент, од Бога даден дар за патувања. Зашто да се патува не значи да се оди од местото М во местото Н, патувањето е и пат, растојание, далечина помеѓу тие две места, пат што не се допира со тие места, а едвај и да допира до нивните атари. Патувањето значи да се седи во возот што јури во кој било правец, а цел не се бара: тоа е хедонистичко патување како такво, патување поради патувањето, voyage pour voyage. Радоста престанува во оној миг кога ќе се стигне, кога ќе се оконча патувањето. Тоа е оној миг што Бодлер го опеа во една песна во проза во која се патува со месеци со еден прекуокеански брод, патуваат луѓето поради бизнис („времето е пари“), патуваат луѓето поради наследство, за заработка, патуваат најпосле заради цел, патуваат до станицата Terminus и најпосле, кога ќе дојдат до копното, до целта, целиот брод крикнува во еден глас: „Најпосле!“, само еден човек, само поетот вели, разочаран, изненаден, затечен: „Веќе!“

danilo kis

Па потем пејзажите, и тие го трпат и го носат наследството од минатото, стануваат многусмислени, оптоварени со боите и со формите од сите оние пејзажи што некогаш сме ги здогледувале врамени во стаклото од прозорецот. Оваа карирана рамница со кафени, жолти и зелени квадрати ораници, пасишта и жито што се лелее под откосите на ветрот – таа е, покрај тоа што е, уште и слика на сите пејзажи од детството, слика на сите од порано видени предели, таа го носи на себе и во себе наследството на сите облици и бои видени негде другаде, од некој друг воз, којзнае каде и кога. И тој ветар, и тие телефонски столбови што во мигновение ја пресекуваат сосем залудно сликата на пејзажот – тие столбови се допираат во крајната линија, во консеквенцијата (врзани со врска поцврста од таа на букетот на бакарните жици), се допираат со оние столбови што прелетале при секое поранешно патување покрај мојот прозорец и мојот вид.

И така „патуваме низ пределите и тие низ нас“, како што е негде речено, така патуваме, дури, одеднаш низ сите предели низ кои сме патувале и низ нас патуваат сите пејзажи: оние старите, заборавените, и овие новите, штотуку здогледаните.

Ама јас го знам и копнежот и сонот на оние момчиња што стојат на ливадите, кои ги пресекуваат шините. Пред нив еднаш (или двапати) на ден протатнува експресот, да речеме на зајдисонце, осветлен, крилат, како во сон. И внатре можеш да ги наѕреш луѓето, лицата дури, а понекое нескршено шише или празна кутија цигари покрај насипот остануваат како единствена потврда дека тука пред некој час стварно протатниле воз и луѓе, да те увери дека сето тоа не е халуцинација, фатаморгана на човек секогаш жеден за далечини.

Уште една двојност, значи. Јас тоа го преживувам и тогаш кога ќе протатни крај мене експресот, како и тогаш кога седам крај прозорецот, загледан во момчињата што мавтаат по возот негде во некој пуст крај, и јас го преживувам секогаш заедно со нив нивниот копнеж за непознатото, за далечината, која беше и засекогаш остана мој копнеж. И ако фрлам кутија цигари низ прозорецот од возот, јас тоа го правам свесно, со предумисла: му ја фрлам на оној малечок што лежи покрај насипот на пругата, зачуден и со очи што кажуваат дека веќе никнал во него отровниот цвет на далечините, и јас му ја фрлам кутијата цигари нему и себеси во исто време, зашто јас знам дека тој нема да му одолее на искушението да го подигне тој единствен материјален доказ дека сето тоа не било само сон, магла.

И не е случајно, мислам, што баш Андерсен, принцот на сказните и на детските сништа, рекол: „Да се патува – значи да се живее“.

*Текстот, оригинално објавен во Видици во декември 1958, го пренесуваме од книгата Вариа (Просвета, 2007).

Преземено од: www.kontrapress.com

Превод од српски: Ѓоко Здравески

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.