Теорија и практика на документарниот филм

Книгата „Теорија и практика на документарниот филм“ произлезе  од мојата досегашна едукација, од едукацијата што ја давав врз студентите, од моето досегашно искуство, од интуицијата и од литературата, наша и странска.

teo

Исто така, и  љубовта кон документарниот  филм и кон вистината ме натера за овој мал придонес. Наменета е за љубителите на филмот и за студентите. Ќе ме радува ако успеам да допрам до читателите, макар и до одреден број.

Размислував долго и се прашував зошто да го напишам овој теоретски труд. Филмот во практика, односно режирањето, е мојата  голема љубов и животна едукација.

Верувам дека и кај најголемиот број од филмските режисери постои немир,  творечки нагон што ги води да прават филмови. Си го поставувам прашањето: од каде оваа желба, овој порив да работам на оваа тема? Можеби беше некакво бегство, потреба да се најде некој мир во науката, во книгата, во понирањето во длабочината на теоријата и на практиката на документарниот филм.

митриЗа време на моите студии во Државната филмска школа во Лоѓ, Полска, имав афинитет, работев и реализирав поголем број документарни филмови. Тој афинитет го продолжив и понатаму со своите долгометражни играни филмови.

Играниот филм потекнува од документарниот. Да се потсетиме на зборовите на големиот мајстор на неореализмот, режисерот Роберто Роселини: „Филмот дава сведоштво за епохата“.

Опис на темата што се обработува во учебникот „Теорија и практика на документарниот филм“

Овој труд се насочува кон теоријата на документарниот филм и кон нејзината практична примена во филмската продукција. За таа цел, во трудот се направи и анализа на документарната филмографија на тројца автори: Казимеж Карабаш (роден 1930, Полска), Столе Попов (роден 1950, Македонија) и Мајкл Мур (роден 1954, САД).  Изборот на овие автори е направен затоа што самите тие, а оттука и нивните дела, сосема евидентно потекнуваат од различни културни и историски контексти, но и од различни временски (стилско-формативни) периоди. Преку анализата на нивните дела, се даде прецизна детерминација на клучните естетски начела врз кои се засновува документарниот филм.

За потребите на овој труд се направени повеќе истражувања со цел да се собере потребниот материјал и да се направи негова соодветна анализа, во која се разгледуваат и се толкуваат карактеристиките на одредени документарни филмови од наведените автори.

Документарниот филм е жанр што сè повеќе се развива. Новите технички дострели овозможуваат поширока примена на естетските начела врз кои треба да се засновува тој.

Темата е третирана преку елаборација на развојот на документарниот филм, преку реконструкција и анализа на предложените документарни дела и преку дефинирање на начинот на нивната изработка, на нивниот автентичен и естетски стил.

Теоретската елаборација започнува со детерминација на општите поими: идеја, инспирација, методи и начини на добивање материјал, авторско мислење, пенетрација, шематизам, стереотипност, композиција на просторот, кадрирање, нарација, опсервација, движење на камерата, трпеливост, протагонист, монтажа, тон, дијалог, музика, вистинитост, избор на објективи, избор на агол на поставеност на камерата, скриена камера, поетика, естетика.

Документарниот филм е основа на играниот филм. Со реконструкцијата на делата што се анализирани, се детектираат и се дефинираат неговите поетика и естетика. Притоа, се следи темелниот постулат дека е филмот уметноста што е родена најдоцна и дека тој ја отсликува вистината на посебен начин, што го одделува од традиционалната уметност.

Leave a Reply

Your email address will not be published.