Раскошна поетска харфа со шимиќевска струна

За да се препознае крупен поет, потребно е: животна филозофија и она чувство на неподнослива леснотија на раѓање на поетот во јазикот...

venkoaПред нас ја имаме првата книга на македонски јазик (избор од повеќе објавени и необјавени поетски книги) од младиот хрватски поет Марко Павловски, поет со делумно македонско потекло. Македонскиот читател, по запознавањето (препевот) на творештвото на двајца млади одлични хрватски поети – Оља Савичевиќ-Иванчевиќ и Марко Погачар, еве, го запознава и Марко Павловски. Според она што ни го нуди овој млад поет (помлад е од наведените двајца), очигледно се приклучува кон „ударната“ тројка на тековната млада хрватска поезија.

Кажано е дека, за да се препознае крупен поет, потребни се две пресудни нешта: животна филозофија и она чувство на неподнослива леснотија на раѓање на поетот во јазикот. Во таа смисла, секој крупен поет е еден оксиморонски спој: животната филозофија нему му подарува епитет на мудрец (зрелост), а онаа натализациска игра во јазикот му дарува епитет на новороденче (невиност). Добриот поет, според тоа, е секогаш невин мудрец, односно – млад старец. Врз примерот на Марко Павловски, оваа оксиморонска духовна анатомија на добриот поет се гледа целосно јасно. Имаме поет со цврста животна филозофија, со јасен мироглед, што практично значи – се соочуваме со изграден, кохерентен и препознатлив поетски свет. Тој свет е хомоген, без разлика колку се хетерогени мотивите на овие седумдесетина песни во изборот. Од друга страна, натализацијата на поетот во јазикот, неговиот стилски профил, е исто така јасно препознатлива. И на ниво на стилска анализа, песните покажуваат висока сродност, односно – хомогеност.

Ќе се обидам накусо да ги скицирам основните белези и на филозофијата и на стилот на поетот Марко Павловски.

Најпрвин, филозофијата врз која се потпира овој раскошен поетски свет му припаѓа на она семејство филозофии што за централна точка на своето промислување го земаат поимот на меланхолијата, односно – носталгијата. Чудно е, се разбира, да се каже дека некоја филозофија се потпира како на свој центар – на една афективна категорија, поточно – на една емоција. Но тоа изгледа така само на прв поглед: ако носталгијата се прогласи за последица, а се побара нејзината причина во поимно-филозофскиот вокабулар, тогаш лесно се доаѓа до заклучокот дека е носталгијата само состојба предизвикана од судирот на поетското „јас“ со студениот молк на светот. Тој судир меѓу топлината на љубопитното, за знаење жедно и гносеолошки апетитно поетско „јас“ и светот кој пред него се затвора како онтолошка брава од која засекогаш е загубен клучот и молчи (како да е свет без Бога) – е познат како општа шема на секоја филозофија на апсурдот. Апсурдот, како што нè учеше Ками, не е ниту во човекот ниту во светот, како што огнот не е ниту во дрвото ниту во искрата, туку во нивниот заемен контакт. Тој контакт е често проследен со радикално неразбирање и збунетост на човекот од светот. Светот во тој контакт често се појавува како туѓо место, речиси како зандана. Така е и со поетот Марко Павловски:

 

Озанданет сум под бескрајниот ѕвезден свод
на ситното камче што кружи околу само една
од милијарди пламени ѕвезди.

Не ме растажува мојата самотија во семирот
ниту пак во некаква мера ме обзема ужас
оти и така по природа сум трепетлив к’о срна,
и каква закана сум за ѕвездите, тогаш, јас?
Нивните самотни вечности
лесно ќе го превидат мојот век.
(Па тоа сум сепак само јас, Марко!)

Стои така, младиот поет збунет, заточен и озанданет пред еден свет што пред него главно молчи, а и кога нешто говори, говори во тајни шифри, кои треба да се преведат во поетската синтакса на крикот. Крик. Тоа е лајтмотивот на сите песни на Марко Павловски. Тоа е крик во миг на луцидност, миг кога, сепак, од навидум бесмислените откршоци на светот, се добиваат знаци и значења, па сепак се внесува некаква смисла во инаку, на прв поглед – бесмислениот свет.

kandinsky.comp-7

Централна преокупација на тој крик, на таа носталгија по апсолутот (секоја голема поезија е носталгична затоа што трага по апсолутот што постојано ѝ се измолкнува покажувајќи дека е овој свет несовршен) е – телесноста. На оваа точка, поезијата на младиот Марко Павловски станува роднина со поезијата на еден важен хрватски модернист, експресионист – Антун Бранко Шимиќ. Не е случајно што една од поетските книги на Павловски алудира на името на родното место на Шимиќ („Небо над Дриновци“), како да сака да упати на Шимиќевата поетика како на свое родно место, како на родно место на поезијата. Телото, телесноста, минливоста на телесното кај Шимиќ беа носталгична метонимија за апсолутот што го нема. Така е и овде: опсесијата со минливоста и со смртта се регистрира речиси во секоја песна:

На балконот ветер удира по ролетните,
сонцето е високо на небото, пладне е,
а среќата е чувство далечно.
Бранови тага меѓу очите и образите,
со перде од чад го кратам чекањето на смртта.

Понекогаш, имаме и директен увид во мртвото или болно тело, како највисок доказ дека е телесното тоа што пречи да се досегне апсолутот. Да се потсетиме дека Шимиќ остави една од најсилните поетски слики – сведоштва за тој свој сомнеж дали апсолутот и бесмртноста воопшто постојат, кога напиша дека лежи жив во својот сопствен леш, алудирајќи на тоа дека се слаби можностите на човекот да достигне бесмртност сè додека го има телото. Телото се разболува, него го напаѓаат бацили, сапрофити, нешта што од него се хранат и го претвораат во болест и во гнилеж. Во таа смисла, парадигматична е антологиската песна на Павловски – „Демонот на болеста“, која ја наведувам во целост за да се почувствува токму таа песимистична Шимиќева струна што пулсира и одѕвонува како далечно ехо во поезијата на младиот Павловски:

Скриен зад згасната ѕвезда,
на крилја од човечка бол ги надлетуваше
дотогаш спокојните планети
мојот стар познајник: Демонот на болеста.
Ширеше бацили по телата,
со семиња на идниот плач,
сееше немир меѓу ѕвездите.
Кога ме здогледа, победнички се насмевна.
Во споредба со другите присутности
тој беше видлив: крилат титан, сејач на чума.
Го зарази со самиот себе
тој сега разболен простор и замина
да соочи некои нови суштества со горчината на поразот.

Заразувањето, бацилите, болното, разболениот простор – сето тоа се реквизити преземени од сцената на театарот на животот, онаков каков што го виде Шимиќ. Во тоа продолжение на Шимиќ јас гледам дел од величината на оваа млада поезија: таа е вкоренета длабоко во хрватската поетска традиција. Но ни оддалеку не треба да се помисли дека Павловски се сведува на епигон на Шимиќ: напротив, тој има една своја, речиси гневно луцидна страна пред апсурдот на светот, која Шимиќ воопшто ја нема! Еден гневен оптимизам (повторно неоекспресионистички) одекнува како титански решителен чекор, со кој сака да се каже дека не е сè и дека не е засекогаш изгубено. Вербата во нова генерација што ќе ја отклучи онтолошката брава на студениот и немилосрдно молчалив свет ечи како илјадници камбани да ѕвонат низ овие стихови, нешто што никаде кај меланхоликот Шимиќ не може да се сретне: 

Нема такви вериги, нема синџири такви,
ја нема таа болка, тука пораз нема!
Не ме сопира никој, нема пораз за мене!
Се пробивам низ атмосферата, до границите на семирот патувам.
Сопатници мои, ние сме нова генерација!

Овој силен оптимизам, се разбира, се граничи, во една афективна смисла, со гневот, а поетите (мудри новороденчиња во јазикот) знаат добро дека е гневот само второто лице на очајот и на носталгијата. Избликнува, избувнува како вулкан одвреме-навреме овој гневен оптимизам, за потоа наеднаш да се смени повторно со некаков носталгичен откршок што ни сведочи за осаменоста и за немоќта на сите нас:

…но кога сме далечни,
како луѓе натискани во лифт…

kandinsky.comp-10

Сликата јасно алудира на една хронична дијагноза на современиот свет – осаменоста во толпа, што уште повеќе ја засилува носталгијата по апсолутот. Така, поезијата на Марко Павловски функционира како некаква дијагностичка синусоида: наизменично пад во носталгија, па потем гневен крик со надеж дека е апсолутот сепак тука и дека можеби се крие во – љубовта. И на оваа точка Павловски целосно се разликува од Шимиќ. Неговата интимна љубовна лирика говори за нескриената поетска надеж дека е љубовта таа што парадоксално докажува во исто време две нешта – дека апсолутот постои и кога ни се чини дека не постои (и кога само носталгија нè преплавува), но и дека апсолутот не постои дури и кога ни се чини дека постои. Еве пример за љубовна сликичка што ја илустрира првата теза (последниот стих влева надеж дека апсолутот постои дури и кога сета површина на светот укажува на обратното):

Утре ќе биде подобро од денес.
Во желудникот змиско гнездо,
на дланката откорнато срце.
Напредувам кон котлето со зовриено масло,
иако колената ми ги здробија со токмак.
Коските ми се цепат како земја при земјотрес.
Насекаде крв гледам, а никаде крв нема.
Ваистина, утре ќе биде подобро од денес.
Денес ја видов со нејзиниот најмил,
во желудникот змиско гнездо,
на дланката срце откорнато.
Бездната не нè плаши.

Еве пак пример за тоа дека апсолутот може да исчезне во еден миг, со едно просто слегување на трамвајска станица или поради миг на колебливост, кога треба да се зграпчи тој, апсолутот, и да не се испушти од рацете:

Не ти пристапив оти на лицето носев село,
а големиот град ми се виде толку тесен,
кулисите на палатите и на работничките населби ми беа пречка пред видот
кој копнееше подлабоко, како по рамното море по Бјеловар.
Ти, од друга страна, не можеше да постоиш
во простори надвор од загрепските трамваи.
Животот е тажен и мачен филм, најчесто сосем патетичен,
но сега знам дека треба да се изгледа до крај
оти почна да ме скокотка како ќе оди дејството потаму.
Девојко од станицата во Фолка, тогаш не бев сигурен во тоа,
прости! Можеби сепак требаше да ти пристапам.

            Конечно, таа филозофија на луцидната носталгија, која се раѓа од судирот на човекот со светот, иако има јасни неоекспресионистички импулси, се разрешува самата себеси во филозофија на самопознанието, односно во тврдењето дека е секој од нас универзум што треба да се спознае. Се наѕираат тука и траги од персоналистичките филозофии, кои на светот гледаат како на опасен инфект од кој треба да се варди секоја струна на субјективното, а поезијата ја гледаат како внатрешна харфа во чии струни резонира и трепери целиот космос. 

Нè мами таа лага што свет се вика,
затоа што секој од нас свет за себе е.
Ако не се познаеме себеси, како ќе одиме потаму?
Синџири на рацете, кугла на земјата.
Човештво.

Последните два стиха јасно алудираат на еден силен неоекспресионистички начин, на константната состојба на поробеност на човештвото. Како да се сонува еден нов, поубав, хуман свет до кој треба да се стигне храбро, до рабовите на семирот, но единствениот начин тоа да се стори е – поезијата. Со тоа, поезијата се прогласува за врвен космички стетоскоп и сеизмограф, кој го регистрира и најмалиот грч на малиот универзум предизвикан од конвулзиите на големиот универзум. Поезијата станува врвна форма на самопознание и на познание на светот и, затоа, неслучајно – честа тема на овој поет се токму – поезијата и нејзината моќ, немоќ и границите до кои таа може да ја намали болката предизвикана од светот.

На стилски план, во поетскиот профил на Марко Павловски откриваме ингениозен стилист, префинет господар на метафората, но и не помалку вешт мајстор за нижење метонимиски кумулуси, кои често знаат неговата песна да ја претворат во меланхоличен, полемичен или дури есеистички контаминиран наратив. Станува збор за поезија богата, повеќеслојна, вкусна и длабока, нешта што денес сè помалку ги има кај поетите воопшто, а особено кај помладите. Тие нешта обичниот поет никогаш не може да му ги прости на талентираниот. Затоа, оваа книга не треба да ја читаат обични поети. Може да почувствуваат и завист. А што се однесува на читателите – убеден сум дека ќе реагираат така што ќе се преобратат – преголемите оптимисти ќе почувствуваат благородна носталгија, а носталгичарите ќе добијат крилја на Феникс за да полетаат кон апсолутот, без разлика каде се крие тој и дали воопшто постои.

Венко Андоновски 

 

Напишано од
More from РЕПЕР
Вистинска вода
Загубен во лавиринтот од тезги на еден огромен пекиншки пазар се сетив...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *