(Не)возможната архитектура на Филип Дујардин

Фотомонтажите на Дујардин се всушност збирка „невозможни згради“, односно структури создадени со помош на дигиталната колажна техника...
(Не)возможната архитектура на Филип Дујардин
(Не)возможната архитектура на Филип Дујардин

Филип Дујардин е современ уметник што доаѓа од Белгија, кој преку архитектонската фотографија, всушност, стана познат во уметничките кругови, и тоа најмногу поради својата фасцинација за уметничката форма што ја создава од најразлични згради и објекти во своите последни серии.

Одлична професија, би рекле, луцидна, провокативна, вознемирувачка!

Фотомонтажите на Дујардин се всушност збирка „невозможни згради“, односно структури создадени со помош на дигиталната колажна техника, во која тој користи фотографии од недвижни објекти во и околу Гент, Белгија.

Поголемиот дел од неговите архитектонски креации се структурно неостварливи, но изгледаат совршено обични и вистински на прв поглед, откривајќи ја својата апсурдност само доколку гледачот забележи одредени известувања или исчезнати и несмасни детали и нелогичности во концептите на овој уметник. Неговиот опус, на некој начин, го утврдува неговото истражување за своето белгиско културно наследство, а творештвото се развива до тој степен да биде споредувано, т.е. референцирано, со надреалистите како Рене Магрит и Раул Сервас – Дујардин употребува внимателно „ткаење“ на надреалното во богатиот урбан јазик.

(Не)возможната архитектура на Филип Дујардин
(Не)возможната архитектура на Филип Дујардин

Овие мегаломански архитектонски чудовишта како да се од друга планета; навидум футуристички, некои од нив изгледаат сосема нестабилно, како деконструктивизмот на Хундервасер, само во поурбанизирана визија. Тој ги создава овие дела како одлична игра на својата имагинација, за него покривот може да биде долу и, обратно, игралиштето да се најде на врвот на зградата, додека скалите да ве носат „никаде“. Доминираат разиграни форми, генерално не премногу обмислувани, а секако дека меѓу неговите архитектонски фотоманипулации може да се пронајдат и совршени идеи. Огромен камен со димензии на куќа поставен токму во соседството помеѓу два објекта – тоа фасцинира, збунува, изненадува. Впрочем, како и целината од неговиот пристап со овие фотоколажи.

Во изгледот, навидум, како манипулативна фотографија што можеби постоела пред „Фотошоп“, објектите што ги создава Филип се како дел од некоја приказна. Секако, меѓу делата ќе се видат форми и дизајни што асоцираат на некои веќе видени пристапи, посебно на архидизајни од научната фантастика или од магиската книжевност. Тој дизајнира архитектонски чуда во своето дигитално царство.

Иако можеби некој ќе си помисли дека станува збор за урбаната архитектура на иднината, Филип се обидува да си поигра со законите на физиката и на гравитацијата, како и со распоредот на елементите, кои создаваат уметничка композиција што е далеку понесовршена и понекорисна од вистинската архитектура, но вреди да се поздрави неговата идеја, пред сè затоа што, како архитектонски фотограф, дошол до таква уникатна идеја со која, ако ништо друго, барем го развеселува и го детерминира просторот во своите фотографии. Дел од неговите дела се веќе во најпознатите музеи во светот, а на публиката ѝ е познат уште од 2007-2008 година, кога настапи со својата прва серија колажи.

Етерични и субреални перспективи, интригантни објекти што лебдат во невозможното и во недокажаното… Можеби некој ќе си помисли дека е тој фрустриран и нереализиран архитект единствено поради неговата фантазија, но овде гледаме развиен стил и пристап, иако можеби за повеќето чуден, поради што различноста и уникатноста направија бура од реакции кај критичарите. Фалсификувани желби наспроти фикција што се обидува да гуши во просторот – неговите структури, прозорци и врати се опционално поставени, тој не ги следи правилата на инженерингот, има екстремен пристап и создава сосема нова традиција во уметноста воопшто. Тој работи на оската на реалното и на претпоставката, па тешко е да се забележи кој дел од објектот е вистински, а кој дел е од „колажот“. Како студент по историја на уметноста со акцент на архитектонската теорија, а воедно со историјата на својот татко, кој се занимавал со ентериер, Филип го развил шестото сетило за оваа вонземна или – како што тој сака да ја нарече – невозможна архитектура.

Најпрвин започнал со дизајни на лего, за на крајот, кога веќе ја имал усовршено дигиталната техника, да користи фотографски детали од реални згради за да ја постигне „кожата“ на објектот што го гледаме во неговите дела.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Mодерниот човек е маскиран анархист
За афоризмите на Героски може да се каже дека не се „класични“...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *