Филмот е мојот начин на постоење

Мирјана Карановиќ, актерка и жена со стил, која на работите сака да гледа јасно и сигурно. Таа е личност што за своите улоги привлече голем број контроверзии, но за неа како да не се „залепило“ ништо. Таа не застанува. Филмот е алатката преку која се изразува и преку која сосема заслужено ги добива признанијата во своето триесетгодишно искуство. Годинава на „Браќа Манаки“ таа беше дел од сценаристичкото катче, на кое го претстави и го развиваше своето лично сценарио именувано „Добра сопруга“. „Репер“ ја имаше честа да седне на иста маса со неа.

mirjana-karanovic-350981l

Какво е чувството да се биде првата актерка што одглумила во хрватски филмови по распаѓањето на Југославија? Која е причината поради која ги прифативте улогите? 

Не знам зошто инсистирате на тоа што сум Србинка, јас сум пред сè личност, јас сум актерка, тоа што сум родена во Србија не мислам дека е нешто важно. Тоа не е нешто што ме одредува на некој начин освен како место каде што сум родена и каде што пораснав, тоа е само едно географско одредување. Добро се чувствував бидејќи тоа беа добри улоги и добри филмови, тоа нема никаква врска со моето потекло.

Имате одиграно повеќе од седумдесет улоги. Како успевате да се соживеете со ликовите?

Па, јас учев за актерство и тоа е мојата работа. Секако дека се поврзував емоционално, јас се користев себеси како инструмент. Имате столар што има чекан и тоа е неговото оружје исто како што некој шофер има автомобил, тоа е значи оружје со кое тој работи. Моето оружје сум јас, актерите преку себе соопштуваат некои други ликови. Тоа е она што јас умеам да го работам, ги користам своето тело и своите емоции за да им ги позајмам на ликовите што ги играм.

Што претставува филмот за Вас?

Тоа е мојот начин на постоење.

Често Ве споредуваат со Мерил Стрип. Меѓутоа, освен што сте актерка, Вие се залагате и за правата на ЛГБТ. Што ќе кажете за тоа, што Ве поттикна да го направите тој чекор?

Ме споредувале со многу актерки и мислам дека е тоа бесмислено. Не сум многу активна, само бев една од оние јавни личности што ги поддржаа. Тоа не е мојата најважна активност, тоа е само нешто што го поддржувам. Мислам дека луѓето имаат право на простор. Моментално во Србија тие се една од најактивните групи што се бори за своите права и веројатно нивната активност е највидлива.

Какви беа Вашите почетоци?

Како и на секој актер, возбудливи, несигурни и некако неизвесни. При секој почеток, не знаете каде ќе завршите.

Кој е мотивот што Ве води?

Мојот мотив е тоа што сакам да живеам.

Вие и Вашата улога во новиот филм за Никола Тесла на режисерот Мајкл Ентон?

Не знам ништо, ни кога ќе се снима ни каде, сè уште не е ни склучен договорот. Досега нема никаква информација.

Како режисерите и актерите со кои досега сте соработувале влијаеле врз Вас?

Тоа зависи од личностите, не оставаат сите исти траги во животот. Некои се поинтересни, некои не, некои едноставно бргу те забораваат. Со некои соработувам подолго, во некои претстави или филмови, а со некои сум и пријателка. Тоа не зависи од тоа кои се тие, туку од тоа како сме се пронашле.

Leave a Reply

Your email address will not be published.