Луизиана, Блуз.

- Театарски режисер, велиш. Сакаш да раскажуваш приказни?

Blues is not dead.
Пула, Истра, Хрватска.
(четврток, 23 часот)

Пешачам, сам, со веќе речиси испиено шише бело вино во раката, низ ѕидините на градот што делумно го изградил Бенито Мусолини, непосредно пред Втората светска војна – Пула.

8

Во потрага сум по некое место што ќе ме опушти и ќе ме допијани во оваа топла летна ноќ. Застанувам на средината на калдрмата, низ која врвулицата од луѓе поминува и не забележува дека стојам. Погледнувам лево и гледам тесна уличка што се пресекува со главната. Гледам во уличка што воопшто не е забележлива. На дното на оваа тесна уличка, на висината на врата, се појавува речиси расипана светлечка реклама, која затреперува со последните сили, но му дава живот на овој пресек што никој од туристите не го ни забележува. Гледам во рекламата за да забележам што пишува, но никако да видам. Се упатувам да видам за што се работи. По неколку чекори, стигнувам пред светла озрачена просторија, за која сè уште не можам да забележам што е, а единственото нешто што го уочувам се прозорците, кои се целите во прав. Погледнувам во светлечката реклама, која всушност треба да е рекламен простор за местово. На неа пишува: „Кафе-бар Луизина, Блуз“. Кафе-бар?, си помислувам. Насмевка ми поминува низ лицето. Ова е кафе-бар? Погледнувам внатре. Празно е. Единствениот присутен во барот е шанкерот, кој се врти и ме гледа низ прозорецот. Правот на прозорецот е сега веќе и поистакнат, бидејки сум и поблизу. Не е исчистен којзнае од кога. Го оставам шишето со вино пред кафе-барот и влегувам.

Целосно е празно. Масите, исто како и прозорецот, се полни со прав. На момент ми станува малку чудно непријатно, но одлучувам да го продолжам својот престој во ова „валкано место“. Шанкерот стои покрај шанкот, пие, пуши и гледа во телевизорот, кој е вклучен, но речиси ништо од него не може да се слушне. Не ни забележува дека сум влегол, но телото му говори дека е подготвен за гостин.

Тој е човек со долга мрсна коса, со брада уште подолга од косата, со очила ray bann спуштени на носот (и со очите гледа над нив), гол во телото, со речиси искината тексас-јакна, на која ѝ се скратени ракавите и која изгледа како бањарка.

6„Луизиана, Блуз“ е целата зачадена од цигарите што димат во пепелникот на шанкот, кој Бог знае од кога не е истресен. Стекнувам чувство дека стилот на местово е валканите работи да не се допираат и да останат што е можно подолго на сопствената базична позиција. Колку е повалкано местово, толку е поавтентично, барем јас стекнувам чувство дека е тоа целта што си ја поставиле сопствениците.

Седнувам на шанкот. Шанкерот ми приоѓа и неочекувано, пред да ми каже што било, ми подава рака, претставувајки ми се.

– Дражен – промрморе – ќе се напиеш нешто?
– Војо – возвратив – ладно пиво, те молам.

Двајцата се насмевнавме во знак дека се разбираме еден со друг штом е пивото првата тема што ја ставаме на шанков. По неколку чекори, откако се оддалечи од мене и откако се упати кон машината за точење пиво, станав свесен за невообичаената постапка на шанкерот: пред да ме праша што ќе се напијам, ми се претстави. Чудно, во секој случај.

Додека го точеше пивото, се заврте кон мене и проговори:

– Ова ти е, брате, социјален клуб на загниени моралисти.

Се гледавме очи во очи неколку секунди и веројатно тој очекуваше да возвратам со некаква реплика слична на оваа. Јас пресеков со поглед кон телевизорот и се направив дека не сум го слушнал или дека воопшто не ме интересира темата што сака да ја започне. Ми го донесе пивото и почнав да ја пијам криглата како да не сум видел пиво пред тоа, а ми беше малку непријатно да си ги ставам рацете на шанкот поради валканоста што беше наслоена на него.

Криглата, испотена, исцртуваше кругови на дрвениот прашлив шанк.

Дражен гледаше во телевизорот и мрмореше нешто што карактеризираше нервоза и пцуење насочено веројатно кон човекот што беше на интервју на локална истарска телевизија.

По неколку минути, го намали телевизорот и пушти тивка музика, темата на Howlin Wolf – Back Door Man, препеана од The Doors.

Тивок, но тежок блуз-рок го освои просторот.

Јас на двапати ја испив целата кригла, задоволен од изборот на музика што го направи Дражен.

– Може уште едно пиво? – ме праша, забележувајќи дека сум ја завршил криглата. Кимнав со главата и продолжив да уживам во музиката.

Стигна, наточено, моето пиво.

– Од каде си? – праша додека го оставаше пивото пред мене.
– Од Скопје – возвратив.

Се насмевна.

– Земјата на вечното сонце, која јас никогаш не сум ја видел. Навистина ли е вечно сонцето таму? Убава ли е?
– Прекрасна – возвратив.
– Ќе мора еден ден да отидам и да ја видам. Со што се занимаваш? – продолжи шанкерот.
– Со театар. Јас сум театарски режисер, а и уличен артист. Настапувам по улици низ Европа. И тука, во Пула, сум дојден да играм малку уличен театар.
– Прекрасно. Шеташ и работиш. Ништо поубаво нема од тоа. И во Пула ќе правите уличен театар, а? Фала Богу нешто убаво да му се случи на градов.

4Запали цигара, ги исклучи телевизорот и приемникот за музика и седна на столчето што му беше внатре во шанкот. Настапи молк, од нигде никаде. Молчиме и јас и тој. Не знам што сакаше да каже со „Фала Богу нешто убаво да му се случи на градов“, но кога ние (ТЕАТРОСК) дојдевме во Пула, намерата беше во огромен културен центар да ја презентираме својата улична уметност. Малку се зачудив, но почудно ми беше тоа што одеднаш шанкеров ги исклучи сите применици за звук.

По неколку секунди молк, се сврте кон мене и со променет тон на гласот, малку подебел од вообичаениот што досега го слушав, како да отвора нова тема на разговор, рече:

– Театарски режисер, велиш. Сакаш да раскажуваш приказни?

– На некој начин, да, сакам да раскажувам приказни. Се надоврзувам на новата тема и продолжувам, но моите приказни се во сценски формат. Театарски израз.

– Знам, знам што е театар. Знам што е режија – бргу возврати.

И двајцата замолчивме. Дражен се заврте кон телевизорот, го вклучи и се загледа во интервјуто, кое беше без звук. Не го тргаше погледот од телевизорот. Повторно ја вклучи музиката, која беше толку тивка, а звучеше прегласно. Не разбрав што беше причината, зошто ги вклучи и ги исклучи приемниците во временски рок од три минути?! Не сакав ни да го прашувам.

Времето (не) одминуваше. Ние двајцата седевме на истите позиции, без ништо да кажеме. Во меѓувреме, Дражен точеше пиво и за себе и за мене, и двајцата испивме уште по неколку кригли. Мене задникот ми се беше здрвил на дрвеното столче. Но, не сакав да прекинувам ништо, цело време имав чувство дека човеков има нешто важно да ми каже, а молчевме веќе триесет минути, речиси триесет.

– Го гледаш овој? – конечно проговори нешто Дражен, посочувајки кон телевизорот. Се завртев и видов.
– Го гледам, да – одговорив.
– Види го убаво! – ми се обрати со тон како да ми наредува, како да морам да се занимавам со човекот од телевизорот. Се завртев и се загледав во телевизорот. Видов слаб човек, „сучка“, со залижана коса, со бела кошула, со ленен шал околу вратот, со панталони што светат повеќе од зракот на телевизорот. Скоцкан, како прав Италијанец. Се завртев кон блузерот и прашално го погледнав.
– Овој е газда на местово. Сељак каков што не видел светот. Местово некогаш имаше душа, сега, како што реков и ќе ти повторам да запомниш дека е „социјален клуб на загниени моралисти“. Дојде гомново пред 6 месеци и ја уби и последната сламка надеж дека во градов може да се случува нешто убаво. Го гледаш оној гибсон – посочи на гитарата што висеше над шанкот – е тоа, брате, е мојата прва гитара, на која имам свирено на првиот блуз-фестивал во

Пула. Денес блуз има во Пула, ама е шминкерски. Можеш да замислиш, блуз, па и шминкерски.

5

Двајцата се превртевме од смеење.

– Зошто му го дадовте местово на типов? – прашав јас.
– Сам си го зема. Никој не сакаше да му го даде. Тој има еден свој близок пријател, другар, тукашен, локален, не знам ни самиот веќе како да го наречам, што е?, и на сила ни го зедоа местово. Двајцата ќе прават кафеана од местово за да можат да прават пари. Откако го зедоа, пред шест месеци, никој веќе не влегува тука. Сите знаат што беше местово и не ја поддржаа таа иницијатива да ни се одземе веќе одземеното ни место. Ние останавме тука како вработени за да можеме да го одржуваме местово живо, а останавме и поради уште една причина, која, доколку ти се посреќи вечерва, подоцна можеби ќе ја дознаеш. Сакаш нешто кратко да се напиеме, а? По еден џек? Двоен. – Дражен почна да го зголемува нивото на адреналин во празната „Луизиана, Блуз“, а јас го прифатив пијалакот како дете на кое првпат му се овозможува само да оди на зимски распуст без родители, пресреќно. Додека наточуваше, продолжи да се отвора на темата. – Во местово, додека го нема него, тајно се собираат старите пулски блузери и џезери. Потоа, навечер, кога се затвора кафе-баров, се симнуваме долу во подрумот и организираме свирки. Тајни свирки, само за нас, никој да не знае, а знаат сите.

Ме фрапира овој податок на Дражен и го гледам во очи. Ги пиеме на екс џековите и дишеме како штотуку да почнуваме да дишеме.

– Се симнувате во подрумот и организиарте свирки? – прашав јас како да не ми беше изџвакана информацијата што ми ја соопшти Дражен пред пет секунди.
-Те интересира? – прашално ја намести лицевата експресија блузерот. – Сакаш да се симнеме во подрумот да видиш за што ти зборувам?

Одеднаш, празнината на местово, сиот прав, полните пепелници и моето интуитивно останување, чекање и надевање дека нешто се крие зад овој „празен параван“ наречен „Луизиана, Блуз“ станаа реалност.

– Се разбира дека сакам да се симнам во подрумот и да видам што има таму – возратив.

Дражен излезе од шанкот, ја заклучи влезната врата на барот. Додека ја заклучуваше вратата, промрморе:

– Треба да дојдат уште три девојки што ги чекаме, ќе им оставам подотворено.

Ја потпре вратата, која изгледаше како да е затворена/заклучена, се заврте и тргна кон подрумот. Јас седев неподвижен на столчето. Застана на скалите што водеа надолу, ме погледна и проговори:

– Ајде, да одиме.

Јас седам на шанкот, тој пред вратата. Се гледаме, се насмевнува и проговорува:

– Доколку навистина сакаш да раскажуваш приказни, оваа ќе ти дојде како порачана, без да ја платиш.

Станав и тргнав по него. Тој ги исклучуваше светлата од барот.

– Е, да, кога сме кај плаќање, дај да ти платам за ова што го пиев тука – му се обраќам.
– Заборави – отсечно ми нареди Дражен. И онака веќе од утре местово нема да постои. Затоа не е тргнат правот од секаде. Не сум јас толку непедантен.
– Нема да постои? – возвратив јас, вознемирено.
– Да – отсечно одговори Дражен и продолжи – но тоа веќе и не е тема на разговор, заборави. Ајде, ајде да одиме.

Веќе сум поставен да бидам послушен, бидејки ми открива веројатно огромна тајна. Влегуваме низ врата, па по скали што водат надолу, во подрум. Се движиме по нив.

Од подрумот се слуша звук на усна хармоника. Како што наближуваме така е звукот сè посилен. Блуз-верзија на „Шејн“ од Дарко Рундек, тотално поинаква. Неколку скали пред вратата, Држен се сврте кон мене, се насмевна и проговори:

– Свират, добро е.

Чекаме да заврши песната за да влеземе. Веројатно го правиме ова за да не се сецнат во свирката. Немам друг одговор, а и глупаво ми станува да го прашам зошто чекаме. Додека трае музиката, насмевка го облева моето лице и почнувам да цупкам со нозете. Нестрплив сум, што ли има внатре? По неколку минути цупкање на скалите во темниот подрум, музиката завршува. Однатре се слуша аплауз.

10

Влегуваме во подрумот.

Во подрумот има десетина блузери. Стоиме на вратата. Сите сe со поглед втренчен кон мене, како да сум некој што дошол да им земе сè. Сликата е речиси замрзната. Веќе не можам да претпоставам кои се оние што свиреа. Сите изгледаат исто. Атмосферата станува тешка и натежнува сè повеќе и повеќе од секунда во секунда. Подрумскиов простор не е поголем од дваесет квадратни метри. На ѕидовите има исполепено тапети од зградите на градот Њу Орлеанс. Веројатно така уште повеќе им се воздигнува автентичноста за местово на овие заборавени луѓе симнати во подрум. Неколку постери од Мади Вотерс, Литл Волтер, студиото „Чес Рекордс“, Ета Џејмс и, се разбира, од Хаулин Вулф. Две дрвени маси, споени, со неколку неиспразнети пепелници и со околу дваесет столчиња прилепени за ѕидовите, одвоени од масите. Столовите изгледаат како да ќе се распаднат во секој момент. На дното во аголот има еден пар тапани, добош, прелаз, бас, тимпан, една чинела, „појачало“ за гитара, микрофон и сталак за микрофонот. Просторијата, т.е. подрумов, е задимена од цигари, плус и мириса, труе на влага.

Седнуваме и ние двајцата. Спроти мене седи стар блузер, кој пуши некаква чудна цигара и кој мрда со главата нагоре-надолу во знак на ритамот на музиката што „одамна“ заврши. Стариов прв ми остава впечаток.

Сите молчат и гледаат во нас. Дражен станува, оди кон другиот крај на просторијата, каде што е гајбата со пива. Од гајбата зема две пива. Се враќа, ги отвора за мене и за себе. Отпиваме двајцата. Ме понудува со цигара. Одбивам. Тој пали, станува и почнува да ѝ се обраќа на толпата.

* Драги пријатели, ова е мојот нов пријател, Војо од Скопје. Не знам дали знае да свири или да пее, но знам дека знае да раскажува приказни, а сака и да пишува и да режира во театар, барем така ми се претстави, како режисер и…

Дражен продолжи со обраќањето кон толпата официјално претставувајки ме, а јас не го ни слушав веќе бидејќи се најдов во многу неприродна ситуација. Некој ме претставува официјално, пред толпа блузери, кои веројатно сега очекуваат од мене нешто да им раскажам, а притоа за тоа не ме предупреди.

* …веројатно нема да има ништо против – заврши Дражен со обраќањето што јас не ни слушнав како продолжи откако ме обзедоа мислите во главата. Сите гледаа во мене, веќе со смешкање.

Ужасно непријатно ми е, но станувам со цел да почнам да говорам, да им се обратам. Веројатно, тие како блузери очекуваат да ја чујат мојата болка. Мојата болна тажна приказна. Тоа се првите карактеристики што ми се вртат во главата за тоа што овие луѓе би очекувале од мене како расказ. Одам до микрофонот. Го вклучувам со цел да почнам да говорам. Гледам во неколкуте тажни луѓе, кои со тешки очи гледаат во мене.

Одеднаш, силно се отвора вратата. Сите се сецнуваме, со поглед кон вратата. Во просторијата влегуваат три девојки, кои гледаат во мене станат. Во продолжение на неколку секунди, со прватата што влезе си ги замрзнуваме погледите, втренчени еден во друг. Времето како да застана. Девојка со црна маица на прерамки, со кратки фармерски панталони, со коса црна – долга, пуштена, со очи зелени по боја и со чисто бело лице. Се гледаме во продолжение на неколку секунди и одеднаш ги спуштаме погледите. Таа се насмевнува со погледот надолу, кој не е кон мене, а е за мене, и од насмевката ѝ се отвораат белите прекрасни заби, кои прецизно ѝ се поклопуваат на исцртаната полна уста. За момент срцето ми затрепери од убавина. Очите ми заиграа. Одамна никој ми се нема вака насмеано, само за мене. Среќно воздивнав со насмевка, која не се гледаше. Девојките влегуваат и ја затвораат вратата. Другите две воопшто и не ги забележав, за жал. Седнуваат на празните столчињата во редот, спроти моето столче. Се затвора вратата и забележувам дека на вратата со големи букви е запишано „Црни и испотени ангели“, фраза на Рундек. Симпатично, се насмевнувам. Девојката со која ни се замаглја погледите се обраќа до сите.

– Добро е, сељакот вечерва нема да дојде. Замина дома. Го следевме од телевизија до дома. Легна. Не сум сигурна дека заспа, но си влезе во спалната. Ние веднаш дојдовме и… овој што стои, кој е? …и зошто воопшто стои? – ја пресече целосно реченицата, гледајќи кон мене, со остар строг поглед.

Само што сакав да ѝ се обратам, стариот блузер стана, со раката ми даде знак да замолчам и појде до девојката.

* Сакаш малку? – ја понуди со цигарата и почна да ја гали по косата.
* Не, благодарам, знаеш дека веќе подолго време не сум заинтересирана за… – кратко одговори девојката.
* Знаеш кој е овој што стои?
* Не! – отсечно одговори девојката.
* Не знам ни јас, но сега ќе ни раскаже приказна – и почна гласно да се смее стариот блузер. Сите околу него го гледаа со чудење. Дражен тропна со ногата по подот. Се завртев кон него, ми даваше знак со главата дека треба да заборавам што воопшто зборувал стариот.

9Го вклучив микорофонот. Присутните се фокусираа на мене. Почнав да говорам…

– Драги пријатели, уметници, блузери. Да бидам искрен, малку ме збунува сето ова, целата оваа ситуација во која се наоѓам. Во клубот „Луизиана, Блуз“ влегов со цел да се напијам неколку пива пред да легнам да спијам. Всушност, не ни тргнав наваму, барав некое место во кое ќе испијам уште неколку пива, застанав на главната шетачка улица горе и од лево ми се појави рекламата за местово, која едвај светкаше. Дојдов да видам што е, ме заинтригира теснецот во кој се наоѓа местово. Интересно е тоа што пред само еден час немав ни претстава дека може да се најдам во олку необична ситуација, во подрумот на еден кафе-бар, во кој се собирате вие, старите блузери и џезери на овој град, за да го оддржите своето движење во живот. Фасцинантно. Навистина фасцинантно. Јас, пред да ви ја раскажам својата приказна, која вие ја очекувате од мене, ќе ви признаам дека ќе напишам приказна за оваа моја необична вечер, и тоа многу наскоро. Да бидам поконкретен, а и пред да започнам, сакам да ви поставам едно прашање на сите: зошто човекот што е сега сопственик на местово беше на телевизија? Кој е тој всушност?

Девојката што се обрати кон присутните кога влезе, стана, појде до влезната врата. Застана пред неа, запали цигара, воздивна како пред нагласок за говорот што ќе следува. Во заднината ѝ стоеше натписот „Црни и испотени ангели“. Не знам дали намерено застана зад ова или сакаше да се одвои од сите. Почна да говори:

* Дојде и тој ден и јас да си ја испразнам душата. Случајно или не, знам дека ќе ми олесни по ова мое обраќање.

Сега веќе сè станува уште почудно за мене. Јас стојам покрај микрофонот преку кој треба да им се обратам на присутните, а некој друг, кој влезе пред само пет минути, на друго место во истава просторија, кое воопшто и не наликува на сцена, го зема мојот говор и, што е уште поинтересно, сите се фокусирани таму и изгледа како и да заборавија на мене.

Девојката почна да плаче. Говорот ѝ започнува низ солзи. Сите веројатно долго го чекале овој говор, а таа веројатно од срам не зборувала ништо ова изминато време, па затоа говорот, т.е. обраќањето, целосно го насочи кон мене за да се чувствува попријатно.

* Го викаме „сељакот“. Така го нарековме пред шест месеци, кога го зедоа местово тој и братучед ми. Инаку се вика Стјепан и ми е роден брат. Ние двајцата уште како деца не се разбиравме, јас сакав да бидам ова што сум сега, а тој сакаше да биде угостител, турист што ќе се збогати преку ноќ, без работа. Што е најлошо, кутриот мисли дека успева во тоа.

Девојката пали цигара. Продолжува.

* Никогаш не ми се допаѓал. Всушност, никогаш не ми се допаѓало како размислува. Цел живот беше невозможно себичен. Многупати сакав да разговарам со него, да се обидам да го вразумам, но тој како да не сакаше да ме слушне. Немаше време за мене, за помалата сестра. Сега, кога сме веќе возрасни, немам намера да разговарам, а сигурно ни тој не би сакал да разговара со мене. Дента кога се решија да го одземат ова место, појдов до канцеларијата на другар му, со надеж дека е тој барем малку поразумен, и го премолував да го остават местово на раат, но безполезно беше сето тоа, тие двајцата се одлучија да го одземат ова прекрасно место и да го уништат правејќи го кафеана. По состанокот во канцеларијата, се решив да отидам кај татко ми и да разговарам со него, да го премисли брат ми. Кога му ја раскажав на татко ми целата приказна и кога детално му образложив за какво место станува збор и кои се тие луѓе што по оваа постапка на брат ми ќе останат како без дом, тој едноставно возврати: „Секој се бори за својот леб под ова небо!“ Не можав да си поверувам на ушиве што слушам. Каков леб, човеку, си велев самата на себе. Ноќта решив да го напуштам домот и да заминам, поразена од тоа какви луѓе ме опкружувале целиот живот. Луѓе без душа, заболени и заробени во материјалната обвивка на сопственото обично постоење. Дента кога заминав, тие не се ни прашаа каде сум, со кого сум, што правам… Единствено мајка ми, нормално, мајка ми, на неколку пати доаѓаше да ме посети на островот Крк, каде што се одлучив да престојувам тој период за да се освестам од поразот што си го припишав самата на себе и што го доживеав како животен пораз. Тие воопшто не ни помислија што всушност направиле.

7Едноставно, прегазија по живи. Прегазија по мене. Тоа никогаш нема да им го заборавам. Во Пула не се имав вратено цели седум месеци. На Крк го сретнав Антон, во кого се заљубив, кој ми донесе нов живот во животот и од кого забременив и започнав сè од почеток. Беше прекрасно. Тој толку ги вреднуваше моралите што ѝ се препуштив на убавината на животот, со моралот во преден план. Живеевме во мала ѕидана куќа на самиот брег на морето и никој, буквално никој не ни требаше. Ловевме риби, правевме накит, го продававме на луѓе што го препродаваа во големите градови, одевме на лов во шума, живеевме буквално како што ќе се снајдеме самите и јадевме што ќе уловиме. Тоа за мене беше вистинскиот начин на живеење. Бев петти месец во бременоста кога се појави мајка ми на Крк. Кога таа влезе во нашата куќа, Антон замина да лови риба. Тие не го сакаа и тој го знаеше тоа. Не сакаше да биде во нивно друштво, ни една секунда. Денот беше прекрасно сончев, а мене ми се стемни кога мајка ми ми ја раскажа состојбата на татко ми, кого го фатило страв за тоа каде сум, со кого сум, што правам. По седум месеци, се сетија на мене. Сега, кога животот навистина ми добива насока каква што јас сакам да добие. Во еден момент, краток мал момент, да бидам искрена, ми олесна. На некои луѓе најблиските никогаш не се сеќаваат и покрај тоа што се живи, здрави, а и се покрај нив. За жал, така е. Со намера да сторат добро дело и да ме вратат назад во Пула, татко ми и брат ми решиле да ги остават вработените на местово како персонал барем уште една година, па по таа година ќе разгледале што можат да направат да им се врати целосно местото на блузерите. Се исплашиле, бидејќи сум бремена, да не не ме видат веќе никогаш, а и внукот да не не си го видат никогаш. Но, во Пула да сум се вратела сама, без Антон. Веднаш ја одбив таа непристојна понуда за мене. Мајка ми си замина. Јас не сакав ни да разговарам на темата. Појдов да видам каде е Антон, кој беше тргнал да лови риба за ручекот што требаше да го подготвуваме попладнето.

Девојката станува од скалите и доаѓа до микрофонот. Почнува да се клати, а рацете почнуваат да ѝ се тресат. Ме фаќа мене за рака и ме држи цврсто. Почнувам и јас да се тресам. Што од непријатност, што од енергијата што ми ја пренесува. Рацете ѝ се испотени толку многу што имам чувство дека во раката имам тешка крпа натопена со вода. Девојката како да не може да продолжи да говори, а другите во просторијата се загледани во неа без да трепнат. Полека се смирува и продолжува:

* Тоа беше најцрното сонце што некогаш се појавило над мојата глава. Додека одев кон пристаништето, видов како полека се создава галама што доаѓа од некаде таму. Побрзав да видам што е. Една жена, повозрасна, на која не ѝ го знам ни името, а која живееше до нас, ме прегрна и ми рече: „Не оди таму“. Јас уште повеќе добив желба да видам за што се работи. Како што се доближував така срцето ми лудуваше неконтролирано во телово. Стигнав. Антон лежеше покриен со бел чаршаф на пристаништето, на кое веќе се беа собрале сите мештани од островот. Го познав по дланката, која беше единственото што се гледаше надвор од чаршафот. Се стрчав да откријам дали е тој. Не сакав да верувам. Го тргнав чаршафот. Занемав. Антон лежеше целиот помодрен без да дише. Умрел. Го нема веќе. Готово е. Се удавил во морето. Се удавил ловејќи риба за да јадеме. Додека мајка ми ме убедуваше да се вратам во Пула и таму да продолжам да живеам и да го оставам животот на островот со Антон, тој се удавил во морето. Мртвото тело на Антон ми ги згрчи нозете, рацете, грлото, очите, ушите, косата – имав чувство дека секој орган ми е згрчен на посебен начин. Немав солзи, ни глас. Немав душа, немав боја, немав ништо што треба да има еден човек. Ми се скрши душата. Како стакло на ситни парчиња. Се онесвестив. Се разбудив во Пула. Седум дена подоцна. Сум паднала во кома. Антон го закопале на Крк, уште истиот ден. Татко ми и брат ми. Ми го извадиле бебето откако сум стигнала во Пула бидејќи не сум давала никакви знаци на живот, а и не сум ветувала дека ќе преживеам, па бебето можело да се спаси. Го ставиле на апарати. Малото бебе со име Антон е она што возрасниот Антон, татко му, ми го остави како аманет – дека треба да се биде морален и човечен во егзистенцијата на оваа почва. Малиот Антон е доказ дека животот е живот единствено затоа што е ритмика на различности и на сличности.

Настапи молк. Веројатно заврши. Лицата на сите сè уште беа заинтересирани.

* Извинете, јас морам да одам сега, ме чека бебето – изусти девојката и замина.

Сите молчевме. Никој ништо не проговори. Две муви летаа во подрумскиот простор и тие беа најгласните меѓу нас. Молчејќи, еден по еден, сите заминуваа од подрумот. Јас стоев чекајќи на Дражен. И тој стана, ми даде знак дека треба да тргнеме.

Излеговме од местото. Дражен ме фати за рамо.

– Имаше среќа. Ја слушна приказната што сите ја чекаме веќе осум месеци. Местово од утре веќе нема да постои и ние нема веќе никогаш да се видиме. Интервјуто на типот на телевизија

беше за промоцијата на местово како новитет во градот, веќе од следната седмица. Напиши приказна за нас и спомени не сите, по убаво. Одам јас сега.

Замина. Ме поздрави и си замина. Ништо не си рековме. Само едно „пријатно“. И толку.

Останав сам на улицата во стариот теснец на овој антички град. Седнав на земја и бев фрапиран од вечерта што измина, а која требаше да биде само една вообичаена, како и сите други досега. Два часа седев на земја и ги собирав мислите за тоа што сè се случи. По два часа, заминав дома. Легнав со неверојатни импресии.

Утрото се разбудив со главоболки од многуте пива испиени во подрумот. Чувствував должност некако да им се оддолжам на блузерите, кои беа несебични во раскажувањето на своите животни приказни.

Го отворив компјутерот и запишав:

Луизиана, Блуз.

Blues is not dead.
Пула, Истра, Хрватска.
(четврток, 23 часот)

Пешачам, сам, со веќе речиси испиено шише бело вино во раката, низ ѕидините на градот што делумно го изградил Бенито Мусолини, непосредно пред Втората светска војна…

КРАЈ

Напишано од
More from РЕПЕР
Мојот свет на окултизам, иако јас тоа сакам да го наречам магија
Knowing others is wisdom, knowing yourself is enlightenment! – Lao Tzu  Како...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *