Пишанки или раскази на вересија

„Ух, ух! Добро е! Се разбудив! Ден е! Ах, ми олесна...

HABERKERN-CONTEMPORARY-ART-GALLERY-Carrousel-3-480x360

Будење

„Ух, ух! Добро е! Се разбудив! Ден е! Ах, ми олесна… Не ми се верува што сонував!“, си зборувам додека се будам од лошиот сон. Уште ми е матно пред очиве, но барем гледам светлина! Опасноста помина. Уште да видам колку е часот и да станам.

Го барам мобилниот со раката, но го нема. Залудно го барам наоколу. Часовник немам во собата, ама и часовник барам. Не можам да прифатам дека не сум будна. Ме фаќа паника. Почнувам да се тресам и сфаќам дека е доволно, се разбудив!
Се поткревам, погледнувам низ прозорецот и се убедувам дека е навистина ден. Чудно, си мислам, баш како претходно кога уште сонував. Но, во ред, сега сум спокојна. Подобро ми е да станам. Се допирам по лицето да се смирам, многу се исплашив пред малку. Забележувам дека ми е сува кожата. Се допирам по грбот, по стомакот, но сè е суво. Ниту капка од претходниот страв. Ми се стегнува нешто во главата, во слепоочниците. Вреснувам! Само така ќе се разбудам, си мислам.

Чекам да влезе некој за да се уверам дека конечно сум будна. Никој не доаѓа. Од врискањето ми се суши гр­лото и се закашлувам. Солзи ми ги отвораат очите. Ис­потена сум до коска. Надвор е ден, по третпат.

Кафе со талог

„За неа, имајќи предвид дека потекнува од Босна, пиењето кафе претставувало миг кога, заборавајќи ги дневните грижи, човек се приближувал до Бога, миг во кој тој седел припиен до скутот Божји. Впрочем, би рекла таа, во талогот се содржи иднината, што значеше дека пиењето такво кафе, со талог, го означува спојувањето на сите временски сегменти, односно дека оној што пие кафе без талог постои само во сегашноста…“ („Мамка“, Давид Албахари)

…Затоа што го сакам мирисот на свежо мелено кафе. И оние први голтки што ги отпивам дури чекам да се излади доволно. Како ми зажежуваат на јазикот… Топлината што ми поминува низ телото додека го пијам првото, утринското. Секогаш сама го подготвувам, инаку денот наопаку ќе ми тргне. Секое кафе кажува понешто за човекот што го подготвил. Барем јас така верувам. Како што верувам во пријателствата што се изградија преку ритуалното пиење кафе и во желбите што останаа втиснати во талогот на дното. Талогот што ми предизвикува горчина кога од невнимание ќе го вкусам и најслатката вода што ја пијам потоа! И таа добива вкус. И овој текст напишан на хартија добива траги од капките што се лизгаат по филџанот. Стара навика.

Крв

На сцената на еден театар почнува претставата. Уште пред да се кренат завесите, две девојки излегуваат на сцената, врескаат, пискаат, се движат неконтролирано, секоја со рацете во косата на другата.

Публиката не може да чуе за што се тепаат, но ѝ се допаѓа дејството. Завесата се крева, истрчуваат други луѓе на сцената, некои од нив носат костими, подготвени се за претставата. И луѓето нешто неразбирливо извикуваат, се обидуваат да ги разделат. По неколку минути, успеваат. Едната девојка има гребаници на лицето, на вратот, на рацете, а другата бега зад сцената. Носат памук, ја бришат едната девојка, таа плаче, не може да се смири и повторно ништо не се разбира. Публиката ужива. Не памети ваква претстава. На сцената владее мешаница, доаѓа еден човек, сиот избезумен, врти лево-десно со гла-вата.
Ја здогледува повредената девојка, клекнува пред неа, ја милува, се обидува да ја смири. Изгледа по малку исплашено, но и гневно. Публиката се восхитува. Зад сцената се слушаат звуци што стануваат сè погласни, се чувствува некаква паника. Во тој миг се појавува другата девојка, со нож во раката! Оди кон избезумениот човек, му се доближува и му плукнува в лице, а потоа сака да продолжи кон соперничката. Настанува вистински хаос на сцената, страв и бес владеат, напнатоста испарува од првиот до последниот и преминува на публиката. Таа е вџашена. Одеднаш се слуша крик, страшен, страшен, болен и долг крик… Нешто нечуено. Единствено оние што го чуле во театарот таа вечер можат да го пречујат во своите спомени. Тој крик не може да се повтори. Крикот навлегол во секој од присутните, без исклучок. Крикот на девојката што си ги пресекува вените. Миг во кој светот застанува. Сите на сцената стојат, а публиката не мрднува. Некои се држат за своите столчиња. Дејството продолжува, крв прска насекаде, се обидуваат да ја сопрат, ја преврзуваат, плачат, викаат помош. Публиката пребледува. Доаѓа и брза помош, ја одведува девојката, а публиката уште седи. Луѓето од сцената полека, бавно, се разотидуваат. Публиката не дава аплауз, нема кому. Заминува во тишина. Театарот со денови потоа ми-риса на крв.

ivanka_flaster_avantgarde_02

Рецепт

1 цеден портокал;

1 цеден лимон;

малку вода;

две лажички мед.

Во стаклена чаша, задолжително. Подготвувај ми го овој напиток наутро и ќе те сакам цел ден, до следното утро. Не барам многу, нели?

Љубов

Се познаваа одамна, од детството. Кога беше мал, тој сакаше да порасне за да ја освои. Кога остаре, сакаше да биде повторно млад за да не ја изгуби. Таа го љубеше сето тоа време и остана вечно млада. На крајот, како воопшто да не се познаваа.

Навреме

Велат дека по дечко и по автобус не се трча, секогаш доаѓа друг. Ама кој да чека? Затоа, истрчај се неколку пати додека да се навикнеш да стигнуваш навреме. Ако ништо друго, поздраво е од стоење во место.

Тагови од објавата
, , ,
Напишано од
More from РЕПЕР
Седумте демони на концептуалната уметност
Концептуалната уметност ги спојува човекот и техниката на нечовечки начин.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *