Алтернативна уметност и активизам за подобро општество

Интервју со Џорџе Џорџевиќ, дел од колективот на АКСЦ

1461927_10200184551296334_1546866785_nОд каде идејата и потребата за ваков центар?

Идејата за еден ваков отворен простор се „крчкала“ подолго време во главите на луѓето што ја почнаа целата иницијатива. А самата идеја се јавила како последица на фактот дека во Скопје бројот на местата за слободно изразување и дејствување почнал драстично да се намалува. Новиот систем наметнува таканаречена „пазарна логика“.  Просторите што до скоро им биле отворени и достапни на сите (за изразување ставови, идеи, креативност) повеќе не се. Така, идејата полека станала тема на разговор меѓу истомислениците за на крајот да направи премин од имагинарното во реалното.

 

Која е целта на АКСЦ?

Пред сè, како простор што никој не го поседува и каде што не постои класична хиерархиска организација во заднината, главната цел на АКСЦ ќе биде уривање на старите конвенционални концепти и идеи и носење нови. Поттикнување на духот на самоорганизирањето, солидарност и подигнување на самодовербата на сите што сакаат да бидат креативни, општествено одговорни и ангажирани, а самиот систем не им го дозволува тоа. Главната цел на АКСЦ низ неговото работење, според мене, би требало да биде да се покаже дека е можен еден поразличен свет, колку и да звучи како клише оваа фраза.

 

Кој е моделот за опстанок на овој простор за уметничко и за општествено ангажирано дејствување?

И ние самите сè уште го бараме моделот за опстанок на еден ваков простор и на една ваква идеја. Постојат донациите како еден модел. И тука не мислам само на паричните донации, кои секако дека во овој цивилизациски момент се нужно зло, туку пред сè мислам на донираното време и енергија од страна на сите феноменални луѓе што се вклучени во процесот на ’ртење на АКСЦ. Солидарноста и чувството дека сите работиме за повисока цел, дека никој од нас не е сопственик ниту надреден, се почетокот на еден за повеќето од нас нов модел за самоодржливост.

1477712_10200184549336285_895572162_n

Обележје на нашето време е квантитетот наспроти квалитетот. Дали и на кој начин АКСЦ ќе му се спротивстави на тоа?

АКСЦ е сè уште на почетокот на своето постоење. Првите чекори ги направи овој петок (22 ноември) и допрва ќе треба да се докажува. Верувам дека на почетокот ќе се прават многу грешки, дека ќе паднеме во некоја од стапиците на системот, како што е спомнатата, квантитетот наспроти квалитетот, но од грешките се учи. Треба само да дозволиме тие грешки да бидат направени, согледани и да не судиме прерано. А квалитетот секогаш со текот на времето се покажува.

 

Во поголема мера,  компактната маса ѝ се спротивставува на иновацијата. Што мислите, како граѓаните ќе ја прифатат идејата за овој простор/концепт наречен АКСЦ?

Секогаш кога постои нешто што на кој било начин ги руши постоечките концепти, првично може кај повеќето луѓе да предизвика отпор. АКСЦ  се појавува како идеја дека е можен еден различен тип организирање, дејствување и соработка. Затоа, самата иницијатива има одлична поддршка и прифатеност од луѓе со различни профили. Луѓето знаат да препознаат добра идеја и искрена цел.

 

Отсекогаш само поединци биле знаменосци на големата идеја: ослободувањето, еднаквоста, солидарноста. Најчесто, тоа се спроведува преку уметноста и преку активизмот. Дали АКСЦ денес би можеле да го гледаме низ таа призма?

Времето на поединците што ги носеле знамињата на големите идеи е поминато. Во денешниот свет, еден човек зад една идеја веќе не е доволен. Секоја добра идеја денес се реализира благодарение на група луѓе собрани околу неа, како што и настанал АКСЦ. Битно е идејата да биде добра, но уште побитно е какви луѓе ќе се соберат околу таа идеја и како ќе работат на нејзиното реализирање. АКСЦ сега може да го гледаме само како место каде што луѓето со идеи ќе имат слободен простор да ги реализираат. Засега, можам само да констатирам и да се надевам дека во АКСЦ ќе изникнат некои добри идеи корисни за општеството…

 1477907_10200184550416312_1600789267_n

Како заинтересираните граѓани ќе може да ги следат активностите што ќе се одвиваат во АКСЦ?

Во прво време, сите заинтересирани ќе може да ги следат активностите во АКСЦ преку страницата на „Фејсбук“ и преку профилот на „Твитер“ (@AKSC2). Во план е и изработката на интернет-страница.

 

Каков тип настани би можеле да очекуваме од АКСЦ по неговото отворање?

За почеток, АКСЦ ќе почне со неколку изложби, филмски проекции, дебати, креативни работилници… Во склоп на АКСЦ ќе профункционира и библиотека, како и разменотека; наскоро ќе биде објавена подетална програма за настаните што следуваат, а тоа ќе биде овозможено преку нашите страници на социјалните мрежи.

[nggallery id=23]

(Фотографии: Лилика Стрезоска и Доријан Миловановиќ)

Напишано од
More from РЕПЕР
Што може (или треба) македонската современа книжевна сцена да научи од јужноафриканскиот автор Џон М. Куци?
Текстот е составен и ревидиран од извадоци од дипломскиот труд на авторот...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *