По трагите на бесконечноста со Симона Јакимовска

Создавањето уметност би требало да биде процес на отворање на бесконечноста...

Вилинско коњчеСимона Јакимовска е родена во Куманово во 1990 година, а во 2012 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот графика со насока графички дизајн. Досега своите дела ги изложила на една самостојна изложба на графики во Куманово и учествувала на повеќе групни изложби. Нејзината самостојна изложба содржи дваесетина дела работени во последните две години, кои ја отсликуваат моменталната тематско-техничка окупираност на уметницата.

Иако можеби млада во години, со своето долгогодишно искуство како ученик и како студент, а сега и како магистранд по уметност, докажува дека создавањето уметност би требало да биде процес на отворање на бесконечноста, впрочем една од основните теми што ги обработува оваа изложба, односно графиките и цртежите, кои со манир на птица лесно го отвораат внатрешното небо на авторката. Со слобода во изразувањето, но со силен концепт, кој ја држи основата на нејзините дела, Симона твори и создава композиции што се примамливи, минималистички, исчистени од непотребни влијанија и тежини, симболични, полни со елементи меѓусебно поврзани и пространи.

_________________________________

Претставувањето на еден млад уметник што допрва ги вградува своите постигнувања во комплексот наречен македонска уметничка сцена е задача што се реализира со задоволство, пред сè поради фактот утврден во изминатите години, а тоа е потребата од внесување еден нов дух, пристап и енергија во креирањето на графичкоцртачкото творештво, со што би се доближиле до актуелните случувања во регионот. Новите пристапи генерирани од влијанието на дигиталните технологии направија сериозни поместувања во однос на графичкоцртачката продукција, во која во голема мера се користи компјутерот како алатка за финална реализација на проектираните дела. Сепак, скратеното време и прецизноста некогаш придонесуваат делата изработени на овој начин да ги загубат својата суштина и оригиналност и да станат еден вид индустриски мултипликат, кој тешко може да се издиференцира од мноштвото слични креации…

Оттука, и понатаму на цена се оние уметници што владеат со традиционалните графичкоцртачки техники и што во своите дела можат да остават траги од душата користејќи ги непосредноста и искреноста (на техничко ниво), како елементи што овозможуваат имагинативното да се материјализира директно од раката на уметникот. А кога сме кај владеењето на традиционалните графичкоцртачки техники, со право може да констатираме дека е Симона Јакимовска претставник на младата генерација ликовни творци што многу вложиле во својата едукација и, како резултат на тие напори, ја има слободата на избор на широк спектар техники со кои може да ги изрази своите идеи. Благодарение на своето непосредно опкружување, но и на искуствата од учеството во работата на повеќе ликовни проекти и групни изложби, како и на континуираното себенадградување, кое сè уште трае, реализираните трудови на Симона Јакимовска оставаат впечаток на изведби направени без некој посебен напор и, трансферирани од специфичните творечки замисли на авторката, се впиваат во графичките листови за да бидат сведоштво за инвенцијата и за инспирацијата на една младешка енергија и дух, денес многу потребни елементи на заспаната македонската ликовна сцена. Изложбата содржи дваесетина дела, графики и цртежи, работени во последните две години, кои ја отсликуваат моменталната тематскоехничка окупираност на Симона Јакимовска.

Од приложеното, на прв поглед може да констатираме една хетерогеност во тематскоизразна смисла, што зборува дека процесот на интроспекција и на себепозиционирање е во тек, што пак е вообичаено за млад автор што трага по својот ликовен израз. Она што е константа кај Симона Јакимовска е нејзиното разбирање на веќе усвоениот графички јазик, кој се изразува преку линии, точки, боени површини, објекти ставени во определени композицископросторни контексти и преку сето тоа заедно се дава, навидум, како една апстрактна претстава, која добива смисла и логика со самиот наслов. Тука се и препознатливите знаци во темата „Инфинити“, а во темата „Зелена бесконечност“ се јавува и асоцијативнофигуративна претстава (стилизирана животинска глава) како асоцијација на поврзаноста на животот со движењето и со вечната промена. Интересна е и темата „Поврзување“, која на многу едноставен и директен начин асоцира на денешните модерни технологии преку кои е поврзан светот и е одличен пример за моќта на графичкото изразување, кое истовремено може да биде апстрактно, деконструирано и редуцирано до максималните можни граници, но и многу разбирливо. Можеби и вредностите на овие материјали лежат во нивото на читливост позиционирано за просечниот консумент, кој најдобро ги разбира универзалните знаци и симболи, пристап што се чувствува во речиси сите дела на Симона Јакимовска.

Она што излегува од овој концепт е, секако, делото „Вилинско коњче“, една експресивна дијагонала изведена во акварелен манир, во која можеме да ги почувствуваме енергијата и потегот на младата авторка. И, ако кај цртежите забележуваме желба за експеримент и за истражување, кај графичките трудови констатираме дека е Симона Јакимовска на својот терен – темелност, доследност, концепт и беспрекорна техника се карактеристиките на овие изведби. Носечките елементи линии, куполи, кругови, рамки се искомпонирани до таа мера што гледачот ги перципира како софистицирани композиции што во потполност одговараат на зададената тема и што бариерата на апстрактното ја прават невидлива, а идејата јасна и конкретна. Затоа, Симона Јакимовска ќе ја вброиме во групата перспективни млади автори чие време допрва доаѓа, а нашата поддршка кон нејзината работа ќе ја изразиме преку нејзиното претставување во повеќе галериски центри.

Роберт Цветковски, историчар на уметноста

[nggallery id=24]

 

Напишано од
More from РЕПЕР
Индустриската револуција и големите градови во Америка
Бидејќи економијата и културата се нераскинливо поврзани, индустриската револуција не носи само...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *