Кратка историја на културното труење

Разговорот го води Тамара Никчевиќ

Ние тие луѓе ги познаваме, ги памтиме. И само немојте да ми кажувате дека се смениле; не се сменети! Исти се! Зошто се исти? Затоа што, за разлика од левицата, која образува и размислува, десницата секогаш само регрутира, репродуцира. Истиот јазик, истата мимика; истите лица што во мај 1991 во Југословенскиот драмски тетар ја прекинаа премиерата на претставата на Синиша Ковачевиќ, Свети Сава, во режија на Владимир Милчин. Токму онака како што таа ноќ се однесуваа оние што ја прекинаа претставата, така се однесуваа и во деведесеттите; така се однесуваат и денес.

Центарот за културна деконтаминација на 1 јануари 2015 година ќе обележи две децении од своето постоење. Настанат од Белградскиот круг, но и од поширокото антивоено движење во Белград, Центарот, според зборовите на Борка Павиќевиќ, е основан со јасна идеја, во тој општ националистички метеж, да ги собере околу себе оние граѓани што во деведесеттите години од минатиот век се противеа на растурањето на Југославија, со војните во Хрватска и во Босна и Херцеговина, на опсадата на Сараево…

„По идеја на Аљоша Мимица, Белградскиот круг се држеше до устројството на Дубровничката Република: имаше свое Големо и Мало собрание. Средината на 1994, на Малото собрание се поведе разговор за основање на посебен културен центар; така, на 1 јануари 1995 почна со работа Центарот за културна деконтаминација“, објаснува Борка Павиќевиќ. „Кога чув дека во кругот на Клиничкиот центар на Србија постои празна мртовечница, помислив дека тој простор би бил идеален за нас.“

1159816_14-04

ВРЕМЕ: Мртовечница како културен центар?

БОРКА ПАВИЌЕВИЌ: Секако. Мртовечницата би била своевиден симбол на нашето очајување и немоќта да ги запреме српските сили, кои три и пол години тепаат по Сараево, држејќи го под незапаметена снајперска и артилериска опсада. Некој дури дојде и на идеја Културниот центар да го оградиме со жица, додека Стојан Церовиќ предложи пред таа зграда да поставиме Споменик на дезертерот! На крајот од Српското движење за обнова – кое тие години беше на власт во општината Савски венец – наместо мртовечницата го добивме разрушениот Музеј – Павилјон Вељковиќ – кој подоцна го адаптиравме и во кој ЦЗКД и денес работи.

Што направивте за овие дваесетина години? Дали културниот простор и натаму е еднакво контаминиран?

Во текот на минатите две децении во Центарот се одржувани театарски претстави, изложби, трибини, протести; организирани се школи за човечки вредности; Загрозеност на телото, танцувачкиот театар на Соња Вукичевиќ; транзициска правда, заедница на сеќавањата; нови политики на солидарноста; Ризик; Модерна, српскиот национален идентитет во XX век; Досие Србија: Да се именува тоа со војна; Соблекување на слободата… Во текот на сите овие години Центарот беше место на отпор на секој вид насилство и нетолеранција. И место на – Отпорот. Значи, беше… Но, што се смени? За жал, малку. Иако по 2000 инфекцијата е колку-толку запрена, по периодот на ремисија, сфативме дека болеста е вратена: системот е реконструиран, но на донекаде поинаков начин.

На кој начин?

На тој што Социјалистичката партија на Србија и Српската радикална странка – денешните напредни – зад себе ги имаа ресурсите на двете Југославии. Зборувам за патиштата, железниците, болниците, некои институции. Денес нема ништо, ништо не остана! Кон крајот на деведесеттите Ана Милјаниќ во ЦЗКД ја режираше претставата За Германија од Херман Брох, во која Брох му вели на Цилздорф:

„Покажете ми ги германските антифашисти и Германија ќе биде спасена!“

На нашите табли сите овие години се наоѓаше песната на Мартин Нимлер Кога дојдоа. Ете, испадна дека прерано сме ја тргнале.

Ја вративте?

Ја вративме! И тоа, штом видовме дека во Србија десницата повторно се засилува. Зашто, ние тие луѓе ги познаваме, ги памтиме. И само немојте да ми кажувате дека се смениле; не се сменети! Исти се! Зошто се исти? Затоа што, за разлика од левицата, која образува и размислува, десницата секогаш само регрутира, репродуцира. И поради тоа денес го имаме тој едниот и ист размножен човек: истиот јазик, истата мимика; истите лица што во мај 1991 во Југословенскиот драмски театар ја прекинаа премиерата на претставата на Синиша Ковачевиќ, Свети Сава, во режија на Владимир Милчин.

yu

Зошто се сетивте на таа премиера?

Поради истиот вид национализам, ксенофобија, нетолеранција, омраза кон другите, провинцијализација, здружување, узурпација, организирано и неорганизирано насилство… Тоа е, просто, истата атмосфера.

Што е истата атмосфера?

Додека таа ноќ се доближував до Југословенскиот драмски театар во кој, во рамките на Стериино позорје, се играше претставата на Зеничкиот народен театар, видов огромен број полициски возила – пребоени во „воени“ – преку кои беа испишани четири „С“. Буквите изгледаа како отворени ножеви. Покрај нив стоеја луѓе што носеа транспаренти испишани со истите букви. Бертолт Брехт тоа го нарекува мала улична глетка.

Влеговме во театарот, седнавме, се крена завесата…

„Марш надвор!“, „Уа!“, заурлаа.

И тоа е сцена од Самракот на боговите од Висконти: така фашизмот низ неотпорот минува како нож низ сирење. И тоа мора еднаш конечно да го именуваме. Не полициски, туку идеолошки. Зашто, што ќе ми е мене полицијата да ме брани од фашисти и насилство?

Каде?


На улица, во превозот, на стадионите, во кафеаните. Доволно е да ги видите како одат, како изгледаат, како се облечени. А потоа слушам: „Тоа се деца!“

„Поштедете ме од аргументите на ситните дечиња“, вели Мирослав Крлежа.

Од тој Свети Сава, Жарко Лаушевиќ, кој стои на сцената на ЈДТ, ансамблот на Зеничкиот народен татар, кој плаче, се случи уште многушто. Ама тие појави не можете да ги набљудувате изолирано; тие се во каузалитет. И затоа тој ансамбл уште плаче. Сите ние уште плачеме. Освен оние што не памтат ништо.

„Кој не знае што остава, сеедно е што остава“, вели Хамлет.

Ете, оттука таа варваризација што, патем, не почна од вчера.

Кога почна?

Земете ја книгата на Богдан Богдановиќ во која се анализира јазикот на нашата јавна сцена кон крајот на осумдесеттите…

Гордиеви јазли (Мртвоузице)?

Така е. Значи, не беше неопходен Меморандумот на САНУ, Осмата седница на ЦК СК на Србија, Одеци и реагирања, снимки на водачите од долен ракурс, митинзи за човек да сфати дека од сите „диференцијации“, „препороди“, „случување народ“ ќе се роди – монструм. Не мислам само во човечка смисла; мислам и на таканаречениот Дух на времето.

И уште еднаш да се вратам на премиерата на претставата Свети Сава: токму така како што таа ноќ се однесуваа оние што ја прекинаа претставата, така се однесуваа и во деведесеттите; така се однесуваат и денес. Сите! Гледав на кој начин се мобилизираат, како тој национален бран се крева и се подготвува; како лесно ги обзема она слатно чувство на нацијата. Еве, се сеќавам дека во Ателје 212…

Чија управничка, големата Мира Траиловиќ, 1988 отиде на митингот на Ушче, каде што „се случи народ“. Како тогаш очекувате некој друг да остане имун на тоа слатко чувство на нацијата?

Да, навистина: од каде Мира Траиловиќ на тој митинг? Можеби не успеа да го избегне надоаѓачкиот бран на „позитивност“ и „конструктивност“, кој знае да биде толку заводлив? А можеби човек просто се плаши дека во таа општа еуфорија и воодушевување ќе испадне отпадник? Зашто, немојте да заборавите ни дека Мира Траиловиќ беше сурово сменета од местото управник на Ателје 212; можеби и тоа.

ses

Како – сурово?

Мира Траиловиќ го основаше Ателје; тој театар беше нејзиниот живот. Е, после од некаде се постави прашањето два или три мандата; бараа да се повлече, да си оди… Тој ден се појави во својот славен зелен фустан.

Каков зелен фустан?

Мира сакаше да се костимира; по нејзината гардероба секогаш знаевме каква е претставата, колку е саат. Кога стигна во Ателје во тoj огромен зелен брокатен фустан опшиен со златна боја – кој, по операта, го викавме Иван Сусањин – сфативме дека нешто се готви.

„Одам“, рече мирно.

Очигледно, ѝ беше мака од тоа силно натегање… Ја пензионираа.

„Од каде Мира рак?“, го прашав подоцна Јован Кирилов.

Зачудено ме погледна.

„Го доби ноќта кога ја пензионираа.“

Инаку, Мира Траиловиќ никогаш не беше член на партијата; на местото управничка на Ателје не ја постави власта. Ама така си отиде.

Не беше член на Сојузот на комунистите?

Никогаш.

Кога дојдовте вие во Ателје 212? По Данило Киш?

По Киш, 1971. Бев студент на трета година на Академијата за театар, филм, радио и телевизија. Ама, најпрво во 1969 станав член на жирито на БИТЕФ, а потоа Мира Траиловиќ ме викна во Ателје 212. Беше тоа време на таканаречениот голем марш низ институциите, кој дојде веднаш по студентските демонстрации 1968. Некако во исто време, големиот југословенски новинар Фране Барбиери – во тоа време уредник на НИН – ме повика на две страници од неделникот што го уредуваше да пишувам за југословенскиот театар.

Како станавте член на жирито на БИТЕФ?

Бараа во жирито на тој трет по ред БИТЕФ влезе некој од студентите; така. А ме препорачаа моите професори од Академијата.

Кои беа останатите членови на жирито на третиот по ред БИТЕФ?

Стојан Ќелиќ, Јован Христиќ, Слободан Селениќ, Борислав Михајловиќ Михиз… Тој БИТЕФ беше чудо: од Лука Ронкони до Еугенио Барба. Се сеќавам на разговорите што во тоа време беа водени на БИТЕФ: простете, но тоа не може да се споредува со овие денес.

Зошто?

Затоа што се разговараше за различни теми, не само за тоа кој како глуми.

Чекајќи да ме прими на разговор, пред канцеларијата на Мира Траиловиќ здогледав човек како чита Њујорк тајмс. Почнавме да разговараме и тој ме праша дали можеби летоска сум била во Пула, дали сум ја гледала Штитеник.

„Да“, реков. „Ама, тој сценаристот… Не можете да поверувате каква глупост е тоа!“

„Јас сум сценаристот“, се насмеа. „Се викам Јован Кирилов“.

Во Ателје работев десет години, до 1981.

„Оди и направи свој театар“, ми рече Мира при заминувањето.

Што научивте од Мира Траиловиќ?

Многушто… Мира секогаш велеше дека во театарот не постојат пренесени, само вистински авторитети. Покрај тоа, нѐ учеше колку е важна за претставата таканаречената прегледна проба.

Што е прегледна проба?

Ја составувате претставата, а потоа уметничкиот совет доаѓа и го гледа тоа. Забелешките на Мира секогаш беа многу прецизни и точни; имаше единствен дар претставата да ја види со очите на гледачот.

„Ова е досадно!“, умееше да каже. „Тоа што сте го планирале како почеток, превртете го, нека оди на крајот…“

Покрај тоа, имаше вештина да прави компромиси со белградскиот и југословенскиот јавен живот. Што беше исклучително важно, со оглед на тоа дека Ателје тие години претставуваше прав пресек на Белград. Не само поради тоа што се наоѓаше помеѓу Политика, Телевизија Белград и Радио Белград – и сето тоа во улицата Иво Лола Рибар – туку и поради тоа што во Ателје се учеше што значи да имаш аргументи. А тоа е прашање на репертоарот. Кој не го правевме само ние што тука работевме.

Туку?

Ќе дојдеше, да речеме, Данило Киш и ќе речеше дека нешто што сме планирале да поставиме е глупо; веднаш ќе го променевме. Истото важеше и за Слободан Селениќ.

Инаку, кога дојдов во Ателје 212, Данило Киш многу ми помогна да сфатам како функционираат работите во таа куќа.

„Слушај, немој да мислиш дека во Ателје сама ќе го правиш репертоарот“, ми рече. „Кај Мира сѐ е поинаку“.

„Што е поинаку?“, прашав.

„Еднаш, се сеќавам, ѝ предложив ја поставиме Лето од Ромен Венгартен… Е, и Мира го зема телефонот: ‘Здраво, Мухарем, овде твоја Мире…’“

Мухарем Первиќ?

Секако…

„Види, Мухарем, има една претстава, баш ми кажува Данилче… Си чул ли за таа драма?“

„Следуваат Вава Христиќ, па Михиз, па цел круг. Ете, да знаеш: така се работи во Ателје!“, ми објасни Данило Киш.

Секако, како и сето останато, ни времето за кое зборувам не може да се набљудува изолирано од политичките прилики во Југославија, од периодот на либерализмот…

Зборувате за седумдесеттите години на минатиот век?

Зборувам… Во претставите од тоа време често можевте да чуете пцости, да видите голотија. Земете ја Коса… Или, никогаш нема да заборавам како професор Слободан Селениќ – а професорите во тоа време своите студенти ги водеа на театар – нѐ одведе во Ателје на претставата Радо Србин оди во војска од Бора Ќосиќ; и Сека Саблиќ: „Ветрот дува, мадињата ми се клатат…“, пееше.

Тоа беше јазик што ја разоруваше пристојноста; истовремено, таа скепса, таа иронија беше обид за пробив низ идеологизираноста, низ соцреализмот; беше ширење на границите на слободата.

Иван Вејвода напиша сјаен есеј за југословенската култура како надворешна политика на СФРЈ; за Југославија помеѓу Истокот и Западот; за тоа како во времето на Студената војна овде воопшто бил можен фестивал каков што беше БИТЕФ.

Како беше можен?

Така што Југославија беше некој вид соочување или демонстрација на можниот однос на двата спротивставени света. На БИТЕФ не се доаѓаше само за да се одигра претстава; се доаѓаше и за да се види дали таа земја со својот посебен и поинаков социјализам може да успее како нивна надеж. Тоа особено важи за Германците по 1968. Сакам да кажам дека БИТЕФ беше многу силна политичка сцена во која имавте постојана средба на различни светови.

Се сеќавам, да речеме, кога Јуриј Љубимов стигна на БИТЕФ… Кој сѐ не од Њујорк, Берлин или Лондон не дојде во Белград да ја види Таганка на Љубимов: од Франциско Арабал преку Том Стопард до Маргарет Кројден!

Тоа е десеттиот БИТЕФ?

Десеттиот! Театар нација, 1977!

Иако не одеше секогаш сѐ како подмачкано и без проблеми, Југославија сепак тие години беше западна земја. Односно – прозападна. И тоа со својот доминантен југословенски културен концепт. Впрочем, знаете ли вие како некогаш изгледаше Стериино позорје?! Кои беа Љубиша Ристиќ, Душан Јовановиќ, Горан Стефановски?! Или Драган Живадинов, Вито Тауфер, Јанез Пипан? Која култура ја претставуваа тие луѓе? Југословенската, секако. Ако некоја од овие претстави не можеше да се игра во Белград, се играше во Загреб, во Љубљана. Таа слобода протекуваше на многу места… Или, што беше една Миса во А-мол на Љубиша Ристиќ?!

„Културен тероризам“, велеше Јосип Видмар.

Седудесеттите разговарав со Јосип Видмар.

„Да, да“ – ми рече, „Томаж Шаламун, Душан Јовановиќ, Ладо Краљ, Милан Јесик го срамотат словенечкиот народ. Тој уличен речник…“ Меѓутоа, кога некоја овие претстави би победела на Стериино позорје, Видмар би организирал големо славје.

Од друга страна, Миса во А-мол Данило Киш ја сметаше за голема претстава, супстрат и литература на таа епоха.

„За да го прикаже патувањето, Љубиша непрекинато ги отвора и затвора вратите од фургонот; што и е патување“ – велеше Данило Киш. „Или, кога фрлаат мраз на вжештен камен… Извини, тоа е Тора! Значи, кај Љубиша не станува збор за обична адаптација на литературата, туку и за режисерско доживување на нешто што произлегува од литературата“.

Патем, кога 1981, на шеснаесеттиот БИТЕФ, е изведена Миса во А-мол, познатата советска министерка за култура, Екатерина Фуцева – од која, инаку, во тоа време се тресеше целиот СССР – ја повика Мира Траиловиќ…

Зошто ја повика?

За да протестира за изведувањето на таа „антисоветска претстава“.

„Катариночка, драга, мислам дека тој проблем другарот Тито уште 1948 го реши со другарот Сталин!“, одговори Мира. „Извинете, ама не можете да влијаете на тоа дали во Југославија ќе се игра нешто или ќе биде забрането“.

И ја спушти слушалката.

Чекајте, како…

Нема „како“! Притоа, не велам, правени се компромиси, па на БИТЕФ една година ќе се повикаше Мосовјет, а следната Анатолиј Ефрос или Љубимов. Кон крајот на сеумдесеттите лично отидов во Москва за во Белград да го доведам Анатолиј Ефрос. Мира Траиловиќ ме учеше како да се однесувам.

Што ве учеше?

„Пази“, велеше, „кога ќе се заврши претставата, влези во салонот на театарот, седи и чекај, Ефрос знае дека ќе дојдеш, сѐ ќе ти каже… Само, имај предвид дека во собата за пушење ќе налеташ на Иван Нагел, директорот на фестивалот во Берлин; обиди се до Ефрос некако да стигнеш пред него“.

Седев така во московскиот Клуб на книжевници и го чекав Анатолиј Ефрос. Одеднаш, на соседната маса ги здогледав Бела Ахмадулина и Булат Окуџава, кои – како и Данило Киш, кој прекрасно ги пееше песните на Окуџава – веќе ги имав запознаено на еден БИТЕФ. Веднаш, се разбира, прејдов на нивната маса. Набрзо пријде и Михаил Швидкој, уредник на списанието „Театар“. Во времето на Гласност, Миша Швидкој ќе биде именуван за министер за култура на СССР.

Зошто ви пријде?

„Знаете ли, другарке Павиќевиќ, како изгледа во Сибир да го предавате Т.С. Елиот“, ме праша.

„Зошто?“, одговорив зачудено.

„Затоа што, ако не се префрлите веднаш на оваа маса, во тоа и лично ќе се уверам“, ми рече строго.

Секако, веднаш се премислив, ама со Ахмадулина и со Окуџава се договорив да се видиме подоцна. Окуџава, се сеќавам, таа ноќ го мачеше забоболка, па тројцата со неговиот автомобил со саати крстаревме по Москва, надевајќи се дека сепак ќе успееме да пронајдеме некој забар. Потоа отидов и во куќата на Ахмадулина. Купив цвеќе.

„Цвеќе?!“, се насмеа Бела. „Забога, Борка, зошто не донесовте кутија цигари?“

Го сретнавте ли на крајот Анатолиј Ефрос?

Го сретнав. Ефрос наскоро стигна на БИТЕФ, и тоа со својот познат Дон Жуан. Ефросовото гостување, заедно со Таганка, во Белград беше многу добро забележано; пред сѐ затоа што беше криено во Москва.

Што било криено?

Малата Брона и Таганка беа дисидентски театри во кои публиката гласно се смееше, удираше со нозете по подот, аплаудираше… И сето тоа за да го спречи да ги чуе „проблематичните“ реплики оној што не би требало да ги чуе. Седумдесеттите одев во Ленинград да ги гледам претставите на студентскиот театар Краснаја звезда. Ми рекоа да дојдам до железничката станица на која некој ќе ме пречека; никогаш не кажуваа кој ќе биде тоа.

Како се препознававте?

Стоите, чекате, а потоа некој одненадеж ви приоѓа и ви вели да одите по него; така.

Со Ефрос таа година во Белград стигна министерката за култура на СССР Екатерина Фруцева, која не можеше да разбере зошто Ефросовиот Дон Жуан трае четири, а Писмо за кралицата Викторија на Боб Вилсон пет-шест часа.

„Зошто сите тие претстави толку долго траат?!“, се чудеше Фруцева.

И кога говориме за БИТЕФ…

„За нешто да се види, потребна е волја“, вели Херман Брох.

А сите ние многу добро гледавме дека она што беше Јосип Броз Тито на меѓународниот политички план, тоа беше Мира Траиловиќ на интернационалната културна сцена. За жал, прашање е зошто одамна во таа смисла не постои каков било континуитет, зошто сѐ е толку распаднато?

Зошто е?

Пред сѐ затоа што војувавме од 1991 до 1999; ама и затоа што сами одбравме, место Мира Траиловиќ и Данило Киш, континуитет да ни бидат Добрица Ќосиќ, Оливер Антиќ или Томислав Николиќ. Кој, патем, вели дека Југославија била „српска грешка“. Жал ми е, ама југословенскиот социјализам беше последниот и српски и хрватски модернизам! Тоа беше модерна во секој поглед: во културата, во сфаќањето на просторот, во архитектурата, во културата на живеење, во изградбата на патишта, стадиони, болници, во односот кон образованието, кон правата на жените… Инаку, не знам дали сте чуле дека Црногорките, први во Југославија, добиле право на глас, и тоа веќе во јули 1941. Тој декрет го потпишал Милован Ѓилас. Како – книжевник.

Не сум знаела. Ете, кој би рекол?! Кога почнавте да соработувате со Љубиша Ристиќ?

Кога имав 16 години: 1964 го видов на работничката акција Јадран магистрала, и тоа на делницата Биело Поле – Колашин, населба Младост. Сѐ уште во ушите ми одѕвонува истата песна.

Која?

„Друже Тито, само пиши, радићемо и по киши!

Ти нам пиши са Кардељом, радићемо и недељом!

Нека пише и Јованка, радићемо без престанка“.

Љубиша, се сеќавам, стоеше пред кантината и токму тогаш го организираше својот прв штрајк. Тврдеше дека управата лошо нѐ храни и нѐ краде.

А потоа, како студенти на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, 1968 учествувавме во студентските демонстрации. Академијата се наоѓаше во Кнез Михајлова, дијагонално од зградата на Капетан Миша. Имавме гештетнер, печатевме летоци…

Кој?

Љубиша Ристиќ, Лазар Стојановиќ, Бранко Балетиќ, јас. Се сеќавам, целото тоа лето 1969 носев некој жолт шешир. Како и летоците, со кои секој час претрчував од Академијата до зградата на Капетан Миша. Потоа ќе се соблечев во собата на професор Аранѓеловиќ, ќе го распакував пакетот со летоците и ги фрлав низ прозорецот на Филозофскиот факултет.

Професор Душан Матиќ тие денови ни беше дал задача на часовите да го напаѓаме или да го браниме Осумнаесеттиот бример на Луј Бонапарта.

„Ајде, деца!“, велеше. „Имате Anarchos, без владетел! Осумнаесеттиот бример на Луј Бонапарта: за или против!“

И дискусијата ќе почнеше.

Ама, тука не доаѓаа да слушаат само Данило Киш, Богдан Тирнаниќ, Душан Макавеев; доаѓаа и полицајци во цивилка.

Знаевте дека се тука?

Знаевме, секако. Иако, пред Слободан Милошевиќ, вооружена полиција никогаш немаше влезено на Белградскиот универзитет.

„Само вие, дечиња, продолжете!“, велеше Душан Матиќ. „Секој нека си ја работи својата работа“.

Главно, нашата Академија прва направи Акциски одбор на протестот; први, веќе во текот на ноќта, ја сменивме партиската власт; прво исфрливме проглас за протестот што го потпишаа многу луѓе од културниот и јавниот живот на Белград; најпосле, за разлика од останатите, студентите на нашата и оние на Ликовната академија, како и студентите од Филозофскиот и Филолошкиот факултет единствени до крај останаа при првобитните единаесет барања. Останатите се сложија со властите околу четири.

На кои единаесет барања инсистиравте?

Баравме автономија на Универзитетот, коренски општествени промени, оставки на одговорните за тепањето на студентите кај Подвозникот на Нов Белград… Богдан Тирнаниќ за тоа пишуваше во Сусрет: Единаесет тези за напаѓање и соборување, тоа беше насловот на неговиот текст.

Главно, на последниот Совет на Универзитетот – тоа е веќе финале на протестот, вечерта се играше Козарско оро – нашата деканка Огњенка Милиќевиќ, Александар Мандиќ и јас, како претставници на Академијата, бевме определени да ги образложиме студентските барања. На состанокот присуствуваше и нашиот тогашен ректор, Драгиша Ивановиќ. Во првиот ред седеа Милош Миниќ, мојот татко…

Вуко Павичевиќ, професор по етика на белградскиот Филозофски факултет?

Така е. Излегов на Советот на Универзитетот да му соопштам дека нашата Академија не се сложува со она што е договорено. И таа огромна Сала на хероите! Знаев дека водам изгубена битка… Кога и да размислувам за тие настани, за шеесет и осмата, често мислам дека во мојот живот заправо се повторува истата сцена.

yu1

Која сцена?

Тргнувам кон говорницата, се приближувам и слушам како масата вика: „Уа! Провокатори!“

Кој го велеше тоа?

Студентите што прифатија прекин на демонстрациите.

„И, што ако е провокација?! Зошто вие толку се плашите од провокатори?!“, реков тресејќи се од страв.

Како и многу други, тогаш научив што значи да се говори пред маса. Што е, по мое мислење, едно од најголемите достигнувања на студентската побуна од 1968.

Сепак, тоа ехо од Салата на хероите ќе ме следи целиот живот. Со тоа што „провокаторот“ се надоградуваше, па во меѓувреме станав и „предавник“ и „отпадник“ и „жениште“ и „вештица“ и „комуњарка“ и „Југословен“…

Во што уште го гледате значењето на тие студентски демонстрации што завршија со Титовите зборови дека студентите се во право?

Во тоа што побуната на југословенските студенти од 1968 исто така беше дел од интернационалното, европско движење. Имено, како што денес постои веќе голем европски дослух со десницата и со фашизмот – кој, патем, секогаш е национален и провинцијален – така во тоа време постоеше дослух во левите идеи, во антифашизмот, кој, секако, секогаш е интернационален. Но, сето она за што зборувам не дојде онака, од ракав, туку, да речеме на истиот тој БИТЕФ претходно ги имавте Ливинг театар и целиот револуционерен театар на Америка; пред тоа имавте протести против војната во Виетнам, па југословенскиот антифашизам, Југословени во Шпанската граѓанска војна… Сето тоа беше дел од ист свет. Од друга страна, освен урнатини во секој поглед, што создаде националниот бран во деведесеттите? Па, ништо!

Што се случи по вашиот говор на Советот на Универзитетот?

Ја вратив партиската книшка.

Бевте член на СКЈ?

Секако дека бев член на СКЈ. И тоа од својата осумнаесетта до дваесеттата; вкупно две години.

Две години?! Како тогаш, за разлика од долгогодишните лојални партијци денес вие „комуњарка“, а тие – демократи?

Ех, како?! Деведесеттите, на основите на антикомунизот, склопен е пакт помеѓу делот на тогашната левица и националистите. И, ете, тоа ви се нашите дисиденти! Оттука таа лага, хипокризија, бласфемија…

Видов дека, по заминувањето од Ателје, 1981 во Пивара го основавте театарот Нова чувствителност. Со кого?

Со Егон Савин, Соња Савиќ, Суад Капиќ, Мирјана Карановиќ, Гиш Богуновиќ… Сезоната ја отвори претставата на Егон Савин, Макбет.

Инаку, Нова чувствителност 1984 стана дел од Годо фест, на кој, во текот на само едно лето, се проиведени седум-осум претстави. Заедно со Арт-филм и КПГТ, бевме сместени во зградата на Капетан Миша. Ни помогна тогашниот градоначалник на Белград, Богдан Богдановиќ. Оттаму бевме исфрлени штом си замина Богдан. Ама пред тоа успеавме да ја поставиме Тајната на Црната рака, и тоа главно потпирајќи се на книгата на Владимир Дедиер.

Сараево 1914?

Да… Денес сите се занимаваат со Првата светска војна, со Млада Босна, која се толкува од аголот на поединечни држави, и тоа главно во контекст на војните од деведесеттите. Иако е јасно дека Млада Босна заправо била југословенско движење и движење на Јужните Словени. Па, белки овде некој чул за Масарик?! Простете, но не разбирам зошто овде толку се лаже; зошто толку упорно се врши ревизија на историјата? Зошто се фалсификува? Кога првпат го видов БИТЕФ на кирилица, верувајте ми дека бев шокирана. Не поради кирилицата, туку затоа што нема и латиница. Иако е тоа логично во некоја рака, бидејќи БИТЕФ, наместо во улицата Лола Рибар, денес се одржува во Светогорска. А што, по ѓаволите, згрешил Лола Рибар?!

(Интервјуто е извадок од обемно интервју објавено на Време)

http://www.vreme.com/cms/view.php?id=1159816)

Превод од српски: Ѓоко Здравески

Leave a Reply

Your email address will not be published.